ПОГЛАВЈЕ 46
Ја допрела облеката на Исус и оздравела
МАТЕЈ 9:18-22; МАРКО 5:21-34; ЛУКА 8:40-48
ЕДНА ЖЕНА ЈА ДОПРЕЛА ОБЛЕКАТА НА ИСУС И ОЗДРАВЕЛА
Веста дека Исус се вратил од Декаполис се раширила низ северозападниот брег на Галилејското Море. Сигурно многу Евреи слушнале за бурата и за тоа дека Исус ги стивнал ветрот и морето, а некои можеби чуле и за човекот од кого Исус истерал демони. Затоа кај морето, веројатно близу Капернаум, се собрал „многу народ“ за да го пречека Исус (Марко 5:21). Кога стигнал на брегот, луѓето со нетрпение чекале да видат што ќе направи.
Меѓу мноштвото бил и еден човек кој очајно сакал да го види Исус. Се викал Јаир и бил настојник на синагогата, можеби на таа во Капернаум. Тој паднал пред нозете на Исус и почнал да го преколнува: „Мојата ќеркичка е на умирање. Те молам, дојди и положи ги рацете врз неа за да оздрави и да живее“ (Марко 5:23). Јаир сесрдно го молел Исус да ѝ помогне на неговата ќерка единица, која имала само дванаесет години и која многу ја сакал (Лука 8:42). Што направил Исус?
Исус тргнал кон куќата на Јаир, но по патот се случил уште еден трогателен настан. Луѓето кои го следеле биле возбудени, затоа што очекувале да видат уште едно негово чудо. Но, меѓу нив се наоѓала и една жена која повеќе била загрижена за својот тежок здравствен проблем.
Таа Еврејка веќе дванаесет долги години боледувала од крвавење. Отишла кај многу лекари и ги потрошила сите свои пари на лекување, но никој не можел да ѝ помогне. Напротив, ѝ било „уште полошо“ (Марко 5:26).
Освен што слабото здравје ја измачувало, тоа ѝ донело срам и понижување. Во тоа време не се зборувало отворено за таква болест. Покрај тоа, според Мојсеевиот закон една жена што крвавела била нечиста, и секој што ќе ја допрел неа или нејзината облека извалкана со крв морал да се измие и бил нечист до вечерта (3. Мојсеева 15:25-27).
Таа жена ‚чула за Исус‘ и решила да го побара. Бидејќи била нечиста, се трудела што понезабележително да се пробие низ мноштвото, велејќи си во себе: „Ако ја допрам само неговата облека, ќе оздравам“. Кога го направила тоа, почувствувала дека веднаш престанала да крвави. Жената ‚оздравела од својата мачна болест‘ (Марко 5:27-29).
Исус прашал: „Кој ме допре?“ Што мислиш, како се почувствувала жената кога ги слушнала тие зборови? Петар зачудено му одговорил на Исус: „Мноштвото те турка и те притиска“. Тогаш Исус објаснил зошто прашал кој го допрел: „Некој ме допре, бидејќи осетив дека од мене излезе сила“ (Лука 8:45, 46). Очигледно, кога Исус лекувал, тоа му одземало од силата.
Кога жената видела дека она што го направила не останало незабележано, растреперена и уплашена се фрлила пред нозете на Исус. Пред сите кажала сѐ за својата болест, и дека кога го допрела Исус веднаш оздравела. Исус сочувствително ја утешил: „Ќерко, твојата вера те оздраве. Оди си во мир и биди здрава од својата мачна болест“ (Марко 5:34).
Значи, Оној кого Бог го избрал да владее над Земјата е добар и сочувствителен. Тој не само што се грижи за доброто на другите туку има и моќ да им помогне.