Да го запознаеме ‚Христовиот ум‘
„Зашто, кој го познал умот Господов, та да го објасни? А ние имаме ум Христов“ (1. КОРИНТЈАНИТЕ 2:16).
1, 2. Што сметал Јехова дека е погодно да открие за Исус во својата Реч?
КАКО изгледал Исус? Каква била бојата на неговата коса? На неговата кожа? На неговите очи? Колку бил висок? Колку бил тежок? Низ вековите, уметничките претстави за Исус варирале од разумни па сѐ до претерани. Некои го прикажувале како мажествен и полн со живот, додека други го сликале слаб и блед.
2 Меѓутоа, Библијата не го сосредоточува вниманието на Исусовиот изглед. Наместо тоа, Јехова сметал дека е погодно да открие нешто многу позначајно: каква личност бил Исус. Извештаите од евангелијата зборуваат не само за она што Исус го рекол и сторил, туку ја откриваат и длабочината на чувствата и начинот на размислување кој стои зад неговите зборови и постапки. Овие четири инспирирани извештаи ни овозможуваат да проникнеме во она на кое апостол Павле се осврнал како на „ум Христов“ (1. Коринтјаните 2:16). Важно е да се запознаеме со мислите, чувствата и личноста на Исус. Зошто? Најмалку од две причини.
3. Каков увид можеме да стекнеме ако се запознаеме со Христовиот ум?
3 Прво, Христовиот ум ни овозможува да стекнеме увид во умот на Јехова Бог. Исус бил толку присно запознат со својот Татко што можел да рече: „Кој е Синот не знае никој, освен Отецот; и кој е Отецот, не знае никој освен Синот, и — кому што сака Синот да му открие“ (Лука 10:22). Тоа е исто како Исус да рекол: ‚Ако сакате да знаете каков е Јехова, гледајте ме мене‘ (Јован 14:9). Затоа, кога проучуваме што откриваат евангелијата за начинот на кој Исус размислувал и се чувствувал, всушност, ние учиме како размислува и како се чувствува Јехова. Таквото спознание ни овозможува да му се приближиме на нашиот Бог (Јаков 4:8).
4. Што мораме најпрвин да научиме за навистина да постапуваме како Христос, и зошто?
4 Второ, тоа што го запознаваме Христовиот ум ни помага ‚точно да ги следиме неговите стапки‘ (1. Петрово 2:21, NW). Да се следи Исус не значи само да се повторуваат неговите зборови и да се копираат неговите дела. Со оглед на тоа што говорот и постапките се под влијание на мислите и чувствата, следењето на Христос бара да го негуваме истиот „мисловен став“ кој го имал тој (Филипјаните 2:5, NW). Со други зборови, за навистина да постапуваме како Христос, мораме најпрвин да научиме да размислуваме и да чувствуваме како него, т. е. најмногу што можеме како несовршени луѓе. Тогаш ајде, со помош на писателите на евангелијата, да проникнеме во Христовиот ум. Најпрвин ќе дискутираме за факторите кои влијаеле врз начинот на кој Исус размислувал и чувствувал.
Неговото претчовечко постоење
5, 6. а) Каков ефект можат да имаат врз нас нашите соработници? б) Какво друштво имал Божјиот првороден Син на небото пред да дојде на Земјата, и каков ефект имало тоа врз него?
5 Нашите блиски соработници можат да имаат ефект врз нас и да влијаат врз нашите мисли, чувства и постапки на добро или на лошоa (Изреки 13:21). Размисли за друштвото кое го имал Исус на небото пред да дојде на Земјата. Евангелието на Јован го свртува вниманието кон Исусовото претчовечко постоење како ‚Слово‘ или Говорник на Бог. Јован вели: „Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото. Тоа во почетокот беше од [со, NW] Бога“ (Јован 1:1, 2). Бидејќи Јехова нема почеток, тоа што Словото било со Бог од „почетокот“ сигурно укажува на започнувањето на Божјите дела на создавање (Псалм 89:2). Исус е „првороден пред секоја твар“. Според тоа, тој постоел пред да бидат создадени другите духовни суштества и физичкиот универзум (Колосјаните 1:15; Откровение 3:14).
6 Според некои научни проценки, физичкиот универзум постои најмалку 12 милијарди години. Ако тие проценки се донекаде точни, Божјиот првороден Син уживал блиско дружење со својот Татко со еони пред да биде создаден Адам. (Спореди Михеј 5:2.) На тој начин меѓу нив се развила нежна и длабока врска. Како персонифицирана мудрост, овој првороден Син е претставен како во своето претчовечко постоење вели: „Јас бев при Него [Јехова] кога создаваше, и се радував секој ден, веселејќи се пред лицето Негово за сето време“ (Изреки 8:30). Секако, тоа што Исус поминал безброј векови во присно дружење со Изворот на љубовта имало длабоко влијание врз Божјиот син! (1. Јованово 4:8). Овој Син почнал да го запознава својот Татко и да ги одразува неговите мисли, чувства и патишта на начин на кој не можел никој друг (Матеј 11:27).
Живот и влијанија на Земјата
7. Која е една од причините зошто било потребно Божјиот првороден Син да дојде на Земјата?
7 Божјиот син имал уште да учи, зашто Јеховината намера била да го подготви да биде сочувствителен Првосвештеник, способен да ‚соучествува со нашите слабости‘ (Евреите 4:15). Една од причините поради кои Исус дошол на Земјата како човек била да ги задоволи барањата за таа улога. Овде, како човек од крв и месо, Исус бил изложен на околности и влијанија кои претходно само ги набљудувал од небото. Сега можел од прва рака да ги искуси човечките чувства и емоции. Понекогаш се чувствувал уморен, жеден и гладен (Матеј 4:2; Јован 4:6, 7). Освен тоа, поднел најразлични тешкотии и страдања. На тој начин ‚се научил на послушност‘ и станал потполно квалификуван за својата улога на Првосвештеник (Евреите 5:8—10).
8. Што знаеме за почетокот на Исусовиот живот на Земјата?
8 А што е со Исусовите доживувања во почетокот на неговиот живот на Земјата? Записот за неговото детство е многу краток. Всушност, само Матеј и Лука ги раскажале настаните поврзани со неговото раѓање. Писателите на евангелијата знаеле дека Исус живеел на небото пред да дојде на Земјата. Тоа претчовечко постоење повеќе од што и да е друго објаснува каков човек станал тој. Сепак, Исус во потполна смисла бил човек. Иако совршен, сепак морал да расте од бебе, преку детството и адолесценцијата до возрасен човек, и цело време учел (Лука 2:51, 52). Библијата открива некои работи за Исусовиот ран живот кои несомнено влијаеле врз него.
9. а) Каков показател постои дека Исус бил роден во сиромашно семејство? б) Во какви околности веројатно пораснал Исус?
9 Изгледа дека Исус бил роден во сиромашно семејство. Тоа се гледа од приносот што го однеле Јосиф и Марија во храмот околу 40 дена после неговото раѓање. Наместо да однесат млад овен како пален принос и млад гулаб или грлица како принос за грев, тие однеле ‚две грлици или две гулапчиња‘ (Лука 2:24). Според Мојсеевиот закон, овој принос бил подготовка за сиромашните (3. Мојсеева 12:6—8). Со текот на времето, ова понизно семејство се зголемило. После чудесното раѓање на Исус, Јосиф и Марија имале уште најмалку шест други деца по природен пат (Матеј 13:55, 56). Значи, Исус пораснал во големо семејство, веројатно во скромни услови.
10. Што покажува дека Марија и Јосиф биле богобојазливи поединци?
10 Исус бил воспитуван од богобојазливи родители кои се грижеле за него. Неговата мајка, Марија, била извонредна жена. Сети се дека кога ја поздравил, ангелот Гавриил ѝ рекол: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе!“ (Лука 1:28). И Јосиф бил побожен човек. Секоја година тој верно патувал за Пасхата по 150 километри до Ерусалим. Одела и Марија, иако тоа се барало само од мажите (2. Мојсеева 23:17; Лука 2:41). Во една таква прилика, после грижливо пребарување, Јосиф и Марија го нашле 12-годишниот Исус во храмот среде учителите. На своите загрижени родители Исус им рекол: „Зар не знаете дека Јас треба да бидам во она, кое што е на Мојот Отец [Татко, NW]?“ (Лука 2:49). „Татко“ — тој збор сигурно имал топла и позитивна конотација за младиот Исус. Како прво, очигледно му било кажано дека негов вистински Татко е Јехова. Освен тоа, Јосиф сигурно му бил добар потатко на Исус. Секако, Јехова не би избрал некој груб или суров човек да го воспитува Неговиот драг Син!
11. Кој занает го научил Исус, и што вклучувал тој во библиски времиња?
11 Во текот на годините поминати во Назарет, Исус го научил дрводелскиот занает, веројатно од својот потатко Јосиф. Исус до таа мера го совладал занаетот што бил наречен „дрводелецот“ (Марко 6:3). Во библиски времиња, дрводелците биле најмувани при изградба на куќи, правење покуќнина (вклучувајќи маси, столчиња и клупи), како и за изработка на земјоделски алатки. Во својот Dialogue With Trypho (Дијалог со Трифо), Јустин Маченик од втори век н. е. за Исус напишал: „Додека бил меѓу луѓето, по обичај работел како дрводелец, правејќи плугови и јареми“. Таа работа не била лесна, бидејќи во старо време дрводелецот веројатно не можел да го купи дрвото. Најверојатно требало да оди и да одбере дрво, да го исече со секирата и да го однесе дома. Значи, Исус сигурно знаел колкав предизвик е да се заработи за живеачка, да се има работа со муштерии и да се врзува крај со крај.
12. Што покажува дека Јосиф изгледа умрел пред Исус, и што значело тоа за Исус?
12 Како најстар син, Исус веројатно помагал во грижата за семејството, особено со оглед на тоа што изгледа дека Јосиф умрел пред Исус.b Во Zion’s Watch Tower (Сионска Стражарска кула) од 1 јануари 1900 стои: „Традицијата вели дека Јосиф умрел додека Исус сѐ уште бил млад, и дека тој го презел дрводелскиот занает и почнал да го издржува семејството. Ова наоѓа поткрепа во сведоштвото на Писмото каде што самиот Исус е наречен дрводелец, а неговата мајка и браќа се спомнати, но Јосиф не е (Марко 6:3) . . . Значи, сосема е веројатно дека долгиот период од осумнаесет години од животот на нашиот Господ — од времето на настанот [запишан во Лука 2:41—49] до времето на неговото крштавање — бил поминат во извршување на секојдневните животни обврски“. Марија и нејзините деца, вклучувајќи го и Исус, веројатно знаеле колку е болно кога ќе умре сакан сопруг и татко.
13. Зошто кога Исус започнал со својата служба имал спознание, увид и длабочина на чувствата какви што не можел да има ниеден друг човек?
13 Очигледно, Исус не се родил во некој лесен живот. Напротив, од прва рака го вкусил животот на обичниот народ. Потоа, во 29 н.е. дошло време да ја изврши божествената задача која го очекувала. Есента истата година, се крстил во вода и се родил како духовен Син Божји. ‚Му се отворило небото‘, што очигледно укажува дека сега можел да се сети на својот претчовечки живот на небото, вклучувајќи ги и мислите и чувствата поврзани со тоа (Лука 3:21, 22). Значи, Исус ја започнал својата служба со спознание, увид и длабочина на чувствата што не можел да ги има ниеден друг човек. Писателите на евангелијата со добра причина голем дел од своите записи посветиле на настаните од Исусовата служба. Сепак, тие не можеле да запишат сѐ што рекол и направил тој (Јован 21:25). Но, она што го запишале под инспирација ни овозможува да проникнеме во умот на најголемиот човек кој некогаш живеел.
Каков бил Исус како личност
14. На кој начин евангелијата го прикажуваат Исус како човек со нежна срдечност и длабоки чувства?
14 Личноста на Исус која излегува на површина од евангелијата е личност на човек со нежна срдечност и длабоки чувства. Тој покажувал најразлични емоции: сожалување за лепрозниот (Марко 1:40, 41); жал за луѓето кои не се одѕивале (Лука 19:41, 42); праведна огорченост кон лакомите луѓе кои разменувале пари (Јован 2:13—17). Како човек кој имал соживување, Исус можел да биде трогнат до солзи, и не ги криел своите емоции. Кога умрел неговиот драг пријател Лазар, глетката како Лазаровата сестра Марија липа, толку длабоко го погодила што почнал да рони солзи, плачејќи отворено пред другите (Јован 11:32—36).
15. Како Исусовите нежни чувства биле очигледни во начинот на кој гледал на другите и во начинот на кој постапувал со нив?
15 Исусовите нежни чувства особено биле очигледни во начинот на кој гледал на другите и како постапувал со нив. Се давал себеси за сиромасите и угнетените, помагајќи им ‚да најдат успокојување за своите души‘ (Матеј 11:4, 5, 28—30). Не бил презафатен за да се одѕвие на потребите на измачените, без разлика дали се работело за една жена која имала крвавење и бесшумно ја допрела неговата облека, или за еден слеп просјак кој не сакал да молчи (Матеј 9:20—22; Марко 10:46—52). Исус го барал доброто во другите и ги пофалувал за тоа, но сепак, бил спремен и да даде укор кога било потребно (Матеј 16:23; Јован 1:47; 8:44). Во време кога жените имале малку права, Исус се однесувал кон нив со урамнотежена мера достоинство и почит (Јован 4:9, 27). Разбирливо е зошто група жени спремно му служеле со своите имоти (Лука 8:3).
16. Што покажува дека Исус имал урамнотежено гледиште кон животот и материјалните работи?
16 Исус имал урамнотежено гледиште за животот. Материјалните работи не му биле од првенствена важност. Изгледа дека во материјален поглед имал сосема малку. Рекол дека ‚нема каде глава да потслони‘ (Матеј 8:20). Истовремено, Исус придонесувал за радоста на другите. Кога присуствувал на една свадба — настан кој обично е проследен со музика, пеење и веселба — јасно е дека не отишол за да ја расипе приликата. Всушност, Исус таму го направил своето прво чудо. Кога виното се потрошило, ја претворил водата во квалитетно вино, пијалак кој ‚го весели срцето на човекот‘ (Псалм 103:15; Јован 2:1—11). На тој начин веселбата можела да продолжи, а невестата и младоженецот биле поштедени од непријатности. Исусовата рамнотежа понатаму се одразува во тоа што во многу повеќе прилики се спомнува дека работел долго и напорно во својата служба (Јован 4:34).
17. Зошто не изненадува фактот што Исус бил вешт Учител, и што одразуваат неговите учења?
17 Исус бил вешт Учител. Голем дел од неговото учење бил одраз на реалноста од секојдневниот живот, кој добро го познавал (Матеј 13:33; Лука 15:8). Неговиот начин на поучување бил неспоредлив — многу јасен, едноставен и практичен. Уште позначајно било она за кое поучувал. Неговите учења ја одразувале неговата искрена желба да ги запознае своите слушатели со мислите, чувствата и патиштата на Јехова (Јован 17:6—8).
18, 19. а) Со какви живи илустрации Исус го опишал својот Татко? б) За што ќе се дискутира во следната статија?
18 Со често користење илустрации, Исус го открил својот Татко со живи слики кои не би можеле така лесно да се заборават. Едно е да се зборува воопштено за Божјата милост. Но, сосема друго е Јехова да се спореди со татко кој е спремен да прости и толку длабоко е трогнат кога го здогледува својот син кој се враќа, што ‚потрчува, го прегрнува и го бакнува‘ (Лука 15:11—24). Отфрлајќи ја крутата култура во која верските водачи го презирале обичниот народ, Исус објаснил дека неговиот Татко е пристаплив Бог кој ги претпочитал молбите на понизниот даночник а не фалбаџиската молитва на надуениот фарисеј (Лука 18:9—14). Исус го прикажал Јехова како грижлив Бог кој знае дури и кога едно врапче паѓа на земјата. „Не плашете се“, ги уверил своите ученици, „вие сте поскапи од многу врапчиња“ (Матеј 10:29, 31). Разбирливо е тоа што луѓето биле вчудовидени од Исусовиот ‚начин на поучување‘ (NW) и биле привлечени кон него (Матеј 7:28, 29). Дури во една прилика „многу народ“ останал со него три дена, и тоа без храна! (Марко 8:1, 2).
19 Можеме да бидеме благодарни што Јехова ни го открил Христовиот ум во својата Реч! Но, како можеме да го негуваме и да го покажеме Христовиот ум во своите постапки со другите? За ова ќе се дискутира во следната статија.
[Фусноти]
a Од Откровение 12:3, 4 се гледа дека духовните суштества можат да бидат под влијание на своето друштво. Таму Сатана е прикажан како „змев“ кој можел да го искористи своето влијание за да наведе и други „ѕвезди“, т. е. духовни синови, да му се придружат на бунтовничкиот пат. (Спореди Јов 38:7.)
b Јосиф последен пат директно е спомнат кога 12-годишниот Исус бил најден во храмот. Никаде не се укажува дека Јосиф бил присутен на свадбата во Кана, во почетокот на Исусовата служба (Јован 2:1—3). Во 33 н.е. прикованиот Исус му ја доверил грижата за Марија на љубениот апостол Јован. Тоа е нешто што Исус веројатно не би го сторил ако Јосиф сѐ уште бил жив (Јован 19:26, 27).
Се сеќаваш ли?
• Зошто е важно да се запознаеме со ‚Христовиот ум‘?
• Какво друштво имал Исус во своето претчовечко постоење?
• Какви околности и влијанија доживеал Исус од прва рака во текот на својот живот на Земјата?
• Што откриваат евангелијата за личноста на Исус?
[Слика на страница 10]
Исус пораснал во големо семејство, веројатно во скромни услови
[Слики на страница 12]
Учителите биле зачудени од разбирањето и одговорите на 12-годишниот Исус