Чуда — факт или измислица?
НА ЕДЕН господин веднаш му паднала во очи една налепница на браникот од колата што поминувала покрај него. На налепницата пишувало: „Чуда навистина се случуваат — прашај ги ангелите“. Иако и самиот бил религиозен, на овој господин не му било баш јасно што сака возачот да каже со ова. Дали ја ставил налепницата за да покаже дека верува во чуда? Или, пак, всушност сакал на ироничен начин да каже дека не верува ни во чуда ни во ангели?
Можеби ќе ти биде интересна една забелешка што ја дал германскиот писател Манфред Бартел: „Чудо е збор што веднаш ги дели читателите на два спротивставени табора“. Оние што веруваат во чуда се убедени дека чуда навистина се случуваат — можеби и често.a На пример, се известува дека во последниве неколку години во Грција, верниците тврделе дека речиси секој месец се случува по едно чудо. Од таа причина, еден епископ на Грчката православна црква бил наведен да го даде следново предупредување: „Верникот е склон да си ги замислува Бог, Марија и светците како луѓе. Верниците не треба да претеруваат во ова“.
Меѓутоа, има и земји каде што луѓето не веруваат толку многу во чуда. Резултатите од една анкета спроведена во Аленсбах (Германија), кои биле објавени во 2002, покажале дека 71 отсто од граѓаните сметале дека чудата се измислица а не факт. Помалку од една третина се изјасниле дека веруваат во чуда. Меѓу нив биле и три жени што тврделе дека добиле порака од Дева Марија. Неколку месеци откако наводно им се јавила Марија — во придружба на ангели и на гулаб — германскиот весник Westfalenpost известил: „Досега околу 50.000 аџии, како и луѓе што бараат исцелување, а и такви што ги води љубопитноста, покажале голем интерес за визиите што ги виделе жените“. Се очекувало во селото да пристигнат уште 10.000 други да ја видат Марија — во случај пак да се појави. Слични јавувања на Дева Марија наводно имало во Лурд (Франција) во 1858, и во Фатима (Португалија) во 1917.
Како стојат работите во нехристијанските религии?
Скоро во секоја религија се верува во чуда. The Encyclopedia of Religion објаснува дека основачите на будизмот, христијанството и исламот имале различни гледишта во врска со чудата, но забележува: „Подоцнежната историја на овие религии непогрешливо покажува дека чудата, како и приказните за чуда, биле составен дел од религиозниот живот на човекот“. Ова дело вели дека „и самиот Буда понекогаш правел чуда“. Подоцна, кога „будизмот бил пренесен и во Кина, мисионерите што го ширеле честопати ја покажувале својата чудотворна моќ“.
Откако спомнува неколку од тие таканаречени чуда, оваа енциклопедија заклучува: „Можеби има луѓе што не се спремни да ги прифатат сите овие приказни за чуда кои ги изнесуваат побожните биографи. Но, без сомнение, тие биле измислени со добра намера — да се прослави Буда, кој имал способност да ги обдари своите горливи следбеници со таква чудотворна моќ“. Во врска со исламот, истата оваа енциклопедија вели: „Голем број муслимани и понатаму очекуваат чуда. Според муслиманската традиција, хадис, Мухамед правел чуда во јавност во многу прилики . . . Се верува дека, дури и по својата смрт, светците прават чуда кај сопствените гробови во корист на верните, и луѓето побожно ги привикуваат да им помогнат“.
Што е со чудата во христијанството?
Кај мнозина од оние што го прифатиле христијанството мислењата се поделени. Некои ги прифаќаат како факт библиските извештаи за чудата што ги извршувал Исус Христос или Божјите слуги во претхристијанските времиња. Но, мнозина се сложуваат со протестантскиот реформатор Мартин Лутер. Во врска со него, Encyclopedia of Religion вели: „И Лутер и Калвин пишуваат дека поминале времињата кога имало чуда и дека веќе не треба да ги очекуваме“. Католичката црква продолжила да верува во чуда „без да даде објаснување како тие се случуваат“, вели ова дело. Меѓутоа, „за академската протестантска заедница христијанското живеење главно е работа на моралност и, според неа, ниту Бог ниту духовниот свет не контактираат и не влијаат во некој голем степен врз секојдневниот живот на човекот“.
Други што тврдат дека се христијани, меѓу кои и извесни свештеници, се сомневаат дека чудата спомнати во Библијата навистина се случиле. Да го земеме, на пример, извештајот за грмушката што горела, кој е запишан во Библијата во Излез 3:1-5. Книгата Што навистина вели Библијата (What the Bible Really Says) објаснува дека некои германски теолози сметаат дека не станува збор за дословен извештај за чудо. Напротив, тие го толкуваат овој извештај како „симболика за внатрешната борба на Мојсеј со неговата совест која го печела и го измачувала“. Во книгата понатаму се додава: „Пламените исто така можат да се сфатат како цвеќиња што наеднаш процветале во сончевата светлина на Божјето присуство“.
Можеби не си баш задоволен со ваквото објаснување. Тогаш, во што треба да веруваш? Дали е реално да се верува дека воопшто се случувале чуда? А што е со чудата што се случуваат во нашево време? Бидејќи не можеме да ги прашаме ангелите, кого да прашаме?
Гледиште на Библијата
Факт е: Библијата известува дека во минатото Бог интервенирал во одредени прилики за да направи дела што на еден човек му се чинат невозможни. Во врска со Бог читаме: „Ти го изведе Својот народ Израелски од Египетската Земја со знаци и чудеса, со силна рака и со подигната мишка, со големи стравотии“ (Еремија 32:21). Замисли си, најмоќната нација во тоа време била поразена со десетте неволји што им ги нанел Бог, меѓу кои била и смртта на првородените. Тоа навистина биле чуда! (Излез, поглавја 7 до 14).
Со векови подоцна, четворицата писатели на евангелијата опишале околу 35 чуда што ги направил Исус. Всушност, од нивните зборови може да се види дека тој направил дури и повеќе чуда од оние што ги запишале тие. Дали се овие извештаи факт или измислица?b (Матеј 9:35; Лука 9:11).
Ако Библијата е она што тврди дека е — Божја реч на вистината — тогаш имаш цврста причина да веруваш во чудата за кои зборува таа. Библијата јасно наведува дека во минатото се случувале чуда — чудотворни лекувања, воскресенија и слично — но, и јасно кажува дека такви чуда веќе не се случуваат. (Види ја рамката „Зошто денес нема чуда како во минатото“, на 4. страница.) Тогаш, дали ова значи дека дури и оние што веруваат во Библијата не веруваат дека денес се случуваат чуда? Следната статија ќе го даде одговорот.
[Фусноти]
a Дефиницијата на зборот „чуда“, како што се користи во оваа статија, е земена од еден библиски речник: „Некоја појава во природата која, затоа што е над секоја позната човечка или природна сила, му се припишува на натприроден извор“.
b Постојат докази што покажуваат дека може да ѝ се верува на Библијата. Такви докази се изнесени во книгата Библија — Реч Божја или човечка? издадена од Јеховините сведоци.
[Рамка на страница 4]
ЗОШТО ДЕНЕС НЕМА ЧУДА КАКО ВО МИНАТОТО?
Во Библијата се спомнуваат најразлични чуда (Излез 7:19-21; 1. Цареви 17:1-7; 18:22-38; 2. Цареви 5:1-14; Матеј 8:24-27; Лука 17:11-19; Јован 2:1-11; 9:1-7). Многу од овие чуда послужиле како доказ дека Исус е Месијата и дека има Божја поддршка. Првите следбеници на Исус исто така имале дар да прават чуда како, на пример, да зборуваат на јазици и да ги толкуваат инспирираните изјави (Дела 2:5-12; 1. Коринќаните 12:28-31). Таквите чудотворни дарови му биле од помош на штотуку основаното христијанско собрание. Во кој поглед?
Па, како прво, имало многу малку примероци од Светото писмо. Обично само богатите поседувале свитоци или книги од каков и да било вид. Луѓето во нехристијанските земји не знаеле ништо за Библијата ниту за нејзиниот Автор, Јехова. Христијанските учења морале да се пренесуваат усно. Чудотворните дарови послужиле како доказ дека Бог го користи христијанското собрание.
Но, Павле објаснил дека овие дарови ќе ги снема кога веќе нема да има потреба од нив. „Било да се дарови на пророкување, ќе бидат отстранети; било да се јазици, ќе престанат; било да е спознание, ќе биде отстрането. Зашто имаме делумно спознание и пророкуваме делумно; а кога ќе дојде она што е потполно, она што е делумно ќе биде отстрането“ (1. Коринќаните 13:8-10).
Денес на луѓето им е достапна Библијата, а и разни библиски конкорданции и енциклопедии. Над шест милиони обучени христијани им помагаат на другите да го запознаат Бог на темел на Библијата. Затоа, веќе не се потребни чуда за да се потврди дека Исус Христос е Избавителот назначен од Бог ниту, пак, да се докаже дека Јехова ги поддржува своите слуги.