Дали си го пресметал трошокот?
„ШТО?! Одбиваш таква прекрасна понуда?“ Контролорката не можела да поверува во она кое штотуку што слушнала. Нејзината потчинета, инаку жена почитувана заради својата вештина и добро однесување, штотуку одбила понуда да студира во странство две години на сметка на компанијата. Зошто го сторила тоа?
Ако ја прифати понудата, објаснила жената, тоа би значело две години да биде одделена од својот сопруг и двете деца. Тие би ѝ недостасувале многу. Што е уште поважно, би ги запоставила своите од Бог дадени должности како сопруга и мајка. Емоционалниот и духовниот трошок би бил превисока цена за неа. Затоа, откако ги пресметала трошоците, одлучила да ја одбие понудата.
Што би сторил/а ти кога би бил/а на нејзино место? Очигледно, секој не би се сложил со одлуката што ја донела оваа христијанка. Некои, како на пример нејзините работодавачи, можеби мислат дека таа пропушта златна прилика да напредува во својата кариера. Други можеби дури и ја обвинуваат дека не мисли на иднината на своето семејство затоа што, најпосле, две години би поминале брзо. Сепак, нејзината одлука не била нагла или сентиментална. Таа се темелела на здраво расудување и далекувидни начела. Кои се тие?
Повеќе од здрав разум
Најмудриот човек кој некогаш одел по Земјата, Исус Христос, го дал упатството во една од своите параболи. „Кој од вас, сакајќи да соѕида кула, не ќе седне најнапред да направи сметка колку ќе чини и дали има сѐ, што е потребно за нејзиното довршување, та, откако ги постави темелите и не може да доврши, да не почнат, сите што го гледаат, да му се смеат, и да речат: ‚Овој човек почна да ѕида и не може да доврши‘ (Лука 14:28-30).
Секој ќе се сложи дека е мудро и практично да го пресмета трошокот пред да одлучи да направи нешто важно. На пример, ако лицето сака да купи куќа, дали ќе побрза со потпишување на договор дури и без да ја дознае цената и да се осигура дека е финансиски способен да ја доврши зделката? Веројатно би го сметале за неразумен кога би сторил такво нешто. Да, здрав разум значи да се пресмета трошокот пред да се почне со некој потфат.
Сепак, во што навистина била Исусовата поента со таа парабола? Непосредно пред да ја воведе параболата, тој рекол: „Кој не го носи својот маченички столб и не дојде по мене, не може да биде мој ученик“ (Лука 14:27, NW). Така, контекстот покажува дека Исус не давал само некаков здрав совет за нашите редовни, секојдневни потфати. Напротив, тој зборувал за пресметувањето на трошокот во поглед на станувањето негов ученик.
Со својата парабола Исус истакнал дека за некој да стане негов ученик, вклучени се промени и жртви. Зошто? Затоа што сегашниот систем на ствари е материјалистички ориентиран и мотивиран од користољубие. Повеќето луѓе се воглавно заинтересирани да ги задоволат нивните телесни желби, обраќајќи им малку или никакво внимание на нивните духовни потреби или на нивниот однос со Бог (2. Тимотеј 3:1-4). Тој став, или дух, е во директен контраст со оној што го покажувал Исус Христос. „Синот Човечки не дојде да Му служат“, рекол тој, „туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина.“ Тој им дал највисока вредност на духовните, а не на материјалните работи кога рекол: „Духот е тој што дава живот; телото не е од никаква корист“ (Матеј 20:28; Јован 6:63, NW).
Значи, кога Исус ги советувал оние коишто сакале да станат негови ученици да го пресметаат трошокот, тој зборувал воглавно за духовни, а не за материјални вредности. Што е поважно: материјалните предности што ги нуди светот, или духовните користи што ги нуди учеништвото? Затоа откако ја изнел параболата и ја разјаснил, тој заклучил: „Така и секој од вас, кој не се откаже од сѐ што има, не може да биде Мој ученик“ (Лука 14:33). Дали потенцијалниот следбеник е расположен и спремен да направи таква жртва или е тоа превисока цена за плаќање?
Урамнотежено гледиште
Иако материјалните работи можат да донесат очигледни користи кои се позабележливи и моментални, користите од духовните стремежи се многу потрајни и позадоволувачки. Исус расудувал на овој начин: „Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и ’рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту ’рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат“ (Матеј 6:19, 20). Во наше време инфлацијата, падот на берзата, фалирањето на банките и.т.н., ја предизвикале пропаста на мнозина кои ја ставиле својата доверба единствено на материјалните богатства. Сепак, апостолот Павле нѐ поттикнува да го ‚имаме предвид не видливото, туку невидливото, бидејќи видливото е времено, а невидливото — вечно‘ (2. Коринтјаните 4:18). Но, како можеме да негуваме такво гледиште?
Тоа го можеме ако го имитираме нашиот Модел и Пример, Исус Христос. Кога бил на Земјата, тој никако не бил аскет, а тоа се гледа од фактот што понекогаш учествувал на свадбени свечености и гозби. Меѓутоа, очигледно им давал предност на духовните работи. За да ја изврши волјата на својот Татко, бил спремен да се одрекне дури и од она што се смета за неопходно. Еднаш изјавил: „Лисиците имаат легла и птиците небески — гнезда, а Синот Човечки нема каде глава да засолни“ (Лука 9:58). Вршењето на Татковата волја го сметал за толку животоважно и угодно што со срдечна искреност рекол: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, кој Ме пратил и да го извршам Неговото дело“ (Јован 4:34).
Исус го покажал своето чувство за вредност со начинот на кој ги отфрлил Сатановите искушенија. Ѓаволот се обидел да го натера Исус да ја употреби Својата сила дадена од Бог во Своја корист, да ги задоволи Своите физички потреби и да постигне светска слава и популарност. Исус многу добро знаел дека таквите сомнителни користи би можел да ги има само по многу висока цена — губење на Божјето одобрение — цена која е повисока отколку што бил спремен да плати, бидејќи својот добар однос со својот Татко го ценел повеѐе од сѐ друго. Затоа недвосмислено, без колебање ги отфрлил Сатановите понуди (Матеј 4:1-10).
Како Христови следбеници сигурно сакаме да го имаме истото чувство за вредност како нашиот Учител. Во сегашниот систем на работи под Сатанова контрола има многу нешта кои можеби изгледаат како да ветуваат добра корист, но всушност можат да наштетат на нашиот однос со Бог. Таквите работи, како што е постојаното стремење по унапредување на световното работно место, тежнеењето по повисоко образование заради унапредување на својата положба, додворувањето на неверници или ангажирање во сомнителни деловни планови, можат лесно да нѐ доведат до тоа да ја изгубиме верата и евентуално да отпаднеме од Јеховината милост. Мораме внимателно да го пресметаме трошокот кога сме соочени со такви искушенија.
Вистинската мудрост — заштита
Пред неколку години, на еден млад христијанин од еден голем град на Далечниот Исток, му се укажала прилика да оди во странство за да ги продолжи студиите. Иако веќе имал добро световно образование и добро платена работа, чувствувал дека тоа не било доволно; сакал да ја подобри својата ситуација во животот. Сохристијаните се обидувале да му сугерираат во склад со библиските мисли кои штотуку ги разгледавме, но бил непопустлив и продолжил со својот план. Иако се трудел да ја задржи својата вера на прво место, постепено го губел ценењето за библиската вистина и почнало да се јавува сомневање. За отприлика една година потполно ја загубил својата вера и тврдел дека е агностик. Вистина, постигнувањето на повисок степен преку напредно световно школување му донело извесна мера на задоволство. Но, колку скапа цена морал да плати за привремената слава — бродолом на својата вера и ризик да го изгуби вечниот живот! (1. Тимотеј 1:19).
Од друга страна, оние кои не дозволуваат нешто да го загрози нивниот однос со Бог, пожнеале големи благослови од Јехова.
Пример за тоа е еден млад човек кој поседувал фирма за декорација на интериери во истиот град спомнат погоре. Само неколку месеци откако почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, се соочил со предизвикувачка понуда — да изврши реновирање во вредност од 30.000 долари. Меѓутоа, во тоа требало да биде вклучено избегнување на градежните прописи и регулативи за да „смати“ некакви незаконски градби. Бидејќи научил дека христијаните мораат да бидат послушни на законот, увидел дека прифаќањето на таа работа би можело да значи губење на Божјата милост (Римјаните 13:1, 2). Откако внимателно ги одмерил фактите, ја одбил работата. Со каков исход? Ваквата постапка на вера се покажала како пресвртница во неговиот духовен напредок. За само една година напредувал до предание и крштение. Ја продал фирмата и добил работа која му овозможувала многу повеќе време за духовни работи. Сега му служи на Јехова радосно и ревно.
Обајцата млади луѓе го пресметале трошокот. Во што се разликувал нивниот избор? Во божествената мудрост! Како тоа? Мудроста е способност да се употреби спознанието на начин кој обично донесува трајни користи, а божествена мудрост значи да се употреби спознанието во склад со Божјата намера за нас. Иако обајцата имале извесно библиско спознание, нивната примена на тоа спознание довела до различни резултати. Книгата Изреки вели: „Кога мудроста ќе влезе во твоето срце и спознанието ѝ омили на твојата душа, мисловната способност е таа што ќе биде над тебе, способноста за разликување ќе те чува за да те избави од лошиот пат“ (Изреки 2:10-12, NW).
Божјата Реч, Библијата, е изворот на вистинска мудрост кон која секогаш можеш да се обратиш за водство кога мораш да донесеш важна одлука. Наместо да бидеш мудар во свои сопствени очи, следи го советот: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце, и не потпирај се на својот сопствен разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој самиот ќе ги исправи твоите патеки“ (Изреки 3:5, 6, NW). Мораме да бидеме понизни и спремни да бидеме поучени, и да го избегнуваме тврдоглавиот и независен светски дух кој денес толку преовладува.
Да, не можеме да избегнеме да го ожнееме она што сме го посеале, и праведно е и фер што мораме да ги носиме последиците од одлуките и изборите што ги правиме (Галатјаните 6:7, 8). Затоа, пресметај го трошокот пред секој потфат. Не дозволувај каква и да е привидна корист да ти ја украде духовноста или твојот однос со Јехова Бог. Моли се за мудрост и здраво расудување за да донесеш исправни одлуки, затоа што одлуките кои ги донесуваш сега, можат да значат разлика помеѓу живот и смрт — и тоа за вечно! (Спореди 5. Мојсеева 30:19, 20.)
[Слики на страница 28]
Дали на прво место во својот живот ќе ги стави духовните активности или световната кариера?