Додаток
До родителите:
Како родители, сигурно сакате да им помогнете на вашите деца да го засакаат Јехова и да му се заветуваат. Како можете да им помогнете да се подготват за крштавање? Кога може да се каже дека децата се спремни за тој важен чекор?
Исус им ја дал следнава заповед на своите следбеници: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги“ (Мат. 28:19). Според ова, за да може некој да се крсти, мора да биде ученик на Христос, односно да ги разбира и да верува во Христовите учења, но и да живее според нив. Ова може да го прават дури и децата.
Родители, дајте им добар пример на своите деца и всадувајте ги во нив учењата на Јехова (5. Мој. 6:6-9). Со помош на книгата Радувај му се на животот засекогаш поучете ги децата за основните библиски вистини и помогнете им да размислуваат на темел на библиските начела и да живеат во склад со нив. Научете ги децата да ги објаснуваат своите верувања со свои зборови (1. Пет. 3:15). Поуките и охрабрувањето што ќе ги добијат од вас, од личното проучување, од Семејната вечер, од собраниските состаноци и од доброто друштво ќе им помогнат да се крстат, а и понатаму да напредуваат. Помагајте им секогаш да размислуваат како можат да станат поблиски со Јехова.
Во Изреки 20:11 пишува: „И детето се познава по она што го прави, дали е неговото дело чисто и исправно“. Како може да знаете дека вашето дете станало ученик на Исус Христос и дека е спремно да се крсти?
Детето кое сака да се крсти треба да ги слуша своите родители (Дела 5:29; Кол. 3:20). Во Библијата пишува дека, кога Исус имал 12 години, им бил послушен на родителите (Лука 2:51). Се разбира дека не треба да очекувате вашето дете да биде совршено. Сепак, ако детето сака да се крсти, ќе се труди да го следи примерот на Исус и да ви биде послушно.
Треба да биде очигледно дека детето има желба да ги запознае библиските вистини (Лука 2:46). Дали вашето дете сака да оди на состаноците и да учествува на нив? (Пс. 122:1). Дали има желба редовно да ја чита и проучува Библијата? (Мат. 4:4).
Детето кое напредува кон крштавање се труди да го стави Божјето Царство на прво место во својот живот (Мат. 6:33). Тоа е свесно дека има одговорност да зборува со другите за своите верувања. Учествува во различни гранки од службата и не се срами да им каже на наставниците и на соучениците дека е Јеховин сведок. Совесно се подготвува за задачите што ги има на состанокот Нашиот живот и служба.
Исто така, детето кое сака да се крсти се труди да остане морално чисто со тоа што избегнува лошо друштво (Изр. 13:20; 1. Кор. 15:33). Ова се гледа од неговиот избор на музика, филмови, телевизиски емисии, видеоигри и од начинот на кој користи Интернет.
Многу деца ја прифатиле помошта на своите родители, со сето срце ја засакале вистината и ги исполниле условите да се крстат. Јехова нека ве благослови додека им помагате на децата да го преземат овој важен чекор и уште повеќе да се зближат со него.
До некрстениот објавител:
Голема чест е да се служи во собранието како некрстен објавител. Многу е пофално тоа што си напредувал во духовен поглед. Преку Библијата, си го запознал Бог и си стекнал вера во неговите ветувања (Јован 17:3; Евр. 11:6).
Пред да ја проучуваш Библијата со Јеховините сведоци, можеби си припаѓал на некоја друга религија или можеби воопшто не си бил религиозен. Можеби си учествувал во нешто што не е во склад со библиските начела. Но, си ја покажал својата вера со тоа што си се покајал, односно си покажал дека ти е многу жал за гревовите што си ги направил во минатото, и си се обратил, односно си престанал да го правиш тоа што е погрешно и си решил да го правиш тоа што е исправно во Божји очи (Дела 3:19).
Од друга страна, можеби уште од рано детство „ги познаваш светите списи“. Поради тоа, си живеел на начин што Бог го одобрува и не си правел сериозни гревови (2. Тим. 3:15). Си научил да му се спротивставуваш на притисокот од врсниците и на сето она што може да те наведе да направиш нешто што е лошо во Јеховини очи. Си ја покажал својата вера со тоа што си го застапувал вистинскиот Бог и си ги споделувал со другите своите верувања. Си бил поучен вешто да ја пренесуваш добрата вест и си одлучил да му служиш на Јехова како некрстен објавител.
Без разлика дали си дознал за Јехова подоцна во животот или го познаваш уште од рано детство, можеби сега размислуваш да ги преземеш следните два чекора од твојот духовен напредок — да му се заветуваш на Јехова и да се крстиш. Да му се заветуваш на Јехова значи во молитва да му ветиш дека засекогаш ќе му служиш само нему (Мат. 16:24). Своето заветување ќе го покажеш со крштавање во вода (Мат. 28:19, 20). Со тоа што ќе се заветуваш и ќе се крстиш, ќе станеш слуга на Јехова Бог. Тоа навистина е голема чест!
Меѓутоа, од проучувањето на Библијата си дознал дека може да се соочиш со разни тешкотии. Имај на ум дека, кратко по своето крштавање, Исус бил одведен во пустината за да биде искушан од Ѓаволот (Мат. 4:1). И ти, откако ќе се крстиш како ученик на Христос, може да очекуваш разни искушенија (Јован 15:20). Можеби ќе се соочиш со противење од семејството (Мат. 10:36). Можеби соучениците, колегите или поранешните другари ќе те исмејуваат. Сепак, никогаш не ги заборавај следниве зборови на Исус запишани во Марко 10:29, 30: „Вистина, ви велам, никој не оставил куќа или браќа или сестри или мајка или татко или деца или ниви поради мене и поради добрата вест, а да не прими сега, во ова време, стократно: и куќи и браќа и сестри и мајки и деца и ниви, со прогонства, а во поредокот што доаѓа и вечен живот“. Затоа, продолжи и понатаму да даваш сѐ од себе да останеш близок со Јехова и да живееш според неговите праведни мерила.
Кога ќе сакаш да се крстиш, кажи му за тоа на координаторот на старешинството. На следните страници се наоѓаат прашањата за кои старешините ќе разговараат со тебе за да утврдат дали ги исполнуваш условите да се крстиш. За време на твоето лично проучување на Библијата можеш да почнеш да ги разгледуваш тие прашања.
Додека се подготвуваш за разговор со старешините, одвој време да ги прочиташ цитираните библиски стихови и да размислиш за нив. Некои мисли можеш да си ги запишеш во книгата или на некое друго место. Додека разговараш со старешините, книгата може да ти биде отворена и може да ги користиш своите белешки. Ако некое од прашањата не го разбираш, слободно побарај помош од оној со кого ја проучуваш Библијата или од некој старешина.
Додека разговараш со старешините, немој да мислиш дека треба да даваш долги и комплицирани одговори на прашањата. Најдобро е да одговараш кратко, јасно и со свои зборови. Исто така, добро е за повеќето прашања да се осврнуваш на библиските стихови кои го даваат темелот за одговорот.
Ако сѐ уште не си стекнал доволно познавање на основните библиски учења, старешините ќе се погрижат да добиеш помош за да можеш со свои зборови да го објасниш тоа што си го научил од Библијата и со текот на времето да ги исполниш условите за крштавање.
[Забелешка за старешините: Упатствата за тоа како треба да се одвиваат разговорите со кандидатите за крштавање се наоѓаат на страници 208-212.]