Четврто поглавје
Како можеш да водиш домаќинство?
1. Зошто денес може да биде толку тешко да се води домаќинство?
„СЕ МЕНУВА обликот на овој свет“ (1. Коринтјаните 7:31). Овие зборови биле напишани пред повеќе од 1.900 години, а колку само се вистинити и денес! Работите се менуваат, особено кога станува збор за семејниот живот. Она што се сметало за нормално или традиционално пред 40 или 50 години, честопати не е прифатливо денес. Поради ова, успешното водење на домаќинството може да донесе огромни предизвици. Па сепак, ако го следиш библискиот совет, ќе можеш да се соочиш со овие предизвици.
ЖИВЕЈ ВО ГРАНИЦИТЕ НА СВОИТЕ МОЖНОСТИ
2. Кои економски околности предизвикуваат стрес во семејството?
2 Денес многу луѓе повеќе не се задоволни со едноставен живот кој е свртен кон семејството. Додека комерцијалниот свет произведува сѐ повеќе производи и ја користи својата умешност за рекламирање со цел да ја намами јавноста, милиони татковци и мајки минуваат многу часови на работа за да можат да ги купат тие производи. Други милиони се соочуваат со секојдневната борба да донесат барем малку храна на масата. Тие мораат да работат многу повеќе време отколку што беше случај порано, можеби дури и на две работни места, само за да ги платат неопходните работи. Други, пак, би биле среќни да најдат работа бидејќи невработеноста е раширен проблем. Да, за современото семејство животот не е секогаш лесен, но библиските начела можат да им помогнат на семејствата да го сторат најдоброто што го можат во својата ситуација.
3. Кое начело го објаснил апостол Павле, и на кој начин неговото применување ќе помогне успешно да се води домаќинството?
3 Апостол Павле доживувал економски притисоци. Додека се справувал со нив, тој научил една вредна лекција што ја објаснува во писмото до својот пријател Тимотеј. Павле пишува: „Ништо не сме донеле на светов, јасно е дека не можеме и ништо да однесеме. Но кога имаме храна и облека, со тоа да бидеме задоволни“ (1. Тимотеј 6:7, 8). Навистина, на семејството му е потребно нешто повеќе отколку само храна и облека. Тоа треба некаде да живее. На децата им е потребно образование, а тука се и лекарските сметки и многу други трошоци. Па сепак, сѐ уште важи начелото од Павловите зборови. Ако сме задоволни со тоа што ќе ги исполнуваме нашите потреби наместо да им угодуваме на нашите желби, тогаш животот ќе ни биде полесен.
4, 5. Како може промисленоста и планирањето да помогнат во водењето на домаќинството?
4 Уште едно корисно начело се наоѓа во една од Исусовите илустрации. Тој рекол: „Кој од вас, сакајќи да соѕида кула, не ќе седне најнапред да направи сметка колку ќе чини и дали има сѐ, што е потребно за нејзиното довршување“ (Лука 14:28). Овде Исус зборува за промисленост, за планирање однапред. Во едно претходно поглавје видовме на кој начин ова помага кога една млада двојка размислува да стапи во брак. Но, тоа е од помош и после венчавката, при водењето на домаќинството. На ова подрачје, да се промислува значи да се пресметуваат трошоците и расходите, да се планира однапред за да се искористат најмудро што може средствата што стојат на располагање. На овој начин семејството може да ги контролира трошоците, то ест, да одвојува пари за неопходните работи во денот или во седмицата — а не да живее надвор од границите на своите можности.
5 Во некои земји, таквото планско трошење може да значи дека ќе мора да ѝ се одолее на силната желба да се купуваат непотребни работи за чија цел се зема заем со високи камати. Кај други, пак, тоа можеби значи строго да се контролира употребата на кредитни картички (Изреки 22:7). Тоа би можело да значи и да се одолее на поривот за трошење — да се купува нешто импулсивно, без да се размисли за потребите и за последиците. Понатаму, планското трошење јасно ќе покаже дека себичното трошење пари на коцкање, на тутун и на прекумерно пиење ѝ штети на семејната економска состојба, а исто така тоа е спротивно и на библиските начела (Изреки 23:20, 21, 29—35; Римјаните 6:19; Ефесјаните 5:3—5).
6. Кои библиски вистини им помагаат на оние кои мораат да живеат во сиромаштија?
6 Но, што е со оние кои се присилени да живеат во сиромаштија? Како прво, тие можат да бидат утешени од сознанието дека овој проблем кој е раширен насекаде е само привремен. Во новиот свет кој брзо се приближува, Јехова ќе ја отстрани сиромаштијата заедно со сите други зла кои го доведуваат човештвото до беда (Псалм 71:1, 12—16). Во меѓувреме, вистинските христијани, дури и да се многу сиромашни, не се потполно очајни бидејќи имаат доверба во Јеховиното ветување: „Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам“. Значи, еден верник со доверба може да рече: „Господ ми е помошник, и нема да се уплашам“ (Евреите 13:5, 6). Во овие тешки денови, Јехова на многу начини ги поддржува своите обожаватели кога тие живеат според неговите начела и кога во својот живот најнапред го ставаат неговото Царство (Матеј 6:33). Голем број од нив можат да посведочат за тоа со зборовите на апостол Павле: „Во сѐ и во сите околности ја научив тајната и да бидам сит и да гладувам, и да имам во изобилство и да трпам недостиг. За сѐ имам сила преку оној кој ми дава моќ“ (Филипјаните 4:12, 13, НС).
ДА СЕ ПОДЕЛИ ТОВАРОТ
7. Кои Исусови зборови, доколку се применат, ќе помогнат во успешното водење на домаќинството?
7 Кон крајот на својата служба на Земјата, Исус рекол: „Возљуби го својот ближен како себеси“ (Матеј 22:39). Доколку овој совет се применува во семејството, тогаш тој ќе биде од огромна помош во водењето на домаќинството. На крајот на краиштата, кои се нашите најблиски, најдраги ближни ако не оние кои се од нашето семејство — сопрузите, сопругите, родителите и децата? Како можат членовите на семејството да покажуваат љубов еден кон друг?
8. На кој начин во семејството може да се изрази љубов?
8 Еден начин е секој член на семејството да го даде својот дел во секојдневните домаќински работи. Според тоа, децата треба да бидат поучени да ги враќаат работите на место откако ги употребиле, сеедно дали станува збор за облека или за играчки. Можеби ќе треба време и напор за да се раздигнува креветот секое утро, но тоа е од голема помош во водењето на домаќинството. Се разбира, некаков мал, привремен неред е неизбежен, но сите заеднички можат да работат на тоа да го одржуваат домот уреден во разумни граници, како и да раздигнуваат после оброците. Мрзливоста, самоугодувањето и духот на безволност и колебливост негативно влијаат врз секого (Изреки 26:14—16). Од друга страна, пак, духот на веселост и на спремност придонесува за среќен семеен живот. „Бог го сака радосниот дарител“ (2. Коринтјаните 9:7, НС).
9, 10. а) Каков товар честопати лежи врз домаќинката, и како може да ѝ биде олеснет? б) Какво урамнотежено гледиште за домашните работи е предложено?
9 Обѕирноста и љубовта ќе помогнат да се спречи една ситуација која во некои домови претставува сериозен проблем. Традиционално, мајките биле стожер во домашниот живот. Тие се грижеле за децата, ја чистеле куќата, переле за семејството, купувале и готвеле. Во некои земји жените по обичај работеле на нивите, продавале производи на пазар или на некои други начини придонесувале за семејниот буџет. Дури и онаму каде што ова порано не било обичај, потребата принудила милиони жени кои се во брак да бараат вработување надвор од домот. Жената која како сопруга и мајка напорно работи на овие различни подрачја, заслужува пофалба. Како ‚способната жена‘ (НС) што е опишана во Библијата, нејзините денови се исполнети со работа. Таа „не јаде леб во леност“ (Изреки 31:10, 27). Меѓутоа, ова не значи дека жената е единствената која умее да работи во домот. Откако мажот и жената работеле цел ден надвор од домот, зарем само жената треба да го носи товарот на работата во куќата додека нејзиниот сопруг и другите од семејството се одмараат? Секако дека не. (Спореди 2. Коринтјаните 8:13, 14.) На пример, ако мајката подготвува оброк, таа можеби ќе биде благодарна доколку другите членови од семејството помогнат во подготовката со тоа што ќе ја постават масата, ќе купат нешто или ќе раздигнат малку низ куќата. Да, сите можат да ја поделат одговорноста. (Спореди Галатјаните 6:2.)
10 Некои можеби ќе речат: „Онаму каде што живеам јас, мажот не извршува такви работи“. Тоа можеби е точно, но зарем не би било добро да се размисли малку за ова? Кога Јехова Бог го основал семејството, тој не дал заповед извесни работи да ги извршува само жената. Во една прилика, кога верниот човек Авраам го посетиле посебни гласници од Јехова, тој лично учествувал во подготовката и во послужувањето на оброкот за посетителите (1. Мојсеева 18:1—8). Библијата советува: „Мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела“ (Ефесјаните 5:28). Ако на крајот од денот сопругот е уморен и сака да се одмори, зарем не е веројатно дека тоа е случај и со сопругата, а можеби дури и уште повеќе? (1. Петрово 3:7). Според тоа, зарем не би било соодветно и зарем не би било израз на љубов од страна на сопругот ако помага дома? (Филипјаните 2:3, 4).
11. На кој начин Исус дал добар пример за секој член на домаќинството?
11 Исус е најдобар пример на оној кој му угодил на Бог и кој ги направил среќни своите придружници. Иако никогаш не се оженил, Исус е добар пример како за сопрузите така и за сопругите и децата. За себе тој рекол: „Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи“, то ест да им служи на другите (Матеј 20:28). Колку се прекрасни оние семејства во кои сите членови негуваат таков став!
ЧИСТОТАТА — ЗОШТО Е ТОЛКУ ВАЖНА?
12. Што бара Јехова од оние кои му служат?
12 Уште едно библиско начело кое може да помогне во водењето на домаќинството се наоѓа во 2. Коринтјаните 7:1. Таму читаме: „Да се очистиме од секаква скверност [валканост, НС] на телото и на духот“. Оние кои се послушни на овие инспирирани зборови, прифатливи му се на Јехова, којшто бара ‚обожавање кое е чисто и неизвалкано‘ (Јаков 1:27, НС). Исто така, и нивните домаќинства добиваат благослови кои произлегуваат од тоа.
13. Зошто чистотата е важна во водењето на домаќинството?
13 На пример, Библијата нѐ уверува дека ќе дојде ден кога повеќе нема да има зарази и болести. Во тоа време „ниеден од жителите нема да каже: ‚болен сум‘ “ (Исаија 33:24; Откровение 21:4, 5). Меѓутоа, дотогаш секое семејство мора одвреме навреме да се соочува со болести. Дури и Павле и Тимотеј се разболувале (Галатјаните 4:13; 1. Тимотеј 5:23). Сепак, стручњаците од областа на медицината велат дека многу болести можат да се спречат. Мудрите семејства ќе се заштитат од некои такви болести ако избегнуваат телесна и духовна нечистота. Да разгледаме на кој начин. (Спореди Изреки 22:3.)
14. На кој начин моралната чистота може да го заштити семејството од болести?
14 Чистотата на духот вклучува морална чистота. Како што е добро познато, Библијата унапредува високи морални мерила и осудува секаков вид сексуална интимност надвор од бракот. „Ни блудниците, . . . ни прељубодејците, ниту ракоблудците, ни мажеложниците . . . нема да го наследат царството Божјо“ (1. Коринтјаните 6:9, 10). За христијаните кои живеат во денешниов изопачен свет, многу е важно да се придржуваат кон овие строги мерила. Таквото постапување му е угодно на Бог, а освен тоа му помага и на семејството да се заштити од сексуално преносливи болести како што се СИДА-та, сифилисот, гонореата и хламидијата (Изреки 7:10—23).
15. Дај пример за тоа како недостигот на физичка чистота може да предизвика непотребни болести.
15 ,Очистувањето од секаква валканост на телото‘ го заштитува семејството и од други болести. Многу болести се предизвикани поради недостиг на физичка чистота. Најдобар пример за тоа е навиката на пушење. Не само што пушењето ги загадува белите дробови, облеката и самиот воздух туку тоа ги разболува и луѓето. Секоја година умираат милиони луѓе поради тоа што пушеле. Размисли за ова — да ја избегнеле таа „валканост на телото“, секоја година не би се разболеле и не би умреле предвреме милиони луѓе.
16, 17. а) Кој закон што го дал Јехова ги заштитил Израелците од некои болести? б) Како може начелото што стои зад 5. Мојсеева 23:12, 13 да се примени во сите домаќинства?
16 Разгледај уште еден пример. Пред околу 3.500 години, Бог му го дал на Израел својот Закон со цел да го организира нивното обожавање и, до одреден степен, нивниот секојдневен живот. Тој Закон ѝ помогнал на нацијата да се заштити од болести со тоа што вовел некои основни правила за хигиена. Еден таков закон се однесувал на отстранувањето на човечкиот измет, кој требало да биде прописно закопан надвор од логорот за да не биде загадено подрачјето каде што живееле луѓе (5. Мојсеева 23:12, 13). Тој древен закон сѐ уште претставува добар совет. Дури и денес луѓето се разболуваат и умираат затоа што не го следат.a
17 Во согласност со начелото што стои зад тој израелски закон, семејната бања и тоалетот — сеедно дали се наоѓаат внатре или надвор од живеалиштето — треба да се одржуваат чисти и дезинфицирани. Ако тоалетот не се одржува чист и покриен, таму ќе се собираат муви кои ќе шират микроби на другите места од домот — како и врз храната што ја јадеме! Освен тоа, децата и возрасните треба да си ги измијат рацете по употребата на тоалетот. Во спротивно, тие ќе понесат микроби на својата кожа. Според една француска лекарка, миењето раце „сѐ уште е една од најдобрите гаранции за заштита од некои дигестивни, респираторни или кожни инфекции“.
18, 19. Кои предлози се дадени за да се одржи чистота во куќата дури и во една сиромашна средина?
18 Точно е дека во сиромашната средина чистотата претставува предизвик. Некој кој познава такви места објаснил: „Поради неподносливо жешката клима, чистењето е двојно потешко. Луњите од прашина нанесуваат ситен, кафеав прав врз секој отвор од куќата . . . Населението кое никнува во градовите, како и во некои селски подрачја, исто така создава опасности за здравјето. Отворените одводни канали, куповите неисфрлени отпадоци, гнасните заеднички клозети, стаорците кои пренесуваат болести, како и лебарките и мувите, станале вообичаени глетки“.
19 Тешко е да се одржува чистота под вакви услови. Па сепак, вреди да се вложи труд. Сапунот и водата, како и малку повеќе работа, чинат поефтино отколку лековите и сметките за болница. Ако живееш во таква околина, колку што можеш одржувај ја својата куќа и двориштето чисти и без животински измет. Ако патот до твојот дом станува каллив во текот на дождливите периоди, можеш ли да посипеш чакал или камења за да не внесеш кал во куќата? Ако се користат чевли или сандали, може ли оној што ги носи да ги собуе пред да влезе дома? Исто така, мора да внимаваш да не се загади доводот на вода. Се проценува дека најмалку два милиона смртни случаи секоја година се должат на болести кои се поврзани со нечиста вода и слаба санитарна заштита.
20. За да се одржи чистота во куќата, кој сѐ мора да ја подели одговорноста?
20 Чистотата во домот зависи од секого — од мајката, од таткото, од децата и од посетителите. Една мајка на осум деца, од Кенија, рекла: „Сите научија да го даваат својот дел“. Чистиот и уреден дом се одразува добро на целото семејство. Една шпанска поговорка гласи: „Меѓу сиромаштијата и чистотата нема караница“. Без оглед дали некој живее во дворец, во стан, во скромен дом или во колиба, чистотата е клуч за поздраво семејство.
ОХРАБРУВАЊЕТО НЀ ПОТТИКНУВА
21. Во согласност со Изреки 31:28, што ќе придонесе за среќата во домаќинството?
21 Кога дискутира за една способна жена, книгата Изреки вели: „Стануваат децата и ја ублажуваат, — мажот, и тој ја фали“ (Изреки 31:28). Кога последен пат си пофалил некого од твоето семејство? Навистина, ние сме како билките в пролет, спремни да процветаат кога ќе добијат малку топлина и влага. Во нашиов случај, нам ни е потребна топлината на пофалбата. За сопругата е од помош кога знае дека сопругот ја цени нејзината напорна работа и грижата полна со љубов и дека тој не ја сфаќа како нешто само по себе разбирливо (Изреки 15:23, НС; 25:11). Исто така, убаво е кога и сопругата го пофалува својот сопруг за неговата работа надвор од домот и во домот. И децата цветаат кога родителите ги фалат за нивниот труд дома, на училиште или во христијанското собрание. Колку само може да направи една мала благодарност! Колку ќе чини да се рече: „Ти благодарам“? Многу малку, но добивката во семејната атмосфера може да биде огромна.
22. Што е потребно за да ‚се зацврсти‘ едно домаќинство, и како може да се постигне тоа?
22 Од многу причини не е баш лесно да се води домаќинство. Па сепак, тоа може да се стори со успех. Една библиска изрека вели: „Со мудрост куќа се изградува и со разум се зацврстува“ (Изреки 24:3). Мудроста и разумноста ќе можат да се стекнат доколку сите во семејството се трудат да научат која е Божјата волја и да ја применуваат во својот живот. Сигурно дека за да се создаде едно среќно семејство, вреди да се вложи труд!
[Фуснота]
a Во еден прирачник за совети како да се избегне дијареата — вообичаена болест која е причина за смрт на многу деца — Светската здравствена организација наведува: „Ако нема септичка јама, тогаш нуждата да се изврши подалеку од куќата и од местата каде што си играат децата, како и најмалку 10 метри од доводот на вода; фекалиите да се покријат со земја“.
КАКО МОЖАТ ОВИЕ БИБЛИСКИ НАЧЕЛА ДА МУ ПОМОГНАТ . . . НА ЕДНО СЕМЕЈСТВО ДА ГО ВОДИ СВОЕТО ДОМАЌИНСТВО?
Мудро е да се биде задоволен со она што е неопходно за живот (1. Тимотеј 6:7, 8).
Јехова нема да ги напушти оние кои му служат (Евреите 13:5, 6).
Љубовта кон другите е истакната христијанска особина (Матеј 22:39).
Христијаните одржуваат чистота на телото и на духот (2. Коринтјаните 7:1).
[Рамка на страница 45]
ЧИСТА ВОДА, ДОБРО ЗДРАВЈЕ
Светската здравствена организација дава некои практични предлози за луѓето во оние земји каде што можеби е тешко да се добие чиста вода и каде што санитарните услови се примитивни.
„Водата за пиење собирајте ја и чувајте ја во чисти садови. Садот за складирање чувајте го покриен и не дозволувајте од него да пијат децата или животните . . . Земајте вода само со црпалка со долга дршка што ја имате само за таа цел. Садот празнете го и плакнете го секој ден.
Вријте ја водата што ќе се користи за подготвување храна или пијалаци за малите деца . . . Водата треба да врие само неколку секунди.“
[Слики на страница 42]
Грижата за домаќинството е семеен проект
[Слика на страница 47]
Поефтино е да се одржува чистота отколку да се купуваат лекови