6. поглавје
Исус Христос — дали е испратен од Бог?
1, 2. (а) Кои докази постојат дека Исус навистина постоел? (б) Кои прашања се поставуваат за Исус?
ДЕНЕС скоро секој слушнал за Исус Христос. Тој имал поголемо влијание врз историјата од кој и да е друг човек. Дури и сметањето на времето, кое важи во повеќето земји во светот, почнува од годината за која се мисли дека е година на Христовото раѓање. Како што пишува во The World Book Encyclopedia: ”Датумите пред таа година се означуваат како пр. Хр. или пред Христос, а годините после неа се означуваат како п. Хр. или после Христос, или на латински Ано Домини — А. Д. (лето Господово).“
2 Така Исус не е личност од митовите. Тој навистина живеел како човек на Земјата. ”Во старо време дури и противниците на христијанството не се посомневале дека Христос навистина живеел“, пишува во Encyclopædia Britannica. Всушност, кој бил Исус? Дали навистина бил испратен од Бог? Зошто е толку познат?
ТОЈ ЖИВЕЕЛ ПОРАНО
3. (а) Чиј син требало да роди Марија, според зборовите на ангелот? (б) Како било можно девицата Марија да го роди Исус?
3 За разлика од другите луѓе, Исус го родила една девица, која се викала Марија. За нејзиното дете, ангелот рекол: ”Тој ќе биде голем и ќе се вика Син на Највишниот“ (Лука 1:28-33; Матеј 1:20-25). Но, како може жена која никогаш немала интимен однос со маж да роди дете? Тоа било возможно со помош на Божјиот свет дух. Јехова го пренел животот на својот моќен духовен син од небото во матката на Марија. Тоа било чудо! Оној кој првата жена ја создал со зачудувачка способност да раѓа деца, сигурно можел да предизвика жена да роди дете без човечки татко. Библијата објаснува: ”Кога дошло полнината на времето, Бог го испратил својот Син кој е роден од жена“ (Галатјаните 4:4).
4. (а) Каде Исус живеел пред да се роди како дете? (б) Што рекол Исус за да покаже дека порано живеел на небото?
4 Пред да се роди на Земјата како човек, Исус постоел како моќна духовна личност на небото. Тој имал духовно тело, како што има и Бог, невидливо за луѓето (Јован 4:24). Самиот Исус често говорел за високото место коешто го имал на небото. Еднаш рекол: ”Оче, прослави ме кај себеси, со славата што ја имав кај тебе пред светот да настане“ (Јован 17:5, д-р Чарниќ). Исто така на своите слушатели им рекол: ”Вие сте од долните области; јас сум од горните области.“ ”А кога ќе го видите Синот човечки да оди горе кадешто бил порано?“ ”Јас сум пред да се роди Аврам“ (Јован 8:23; 6:62; 8:58; 3:13; 6:51, ДК).
5. (а) Зошто Исус бил наречен ”Реч“, ”Првороден“ и ”единороден“? (б) Во што учествувал Исус заедно со Бог?
5 Пред да дојде на Земјата, Исус се викал Реч Божја. Оваа титула покажува дека служел на небото како Божји говорник. Тој исто така е наречен Божји ”Првороден“ и ”единороден“ Син (Јован 1:14; 3:16; Евреите 1:6). Тоа значи дека тој бил создаден пред сите други Божји духовни синови и дека само тој бил директно создаден од Бог. Библијата покажува дека тој ”првороден“ Син учествувал со Јехова во создавањето на сите други дела (Колосјаните 1:15, 16). Кога Бог рекол: ”Да направиме човек по нашата слика“, му зборувал на својот Син. Да, истиот оној кој подоцна дошол на Земјата и бил роден од жена, учествувал во создавањето на сите дела! Тој веќе живеел непознат број години со својот татко на небото! (1. Мојсеева 1:26; Изреките 8:22, 30; Јован 1:3).
НЕГОВИОТ ЖИВОТ НА ЗЕМЈАТА
6. (а) Што се случило кратко пред и после Исусовото раѓање? (б) Каде бил роден Исус и каде пораснал?
6 Марија му била свршеница на Јосиф. Кога дознал дека е бремена, поверувал дека имала интимен однос со друг маж и не сакал да се ожени со неа. Меѓутоа, кога Јехова му рекол дека детето е зачнато со неговиот свет дух, Јосиф ја зел Марија за жена (Матеј 1:18-20, 24, 25). Подоцна, додека престојувале во градот Витлеем, се родил Исус (Лука 2:1-7; Михеј 5:2). Кога Исус бил бебе, царот Ирод се обидел да го убие. Но, Јехова го предупредил Јосиф и тој со семејството побегнал во Египет. По смртта на царот Ирод, Јосиф и Марија се вратиле со Исус во градот Назарет, во Галилеја. Таму тој пораснал (Матеј 2:13-15, 19-23).
7. (а) Што се случило кога Исус имал 12 години? (б) Што Исус учел да работи додека растел?
7 Кога Исус имал дванаесет години, целото семејство патувало во Ерусалим за да присуствуваат на посебната слава наречена Пасха. Исус таму поминал три дена во храмот, слушајќи ги учителите и поставувајќи им прашања. Сите кои го слушале биле изненадени од неговото големо знаење (Лука 2:41-52). Додека Исус растел во Назарет, го научил дрводелскиот занает. Несомнено тој занает го научил од својот очув Јосиф, кој бил дрводелец (Марко 6:3; Матеј 13:55).
8. Што се случило кога Исус имал 30 години?
8 Кога Исус наполнил триесет години, настанала голема промена во неговиот живот. Отишол кај Јован Крстител и го замолил да го крсти на реката Јордан, односно целосно да биде потопен под вода. Библијата известува: ”Кога Исус беше крстен, веднаш излезе од водата и, гледај! Небесата се отворија и го виде Божјиот дух како слегува како гулаб. Гледај! Гласот од небесата говореше: ’Ова е мојот љубен син, кого го одобрувам‘“ (Матеј 3:16, 17, NW). Јован не можел да се сомнева дека Исус е испратен од Бог.
9. (а) Кога Исус станал Христос и зошто тогаш? (б) За што Исус покажал спремност на своето крштение?
9 Со излевањето на својот свет дух на Исус, Јехова го помазал или го наименувал да биде цар на неговото идно Царство. Така, Исус станал ”Месија“ или ”Христос“, зашто обата збора на хебрејски и грчки значат ”Помазаник“. Всушност, тој станал Исус Христос или Исус Помазаникот. Така неговиот апостол Петар, зборувал за ”Исус, кој бил од Назарет, дека Бог го помазал со светиот дух и сила“ (Дела на апостолите 10:38). Со своето крштение во вода, Исус му се претставил на Бог дека е спремен да го изврши делото за кое Бог го испратил на Земјата. Во што се состоело тоа важно дело?
ЗОШТО ДОШОЛ НА ЗЕМЈАТА?
10. Кои вистини Исус дошол да ги објави на Земјата?
10 Објаснувајќи зошто дошол на Земјата, Исус му рекол на римскиот намесник Понтиј Пилат: ”За тоа сум роден и за тоа [со таква намера] дојдов на светот, да сведочам за вистината“ (Јован 18:37, ДК). Кои посебни вистини требало Исус да ги објави? Најпрво, вистината за својот Татко. Тој ги учел своите следбеници да се молат името на неговиот Татко да се ”свети“ или да се држи свето (Матеј 6:9). Тој се молел: ”Јас им го објавив твоето име на луѓето кои си ми ги дал од светот“ (Јован 17:6, Ст). Исто така рекол: ”Морам да ја објавам добрата вест за Божјето Царство, зашто за тоа сум испратен“ (Лука 4:43, NW).
11. (а) Зошто Исус своето дело го сметал за мошне важно? (б) Зошто Исус никогаш не се срамел тоа да го прави? Што треба ние да правиме?
11 Колку му било важно на Исус да го објави името и Царството на својот Татко? Тој им рекол на своите ученици: ”Мојата храна се состои во тоа да ја вршам волјата на оној кој ме испратил и да го завршам неговото дело“ (Јован 4:34, NW). Зошто Исус го сметал Божјето дело толку важно како храната? Затоа што Царството е средство со кое Бог ќе ги исполни прекрасните намери со човештвото. Тоа Царство ќе го уништи сето зло и ќе го исчисти Божјето име од срамот кој му е нанесен (Даниел 2:44; Откровение 21:3, 4). Затоа Исус никогаш не се срамел да го објави Божјето име и Царството (Матеј 4:17; Лука 8:1; Јован 17:26; Евреите 2:12). Тој секогаш ја зборувал вистината, без оглед дали со задоволство ја слушале или не. Со тоа дал пример кој треба да го следиме ако сакаме да му се допаднеме на Бог (1. Петрово 2:21).
12. Поради која друга важна причина Исус дошол на Земјата?
12 За да овозможи да добиеме вечен живот под владата на Божјето Царство, Исус ја пролеал својата животна крв. Двајца Исусови апостоли рекле: ”Сега се оправдавме со неговата крв“. ”Крвта на Исус Христос, неговиот [Божјиот] син, нѐ чисти од секаков грев“ (Римјаните 5:9, ДК; 1. Јованово 1:7, ДК). Една важна причина зошто Исус дошол на Земјата, била да умре за нас. Рекол: ”Синот човечки не дошол (...) да му служат, туку да служи и својата душа [или живот] да ја даде како откуп во замена за многумина“ (Матеј 20:28, NW). Што значи тоа што Исус го дал својот живот како ”откуп“? Зошто морал да ја пролее својата животна крв за да нѐ спаси?
СВОЈОТ ЖИВОТ ГО ДАЛ КАКО ОТКУПНИНА
13. (а) Што е откупнина? (б) Во што се состои откупната цена која Исус ја платил за да нѐ ослободи од гревот и смртта?
13 Зборот ”откупнина“ често се употребува кога се говори за киднапирање. Киднаперот кој грабнал некој човек може да бара одредена сума пари како откупнина за да ја ослободи својата жртва. Значи, откупнина е нешто што донесува ослободување на оној којшто е заробеник. Тоа е нешто што се плаќа за да лицето не го изгуби животот. Исус го дал својот совршен човечки живот за да го откупи човештвото од ропството на гревот и смртта (1. Петрово 1:18, 19; Ефесјаните 1:7). Зошто било потребно такво ослободување?
14. Зошто била потребна Исусовата откупнина?
14 Било потребно затоа што нашиот прататко Адам се побунил против Бог. Со својата беззакона постапка станал грешник бидејќи Библијата објаснува дека ”гревот е беззаконие“ (1. Јованово 3:4; 5:17). Затоа, не бил достоен да го прими вечниот живот како дар од Бог (Римјаните 6:23). Така Адам за себеси го изгубил совршениот човечки живот во рајот на Земјата. И исто така го изгубил прекрасниот изглед и за сите свои деца кои би се родиле. Можеби се прашуваш: ”Зошто морале да умрат сите негови деца, кога Адам бил тој што згрешил?“
15. Зошто мора да страдаат и да умираат Адамовите деца кога тој згрешил?
15 Затоа што кога Адам станал грешник, гревот и смртта ги пренел на своите деца, вклучувајќи ги и сите луѓе кои денес живеат (Јов 14:4; Римјаните 5:12). Сите згрешиле и ја изгубиле ”Божјата слава“, пишува во Библијата (Римјаните 3:23, ДК; 1. Царевите 8:46). Дури и богобојазливиот Давид рекол: ”Во престап и во породилни болки сум роден и во грев ме зачна мојата мајка“ (Псалми 51:5, NW). Луѓето умираат поради гревот кој го наследиле од Адам. Како е можно со жртвата на Исусовиот живот сите луѓе да бидат ослободени од ропството на гревот и смртта?
16. (а) Како Бог покажал со својата подготовка за откупот дека го почитува својот закон, според кој треба да даде ”живот за живот“? (б) Зошто Исус бил единствениот човек кој можел да ја плати откупнината?
16 Овде е вклучено правното начело од Божјиот закон, кој бил даден на израелскиот народ. Тоа начело е ”живот за живот“ (2. Мојсеева 21:23; 5. Мојсеева 19:21). Совршениот Адам поради непослушност го изгубил совршениот живот за себе и за сите свои деца. Исус Христос го дал својот совршен живот за да го откупи она што Адам го изгубил. Да, Исус ”се дал себеси како соодветна откупнина за сите“ (1. Тимотеј 2:5, 6, NW). Исус бил совршен како Адам, па затоа се вика и ”последен Адам“ (1. Коринтјаните 15:45). Ниеден друг човек освен Исус не можел да го плати откупот, затоа што тој бил единствениот човек кој некогаш живеел, а кој бил еднаков на Адам како совршен човечки Божји син (Псалми 49:7; Лука 1:32; 3:38).
17. Кога откупнината му била платена на Бог?
17 Исус умрел кога имал 33 и пол години. Но, воскреснал три дена после смртта. Четириесет дена подоцна се вратил на небото (Дела на апостолите 1:3, 9-11). Таму, како духовна личност, се појавил ”пред Божјата личност за нас“, со вредноста на својата откупна жртва (Евреите 9:12, 24, NW). Тогаш, откупнината му била платена на Бог на небото. Човештвото сега можело да се ослободи. Кога ќе имаат полза од тоа?
18. (а) Како можеме уште сега да имаме корист од откупнината? (б) Што ќе овозможи откупнината во иднина?
18 Уште сега можеме да имаме корист од Исусовата откупна жртва. Како? Ако обичаваме вера во неа ќе можеме да стоиме чисти пред Бог и да дојдеме под неговата љубезна и нежна заштита (Откровение 7:9, 10, 13-15). Многумина од нас можеби направиле страшни гревови пред да го запознаат Бог. Дури и сега правиме грешки, понекогаш многу сериозни. Но, на темел на откупнината можеме слободно да го молиме Бог за простување со доверба дека ќе нѐ сослуша (1. Јованово 2:1, 2; 1. Коринтјаните 6:9-11). Освен тоа, откупот ни го отвара патот кон Божјиот дар за вечен живот, под новото уредување кое доаѓа (2. Петрово 3:13). Тогаш, сите кои обичаваат вера во откупнината ќе бидат потполно ослободени од ропството на гревот и смртта. Тие имаат изглед за вечен живот во совршенство!
19. (а) Како влијае на тебе сознанието за подготвената откупнина? (б) Како треба, според зборовите на апостол Павле, да покажеме благодарност за откупнината?
19 Што чувствуваш откако научи за откупнината? Зарем не чувствуваш наклоност спрема Јехова Бог кога си сознал колку е заинтересиран за тебе што го дал и својот љубен Син за твоја корист? (Јован 3:16; 1. Јованово 4:9, 10). Но, помисли и на Христовата љубов. Тој доброволно дошол на Земјата за да умре за нас. Зарем не треба да бидеме благодарни? Апостол Павле објаснил како да ја покажеме нашата благодарност, кога рекол: ”Христос умре за сите, за да оние кои живеат не живеат повеќе само за себе, туку за оној кој умре за нив и воскресна“ (2. Коринтјаните 5:14, 15, ДК). Дали ќе ја покажеш својата благодарност со тоа што својот живот ќе го искористиш да му служиш на Бог и на неговиот небесен Син, Исус Христос?
ЗОШТО ИСУС ПРАВЕЛ ЧУДА?
20. Што сознаваме за Исус од примерот кога го излечил лепрозниот човек?
20 Исус е познат по чудата што ги правел. Длабоко сочувствувал со луѓето кои биле во неволја и марливо ја применувал силата којашто Бог му ја дал за да им помогне. На пример, еден лепрозен човек му пришол и рекол: ”Ако сакаш, можеш да ме исчистиш.“ Исус ”се сожали и ја испружи својата рака, го допре и му рече: ’Сакам. Биди чист‘.“ И болниот бил излечен! (Марко 1:40-42, NW).
21. Како Исус му помагал на мноштвото?
21 Да разгледаме и друга библиска сцена кога Исус покажал длабоко сочувство за луѓето: ”И му пристапи големо мноштво во кое имаше куци, сакати, слепи, неми и многу други, и ги ставаа подеднакво пред неговите нозе, а тој ги излечи; така што мноштвото се восхитуваше гледајќи како немите говорат, сакатите одат, слепите гледаат и го славеа Богот Израелов“ (Матеј 15:30, 31, NW).
22. Што покажува дека Исус навистина се грижел за луѓето на кои им помагал?
22 Дека Исус навистина се грижел за луѓето кои страдале и дека навистина сакал да им помогне, произлегува од зборовите кои потоа им ги кажал на своите ученици. Тој рекол: ”Жал ми е за народот, зашто веќе три дена се кај мене и немаат што да јадат; а не сакам да ги отпуштам гладни за да не се истоштат по патот.“ И така Исус со чудо нахранил ”со седум леба и неколку рипчиња, четири илјади мажи, освен жени и деца“ (Матеј 15:32-38, д-р Чарниќ).
23. Што го натерало Исус да го воскесне мртвиот син на вдовицата?
23 Во друга прилика наишол на една погребна поворка која излегувала од градот Наин. Библијата известува: ”Го изнесуваа мртвиот, единец на мајка која беше вдовица. И кога Господ ја виде, се сожали над неа.“ Нејзината тага го заболела. Обраќајќи се кон мртвото тело, Исус заповедал: ”Момче, тебе ти говорам, стани!“ И чудо над чудата! ”Мртовецот стана, и почна да говори и го даде на мајка му.“ Претстави си како се чувствувала мајката! Како би се чувствувал ти? Веста за овој значаен настан се проширила надалеку и нашироко. Не е чудно што Исус бил толку познат (Лука 7:11-17, д-р Чарниќ).
24. Што Исусовите чуда навестиле за иднината?
24 Сепак, чудата што Исус ги правел, биле од краткотрајна корист. Луѓето кои ги излечил подоцна повторно заболеле од најразлични други болести, а оние кои воскреснале морале повторно да умрат. Но, Исусовите чуда покажале дека Бог го испратил и дека е навистина Божји син. Исто така покажале дека со Божја сила сите проблеми на човештвото можат да бидат решени. Да, покажале во мало што ќе се случи на Земјата под Божјето Царство. Тогаш гладните ќе бидат нахранети, болните излечени, дури и мртвите воскреснати! И никогаш повеќе болеста, смртта или други проблеми нема да ги унесреќуваат луѓето. Колкав благослов ќе биде тоа! (Откровение 21:3, 4; Матеј 11:4, 5).
ВЛАДЕТЕЛ НА БОЖЈЕТО ЦАРСТВО
25. На кои три периода можеме да го поделиме Исусовиот живот?
25 Животот на Божјиот син можеме да го поделиме на три периода. Најпрво поминал непознат број години со својот Татко на небото, пред да стане човек. Потоа, по раѓањето на Земјата живеел триесет и три и пол години. И сега повторно е на небото како духовна личност. Какво место зазема на небото по своето воскресение?
26. За кое место се покажал достоен со својата верност на Земјата?
26 Очигледно, Исус требало да биде цар. Дури и ангелот ѝ најавил на Марија: ”Засекогаш ќе владее како цар (...) и неговото царство нема да има крај“ (Лука 1:33, NW). За време на својата земска служба, постојано говорел за Божјето Царство. Ги научил своите следбеници да молат: ”Да дојде царството твое; да биде волјата твоја и на земјата како и на небото“. И ги повикал: ”Најпрво барајте го царството“ (Матеј 6:10, 33). Исус со својата верност на Земјата се покажал достоен да биде цар на Божјето Царство. Дали веднаш почнал да владее како цар штом се вратил на небото?
27. (а) Што Исус сторил после своето враќање на небото? (б) Која била првата Исусова постапка како цар на Божјето Царство?
27 Не. Не било така. Апостол Павле го цитирал Псалм 110:1 и објаснил: ”Овој [Исус] принесе само една жртва за гревовите и засекогаш седнал оддесно на Бог и понатаму чека додека неговите непријатели не бидат поставени како подножје на неговите нозе“ (Евреите 10:12, 13, д-р Чарниќ). Исус чекал на Јеховината наредба: ”Владеј среде своите непријатели“ (Псалм 110:2, NW). Кога дошло тоа време почнал да го чисти небото од Сатана и неговите ангели. Резултатот од таа војна на небото е опишан со следниве зборови: ”Сега дојде спасението и силата и царството на нашиот Господ и власта на неговиот Христос, бидејќи е исфрлен обвинителот на нашите браќа кој ден и ноќ ги обвинуваше пред нашиот Бог“ (Откровение 12:10, NW). Како што видовме во едно од претходните поглавја на оваа книга, фактите покажуваат дека таа војна на небото веќе се случила и дека Исус сега владее среде своите непријатели.
28. (а) Што Христос наскоро ќе стори? (б) Што мора да сториме за да бидеме заштитени?
28 Наскоро Христос и неговите ангели ќе ги отстранат сите сегашни светски влади (Даниел 2:44; Откровение 17:14). Како што читаме во Библијата, тој има ”долг остар меч за да со него да ги удри народите, и тој ќе ги пасе со железна палка“ (Откровение 19:11-16, NW). Ние мораме да веруваме во Исус Харистос за да бидеме заштитени во уништувањето кое претстои (Јован 3:36). Мораме да бидеме негови ученици и да му се покориме на својот небесен Цар. Дали ќе го сториш тоа?
[Слика на страница 58]
Исус го напуштил својот дрводелски занает за да биде крстен и да стане Јеховин помазаник
[Слика на страница 63]
Исус бил еднаков со совршениот човек Адам
[Слики на страница 64]
Исус бил поттикнат од сожалување да им помага на болните и гладните
[Слика на страница 67]
Со воскреснување на мртвите, Исус покажал што ќе стори во многу поголем обем кога ќе владее Божјето Царство