ПОГЛАВЈЕ 8
Објавители на добрата вест
ЈЕХОВА го испратил на Земјата својот Син, Исус Христос, кој ни оставил совршен пример што треба да го следиме (1. Пет. 2:21). Кога некој ќе стане следбеник на Исус, тој почнува да ја проповеда добрата вест — нешто што го прават сите Божји слуги. Исус истакнал дека оние што ќе станат негови следбеници ќе најдат духовно освежување. Тој рекол: „Дојдете кај мене сите вие што сте изморени и оптоварени, и јас ќе ве закрепнам. Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум благ и со понизно срце, и ќе најдете поткрепа за своите души“ (Мат. 11:28, 29). Сите што ја прифатиле оваа покана на своја кожа почувствувале како се исполнува ова ветување.
2 Исус, кој бил најистакнатиот објавител на добрата вест, повикал некои луѓе да станат негови следбеници (Мат. 9:9; Јован 1:43). Тој ги поучил како да проповедаат и ги испратил да го вршат делото што и самиот го вршел (Мат. 10:1 — 11:1; 20:28; Лука 4:43). Подоцна, испратил 70 други свои ученици да ја објавуваат добрата вест за Божјето Царство (Лука 10:1, 8-11). Пред да ги испрати, Исус им рекол: „Оној што ве слуша вас, ме слуша и мене. Оној што ве отфрла вас, ме отфрла и мене. А кој ме отфрла мене, го отфрла и оној што ме испрати“ (Лука 10:16). Со тоа, Исус нагласил колку сериозна одговорност имале неговите ученици. Тие требало да ги застапуваат Исус и Севишниот Бог. Оваа задача ја имаат и сите оние што денес ја прифаќаат Исусовата покана: „Дојди и оди по мене!“ (Лука 18:22; 2. Кор. 2:17). Бог им дал налог да ја проповедаат добрата вест за Царството и да ги поучуваат луѓето да станат ученици на Исус (Мат. 24:14; 28:19, 20).
3 Бидејќи сме ја прифатиле поканата да го следиме Исус, ни била укажана чест да ги запознаеме Јехова Бог и Исус Христос (Јован 17:3). Сме дознале како размислува и како постапува Јехова. Со негова помош сме го смениле нашиот начин на размислување, сме ја облекле новата личност и сме научиле да постапуваме во склад со неговите праведни мерила (Рим. 12:1, 2; Еф. 4:22-24; Кол. 3:9, 10). Тоа што од дното на душата сме му биле благодарни на Јехова нѐ поттикнало да му го заветуваме животот и да се крстиме. Со нашето крштавање, сме станале Божји слуги во вистинска смисла на зборот.
4 Никогаш да не заборавиме дека треба да му служиме на Бог со невини раце и чисто срце (Пс. 24:3, 4; Иса. 52:11; 2. Кор. 6:14 — 7:1). Верата во Исус Христос ни помогнала да стекнеме чиста совест (Евр. 10:19-23, 35, 36; Отк. 7:9, 10, 14). Апостол Павле ги поттикнал христијаните да прават сѐ за Божја слава за да не ги спрепнуваат другите. Освен тоа, апостол Петар истакнал дека е важно да се однесуваме примерно за да ги поттикнеме луѓето да ја прифатат вистината (1. Кор. 10:31, 33; 1. Пет. 3:1). Како можеш да му помогнеш на некое лице да ги исполни условите да стане објавител на добрата вест?
НОВИ ОБЈАВИТЕЛИ
5 Уште кога ќе започнеш да ја проучуваш Библијата со некое лице, поттикни го да им кажува на другите за тоа што го учи. Може да разговара за вистината со роднините, пријателите, колегите и другите луѓе кои ги сретнува. Ова е многу важен чекор додека ги поучуваме новите да станат следбеници на Исус Христос и објавители на добрата вест (Мат. 9:9; Лука 6:40). Ако заинтересираното лице напредува во духовен поглед и стекне навика да сведочи во неформални прилики, најверојатно ќе изрази желба да учествува во службата од куќа до куќа.
ДА СЕ ИСПОЛНАТ УСЛОВИТЕ
6 Пред некој за првпат да оди во служба на проповедање, мора да исполни одредени услови. Зошто? Затоа што другите луѓе ќе го сметаат за Јеховин сведок. Според тоа, тој треба однапред да покаже дека живее во склад со Јеховините праведни мерила и дека може да биде некрстен објавител.
7 Додека си проучувал со некое лице и си разговарал за библиските начела со него, веројатно си се запознал со неговите околности. Можеби си увидел дека живее во склад со тоа што го учи. Сепак, старешините треба да поразговараат заедно со тебе и со него за некои аспекти од неговиот живот.
8 Координаторот на старешинството ќе замоли двајца старешини (од кои едниот е член на Одборот на собранието) да го имаат овој разговор. Во собранијата во кои има малку старешини, разговорот може да го одржат еден старешина и еден искусен слуга-помошник. Браќата на кои ќе им биде доверена оваа одговорност треба да го одржат овој разговор што е можно побрзо. Всушност, ако на состанок дознаат дека лицето со кое проучуваш сака да оди во служба, можеби ќе разговараат со вас по состанокот. Разговорот треба да се одвива во опуштена атмосфера. Пред некој да стане некрстен објавител, браќата мора да се уверат дека ги исполнува следниве услови:
1) Верува дека Библијата е книга од Бог (2. Тим. 3:16).
2) Ги знае основните библиски учења и верува во нив и, доколку некој му постави прашање, знае да одговори во склад со Библијата, а не според лажните верски учења или неговото лично мислење (Мат. 7:21-23; 2. Тим. 2:15).
3) Се држи за библиската заповед да доаѓа на собраниските состаноци доколку е во можност да го прави тоа (Пс. 122:1; Евр. 10:24, 25).
4) Знае што вели Библијата во врска со сексуалниот неморал, во што спаѓа прељубата, полигамијата и хомосексуалноста, и постапува во склад со тие мерила. Ако живее во ист дом со некој од спротивниот пол со кого не е во роднинска врска, треба да бидат венчани пред законот (Мат. 19:9; 1. Кор. 6:9, 10; 1. Тим. 3:2, 12; Евр. 13:4).
5) Живее во склад со она што го кажува Библијата за пијанството и не користи никакви природни или вештачки супстанции што влијаат врз свеста или предизвикуваат зависност, освен за медицински цели (2. Кор. 7:1; Еф. 5:18; 1. Пет. 4:3, 4).
6) Сфаќа колку е важно да го избегнува лошото друштво (1. Кор. 15:33).
7) Го прекинал членството во која и да било организација од лажната религија со која можеби бил поврзан и престанал да ја поддржува или да учествува во нејзините активности (2. Кор. 6:14-18; Отк. 18:4).
8) На ниту еден начин не се меша во политика (Јован 6:15; 15:19; Јак. 1:27).
9) Останува потполно неутрален во поглед на споровите и војните меѓу народите (Иса. 2:4).
10) Сака да биде Јеховин сведок (Пс. 110:3).
9 Ако старешините не се сигурни што мисли интересентот за некоја од овие работи, треба да му постават прашања околу тоа, при што може да ги користат наведените стихови. Многу е важно интересентот да сфати дека оние што ја проповедаат добрата вест заедно со Јеховините сведоци мора да живеат во склад со библиските начела. Тоа што ќе го каже за време на разговорот ќе им помогне на старешините да увидат дали тој знае што се очекува од него и дали во разумна мера ги исполнува условите за да учествува во службата на проповедање.
10 Старешините треба без одложување да го известат интересентот дали ги исполнува условите да служи како некрстен објавител. Во повеќето случаи, тие ќе можат да го известат по завршувањето на разговорот. Ако ги исполнува условите, старешините може срдечно да му изразат добредојде како објавител (Рим. 15:7). Тие треба да го поттикнат да оди во служба што е можно поскоро и да го даде својот извештај на крајот на месецот. Старешините треба да му објаснат дека, кога некој ги исполнува условите да служи како некрстен објавител и кога за прв пат ќе даде извештај за својата служба, почнува да се води Извештај на собраниски објавител на негово име кој се чува во собраниската архива. Старешините ги собираат овие лични податоци од објавителот за да може организацијата да се грижи за верските активности на Јеховините сведоци низ целиот свет и за да може објавителот да учествува во духовните активности, како и да добива поддршка во духовен поглед. Освен тоа, старешините можат да ги потсетат новите објавители дека сите лични податоци се користат според документот Општи правила на Јеховините сведоци за заштита на лични податоци кој се наоѓа на jw.org.
11 Тоа што подобро ќе се запознаеме со новиот објавител и тоа што ќе покажеме дека ги забележуваме неговиот труд и неговиот духовен напредок може позитивно да влијае врз него. Може да го поттикне редовно да ги предава своите извештаи од службата и да дава сѐ од себе за да му служи на Јехова (Фил. 2:4; Евр. 13:2).
12 Штом старешините ќе одлучат дека интересентот ги исполнува условите да оди во служба на проповедање, тој може да добие личен примерок од книгата Организирани за да ја вршиме Јеховината волја. Откако ќе го предаде својот прв извештај од службата, треба да се даде кратко известување во собранието дека тој е некрстен објавител.
ДА ИМ СЕ ПОМАГА НА МЛАДИТЕ
13 И децата може да ги исполнат условите да бидат објавители на добрата вест. Во една прилика, Исус ги зел децата кај себе и ги благословил (Мат. 19:13-15; 21:15, 16). Иако првенствено родителите се одговорни за своите деца, сите во собранието можат да им помагаат на младите кои од сѐ срце сакаат да ја проповедаат добрата вест за Царството. Ако си родител, твојот добар пример во службата може да ги поттикне децата ревносно да му служат на Бог. Што друго може да се направи доколку детето се однесува примерно и има искрена желба да им кажува за својата вера на другите?
14 Родителот треба да разговара со еден брат од Одборот на собранието за тоа дали неговото дете ги исполнува условите да служи како објавител. Ако по тој разговор родителот смета дека детето ги исполнува условите, старешината треба да го извести координаторот на старешинството. Координаторот ќе организира двајца старешини (од кои едниот служи во Одборот на собранието) да се состанат со детето и со неговиот родител или родители (ако и двајцата се во вистината) или, пак, со старателот кој е Јеховин сведок. Ако детето има основни познавања на библиските вистини и покажува дека сака да оди во служба на проповедање, тоа значи дека добро напредува. Откако ќе ги земат предвид овие и други фактори кои се слични на оние што важат за возрасни лица, двајцата старешини треба да одлучат дали детето може да служи како некрстен објавител (Лука 6:45; Рим. 10:10). Кога разговараат со дете, старешините нема потреба да зборуваат за работи кои не се однесуваат на деца и за кои обично се зборува со возрасни.
15 За време на разговорот, старешините треба да го пофалат детето за неговиот напредок и да го поттикнат да си постави цел да се крсти. И родителите заслужуваат пофалба затоа што вложиле голем труд да ја всадат вистината во срцето на детето. За да ги поттикнат родителите и понатаму да му помагаат на своето дете, старешините треба да им го посочат делот „До родителите“ кој се наоѓа на страници 179-181.
ЗАВЕТУВАЊЕ И КРШТАВАЊЕ
16 Можеби веќе си го запознал и си го засакал Јехова. Можеби живееш во склад со неговите начела и одиш во служба на проповедање. Но, за уште повеќе да се зближиш со него, потребно е да направиш уште еден важен чекор. Кој е тој чекор? Да му го заветуваш својот живот на Јехова и да се крстиш (Мат. 28:19, 20).
17 Во библиска смисла, да се заветуваш значи да бидеш одвоен за света цел. Да му се заветуваш на Бог значи во молитва да му ветиш дека целиот свој живот ќе му служиш и ќе живееш според неговите мерила. Со други зборови, тоа значи да му ветиш дека засекогаш ќе му бидеш оддаден само нему (5. Мој. 5:9). Ова е многу лична работа. Никој не може да ја направи наместо тебе.
18 Сепак, освен што насамо ќе му се заветуваш на Јехова, потребно е и пред другите да покажеш дека си го сторил тоа. Ова ќе го направиш така што ќе се крстиш во вода, исто како што се крстил и Исус (1. Пет. 2:21; 3:21). Ако си решил да му служиш на Јехова и ако сакаш да се крстиш, што треба да направиш? Треба да зборуваш со координаторот на старешинството. Тој ќе се погрижи неколку старешини да разговараат со тебе за да се уверат дека ги исполнуваш библиските барања за крштавање. Нешто повеќе во врска со ова, можеш да дознаеш во делот „До некрстениот објавител“, кој се наоѓа на страници 182-184 од оваа книга и во делот „Прашања за оние што сакаат да се крстат“, кој се наоѓа на страници 185-207.
ИЗВЕШТАИ ЗА НАПРЕДОКОТ ВО ПРОПОВЕДАЊЕТО
19 До ден-денес, извештаите за напредокот на делото за Царството се извор на охрабрување за целиот Јеховин народ. Уште од времето кога Исус Христос им кажал на своите ученици дека добрата вест ќе биде проповедана по целата Земја, христијаните сакале да дознаат како ќе се постигне тоа (Мат. 28:19, 20; Мар. 13:10; Дела 1:8).
20 Учениците на Исус во првиот век многу сакале да чујат извештаи за тоа како напредувало делото на проповедање (Мар. 6:30). Во библиската книга Дела на апостолите пишува дека на Педесетница 33 год. од н.е. Бог го излеал светиот дух врз околу 120 ученици. Набрзо бројот на ученици пораснал на околу 3.000, а потоа на околу 5.000. Во извештајот пишува дека Јехова секојдневно им ги придодавал оние што доаѓале на патот на спасението и дека многу свештеници ја прифаќале верата (Дела 1:15; 2:5-11, 41, 47; 4:4; 6:7). Веста за ваквиот пораст сигурно многу ги охрабрила учениците. Без сомнение, овие позитивни извештаи ги поттикнале да продолжат да го вршат делото што им го доверил Бог и покрај жестокото прогонство од страна на еврејските верски водачи.
21 Некаде во 60 или 61 год. од н.е., Павле во своето писмо до собранието во Колоси напишал дека добрата вест донесувала плод и растела во целиот свет и дека била проповедана „меѓу сите суштества под небото“ (Кол. 1:5, 6, 23). Првите христијани ѝ биле послушни на Речта и светиот дух им давал сила да извршат едно огромно проповедничко дело пред да дојде крајот на еврејскиот поредок во 70 год. од н.е. Верните следбеници на Исус биле многу охрабрени од извештаите за она што се постигнало.
Дали даваш сѐ од себе за темелно да се изврши делото на проповедање пред да дојде крајот?
22 Исто како во првиот век, Јеховината организација денес се труди да води точни извештаи за делото на проповедање со кое се исполнуваат зборовите од Матеј 24:14, каде што пишува: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“. Како оддадени слуги на Бог, ние мора да извршиме една неодложна задача. За темелно да се изврши делото на проповедање пред да дојде крајот, секој од нас мора да даде сѐ од себе. Јехова ќе се погрижи ова дело да се заврши, а ако и ние имаме удел во него, ќе ја стекнеме Јеховината милост (Езек. 3:18-21).
ТВОЈОТ ИЗВЕШТАЈ ОД СЛУЖБАТА НА ПРОПОВЕДАЊЕ
23 Што точно треба да известиш? На ливчето Извештај од службата на проповедање пишува кои информации треба да ги наведеш. Сепак, следниве додатни информации може да им бидат од помош на објавителите.
24 Во колоната „Публикации и електронски содржини“ напиши го вкупниот број на сите публикации или електронски содржини кои ќе им ги дадеш на луѓето кои не се крстени Сведоци. Во колоната „Прикажани видеоклипови“ напиши колку пати вкупно си прикажал некој видеоклип од организацијата на лица што не се Сведоци.
25 Во колоната „Повторни посети“ напиши го вкупниот број на посети што си ги направил кај луѓето кои не се крстени Сведоци со цел да им зборуваш за вистината. Повторна посета може да известиш кога лично ќе посетиш некое лице, кога ќе му напишеш писмо, кога ќе разговараш со него по телефон, кога ќе му испратиш кратка порака или имејл, или кога ќе му оставиш некоја публикација. Секој пат кога водиш библиски курс со некого, може да известиш една повторна посета. Еден од родителите може да известува по една повторна посета секоја седмица кога ја одржува Семејната вечер во присуство на дете кое не е крстено.
26 Иако библискиот курс обично се води секоја седмица, се известува како еден курс секој месец. Објавителите треба на ливчето Извештај од службата на проповедање да го напишат вкупниот број на различни библиски курсеви што ги воделе во текот на месецот. Може да известиме библиски курс кога ја проучуваме Библијата со лица кои не се крстени Сведоци и кога проучуваме со новокрстено лице кое сѐ уште не ја завршило книгата Радувај му се на животот засекогаш. Исто така, може да известиме библиски курс и доколку некој член на Одборот на собранието нѐ замоли да проучуваме со некој неактивен брат или сестра.
27 Важно е во извештајот точно да ја пополниш колоната „Часови“. Тоа е времето што си го минал во служба од куќа до куќа, во правење повторни посети, водење библиски курсеви, како и времето додека во други прилики си им сведочел на лица кои не се крстени Јеховини сведоци. Ако двајца објавители одат заедно во служба, и едниот и другиот може да го известат времето. Но, повторните посети или библиските курсеви ги брои само еден од нив. Ако и двајцата родители ги поучуваат своите деца за време на Семејната вечер, и едниот и другиот може да известат по еден час седмично. Браќата може да го известат времето кога држат јавно предавање. Исто така, оној што преведува јавно предавање може да го извести тоа време. Времето поминато во други важни активности, како што се подготвувањето за служба, присуството на состаноците за проповедање, вршењето на други обврски и слично, не го пишуваме во нашите извештаи.
28 На темел на својата совест обликувана според Библијата, секој објавител мора сам да донесе одлука за тоа колку време ќе известува како часови поминати во служба. Некои објавители проповедаат во густо населени подрачја, додека други проповедаат на подрачја на кои живеат само неколкумина и треба долго да патуваат за да стигнат до нив. Подрачјата се разликуваат, а и објавителите имаат различно гледиште за службата. Членовите на Водечкото тело не наметнуваат правила според својата совест во врска со тоа како треба да се брои времето минато во служба на проповедање, ниту, пак, некој друг е овластен да одлучува во врска со тоа (Мат. 6:1; 7:1; 1. Тим. 1:5).
29 Времето минато во службата на проповедање треба да се известува во цели часови. Исклучок од ова е кога објавителот е многу ограничен бидејќи е во поодминати години, не може да излегува од дома поради болест, живее во дом за стари лица или е ограничен од некоја друга причина. Тој може да извести служба и во интервали од по 15 минути. Дури и кога ќе сведочи само 15 минути во текот на еден месец, може да го извести тоа време и ќе се смета за редовен објавител на Царството. Ова важи и за објавителите кои се привремено ограничени, на пример објавителите кои не се во можност да се движат еден месец или повеќе поради сериозна болест или повреда. Ова е наменето само за оние кои се многу ограничени. Одборот на собранието ќе одлучи дали некој објавител може да ја известува службата на ваков начин.
ИЗВЕШТАЈ НА СОБРАНИСКИ ОБЈАВИТЕЛ
30 Твојот личен извештај од службата на проповедање што го даваш секој месец се запишува во формуларот Извештај на собраниски објавител. Овие формулари припаѓаат на собранието во кое служиш. Ако планираш да се преселиш во друго собрание, информирај ги за тоа старешините од твоето собрание. Секретарот ќе се погрижи твојот формулар да биде испратен во твоето ново собрание. На тој начин, старешините ќе можат да ти изразат добредојде и да ти помагаат во духовен поглед. Ако си отсутен од твоето собрание помалку од три месеци, те молиме продолжи да го испраќаш извештајот за служба на проповедање во твоето собрание.
ЗОШТО ДАВАМЕ ИЗВЕШТАЈ ЗА СЛУЖБА?
31 Дали понекогаш забораваш да го предадеш твојот извештај за служба на проповедање? Се разбира, на сите нас понекогаш ни треба потсетување. Но, ако стекнеме исправен став за извештаите и ако сфатиме зошто тие се важни, ќе ни биде полесно навреме да ги даваме.
32 Некои прашуваат: „Ако Јехова знае што правам во службата, зошто тогаш да давам извештај?“ Точно е дека Јехова знае што правиме во службата и знае дали ја вршиме со сета душа или не. Сепак, имај на ум дека Јехова се погрижил да се запишат бројот на денови што Ное ги поминал во арката и бројот на години што Израелците ги поминале во пустината. Освен тоа, Бог водел сметка да се запише бројот на оние што му биле верни и на оние што не му биле верни. Исто така, тој се погрижил да биде запишано како ханаанската земја била постепено освојувана и што направиле верните судии на Израел. Значи, Бог се погрижил да бидат запишани многу детали во врска со активностите на неговите слуги. Овие записи за настаните од минатото се напишани под водство на неговиот свет дух. Тоа јасно ни покажува дека Бог сака да се водат точни извештаи.
33 Од историските настани запишани во Библијата дознаваме дека Јеховиниот народ внимателно водел детални и точни извештаи. Во многу случаи, библиските настани немаше да бидат толку впечатливи и немаше да добиеме целосна слика за нив ако не беа наведени конкретни бројки. Земи ги за пример следниве извештаи: 1. Мојсеева 46:27; 2. Мојсеева 12:37; Судиите 7:7; 2. Царевите 19:35; 2. Летописи 14:9-13; Јован 6:10; 21:11; Дела 2:41; 19:19.
34 Иако во нашите извештаи не е запишано сето она што го правиме за Јехова, тие ѝ се корисни на Јеховината организација. Во првиот век, кога апостолите се вратиле од служба на проповедање, го известиле Исус „за сѐ што направиле и поучувале“ (Мар. 6:30). Понекогаш, од извештајот може да се види на кои полиња од нашата служба треба да им се посвети повеќе внимание. Бројките може да откријат на кои полиња има голем напредок, а на кои полиња, како на пример порастот на објавители, напредокот е помал. Тоа може да биде показател дека е потребно да се даде охрабрување или дека има проблеми кои треба да се решат. Одговорните браќа ќе им обрнат внимание на извештаите и ќе се трудат да го отстранат сето она што го спречува напредокот на поединци или на целото собрание.
35 Со помош на извештаите, организацијата може да увиди каде на подрачјето има поголема потреба од објавители, на кои полиња се постигнуваат подобри резултати, на кои полиња има помал напредок и кои публикации се потребни за да им се помогне на луѓето да ја дознаат вистината. Извештаите ѝ помагаат на организацијата да обезбеди доволно публикации за делото на проповедање низ целиот свет.
36 Извештаите од службата многу нѐ охрабруваат. Зар не сме охрабрени кога слушаме извештаи за она што го постигнуваат нашите браќа и сестри во службата на проповедање по целиот свет? Извештаите ни помагаат да добиеме целосна слика за порастот на Јеховината организација. Искуствата нѐ допираат до срце, ја разгоруваат нашата ревност и нѐ поттикнуваат да даваме сѐ од себе во службата на проповедање (Дела 15:3). Затоа е важно редовно и навреме да го даваме нашиот извештај за служба. Тоа е доказ дека сме вистински заинтересирани за сите браќа и сестри. На овој начин, покажуваме дека сме ѝ подложни на Јеховината организација (Лука 16:10; Евр. 13:17).
ДА СИ ПОСТАВУВАМЕ ЦЕЛИ!
37 Нема потреба да го споредуваме она што ние го правиме во службата со она што го прави некој друг (Гал. 5:26; 6:4). Секој човек има различни околности. Од друга страна, може да извлечеме голема корист ако си поставуваме достижни цели кои можат да ни помогнат да го следиме нашиот напредок во службата. Тоа што ќе ги исполниме овие цели може да ни донесе задоволство.
38 Очигледно е дека Јехова го забрзува собирањето на оние што ќе ги заштити во „големата неволја“. Ние живееме во време кога се исполнува следново пророштво на Исаија: „Од малиот ќе стане илјада, и од незначителниот — силен народ. Јас, Јехова, ќе го забрзам тоа кога ќе дојде време“ (Отк. 7:9, 14; Иса. 60:22). Навистина е голема чест тоа што можеме да ја објавуваме добрата вест во овие значајни последни денови (Мат. 24:14).