Дали си верен во сѐ?
„Кој е верен во најмалото, верен е и во многу“ (ЛУКА 16:10).
1. Меѓу другото, во кој поглед Јехова е верен?
СИ ЗАБЕЛЕЖАЛ ЛИ некогаш што се случува со сенката на едно дрво што паѓа на земја како што одминува денот? Па, сенката постојано ги менува должината и правецот! Човечките потфати и ветувања честопати се непостојани како сенка. Но, Јехова Бог не се менува како што минува времето. Нарекувајќи го „Таткото на небесните светла“, ученикот Јаков вели: „Кај него нема промена во вртењето на сенката“ (Јаков 1:17). Јехова е непроменлив и постојан, дури и во најмалите работи. Тој е „верен Бог“ (Второзаконие 32:4).
2. а) Зошто треба да се преиспитаме за да видиме дали сме верни? б) Кои прашања во врска со верноста ќе ги разгледаме?
2 Како гледа Бог на постојаноста на оние што го обожаваат? Исто како Давид, кој за нив рекол: „Погледот го свртувам кон верните на земјата, за да живеат со мене. Кој оди по прав пат, тој ќе ми служи“ (Псалм 101:6). Да, Јехова се радува кога неговите слуги се верни. Со добра причина, апостол Павле напишал: „Она што се бара . . . од настојниците е човек да се најде верен“ (1. Коринќаните 4:2). Што значи тоа да се биде верен? На кои полиња од животот треба да постапуваме верно? Како ќе бидат наградени оние што ‚одат по прав пат‘?
Што значи да се биде верен
3. По што се гледа дали сме верни?
3 „Мојсеј како слуга беше верен“, стои во Евреите 3:5. Зошто може да се рече дека пророкот Мојсеј бил верен? Кога се правел и кога се поставувал светиот шатор, ‚Мојсеј направил така, како што му заповедал Господ, сѐ така направил‘ (Излез 40:16). Како обожаватели на Јехова, покажуваме дека сме верни со тоа што послушно му служиме. Ова сигурно вклучува да му останеме лојални на Јехова додека се соочуваме со тешки испити или со тешки искушенија. Меѓутоа, тоа што успешно ќе се справиме со такви големи испити не е единствениот фактор по кој се гледа дали сме верни. „Кој е верен во најмалото, верен е и во многу“, рекол Исус, „а кој е неправеден во најмалото, неправеден е и во многу“ (Лука 16:10). Мораме да останеме верни дури и во навидум мали работи.
4, 5. Што открива тоа што ќе бидеме верни „во најмалото“?
4 Од две причини е важно секој ден да бидеме послушни „во најмалото“. Прво, тоа открива како гледаме на Јеховиното право да владее. Помисли на испитот на лојалност на кој се нашле првите луѓе, Адам и Ева. Воопшто не било тешко да го исполнат тоа барање. Тие можеле да земат од секој плод од градината Еден, но не требало да ги јадат плодовите само од едно дрво — „дрвото за познавање на доброто и злото“ (Битие 2:16, 17). Со тоа што верно ќе ја послушале таа едноставна заповед, првите маж и жена ќе покажеле дека сакале Јехова да владее со нив. Со тоа што ќе ги следиме Јеховините упатства во нашиот секојдневен живот, ќе покажеме дека сме на страната на Јехова во спорното прашање за неговото право да владее.
5 Второ, начинот на кој постапуваме „во најмалото“ влијае врз тоа како ќе реагираме и „во многу“, односно кога ќе се соочиме со посериозни работи во животот. Во врска со ова, да видиме што се случило со Даниел и неговите тројца другари, верните Евреи Ананија, Мисаил и Азариј. Тие биле одведени во ропство во Вавилон во 617 година пр.н.е. Додека сѐ уште биле многу млади, веројатно во своите тинејџерски години, четворицата биле одведени во дворот на цар Навуходоносор. Таму им било ‚одредено дневно следување од царските јадења и од виното од неговиот стол, да ги воспитуваат три години, а потоа да стојат пред царот‘ (Даниел 1:3-5).
6. На каков испит се нашле Даниел и неговите тројца другари Евреи во царскиот двор во Вавилон?
6 Меѓутоа, храната што им ја дал вавилонскиот цар претставувала проблем за четворицата млади Евреи. Во вкусните јадења на царот најверојатно имало и храна што била забранета според Мојсеевиот закон (Второзаконие 14:3-20). Закланите животни можеби не биле оставени да искрвават како што треба, а со јадењето такво месо би го прекршиле Божјиот закон (Второзаконие 12:23-25). Таа храна можеби била принесена и на идоли, како што било обичај меѓу обожавателите во Вавилон пред да ја јадат на заеднички оброк.
7. Што покажала послушноста на Даниел и неговите тројца пријатели?
7 Без сомнение, на сите што биле на дворот на вавилонскиот цар, ограничувањата во врска со храната не им изгледале како нешто многу битно. Меѓутоа, Даниел и неговите пријатели биле одлучни во своите срца да не се онечистуваат со храна што била забранета со Законот што Бог му го дал на Израел. Се работело за нивната лојалност и верност на Бог. Затоа, побарале да добијат за јадење зеленчук и вода, и тие им биле дадени (Даниел 1:9-14). На некои луѓе денес можеби им изгледа неважно она што го направиле тие тројца млади луѓе. Меѓутоа, со тоа што му биле послушни на Бог, покажале каде стојат во спорното прашање во врска со Јеховиното право да владее.
8. а) Со кој пресуден испит на лојалноста се соочиле тројцата Евреи? б) Каков бил исходот од тој испит, и што покажува тоа?
8 Тоа што останале верни во она што изгледало неважно, ги подготвило тројцата пријатели на Даниел да се справат со едно поголемо искушение. Сврти кај 3. поглавје од библиската книга на Даниел и прочитај како тројцата Евреи се соочиле со смртна казна поради тоа што одбиле да го обожаваат златниот кип што го подигнал цар Навуходоносор. Кога биле изведени пред царот, тие со увереност ја изнеле својата решеност: „Нашиот Бог Кому Му служиме може да нѐ избави од вжарената печка и од твојата рака, цару; Тој и ќе нѐ избави. Но ако тоа и не го направи знај, о цару: ние нема да им служиме на твоите богови, ниту ќе му се поклониме на кипот што си го подигнал“ (Даниел 3:17, 18). Дали Јехова ги спасил? Чуварите што ги фрлиле младите луѓе во огнената печка загинале, но тројцата верни Евреи излегле живи — не биле дури ни изгорени од топлината на печката! Тоа што секогаш постапувале верно им помогнало да бидат подготвени да останат верни и во тој пресуден испит. Зар ова не покажува колку е важно да бидеме верни во мали работи?
Верни во поглед на „неправедното богатство“
9. Во која прилика Исус ги кажал зборовите од Лука 16:10?
9 Пред да го наведе начелото дека оној што е верен во навидум мали работи е верен и во поважните работи, Исус ги посоветувал оние што го слушале: „Направете си пријатели со помош на неправедното богатство, па кога тоа ќе затаи, да ве примат во вечните живеалишта“. Потоа зборувал за верноста во најмалото. Тогаш Исус рекол: „Според тоа, ако не сте се покажале верни во врска со неправедното богатство, кој ќе ви го довери она што е вистинско? . . Ниеден куќен слуга не може да им биде роб на двајца господари; зашто, или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го сака, или ќе се прилепи кон едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да им бидете робови на Бог и на Богатството“ (Лука 16:9-13).
10. Како можеме да покажеме дека сме верни во употребата на „неправедното богатство“?
10 Според контекстот, Исусовите зборови од Лука 16:10 се однесувале на користењето на „неправедното богатство“, нашите материјални средства и поседи. Тие се наречени неправедни затоа што материјалното богатство — особено парите — е во рацете на грешните луѓе. Освен тоа, желбата да се стекне богатство може да води до неправедно постапување. Покажуваме дека сме верни со тоа што мудро ги користиме нашите материјални поседи. Наместо да ги користиме за себични цели, сакаме да ги користиме за да се шират интересите на Царството и за да им помагаме на оние што се во неволја. Со тоа што сме верни во тој поглед, се спријателуваме со Јехова Бог и со Исус Христос, кои ги имаат „вечните живеалишта“. Тие ќе нѐ примат во овие живеалишта, давајќи ни вечен живот или на небото или во Рајот на Земјата.
11. Зошто не треба да се стегаме да им објасниме на станарите дека прифаќаме прилози за светското дело што го извршуваат Јеховините сведоци?
11 Размисли и за она што им го даваме на луѓето на кои им оставаме Библија или библиска литература кога ја објавуваме пораката за Царството и им објаснуваме дека прифаќаме прилози за светското дело што го извршува Јеховиниот народ. Зар не им даваме прилика мудро да ги користат своите материјални средства? Иако зборовите од Лука 16:10 се однесуваат на користењето на материјалните средства, начелото што е наведено таму важи и за други полиња од животот.
Многу е важно да бидеме чесни
12, 13. На кои полиња можеме да покажеме чесност?
12 Апостол Павле напишал: „Уверени [сме] дека имаме чесна совест, зашто во сѐ сакаме да се однесуваме чесно“ (Евреите 13:18). Тоа „сѐ“ сигурно ги вклучува сите работи што се поврзани со распределбата на финансиските средства. Своите долгови и даноци ги плаќаме веднаш и чесно. Зошто? Заради нашата совест и пред сѐ затоа што го сакаме Бог и ги слушаме неговите упатства (Римјаните 13:5, 6). Како реагираме кога ќе најдеме нешто што не е наше? Го враќаме на сопственикот. Колку убаво сведоштво можеме да дадеме кога објаснуваме што нѐ натерало да му го вратиме тоа на сопственикот!
13 Да бидеме верни и чесни во сѐ значи да бидеме чесни и на нашето работно место. Чесноста во работните навики свртува внимание на тоа каков е Богот што го претставуваме. Не „крадеме“ време со нашата мрзливост. Напротив, напорно работиме, како за Јехова (Ефешаните 4:28; Колошаните 3:23). Според проценките направени во една европска земја, една третина од вработените што бараат лекарско боледување се служат со измама. Вистинските Божји слуги не измислуваат изговори за да не појдат на работа. Понекогаш, Јеховините сведоци добиваат унапредување на работното место затоа што газдите гледаат дека се чесни и вредни (Пословици 10:4).
Верни во нашата христијанска служба
14, 15. Кои се некои начини на кои можеме да бидеме верни во христијанската служба?
14 Како покажуваме верност во службата што ни е доверена? „Секогаш да му принесуваме на Бог жртва на фалба“, пишува во Библијата, „односно плод на усните кои даваат јавна изјава за неговото име“ (Евреите 13:15). Најважен начин да покажеме верност во службата на теренот е редовно да учествуваме во неа. Зошто да дозволиме да ни помине некој месец без да сведочиме за Јехова и за неговата намера? Редовното учество во проповедничкото дело исто така ни помага да станеме уште повешти.
15 Друг добар начин да покажеме верност во службата на теренот е да ги применуваме предлозите што се наоѓаат во Стражарска кула и во Наша служба за Царството. Кога ги подготвуваме и ги користиме предложените презентации или други реалистични презентации, зар не увидуваме дека нашата служба е поделотворна? Кога ќе сретнеме некој што покажува интерес за пораката за Царството, дали веднаш го следиме интересот? И што е со заинтересираните лица со кои ќе почнеме да ја проучуваме Библијата? Дали редовно и верно се грижиме за нив? Тоа што ќе бидеме верни во службата може да значи живот за нас и за оние што нѐ слушаат (1. Тимотеј 4:15, 16).
Да останеме одвоени од светот
16, 17. Како можеме да покажеме дека сме одвоени од светот?
16 Кога му се молел на Бог, Исус го рекол следново за своите следбеници: „Јас им ја дадов твојата реч, а светот ги замрази, бидејќи не се дел од светот, како што јас не сум дел од светот. Не те молам да ги земеш од светот, туку да ги чуваш поради злобниот. Тие не се дел од светот, како што ни јас не сум дел од светот“ (Јован 17:14-16). Можеби сме цврсти и решени да останеме одвоени од светот во големи спорни прашања, како што се неутралноста, верските празници и обичаи, и неморалот. Но, што е со помалите работи? Дали можеби дури и без да сме свесни за тоа, врз нас влијае размислувањето на светот? На пример, ако не сме внимателни, толку е лесно да почнеме да се облекуваме непристојно и неумесно! За да бидеме верни, потребни ни се „скромност и здрави мисли“ во облекувањето и дотерувањето (1. Тимотеј 2:9, 10). Да, „на никаков начин не даваме каков и да е повод за спрепнување, за да не ѝ се најде маана на нашата служба; туку во сѐ се препорачуваме како Божји министри“ (2. Коринќаните 6:3, 4).
17 Од желба да му оддадеме чест на Јехова, се облекуваме пристојно за нашите собраниски состаноци. Истото важи и кога се собираме во голем број на нашите собири и конгреси. Нашата облека мора да биде практична и претставителна. Ова служи како сведоштво за другите што нѐ гледаат. Дури и ангелите гледаат што правиме, како што ги гледале Павле и христијаните што биле со него (1. Коринќаните 4:9). Всушност, секогаш треба да бидеме соодветно облечени. На некои можеби им се чини дека е мала работа да се биде верен во изборот на облекувањето, но во Божји очи тоа е важна работа.
Благослови ако бидеме верни
18, 19. Какви благослови ќе имаме ако бидеме верни?
18 За вистинските христијани се вели дека се „одлични настојници на Божјата незаслужена љубезност која се изразува на разни начини“. Како такви, тие ‚се зависни од силата што ја дава Бог‘ (1. Петрово 4:10, 11). Освен тоа, како настојници, нам ни е доверено нешто што не е наше — работи од кои се гледа Божјата незаслужена љубезност, вклучувајќи ја и службата. Покажуваме дека сме добри настојници кога се потпираме на силата што ни ја дава Бог, „силата која ја надминува нормалната“ (2. Коринќаните 4:7). Колку убава обука што ќе ни помогне да се соочиме со какви и да се искушенија што може да ги донесе иднината!
19 Псалмистот во песна рекол: „Љубете Го Господа сите Негови свети; Господ ги чува Своите верни“ (Псалм 31:23). Да бидеме одлучни да останеме верни, потполно уверени дека Јехова е „Спасител на сите видови луѓе, особено на верните“ (1. Тимотеј 4:10).
Се сеќаваш ли?
• Зошто треба да бидеме ‚верни во најмалото‘?
• Како можеме да бидеме верни
во поглед на чесноста?
во службата?
во тоа што ќе останеме одвоени од светот?
[Слики на страница 26]
Верни во најмалото; верни и во големото
[Слика на страница 29]
‚Однесувајте се чесно во сѐ‘
[Слика на страница 29]
Еден убав начин да покажеме дека сме верни е добро да се подготвуваме за службата на теренот
[Слика на страница 30]
Биди скромен во облекувањето и дотерувањето