ПОГЛАВЈЕ 133
Исус бил погребан
МАТЕЈ 27:57 — 28:2; МАРКО 15:42 — 16:4; ЛУКА 23:50 — 24:3; ЈОВАН 19:31 — 20:1
ТЕЛОТО НА ИСУС БИЛО СИМНАТО ОД СТОЛБОТ
БИЛЕ НАПРАВЕНИ ПОДГОТОВКИ ЗА ПОГРЕБОТ
ЖЕНИТЕ ГО НАШЛЕ ГРОБОТ ПРАЗЕН
Било доцна попладне, петок, 14 нисан. Со заоѓањето на сонцето требало да започне 15 нисан. Исус веќе бил мртов, но двајцата разбојници до него сѐ уште биле живи. Според Божјиот закон, телата на погубените ‚не требало да останат на столбот преку ноќта‘, туку требало да бидат погребани „истиот ден“ (5. Мојсеева 21:22, 23).
Освен тоа, петокот бил наречен Подготовка затоа што луѓето тогаш подготвувале храна за саботата и ги завршувале сите работи што не можеле да ги одложат до недела. Саботата што требало да почне на зајдисонце не била вообичаен ден за одмор, туку била двоен, или таканаречен „голем“ ден за одмор (Јован 19:31). Така било затоа што тој ден, освен што било сабота, било и 15 нисан, првиот ден од седумдневниот Празник на бесквасните лебови кој секогаш бил ден за одмор, без разлика на кој ден ќе се паднел (3. Мојсеева 23:5, 6). Овојпат, првиот ден од празникот се поклопил со седмичната сабота, седмиот ден.
Затоа, Евреите побарале од Пилат да им ги скршат нозете на тројцата осуденици. Така ќе немале сила да ги подигаат телата за да можат да дишат и побрзо ќе умреле. На двајцата разбојници, кои сѐ уште биле живи, војниците им ги скршиле нозете. Но, бидејќи Исус веќе бил мртов, немало потреба и нему да му го направат тоа. Со тоа се исполниле пророчките зборови од Псалм 34:20, каде што стои: „Тој ги чува сите негови коски, ниту една од нив не е скршена“.
Сепак, за да бидат сигурни дека е мртов, еден од војниците го пробол со копје во пределот околу срцето, и ‚веднаш потекло крв и вода‘ (Јован 19:34). Со тоа се исполнило едно друго пророштво: „Ќе гледаат во оној кого го прободоа“ (Захарија 12:10).
На погубувањето бил и Јосиф од Ариматеја, „богат човек“ и угледен член на Судскиот совет (Матеј 27:57). Тој е опишан како „добар и праведен човек“, кој ‚го чекал Божјето царство‘. Јосиф, всушност, бил ‚Исусов ученик, но го криел тоа поради страв од Евреите‘. Исто така, тој не ја поддржал одлуката на судот (Лука 23:50; Марко 15:43; Јован 19:38). Откако Исус умрел, Јосиф собрал храброст и отишол кај Пилат за да го побара неговото тело. Пилат го повикал одговорниот стотник и, откако тој му потврдил дека Исус е мртов, му го предал телото на Јосиф.
Јосиф купил чисто, фино платно, и го симнал телото на Исус од столбот. Потоа го завиткал во платното за да може да биде погребан. Во подготовките околу погребот помогнал и Никодим, ‚кој првиот пат дошол кај [Исус] ноќе‘ (Јован 19:39). Тој донел околу триесет и три килограми скапоцена мешавина од смирна и алое. Според еврејскиот обичај за погреб, телото го завиткале со завои на кои имало од оваа мешавина.
Близу до местото каде што Исус бил погубен, Јосиф имал еден нов гроб издлабен во карпа. Во него го положиле телото на Исус. Потоа, на влезот од гробот дотркалале голем камен. Сето ова го направиле многу брзо, бидејќи морало да завршат пред да почне саботата. Затоа Марија Магдалена и Марија, мајката на Јаков Помалиот, кои веројатно помагале во подготовката на Исусовото тело, брзо се вратиле дома „за да приготват мирисливи масла и други мирисливи материи“. Со нив планирале да ја довршат подготовката на телото по саботата (Лука 23:56).
Следниот ден, во сабота, главните свештеници и фарисеите отишле кај Пилат и му рекле: „Се сетивме дека овој измамник, уште додека беше жив, рече: ‚По три дена ќе воскреснам‘. Затоа заповедај гробот да биде обезбеден до третиот ден, за да не дојдат неговите ученици и да го украдат, па да му речат на народот: ‚Стана од мртвите!‘ Така, таа последна измама ќе биде полоша од првата“. Тогаш Пилат им рекол: „Имате стража! Одете и обезбедете го како што знаете“ (Матеј 27:63-65).
Рано наутро во недела, Марија Магдалена и Марија, мајката на Јаков, како и некои други жени, дошле кај гробот на Исус носејќи ги мирисливите масла што ги подготвиле. По пат се прашувале: „Кој ќе ни го отркала каменот од влезот на гробот?“ (Марко 16:3). Во меѓувреме имало земјотрес. Освен тоа, еден Божји ангел го поместил каменот, стражарите ги немало, а гробот бил празен!