Чуда што ги гледаш со свои очи!
ВТОРОТО значење на зборот „чудо“ е: „Извонреден и крајно необичен настан, работа или достигнување“. Сите ние сме биле сведоци на ваков вид чуда, чуда во кои немало интервенција од Бог.
Како што го зголемуваат своето познавање на физичките закони што владеат во природата, луѓето успеваат да направат работи што порано ги сметале за невозможни. На пример, пред сто години, повеќето луѓе веројатно мислеле дека се невозможни некои работи што денес за нас се најнормални, а ги имаме благодарение на компјутерите, телевизијата, вселенската технологија и слични современи достигнувања.
Научниците сфаќаат дека само делумно ги познаваат научните чуда што лежат во основата на Божјите творби. Затоа некои од нив признаваат дека веќе не можат со сигурност да тврдат дека нешто е невозможно. Најмногу што си дозволуваат да кажат е дека некоја работа изгледа неверојатна. На тој начин оставаат отворен пат за други „чуда“ во иднина.
Дури и ако го користиме зборот „чудо“ со првото значење, мислејќи на работи што ‚му се припишуваат на натприроден извор‘, пак може да се каже дека секој од нас видел чуда. На пример, го гледаме сонцето, месечината и ѕвездите, а сите тие се производ на „некој натприроден извор“ — на самиот Творец. Освен тоа, кој би можел да даде комплетно детално објаснување за тоа како функционира човечкото тело, како работи мозокот или како се развива човечкиот ембрион? Во книгата The Body Machine (Машината човек) се вели: „Човечкиот организам, кој е управуван и координиран од централниот нервен систем, е комплициран сензорен апарат, автоматска подвижна машина, компјутер што самиот се умножува — сѐ на сѐ, една чудесна и во многу погледи таинствена творба“. Богот што го создал „човечкиот организам“, навистина направил чудо — чудо кое секогаш одново нѐ остава без збор. Освен тоа, си видел и други чуда, но не си гледал така на нив.
Може ли една книга да биде чудо?
Ниедна книга нема толкав тираж како што има Библијата. Дали таа е чудо за тебе? Дали нејзиното постоење може да му се припише на „натприроден извор“? Точно е дека Библијата ја пишувале луѓе, но сите тие тврделе дека ги запишале Божјите мисли, а не сопствените (2. Самоил 23:1, 2; 2. Петрово 1:20, 21). Размисли за момент за ова. Библијата ја пишувале околу 40 лица кои живееле во период од 1.600 години. Овие луѓе имале најразлично потекло — некои биле овчари, некои војници, рибари, државни службеници, доктори, свештеници и цареви. Сепак, сите пренеле една иста порака на надеж која е и точна и вистинита.
Бидејќи внимателно ја проучуваат Библијата, Јеховините сведоци ја прифаќаат, според зборовите на Павле, „не како реч од луѓе туку, како што таа навистина е, како реч Божја“ (1. Солуњаните 2:13). Во нивните публикации низ годините било објаснето како некои наводни контрадикторности во Библијата можат да се ускладат со нејзината целокупна порака. Овој внатрешен склад сам по себе е доказ дека нејзин автор всушност е Бог.a
Освен тоа, ниедна друга книга не била изложена на толкави жестоки обиди да биде уништена. Сепак, таа сѐ уште постои и, макар и делумно, ја има на повеќе од 2.000 јазици. Тоа што до ден-денес е зачувана како книга и тоа што нејзиниот текст останал неизменет е доказ дека Бог интервенирал да биде така. Библијата навистина е право чудо!
Чудо што е ‚живо и врши силно влијание‘
Веќе нема чуда како во минатото — ги нема чудотворните лекувања и воскресенија. Но, имаме причина да веруваме дека во Божјиот претстоен нов свет такви чуда повторно ќе се случуваат, и тоа во светски рамки. Тие ќе донесат трајно олеснување и ќе вклучуваат работи што денес воопшто не можеме ни да ги разбереме.
Библијата, која и самата е чудо, уште денес може да направи нешта рамни на чуда. Таа може да ги мотивира луѓето да станат подобри личности. (Види пример за ова во рамката „Моќта на Божјата реч“, на 8. страница.) Во Евреите 4:12 се вели: „Речта Божја е жива и врши силно влијание и е поостра од кој и да било меч со две сечила и продира дури до разделување на душа и дух, на зглобови и нивната срцевина, и може да ги распознае мислите и намерите на срцето“. Да, со помош на Библијата, над шест милиони луѓе низ целиот свет доживеале вистинска преобразба — таа им помогнала да ја најдат смислата во животот и им дала прекрасна надеж за иднината.
Зошто не ѝ дозволиш на Библијата да направи чудо и во твојот живот?
[Фуснота]
a Ако би сакал да истражуваш повеќе за тоа како овие таканаречени контрадикторности можат да се ускладат, бројни примери би можел да најдеш во 7. поглавје од книгата Библијата — Реч Божја или човечка? издадена од Јеховините сведоци.
[Рамка/слика на страница 7]
ДАЛИ ВЕЌЕ БИЛ МРТОВ ИЛИ СЀ УШТЕ БИЛ ЖИВ?
Според Јован 19:33, 34, Исус веќе бил мртов кога ‚еден од војниците му ја прободел страната со копје, и веднаш излегло крв и вода‘. Меѓутоа, според Матеј 27:49, 50 изгледа дека Исус сѐ уште бил жив кога војникот го направил ова. Зошто има ваква разлика?
Според Мојсеевиот закон, кога некој злосторник бил погубен и обесен на столб, неговото тело не смеело да остане да виси на столбот цела ноќ (Второзаконие 21:22, 23). Затоа, во времето на Исус, ако еден злосторник што бил прикован на столб сѐ уште бил жив на крајот од денот, имало обичај да му ги скршат нозете за побрзо да умре. Така веќе немало да може да се поткрене со нозете и да се исправи за да може да диши како што треба. Фактот што војниците им ги скршиле нозете на двајцата злосторници кои биле приковани до Исус, а не ги скршиле неговите, покажува дека мислеле дека тој е мртов. Најверојатно војникот го прободел за да нема никакво сомнение во ова и за да не се освести подоцна, па да се разгласи дека, всушност, воскреснал.
Во стиховите од Матеј 27:49, 50 се гледа еден поинаков редослед на настаните. Таму стои: „Еден друг зеде копје и му ја прободе страната, и излезе крв и вода. Повторно Исус извика со силен глас и го испушти својот дух“. Меѓутоа, реченицата што е ставена во курзив не се појавува во сите древни библиски ракописи. Многу авторитети сметаат дека таа била додадена подоцна од евангелието по Јован, но дека била внесена на погрешно место. Затоа многу преводи ја ставаат во обични или аглести загради, додаваат објаснение во фуснота или, пак, целосно ја испуштаат.
Основниот текст од Весткот и Хорт (издание на собрани грчки текстови од Новиот завет), кој во голема мера е користен како подлога за Преводот Нов свет, ја става реченицата во двојни аглести загради. Во него стои забелешка дека „постои многу голема веројатност [таа реченица] да била внесена од препишувачите“.
Според тоа, доказите јасно потврдуваат дека редоследот во Јован 19:33, 34 е точен и дека Исус веќе бил мртов кога римскиот војник го прободел со копјето.
[Рамка/слика на страница 8]
МОЌТА НА БОЖЈАТА РЕЧ
Како тинејџер и дете на разведени родители, Детлеф полека отпловил во светот на дрогата, алкохолот и хеви метал музиката.b Станал член на бандата скинхедси, (еден вид неонацистичко движење) и наскоро неговото насилно однесување го довело во судир со полицијата.
Во 1992, во еден бар-ресторан во североисточна Германија, дошло до масовна тепачка меѓу 60 скинхедси и околу 35 панкери. Томас, еден од панкерите, бил толку сурово претепан што им подлегнал на повредите. По судењето, за кое опширно се известувало во медиумите, неколку од водачите, меѓу кои и Детлеф, добиле затворски казни.
Кратко откако бил пуштен од затвор, Детлеф добил еден трактат од Јеховините сведоци. Насловот на тој трактат бил „Зошто во животот има толку многу проблеми?“ Детлеф веднаш сфатил дека она што го прочитал е вистина, и почнал да ја проучува Библијата со Сведоците. Ова потполно го сменило неговиот живот. Од 1996, тој е ревносен Сведок на Јехова.
Зигфрид, поранешен панкер, му бил добар пријател на Томас, младичот што бил убиен во тепачката. И тој подоцна станал Сведок и сега служи како собраниски старешина. Кога Зигфрид имал библиски говор во собранието на Детлеф (по некоја случајност, и мајка му на Томас одвреме навреме оди на состаноци во истото собрание), Детлеф го поканил на ручек. Пред околу десетина години, било скоро невозможно да ја контролираат својата омраза. Денес, нивната братска љубов е очигледна.
Детлеф и Зигфрид со нетрпение очекуваат да го пречекаат Томас, кој ќе биде вратен во живот на рајската Земја. Детлеф вели: „Само кога ќе помислам на ова, очите ми се полнат со солзи. Многу ми е жал за она што сум го правел“. И двајцата имаат желба да му помогнат на Томас тогаш, како што сега им помагаат на други, да го запознае Јехова и да се радува на надежта што ни ја дава Библијата.
Да, Божјата реч навистина е моќна!
[Фуснота]
b Имињата се променети.
[Слика на страница 6]
Човечкото тело е чудо на создавањето
[Извор на слика]
Anatomy Improved and Illustrated, London, 1723, Bernardino Genga