Погледни! Светлината е прекрасна!
АКО НЕКОГАШ си морал да го бараш патот пипајќи по темнината, знаеш колку е мачно тоа. Колкаво олеснување е кога ќе се појави светлина! Исто така, можеби си бил во ситуација кога си се чувствувал како да си во темнина. Можеби тоа се случило кога не си можел да видиш излез од некој проблем. Потоа, малку по малку си почнал да гледаш светлина — си нашол решение. Многу пријатно чувство е да се излезе од таква темнина и да се биде на светлина.
Во првиот век, повеќето луѓе биле во духовна темнина. Обраќајќи им се на оние што ги напуштиле своите претходни верувања и го прифатиле христијанството, апостол Петар напишал: „[Бог] ве повикал од темнината во својата прекрасна светлина“ (1. Петрово 2:9). Тие се чувствувале како да испливале од најгуста темнина и да се нашле во јасна светлина. Исто така, за нив тоа било и како кога некој е сам и без никаква надеж, но потоа станува член на една фамилија што има сигурна иднина (Ефешаните 2:1, 12).
„Ја остави својата прва љубов“
Првите христијани ја пронашле „вистината“ — вистинската христијанска вера (Јован 18:37). Тие ја виделе прекрасната светлина што ја дава вистината и преминале од духовна темнина во блескава светлина. Но, со текот на времето, првобитната воодушевеност и ревност што ја имале некои христијани се оладила. На пример, до крајот на првиот век во собранието во Ефес се појавил еден сериозен проблем. Воскреснатиот Исус Христос кажал во што е проблемот, велејќи: „Ова го имам против тебе: ја остави својата прва љубов. Затоа, сети се од каде падна, покај се и прави ги поранешните дела“ (Откровение 2:4, 5). Христијаните во Ефес требало повторно да ја разгорат својата љубов кон Бог и кон вистината.
А како е со нас? И ние сме почувствувале колку е убаво да се види светлината, да се запознае прекрасната вистина од Божјата реч. Сме ја засакале вистината. Но, секојдневните вообичаени проблеми може да ни ја задушат љубовта кон вистината. Кон ова може да се додадат и проблемите што се својствени за „последните денови“. Живееме во свет во кој владеат „особено тешки времиња“ — свет во кој живеат луѓе што се „себељубиви, алчни за пари, вообразени, надуени, хулители, непослушни на родителите, неблагодарни, нелојални“ (2. Тимотеј 3:1, 2). Нивното влијание може да ја намали нашата ревност и да ја олади нашата љубов кон Јехова.
Ако сме ја изгубиле љубовта што сме ја имале во почетокот, треба ‚да се сетиме од каде сме паднале и да се покаеме‘. Треба да се вратиме во претходната духовна состојба. Освен тоа, мора да внимаваме да не дозволиме да се намали нашето ценење за вистината. Многу е битно секој од нас да задржи позитивен и ведар став и да ја одржи жива љубовта кон Бог и кон неговата вистина!
‚Вистината што нѐ ослободува‘
Светлината од библиската вистина е прекрасна затоа што Библијата дава одговор на важни прашања што со милениуми ги мачат луѓето. Некои од тие прашања се следниве: ‚Зошто сме овде? Која е смислата на животот? Зошто постои злото? Постои ли живот по смртта?‘ Јехова нѐ просветлил со прекрасни вистини во врска со библиските науки. Зар не треба да бидеме благодарни од сѐ срце? Никогаш да не го земаме здраво за готово она што сме го научиле!
Исус им рекол на своите ученици: „Ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32). Исусовата откупна жртва овозможила да бидеме ослободени од гревот и смртта. Но, овие скапоцени вистини нѐ ослободиле и од незнаењето и неизвесноста што владеат во светот што е обвиткан во темнина. Кога со ценење ќе размислуваме за она што сме го научиле, ќе се зајакне нашата љубов кон Јехова и кон неговата Реч.
На христијаните во Солун, апостол Павле им напишал: „Божјата реч, која ја примивте откако ја чувте од нас, не ја прифативте како реч човечка, туку како реч Божја, каква што таа навистина е, и таа дејствува во вас кои верувате“ (1. Солуњаните 2:13). Солуњаните ја чуле и ‚ја прифатиле Божјата реч со радост‘. Тие повеќе не биле „во темнина“. Наместо тоа, станале „синови на светлината“ (1. Солуњаните 1:4-7; 5:4, 5). Тие христијани сфатиле дека Јехова е оној што создал сѐ и дека тој е семоќен, мудар, полн со љубов и милостив. Како и сите други следбеници на Христос, тие сфатиле дека Јехова направил сѐ што е потребно за да ги избрише нивните гревови преку откупната жртва на неговиот Син, Исус Христос (Дела 3:19-21).
Иако солуњаните не знаеле баш сѐ за вистината, тие знаеле каде да бараат знаење. Вдахновеното Свето писмо може да му помогне на Божјиот човек да биде „вистински способен и потполно опремен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17). Христијаните во Солун можеле да продолжат да проучуваат, и при тоа секогаш да искусуваат дека светлината од Бог е навистина прекрасна. Тие имале причина секогаш да се радуваат (1. Солуњаните 5:16). Истото важи и за нас.
Светлина на нашата патека
Наведувајќи една причина зошто светлината е прекрасна, псалмистот пеел: „Твојата реч е светилка на мојата нога и светлина за мојата патека“ (Псалм 119:105). Водството што ни го дава Бог преку својата реч ни помага да си зацртаме сигурен правец во животот и да водиме исполнет живот. Не мора да бидеме како брод што им е препуштен на ветрот и на брановите. Тоа што ја знаеме вистината и живееме според неа нѐ штити да не бидеме ‚фрлани од бранови и да нѐ носи ваму-таму секој ветар на учењето‘ (Ефешаните 4:14).
„Немајте доверба во достоинствениците, ниту во некој друг земен човек, од кого нема спасение“, ни вели Библијата. Во неа исто така стои: „Среќен е човекот, чиј помошник е Богот на Јаков, кој се надева на Јехова, својот Бог“ (Псалм 146:3, 5). Освен тоа, ако имаме доверба во Јехова, ќе совладаме секаков страв и тегобна загриженост. Апостол Павле напишал: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум преку Христос Исус“ (Филипјаните 4:6, 7). Тоа што нѐ води светлината од Божјата реч е навистина за наше добро.
Светете како светлоносци во светот
Уште една работа поради која светлината од Божјата реч е прекрасна е тоа што ни овозможува да ја добиеме највозвишената задача што може да им биде доверена на луѓето. Исус им рекол на своите следбеници: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав. И еве, јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“. Пред да ја даде оваа заповед, тој рекол: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата“ (Матеј 28:18-20).
Размисли кој им помага на вистинските христијани додека ја проповедаат добрата вест и ги поучуваат за библиските вистини луѓето од сите народи. Исус им ветил на своите следбеници дека ќе биде со нив. Тој навистина им помага и ги поддржува во службата додека ‚свети нивната светлина‘ преку службата и преку други „добри дела“ (Матеј 5:14-16). И ангелите се вклучени во ова дело на евангелизирање (Откровение 14:6). А што е со Јехова Бог? Апостол Павле напишал: „Јас посадив, Аполо залеа, но Бог даде да расте“. Голема чест е да се биде ‚Божји соработник‘! (1. Коринќаните 3:6, 9).
Исто така, помисли и на тоа дека трудот што го вложуваме во ова дело што ни го дал Бог е награден. Нема ништо што може да се спореди со честа што ни ја дал Бог да ‚светиме како светлоносци во светот‘. Со тоа што нашиот говор и нашите постапки ќе ја одразуваат светлината од Божјата реч, можеме вистински да им помогнеме на искрените луѓе (Филипјаните 2:15). Исто така, можеме да се радуваме додека ревносно проповедаме и поучуваме, ‚зашто Бог не е неправеден, па да го заборави нашето дело и љубовта што ја покажавме кон неговото име‘ (Евреите 6:10).
,Купи очна маст за да си ги намачкаш очите‘
Во една порака упатена до собранието во Лаодикија во првиот век, Исус рекол: „Да купиш од мене... очна маст за да си ги намачкаш очите, па да прогледаш. Јас ги укорувам и ги опоменувам сите што ги сакам“ (Откровение 3:18, 19). Сигурниот лек за духовното слепило е ‚очната маст‘ — учењата и опомените од Исус. Ако сакаме исправно да гледаме на работите од духовна гледна точка, мораме да ги прифатиме и да ги послушаме неговите совети, како и водството што се наоѓа во Библијата. Исто така, треба да размислуваме како Христос и да го следиме неговиот пример (Филипјаните 2:5; 1. Петрово 2:21). Очната маст не е бесплатна. Исус рекол: ‚Купи ја од мене‘. Во цената спаѓаат нашето време и нашиот труд.
Кога излегуваме од некое темно место и влегуваме во осветлена просторија, ќе ни треба малку време за да ни се привикнат очите. Слично, ќе ни треба време за да ја проучуваме Божјата реч и да ја видиме светлината на вистината. Ни треба време за да размислуваме подлабоко за она што го учиме и за тоа колку вредно нешто е вистината. Но, овој трошок не е многу голем. Зошто? Затоа што светлината е прекрасна!
[Слика на страница 14]
„Да купиш од мене... очна маст за да си ги намачкаш очите, па да прогледаш“