Користи од љубовта кон Божјата реч
„Сакај ја [мудроста], — и таа ќе те чува . . . ќе те прослави, ако ја прегрнеш“ (ИЗРЕКИ 4:6, 8).
1. Што вклучува вистинската љубов кон Божјата реч?
ЧИТАЊЕТО на Библијата е неопходно за христијанинот. Меѓутоа, читањето само по себе не е показател дека некој има љубов кон Божјата реч. Што ако некој ја чита Библијата, но потоа практикува работи кои Библијата ги осудува? Очигледно, тој не ја сака Божјата реч на начинот на кој ја сакал писателот на Псалм 118. Љубовта кон Божјата реч го навела да живее во склад со нејзините барања (Псалм 118:97, 101, 105).
2. Кои користи произлегуваат од мудроста темелена на Божјата реч?
2 Живеењето во склад со Божјата реч бара постојано преиначување на размислувањето и начинот на живеење. Таквиот правец одразува побожна мудрост, што значи практично да се примени спознанието и разбирањето стекнато со проучување на Библијата. „Сакај ја [мудроста], — и таа ќе те чува. Високо цени ја, и таа ќе те воздигне; таа ќе те прослави, ако ја прегрнеш, ќе положи на главата твоја благодатен венец, со венец на сладост ќе те закрили“ (Изреки 4:6, 8, 9). Какво извонредно охрабрување да се развива љубов кон Божјата реч и да се биде воден од неа! Кој е тој што не сака да биде чуван, возвишен и прославен?
Сочуван од трајна штета
3. Зошто христијаните треба да бидат сочувани повеќе од кога и да е порано, и од кого?
3 На кој начин мудроста стекната со проучувањето и применувањето на Божјата реч може да сочува некого? Како прво, го чува од Сатана Ѓаволот. Исус ги поучил своите следбеници да се молат за избавување од злобниот, Сатана (Матеј 6:13). Денес потребата да го вклучиме ова барање во нашите молитви е многу итна. После 1914 Сатана и неговите демони биле исфрлени од небото, и како последица на тоа тој има „голем гнев, оти знае дека му останува малку време!“ (Откровение 12:9, 10, 12). Во ова поодминато време, неговиот гнев сигурно е усвитен додека безуспешно води војна против оние „што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исуса Христа“ (Откровение 12:17).
4. Како христијаните се сочувани од сатанските притисоци и замки?
4 Сатана во својот гнев продолжува да подбуцнува неволји на овие христијански министри и да поттикнува насилничко прогонство или да им поставува други препреки во нивната активност. Исто така, тој сака да ги намами објавителите на Царството да се сосредоточат на работи како, на пример, световно истакнување, љубов кон слободното време, стекнување материјални поседи и тежнеење кон задоволства наместо кон делото на проповедање на Царството. Што ги чува Божјите верни слуги од тоа да се предадат под сатанскиот притисок или да бидат уловени во неговите замки? Секако, животоважни се молитвата, блискиот личен однос со Јехова и верата во сигурноста на неговите ветувања. Но, сите овие работи се поврзани со спознание и одлучност да се внимава на потсетувањата од Божјата реч. Овие потсетувања доаѓаат преку читање на Библијата и помагалата за проучување на Библијата, присуство на христијанските состаноци, внимавање на библискиот совет од некој соверник или, едноставно, преку молитвено медитирање за библиски начела на кои ќе нѐ потсети Божјиот дух (Исаија 30:21; Јован 14:26; 1. Јованово 2:15—17).
5. На кои начини нѐ чува мудроста темелена на Божјата реч?
5 Оние кои ја сакаат Божјата реч се сочувани и на други начини. На пример, тие ги избегнуваат емоционалните болки и физичките болести кои се последица од работи како што се злоупотреба на дрога, употреба на тутун и сексуален неморал (1. Коринтјаните 5:11; 2. Коринтјаните 7:1). Тие не придонесуваат кон напнати односи со озборување или нељубезен говор (Ефесјаните 4:31). Ниту, пак, паѓаат како жртви на сомневање со копање по измамничките филозофии на мудроста на светот (1. Коринтјаните 3:19). Со тоа што ја сакаат Божјата реч, тие се сочувани од работи кои би можеле да ги лишат од нивниот однос со Бог и од надежта за вечен живот. Остануваат зафатени во помагањето на ближните да положат вера во прекрасните ветувања кои ги содржи Библијата, знаејќи дека на тој начин ќе бидат ‚спасени и самите тие и оние кои ги слушаат‘ (1. Тимотеј 4:16).
6. Како може мудроста темелена на Божјата реч да нѐ сочува дури и под тешки околности?
6 Точно, секој — па дури и оние кои ја сакаат Божјата реч — е изложен на „времето и непредвидениот настан“ (Проповедник 9:11, NW). Неизбежно е некои од нас да доживеат природни катастрофи, сериозни болести, несреќни случаи или предвремена смрт. Сепак, ние сме сочувани. Ниедна несреќа не може да му нанесе трајна штета на лицето кое навистина ја сака Божјата реч. Според тоа, не треба да бидеме претерано загрижени за она што би можело да се случи во иднина. Откако ќе ги преземеме сите разумни мерки на претпазливост, подобро е да ги оставиме работите во Јеховини раце и да не дозволиме денешната несигурност на животот да ни го одземе мирот (Матеј 6:33, 34; Филипјаните 4:6, 7). Задржи ја на ум сигурноста на надежта во воскресение и на еден подобар живот кога Бог ‚ќе создаде сѐ ново‘ (Откровение 21:5; Јован 11:25).
Покажи дека си „добра почва“
7. Која илустрација им ја кажал Исус на мноштвата кои дошле да го слушаат?
7 Важноста да се има исправно гледиште за Божјата реч е истакната во една од Исусовите параболи. Додека Исус ја објавувал добрата вест низ Палестина, мноштва се собирале за да го слушаат (Лука 8:1, 4). Меѓутоа, сите не ја сакале вистински Божјата реч. Несомнено, многумина дошле да го слушнат бидејќи сакале да ги видат чудата или затоа што уживале во неговиот чудесен начин на поучување. Затоа, Исус на мноштвата им кажал една илустрација: „Излезе сејач да сее семе; и кога сееше, едно падна покрај патот и беше изгазено, и птиците небески го исколваа; а друго падна на камен, па штом никна, се исуши, оти немаше влага; едно, пак, падна меѓу трње; и израсна трњето, па го задуши; а друго падна на добра земја, и кога изникна, донесе стократен плод“ (Лука 8:5—8).
8. Што е семето во Исусовата илустрација?
8 Исусовата парабола покажала дека ќе има различни реакции на проповедањето на добрата вест, зависно од состојбата на срцето на слушателот. Посеаното семе е „словото Божјо“ (Лука 8:11). Или, како што кажува еден друг извештај за параболата, семето е „словото за царството“ (Матеј 13:19). Исус можел да ги употреби обата израза, бидејќи темата на Божјата реч е небесното Царство, под Исус Христос како Цар, преку кое Јехова ќе го оправда својот суверенитет и ќе го посвети своето име (Матеј 6:9, 10). Значи, „семето“ всушност е пораката за добрата вест во Божјата реч, Библијата. Јеховините сведоци ја истакнуваат оваа порака за Царството додека го сеат семето имитирајќи го првиот Сејач, Исус Христос. На каква реакција наидуваат?
9. Што е претставено со семето кое паѓа а) покрај патот? б) на камен? в) меѓу трње?
9 Исус рекол дека некое семе паѓа покрај патот и е изгазено. Ова укажува на луѓето кои се толку преокупирани што семето на Царството не може да пушти корен во нивните срца. Пред да можат да развијат љубов кон Божјата реч, „доаѓа ѓаволот и им го зема словото од срцата нивни, за да не поверуваат и да не се спасат“ (Лука 8:12). Некое семе паѓа на камен. Ова укажува на луѓето кои се привлечени кон пораката за Царството, но не дозволуваат таа да влијае врз нивните срца. Кога наидува противење или кога им е тешко да го применуваат библискиот совет, „тие се откажуваат“ бидејќи немаат корен (Лука 8:13). Потоа, тука се и оние кои ја слушаат речта, но совладани се од ‚грижите, богатствата и насладите од овој свет‘. На крај, како и растенијата обраснати со трње, „целосно се задушени“ (Лука 8:14, NW).
10, 11. а) Кој е претставен со добрата почва? б) Што мора да правиме за да ја ‚задржиме‘ Божјата реч во своите срца?
10 Конечно, тука е и семето кое паѓа на добра почва. Ова укажува на луѓето кои ја примаат пораката со „добро и чисто срце“. Природно е дека секој од нас би сакал да верува дека спаѓа во оваа категорија. Но, на крајот на краиштата, важно е Божјето гледиште (Изреки 17:3; 1. Коринтјаните 4:4, 5). Неговата Реч вели дека, дали имаме „добро и чисто срце“ е нешто што го докажуваме со нашите постапки од сега па сѐ до својата смрт или сѐ додека Бог не го оконча овој злобен систем на ствари. Ако нашата почетна реакција на пораката за Царството е позитивна, тоа е добро. Меѓутоа, оние кои имаат добро и чисто срце ја прифаќаат Божјата реч и ‚ја пазат [задржуваат, NW] . . . и принесуваат плод со трпение [истрајност, NW]‘ (Лука 8:15).
11 Единствениот сигурен начин да ја задржиме Божјата реч во своето срце е да ја читаме и да ја проучуваме, и насамо и во друштво со соверниците. Ова вклучува во потполност да ја искористиме духовната храна која се обезбедува преку каналот кој е наименуван да се грижи за духовните интереси на Исусовите вистински следбеници (Матеј 24:45—47). На тој начин, оние кои ја задржуваат Божјата реч во своите срца се мотивирани од љубов да „принесуваат плод со истрајност“.
12. Што е плодот кој мораме да го принесуваме со истрајност?
12 Каков плод дава добрата почва? Во светот на природата, семето израснува во растенија кои донесуваат плод кој го содржи истото семе, што потоа може да се расее за да донесе понатамошен плод. На сличен начин, семето на речта расте кај оние кои имаат добро и чисто срце, предизвикувајќи да напредуваат духовно сѐ додека тие, од своја страна, можат да посеат семе во срцата на другите (Матеј 28:19, 20). А нивното дело на сеење се карактеризира со истрајност. Исус покажал колку е важна истрајноста во сеењето кога рекол: „А кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен. И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:13, 14).
„Принесувајќи плод во секое добро дело“
13. Која молитва на Павле го поврзува плодот со спознанието од Божјата реч?
13 И апостол Павле зборувал за потребата да се принесува плод, и принесувањето плод го поврзал со Божјата реч. Тој се молел неговите соверници ‚да се исполнат со [точно, NW] познавање на [Божјата] волја во секоја мудрост и духовно разбирање, та да постапуваат достојно за Бога, угодувајќи Му во сѐ, принесувајќи плод во секое добро дело‘ (Колосјаните 1:9, 10; Филипјаните 1:9—11).
14-16. Во склад со Павловата молитва, каков плод принесуваат оние кои ја сакаат Божјата реч?
14 На тој начин Павле покажува дека стекнувањето библиско спознание само по себе не е целта. Наместо тоа, љубовта кон Божјата реч нѐ мотивира да ‚постапуваме достојно на Бога‘ со тоа што и понатаму ќе ‚принесуваме плод во секое добро дело‘. Кое добро дело? Проповедањето на добрата вест за Царството е извонредна задача за христијаните во овие последни денови (Марко 13:10). Освен тоа, оние кои ја сакаат Божјата реч го прават најдоброто што можат со тоа што редовно даваат финансиска поддршка на ова дело. Тие уживаат во оваа предност, знаејќи дека „Бог го љуби оној што од срце дава“ (2. Коринтјаните 9:7). Нивните прилози се користат за покривање на трошоците за функционирање на повеќе од сто бетелски објекти од кои се управува активноста на проповедање на Царството, а во некои од нив се произведуваат Библии и библиска литература. Исто така, нивните прилози помагаат да се покријат трошоците за големите христијански конгреси и за испраќање на патувачки надгледници, мисионери и други полновремени евангелизатори.
15 Другите добри дела вклучуваат градење на центри за обожавање и грижа за нив. Љубовта кон Божјата реч ги мотивира неговите обожаватели да се погрижат да не бидат запоставени Собирните сали и Салите на Царството. (Спореди Неемија 10:39.) Со оглед на тоа што на предниот дел од тие згради стои Божјето име, животоважно е тие однатре и однадвор да се одржуваат чисти и привлечни, и однесувањето на оние кои вршат обожавање во тие сали да биде беспрекорно (2. Коринтјаните 6:3). Некои христијани се во состојба да сторат повеќе. Љубовта кон Божјата реч ги поттикнува да патуваат на голема оддалеченост за да учествуваат во изградбата на нови места на обожавање во делови на светот каде што постои потреба поради сиромаштијата или недостигот на вештини (2. Коринтјаните 8:14).
16 ,Принесувањето плод во секое добро дело‘ вклучува и грижа за семејните обврски и покажување интерес за сохристијаните. Љубовта кон Божјата реч нѐ мотивира да бидеме осетливи за потребите на оние кои ни се ‚свои по вера‘ и ‚да практикуваме побожна оддаденост во своето домаќинство‘ (Галатјаните 6:10; 1. Тимотеј 5:4, 8, NW). Во тој поглед, добро дело е да се посетуваат болните и да се тешат ужалените. И колку само добро дело извршуваат собраниските старешини и Одборите за контактирање со болниците во помагањето на поединци кои се соочуваат со предизвикувачки медицински ситуации! (Дела 15:29). Потоа, има и сѐ поголем број катастрофи — некои од нив се природни, а други предизвикани од човечката лудост. Со помош на Божјиот дух, Јеховините сведоци си изградиле добро досие во многу делови на Земјата заради обезбедувањето брза помош за соверниците и за другите жртви при катастрофи и несреќни случаи. Сите овие се добри плодови кои ги покажуваат оние кои ја сакаат Божјата реч.
Славни користи во иднина
17, 18. а) Што се постигнува со сеењето на семето на Царството? б) На кои многу значајни настани наскоро ќе бидат сведоци љубителите на Божјата реч?
17 Сеењето на семето на Царството продолжува да му донесува големи користи на човештвото. Во изминативе години повеќе од 300.000 лица годишно дозволувале библиската порака да пушти корен во нивните срца до таа мера што му го предале својот живот на Јехова и тоа го симболизирале со крштавање во вода. Каква само славна иднина ги очекува!
18 Љубителите на Божјата реч знаат дека наскоро Јехова Бог ќе се крене за да го возвеличи своето име. „Вавилон големиот“, светското царство на лажната религија, ќе биде уништен (Откровение 18:2, 3). Потоа Царот, Исус Христос, ќе ги погуби оние кои одбиваат да живеат во склад со Божјата реч (Псалм 2:9—11; Даниил 2:44). После тоа, Божјето Царство ќе донесе трајно ослободување од криминалот, војната и другите катастрофи. Нема повеќе да има потреба луѓето да се тешат поради болките, болестите и смртта (Откровение 21:3, 4).
19, 20. Каква славна иднина ги очекува оние кои навистина ја сакаат Божјата реч?
19 Какви само славни добри дела тогаш ќе извршуваат оние кои ја сакаат Божјата реч! Преживеаните во Армагедон ќе започнат со радосната задача да ја преобразуваат Земјата во рај. Ќе ја имаат возбудливата предност да прават подготовки за потребите на умрените кои сега почиваат во гробот и се наоѓаат во Божјето сеќавање со изглед да учествуваат во воскресението на мртвите (Јован 5:28, 29). Во тоа време, врз жителите на Земјата ќе се излее совршено водство од Суверениот Господ, Јехова, преку неговиот возвишен син, Исус Христос. ‚Ќе се отворат книги‘ во кои ќе бидат откриени Јеховините упатства за животот во новиот свет (Откровение 20:12).
20 Во Јеховино одредено време, целото тело од верни помазани христијани ќе биде подигнато на нивната небесна награда како „наследници Христови“ (Римјаните 8:17). За време на Илјадагодишното Христово владеење, сите луѓе на Земјата кои ја сакаат Божјата реч ќе бидат издигнати до совршенство на умот и телото. Откако ќе се докажат верни под конечниот испит, ќе бидат наградени со вечен живот и ќе почнат да ја уживаат „славната слобода на децата Божји“ (Римјаните 8:21, NW; Откровение 20:1—3, 7—10). Какво само прекрасно време ќе биде тоа! Точно, без разлика дали Јехова ни дал небесна или земна надеж, истрајната љубов кон неговата Реч и одлучноста да живееме во склад со побожната мудрост ќе нѐ сочуваат. А во иднина ‚ќе нѐ прослави бидејќи сме ја прегрнале‘ (Изреки 4:6, 8).
Можеш ли да објасниш?
◻ Како ќе нѐ сочува љубовта кон Божјата реч?
◻ Што е семето во Исусовата илустрација, и како се сее?
◻ Како можеме да докажеме дека сме „добра почва“?
◻ Кои користи можат да ги очекуваат љубителите на Божјата реч?
[Слика на страница 16]
Семето во Исусовата илустрација ја претставува пораката за добрата вест која се наоѓа во Божјата реч
[Извор на слика]
Garo Nalbandian
[Слика на страница 17]
Јеховините сведоци го имитираат Големиот Сејач
[Слики на страница 18]
Преживеаните во Армагедон ќе се радуваат на плодовите на Земјата