Животот во библиски времиња — работата на еден земјоделец
„[Исус] им рече на своите ученици: ‚Вистина, жетвата е голема, а работници има малку. Затоа, молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва‘“ (МАТЕЈ 9:37, 38)
КОГА кажувал споредби за да истакне некоја поука, Исус често се осврнувал на земјоделските методи и орудија (Матеј 11:28-30; Марко 4:3-9; Лука 13:6-9). Зошто? Затоа што Израелците главно се занимавале со земјоделство. Мнозина од луѓето што го слушале, ги обработувале своите ниви на ист начин како што со векови го правеле тоа и нивните предци. Тие лесно можеле да ги разберат неговите споредби. Неговите поуки им оставале силен впечаток, затоа што Исус добро знаел што значи да се биде земјоделец (Матеј 7:28).
И ние можеме уште подобро да ги разбереме споредбите на Исус, како и други библиски извештаи, ако дознаеме малку повеќе за работата на еден земјоделец во првиот век — што одгледувал, какви орудија користел и со какви тешкотии се соочувал.
Замисли си дека гледаш еден земјоделец додека работи. Прочитај ги наведените стихови и збогати го своето знаење.
Време за сеење
Затскривајќи ги очите од првите утрински зраци, земјоделецот подзастанува на куќниот праг и вдишува од влажниот воздух. Спржената земја е омекната од дождовите. Време е да се изора. Тој го става лесното дрвено рало на рамо и тргнува на нива.
Таму ги впрегнува воловите и ги збоднува со остенот за да почнат со работа. Металниот врв на ралото се зарива во каменливата почва. Тоа не ја превртува земјата, туку само копа плитки бразди (1). Тетеравејќи се, земјоделецот мака мачи да ја направи браздата колку што може поправа. Никогаш не се врти наназад, зашто ралото може да скршне од правецот (Лука 9:62). Мора да внимава да не ги премине меѓите, но и своето малечко парче земја да го изора до самиот раб за да посее што повеќе семе.
Изораната почва е спремна за сеидба. Со торбата јачмен во едната рака, земјоделецот замавнува со другата лево-десно фрлајќи од скапоценото семе (2). Нивата ја пресекуваат неколку патеки. Бидејќи често се гази по нив, земјата на тие патеки е натапкана, и затоа тој многу внимава семето да не падне таму, туку на „добра земја“ (Лука 8:5, 8).
По сеењето, земјоделецот мора да го покрие семето со земја. Затоа прикачува трнливи гранки, кои воловите ги влечат преку нивата. Јата птици цвркотат наоколу, крадејќи од семето пред да биде покриено со земја. Подоцна, тој со мотика (3) внимателно ја ситни земјата за да го извади коровот кој може да го задуши растот на стебленцата (Матеј 13:7).
Време за жнеење
Минуваат месеци. Паѓаат дождови. Класовите на зрелиот јачмен сега се лелеат на сонцето, позлатувајќи ги полињата (Јован 4:35).
За време на жетвата, земјоделецот и неговото семејство имаат многу работа. Жетварот фаќа сноп од јачменот со својата лева рака и замавнува со железниот срп во десната (4). Другите го собираат ожнеаниот јачмен, го врзуваат во снопови (5) и го товараат на магариња или на запрежни коли (6) кои ќе го однесат на селското гумно.
Сонцето силно пече среде ведрото, сино небо. Семејството седнува под сенката на една смоква за малку да одмори. Разговараат и се смеат додека јадат. Брзо ќе завршат со едноставниот оброк: леб, препечени зрна, маслинки, суви смокви и суво грозје. Својата жед ја згаснуваат со големи голтки изворска вода (5. Мојсеева 8:7).
Во блиската нива, неколкумина доприбираат од останатото жито (7). Некои од нив се сиромашни и немаат своја земја (5. Мојсеева 24:19-21).
Подоцна, земјоделецот ги растура сноповите на гумното, кое е една издигната површина од набиена земја. Воловите ја влечат тешката вршалка постојано вртејќи во круг (8) (5. Мојсеева 25:4). На долниот дел од вршалката има забодено остри камчиња и метални парчиња кои ситно ги дробат стеблата.
Потоа земјоделецот чека да дувне вечерниот ветрец (Рут 3:2). На зајдисонце, со ‚лопата за веење‘ или дрвена вила (9), земјоделецот зема дел од здробените стебла и го фрла во воздухот (Матеј 3:12). Тешките зрна повторно паѓаат на земја, а полесната плева ветрот ја одвејува. Ова го прави сѐ додека ветрот не ја исчисти целата плева.
На изгрејсонце, жена му и ќерките на земјоделецот започнуваат да го сејат житото (10). Тие го тресат ситото полно со зрна и ситно ѓубре. Јачменот паѓа во кошови, а ѓубрето се фрла. Оваа година родот е богат. Работниците ставаат дел од јачменот во ќупови (11). Остатокот ќе биде ставен во подземни складишта.
По некое време на гумното, земјоделецот се исправа, ги истегнува уморните мускули и со погледот преминува преку полињата околу селото. Задоволно ги гледа нивите на кои останало само стрниште — доказ за макотрпната работа на земјоделците. Ги забележува и селаните што работат на лозјата и маслинарниците, на насадите со калинки и смокви. Во близина, еден од соседите што копа во својата малечка градина му мавта за да го поздрави. Таа ќе роди краставици, леќа, грав, праз, наут и кромид. Во тој момент ги подига очите кон небото и кратко, но од срце му се заблагодарува на Бог за сите добри дарови што ги дава (Псалм 65:9-11).
[Слики на страници 28-30]
(Види во публикацијата)