ПОГЛАВЈЕ 65
Поуки додека оделе кон Ерусалим
МАТЕЈ 8:19-22; ЛУКА 9:51-62; ЈОВАН 7:2-10
КАКО ГЛЕДАЛЕ НА ИСУС НЕГОВИТЕ БРАЌА
КОЛКУ БИЛА ВАЖНА СЛУЖБАТА ЗА ЦАРСТВОТО
Некое време, Исус ја извршувал својата служба главно во Галилеја, каде што луѓето го слушале повеќе во споредба со луѓето во Јудеја. Освен тоа, кога во Ерусалим излекувал еден човек во сабота, ‚Евреите барале поволен момент да го убијат‘ (Јован 5:18; 7:1).
Било есен 32 год. од н.е., и наближувал Празникот на сениците. Празникот траел седум дена, а на осмиот ден се одржувал свечен собир. Овој празник го означувал крајот на земјоделските работи за таа година, а народот во таа пригода се веселел и му ја изразувал својата благодарност на Бог.
Полубраќата на Исус — Јаков, Симон, Јосиф и Јуда — му рекле: „Замини одовде и појди во Јудеја“. Во Ерусалим, кој бил центар на религиозните случувања, за време на трите годишни празници доаѓале луѓе од целата земја. Затоа, браќата му рекле на Исус: „Кој сака да биде познат, не прави ништо во тајност. Ако правиш такво нешто, покажи му се на светот“ (Јован 7:3, 4).
Всушност, овие четворица браќа на Исус ‚не верувале‘ дека тој е Месијата. Сепак, сакале сите што ќе дошле на празникот да видат дека може да прави чуда. Исус бил свесен за опасноста, па затоа им рекол: „Светот нема причина да ве мрази вас, но мене ме мрази, бидејќи јас сведочам за него дека неговите дела се зли. Вие појдете на празникот, а јас уште не одам на овој празник, зашто моето време уште не е дојдено“ (Јован 7:5-8).
Неколку дена откако браќата на Исус отишле во Ерусалим заедно со поголемиот дел од луѓето, Исус и неговите ученици тајно тргнале натаму, држејќи се подалеку од очите на јавноста. Тие тргнале по пократкиот пат, низ Самарија, а не по патот крај реката Јордан, по кој обично се одело. Бидејќи Исус и учениците требало да преноќат во Самарија, тој пратил гласници за да им најдат сместување. Таму, во едно село, луѓето не сакале да го примат Исус и не му го покажале вообичаеното гостопримство затоа што одел во Ерусалим за еврејски празник. Јаков и Јован толку се налутиле што прашале: „Господару, сакаш ли да кажеме да слезе оган од небото и да ги уништи?“ (Лука 9:54). Но, Исус ги прекорил што дури и помислиле на такво нешто. Потоа продолжиле со патот.
Додека сѐ уште биле на пат, еден книжник му рекол на Исус: „Учителе, ќе одам по тебе каде и да појдеш“. А Исус му рекол: „Лисиците имаат дувла и птиците небесни имаат гнезда, а Синот човечки нема каде глава да потпре“ (Матеј 8:19, 20). Со тоа му посочил дека, ако стане негов следбеник, животот нема да му биде лесен. По сѐ изгледа, тој книжник бил премногу горд за да прифати таков начин на живот. Затоа, секој од нас треба да се праша: ‚Какви жртви сум спремен да направам јас за да го следам Исус?‘
На еден друг човек, Исус му рекол: „Појди по мене“. Човекот му одговорил: „Дозволи ми најпрво да одам и да го погребам татко ми“. Бидејќи Исус ги знаел животните околности на човекот, му рекол: „Мртвите нека ги погребуваат своите мртви, а ти оди и објавувај го царството Божје“ (Лука 9:59, 60). Таткото на тој човек очигледно сѐ уште не бил умрен. Инаку синот немало да биде таму и да разговара со Исус. Тој човек не бил спремен да го стави Божјето Царство на прво место во својот живот.
Додека оделе надолу по патот кон Ерусалим, еден друг човек му рекол на Исус: „Ќе појдам по тебе, Господару, но дозволи ми најпрво да се збогувам со своите домашни“. Исус му одговорил: „Никој, кој ќе ја стави раката на плугот, па се обѕрнува на она што е одзади, не е погоден за царството Божје“ (Лука 9:61, 62).
Оние што сакаат да бидат вистински ученици на Исус мора да се фокусираат на Царството и на службата за Бог. Ако еден орач не гледа право, тој најверојатно ќе ја искриви браздата. Ако го спушти плугот за да се сврти назад, работата на полето ќе заостане. Слично на тоа, секој што се свртува кон она што го оставил во светот на Сатана лесно би можел да скршне од патот кој води во вечен живот.