Што значи за тебе надежта во воскресение?
„Ти ја отвораш Твојата рака, и [ја] наситуваш желбата на сѐ живо“ (ПСАЛМ 145:16).
1-3. На каква иднина се надеваат некои? Дај пример.
ДЕВЕТГОДИШНИОТ Кристофер, неговиот брат, тетин им, тетка им и двајцата братучеди, цело утро го поминале одејќи од куќа до куќа додека ја извршувале христијанската служба во близината на Манчестер (Англија). Нашето придружно списание, Разбудете се!, објаснува што се случило. „Попладнето сите заедно отишле да го разгледаат Блекпул, туристичко место покрај морето кое се наоѓало во близина. Сите 6-мина биле меѓу 12-те што загинале на лице место во една сообраќајна несреќа, која полицијата ја опишала како ‚тотален холокауст‘“.
2 Вечерта пред да се случи трагедијата, целото семејство било на Собраниска студија на книга, каде што тема на дискусијата била смртта. „Кристофер отсекогаш беше дете што многу размислува“, раскажува татко му. „Таа вечер јасно зборуваше за новиот свет и за својата надеж за иднината. Потоа, како што течеше дискусијата, Кристофер одеднаш рече: ‚Навистина е болно кога некој ќе умре, ама ние, Јеховините сведоци, барем знаеме дека еден ден пак ќе се видиме на Земјата‘. Кога го слушавме, ни на крај памет не ни беше колкаво значење ќе имаат за нас тие зборови“.a
3 Многу години претходно, во 1940, Франц, Сведок од Австрија, го чекало погубување на гилотина затоа што одбил да му биде неверен на Јехова. Од берлинскиот затвор, Франц ѝ напишал на мајка си: „Знам дека, да положев [воена] заклетва, ќе направев грев што заслужува смрт. Тоа би значело крај за мене; дека нема да воскреснам . . . И сега, мила моја мајко и мили мои браќа и сестри, денес ми ја кажаа пресудата и, немојте да се исплашите, казнет сум на смрт, а казната ќе биде извршена утре претпладне. Бог ми дава сила, исто како што секогаш им давал сила на сите вистински христијани во минатото . . . Ако останете цврсти до смртта, повторно ќе се сретнеме при воскресението . . . Збогум, до нашата следна средба“.b
4. Како влијаат врз тебе искуствата што се раскажани овде, и што ќе разгледаме сега?
4 Надежта во воскресение многу им значела на Кристофер и на Франц. За нив таа била нешто реално. Она што го прочитавме за нив сигурно нѐ трогна! За да ја продлабочиме нашата благодарност кон Јехова и да ја зајакнеме нашата вера во воскресението, да разгледаме зошто ќе има воскресение и како треба тоа да влијае врз нас лично.
Визија за воскресение на Земјата
5, 6. Што открива визијата што ја запишал апостол Јован во Откровение 20:12, 13?
5 Во една визија за она што ќе се случува во текот на Илјадагодишното владеење на Христос Исус, апостол Јован видел луѓе коишто воскреснуваат на Земјата. „Ги видов мртвите, големите и малите“, запишал тој. „И морето ги предаде мртвите кои беа во него, и смртта и Хадесот ги предадоа мртвите кои беа во нив“ (Откровение 20:12, 13). Сеедно каква положба имале — дали биле ‚големи‘ или ‚мали‘ — сите оние што се заробени во Хадесот (шеолот), општиот гроб на човештвото, ќе бидат ослободени оттаму. Тогаш ќе оживеат и оние што умреле во морето. Тој прекрасен настан е дел од Јеховината намера.
6 Христовото илјадагодишно владеење ќе започне кога Сатана ќе биде врзан и фрлен во бездна. Никој од оние што ќе воскреснат ниту, пак, од оние што ќе ја преживеат големата неволја, нема да биде заведен од Сатана за тоа време, бидејќи тој ќе биде неактивен (Откровение 20:1-3). Можеби ти се чини дека илјада години се долго време, но, всушност, за Јехова тие се како „еден ден“ (2. Петрово 3:8).
7. На темел на што ќе се суди во текот на Христовото илјадагодишно владеење?
7 Според оваа визија, Христовото илјадагодишно владеење ќе биде време на суд. Апостол Јован напишал: „Ги видов мртвите, големите и малите, како стојат пред престолот, и свитоците беа отворени. И еден друг свиток беше отворен; тоа е свитокот на животот. И мртвите беа судени според нивните дела врз основа на она што е напишано во свитоците . . . И тие беа судени поединечно според своите дела“ (Откровение 20:12, 13). Забележи дека нема да се суди врз основа на тоа што лицето го правело или не го правело пред да умре (Римјаните 6:7). Наместо тоа, судењето е поврзано со „свитоците“ што треба да се отворат. На темел на делата што ги прави некој откако ќе чуе што содржат свитоците ќе се одреди дали неговото име ќе биде запишано во „свитокот на животот“.
„Воскресение на живот“ или „воскресение на суд“
8. Кои две можности ги очекуваат оние што ќе воскреснат?
8 Претходно во истата визија што ја добил Јован, опишано е дека Исус ги има „клучевите од смртта и Хадесот“ (Откровение 1:18). Тој служи како „Главниот Застапник на животот“, на кого му е дадена моќ да им суди „на живите и на мртвите“ (Дела 3:15; 2. Тимотеј 4:1). Како ќе го направи тоа? Така што ќе ги врати во живот оние што се во смртен сон. „Не чудете се на ова“, им рекол Исус на мноштвата на кои им проповедал, „зашто доаѓа часот во кој сите оние што се во спомен-гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат“. Потоа додал: „Оние кои правеле добро, за воскресение на живот, а оние кои практикувале подли работи, за воскресение на суд“ (Јован 5:28-30). Па, каква иднина ги чека верните мажи и жени од минатото?
9. а) Што несомнено ќе научат многу од оние што ќе воскреснат? б) Кое огромно образовно дело ќе се одвива?
9 Кога тие верни луѓе од минатото ќе воскреснат, за кратко време ќе сфатат дека ветувањата во кои поверувале сега се исполнети. Колку само ќе сакаат да дознаат кое е Семето на Божјата жена, спомнато во првото пророштво што е запишано во Библијата, во Битие 3:15! И колку среќни ќе бидат кога ќе чујат дека тој Месија што бил ветен, Исус, останал верен до смртта и го дал својот живот како откупна жртва! (Матеј 20:28). Оние што ќе ги дочекаат кога ќе оживеат многу ќе се радуваат што ќе можат да им помогнат да сфатат дека овој откуп е израз на незаслужената љубезност и милост што кон нас ги покажал Јехова. Кога воскреснатите ќе дознаат што прави Божјето Царство за да се исполни намерата што Јехова ја има со Земјата, без сомнение од длабочината на срцето ќе го фалат Јехова. Ќе имаат многу прилики да дадат доказ дека му се верни на својот добар небесен Татко и на неговиот Син. Сите што ќе живеат тогаш, радосно ќе учествуваат во огромното образовно дело што ќе треба да се спроведе за да се поучат милијардите луѓе што ќе се вратат од гробот, кои исто така ќе треба да го прифатат откупот што го обезбедил Бог.
10, 11. а) Каква прилика ќе имаат сите што ќе живеат на Земјата во текот на Милениумот? б) Како треба тоа да влијае врз нас?
10 Кога ќе воскресне, Авраам ќе биде многу радосен што навистина живее под владата на „градот“ на којшто се надевал (Евреите 11:10). А колку ли ќе се радува верниот Јов кога ќе дознае дека неговиот начин на живот зајакнал други слуги на Јехова чија беспрекорност била испитана! И Даниел сигурно со нетрпение ќе сака да дознае нешто повеќе за тоа како се исполниле пророштвата што бил инспириран да ги запише!
11 Навистина, сите што ќе добијат живот во праведниот нов свет, сеедно дали со тоа што ќе воскреснат или, пак, со тоа што ќе ја преживеат големата неволја, ќе имаат да научат уште многу за Јеховината намера со Земјата и со нејзините жители. Тоа што знаеме дека имаме шанса да живееме вечно и да го славиме Јехова во сета вечност ќе ја направи образовната програма во текот на Милениумот вистинско задоволство. Меѓутоа, најважно ќе биде што прави секој од нас како поединец додека учи за она што е напишано во свитоците. Ќе го применуваме ли она што ќе го учиме? Ќе ги земеме ли при срце и ќе размислуваме ли за животоважните информации што ќе нѐ зајакнат да му одолееме на последниот обид на Сатана да нѐ одврати од вистината?
12. Што ќе му помогне на секого потполно да учествува како во образовното дело така и во претворањето на Земјата во рај?
12 Не треба да ги заборавиме прекрасните благослови што ќе ги имаме кога ќе бидат применети користите од Христовата откупна жртва. Оние што повторно ќе живеат благодарение на воскресението нема да се мачат со болестите или инвалидностите што ги има денес (Исаија 33:24). Здравото тело и совршеното здравје што им претстои ќе им овозможат на сите жители на новиот свет потполно да учествуваат во образовното дело преку кое милијардите воскреснати ќе бидат поучувани да одат по патот на животот. Исто така, неговите жители ќе имаат удел во најголемиот потфат што некогаш бил направен на Земјата — целата планета да биде претворена во рај, на фалба на Јехова.
13, 14. Зошто Сатана ќе биде ослободен кога ќе дојде време за последниот испит, и каква иднина може да има секој од нас?
13 Кога Сатана ќе биде пуштен од бездната за да ги искуша луѓето за последен пат, повторно ќе се обиде да го заведе населението. Според Откровение 20:7-9, сите ‚заведени нации‘, или групи луѓе, што ќе попуштат на злобното влијание на Сатана, ќе бидат осудени на уништување: ‚Оган ќе слезе од небото и ќе ги проголта‘. Меѓу уништените ќе бидат и некои што воскреснале во текот на Милениумот. За нив може да се каже дека воскреснале за да добијат неповолен суд. За разлика од нив, на воскреснатите што останале беспрекорни ќе им биде подарен вечен живот. Значи, нивното воскресение ќе биде „воскресение на живот“ (Јован 5:29).
14 Како може уште денес да нѐ теши надежта во воскресение? Што е уште поважно, што мораме да правиме за да бидеме сигурни дека во иднина ќе имаме корист од воскресението?
Што можеме да научиме уште сега
15. Како може уште денес да ти помогне верата во воскресението?
15 Можеби неодамна смртта ти одзела некој сакан и се соочуваш со големите промени што ги носи таквата загуба. Надежта во воскресение ти помага да ги добиеш внатрешниот мир и силата што ги немаат оние што не ја знаат вистината. „Не сакаме да бидете во незнаење во врска со оние кои заспиваат во смрт“, ги тешел Павле солуњаните, „за да не тагувате како што тагуваат и другите кои немаат надеж“ (1. Солуњаните 4:13). Дали се гледаш себеси во новиот свет, како очевидец на воскресението? Теши се уште денес со тоа што ќе размислуваш дека е можно повторно да ги видиш твоите сакани.
16. Како веројатно ќе се чувствуваш кога ќе воскреснеш?
16 Можеби сега трпиш некои од физичките последици од побуната на Адам, како што е некоја болест. Не дозволувај душевната болка што ја чувствуваш заради тоа да те натера да заборавиш на радосната надеж ти лично да го искусиш воскресението и повторно да оживееш во новиот свет со обновено здравје и енергија. Тогаш, кога ќе ги отвориш очите и ќе погледнеш во среќните лица на оние што едвај чекаат да ја поделат со тебе радоста што си воскреснал, сигурно ќе му заблагодариш на Бог за неговата лојална љубов.
17, 18. Кои две важни работи не смееме да ги заборавиме?
17 Дотогаш, размислувај за две работи што не смееме да ги заборавиме. Првата работа е дека е многу важно уште сега од сѐ срце да му служиме на Јехова. Исто како нашиот Учител, Христос Исус, со нашиот самопожртвуван живот покажуваме дека ги сакаме Јехова и нашите ближни. Ако ги изгубиме средствата за живот или слободата поради тоа што луѓето ни се противат или нѐ прогонуваат, решени сме да останеме цврсти во верата без оглед на неволјите со кои се соочуваме. Ако противниците ни се закануваат со смрт, тогаш надежта во воскресение нѐ теши и нѐ зајакнува да му останеме верни на Јехова и на неговото Царство. Да, ако ревносно учествуваме во проповедањето на Царството и во делото на правење ученици, ќе имаме прилика да ги добиеме вечните благослови со кои Јехова ќе ги награди праведните.
18 Втората работа што ја учиме е поврзана со тоа како се соочуваме со искушенијата што ги имаме поради нашето несовршено тело. Тоа што знаеме дека постои надеж во воскресение и што сме благодарни за таквата незаслужена љубезност од Јехова, ја зајакнува нашата решеност да останеме цврсти во верата. „Немојте да го љубите ниту светот ниту она што е во светот“, опоменал апостол Јован. „Ако некој го љуби светот, љубовта кон Таткото не е во него; бидејќи сѐ што е во светот — желбата на телото и желбата на очите и нападното истакнување на своите средства за живот — не потекнува од Таткото, туку потекнува од светот. Освен тоа, светот поминува, а и неговата желба, но оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“ (1. Јованово 2:15-17). Во светот материјализмот е прикажан како нешто многу привлечно, но кога ќе го споредиме со „вистинскиот живот“ за нас нема да има никаква привлечност (1. Тимотеј 6:17-19). Ако сме на искушение да извршиме неморал, одлучно ќе се спротивставиме. Јасно ни е дека, ако умреме пред Армагедон, а со своето однесување постојано сме го разочарувале Јехова, би биле во иста положба како оние што нема да бидат воскреснати.
19. Која голема чест не смееме да ја заборавиме?
19 Пред сѐ, никогаш не треба да заборавиме колку голема чест имаме да го радуваме Јеховиното срце сега и засекогаш (Пословици 27:11). Тоа што ќе бидеме верни до смрт или ќе останеме беспрекорни до крајот на овој злобен систем му покажува на Јехова на чија страна стоиме во спорното прашање за универзалната сувереност. Колку ли ќе бидеме радосни кога ќе живееме во Рај на Земјата, сеедно дали затоа што сме ја преживеале големата неволја или затоа што сме го искусиле чудесното воскресение!
Нашите желби ќе бидат исполнети
20, 21. Што ќе ни помогне да останеме верни дури и ако некои прашања што ги имаме во врска со воскресението останат неодговорени? Објасни.
20 Во нашата дискусија за воскресението останаа неодговорени некои прашања. Што има на ум Јехова за оние што биле во брак кога умреле? (Лука 20:34, 35). Дали луѓето ќе воскреснат онаму каде што умреле? Дали воскреснатите ќе оживеат во близина на своите семејства? Остануваат уште многу други прашања во врска со воскресението. Сепак, мораме да мислиме на зборовите што ги запишал Еремија: „Добар е Господ за оној, кој се надева во Него, за душата, која Го бара. Блазе му на тој, кој трпеливо чека спасение на Господа“ (Плач Еремиин 3:25, 26). Во време што го одредил Јехова, на сите тие прашања ќе добиеме одговор со кој ќе бидеме задоволни. Зошто можеме да бидеме уверени во тоа?
21 Размисли за инспирираните зборови на псалмистот кога во песна му рекол на Јехова: „Ти ја отвораш Твојата рака, и [ја] наситуваш желбата на сѐ живо“ (Псалм 145:16). Како што минуваат годините, нашите желби се менуваат. Она што го сакаме сега не е исто со она што сме го сакале како деца. Врз нашето гледиште за животот влијае она што ни се случува и она што го посакуваме. Сепак, Јехова сигурно ќе ни ги исполни сите исправни желби што ќе ги имаме во новиот свет.
22. Зошто имаме добра причина да го фалиме Јехова?
22 Она што на секој од нас треба да му е најважно сега е да остане верен. „Она што се бара . . . од настојниците е човек да се најде верен“ (1. Коринќаните 4:2). Ние сме настојници на славната добра вест за Божјето Царство. Тоа што марливо им ја објавуваме оваа добра вест на сите што ги сретнуваме ни помага да останеме на патот што води во живот. Никогаш не заборавај дека „времето и непредвидените настани“ нѐ снаоѓаат сите (Проповедник 9:11, NW). За да ги отфрлиш сите непотребни грижи што ги носи неизвесноста на животот, задржи ја верата во славната надеж во воскресение. Биди сигурен дека, ако се чини дека твојот живот ќе заврши пред да започне Илјадагодишното царување на Христос, утешно е тоа што сигурно ќе има избавување. Во време што го одредил Јехова, ќе можеш и ти да ги кажеш зборовите што на Творецот му ги кажал Јов: „Би ме повикал, а јас би се одѕвал“. Нека биде фален Јехова, кој има желба да ги врати во живот сите оние што се во неговото сеќавање! (Јов 14:15).
[Фусноти]
a Види го англиското издание на Разбудете се! од 8 јули 1988, страница 10, издадено од Јеховините сведоци.
b Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom (Јеховините сведоци — објавители на Божјето царство), страница 662, издадена од Јеховините сведоци.
Се сеќаваш ли?
• На темел на што ќе им биде судено на луѓето во текот на Милениумот?
• Зошто некои ќе добијат „воскресение на живот“, а други „воскресение на суд“?
• Како може надежта во воскресение да нѐ теши денес?
• Како ни помагаат зборовите од Псалм 145:16 во поглед на неодговорените прашања во врска со воскресението?
[Слики на страница 21]
Како може верата во воскресение да ни помогне денес?