Прашања од читателите
Што мислел Исус кога на Никодим му рекол: „Никој не се качил на небото, освен оној кој слезе од небото, Синот човечки“? (Јован 3:13).
Во тоа време Исус бил на Земјата, и сѐ уште не се качил, или вратил, на небото. Меѓутоа, она што го знаеме за Исус и контекстот на неговите зборови може да ни помогне да разбереме што сакал да каже.
Исус ‚слегол од небото‘ затоа што претходно живеел во духовното подрачје заедно со својот Татко, но во одреденото време животот на Синот бил префрлен во утробата на Марија. Така, Исус се родил како човек (Лука 1:30-35; Галатите 4:4; Евреите 2:9, 14, 17). По својата смрт, Исус требало да биде воскреснат како духовно суштество и да се врати кај Јехова. Затоа, кратко пред да биде погубен, Исус можел да се моли: „Татко, прослави ме крај себе со славата што ја имав крај тебе пред да биде светот“ (Јован 17:5; Римјаните 6:4, 9; Евреите 9:24; 1. Петрово 3:18).
Кога зборувал со Никодим, кој бил фарисеј и учител во Израел, Исус сѐ уште не се имал вратено на небото. Се разбира, ниеден човек од оние што умреле дотогаш не се вознел во духовното подрачје, на небото. Самиот Исус кажал дека Јован Крстител бил ненадминлив како Божји пророк, но „оној кој е помал во небесното царство, поголем е од него“ (Матеј 11:11). А апостол Петар објаснил дека дури и верниот цар Давид умрел и сѐ уште бил во гробот; Давид не се вознел на небото (Дела 2:29, 34). Имало причина зошто оние што умреле пред Исус, како на пример, Давид, Јован Крстител и други верни мажи, не отишле на небото. Тие умреле пред Исус да го отвори патот, или можноста, луѓето да бидат воскреснати за живот на небото. Апостол Павле напишал дека Исус, како претходник, ‚свечено отворил... нов и жив пат‘ кон небото (Евреите 6:19, 20; 9:24; 10:19, 20).
Бидејќи Исус сѐ уште не умрел и не бил воскреснат, што мислел кога му рекол на Никодим: „Никој не се качил на небото, освен оној кој слезе од небото, Синот човечки“? (Јован 3:13). Разгледај го контекстот, или разговорот на Исус и Никодим.
Кога овој еврејски владетел дошол кај Исус под превезот на ноќта, Исус му рекол: „Вистина, вистина ти велам: Ако некој повторно не се роди, не може да го види Божјето царство“ (Јован 3:3). Тогаш Никодим прашал: ‚Како е можно тоа? Како може човек повторно да се роди?‘ Тој не го разбрал ова Божје учење во врска со тоа да се биде во Божјето Царство. Можел ли некако да дознае повеќе за тоа? Па, немало човек што би можел да му помогне. Немало таков што бил на небото па да може да му објасни нешто за тоа како да се влезе во Царството. Единствен исклучок бил Исус. Тој слегол од небото, и затоа можел да ги поучува Никодим и другите луѓе во врска со тоа.
Прашањето коешто се однесува на овој стих ни покажува зошто е корисно да ја проучуваме Божјата реч. Не е разумно да се спрепнеме поради некој стих само затоа што е потежок за разбирање. Она што е запишано на едно место во Библијата мора да се гледа поврзано со другите стихови и да биде во склад со нив. Освен тоа, честопати и контекстот, односно ситуацијата или темата која се разгледува, може да ни помогнат да дојдеме до разумно, логично објаснување за некој стих што нѐ збунува.