”Да се облечеме во оружјето на светлината“
”Ноќта помина, а денот се приближи: да ги отфрлиме, пак, сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на светлината“ (РИМЈАНИТЕ 13:12).
1, 2. Како повеќето Евреи од првиот век реагирале на ”вистинската светлина“, и наспроти кои предности?
ИСУС Христос е ”вистинската светлина, која им дава светлина на сите видови луѓе“ (Јован 1:9, NW). Кога дошол како Месија во 29. н.е., дошол во нација која била избрана од Бог да бидат Негови сведоци и која, макар по име, била посветена на Јехова (Исаија 43:10). Многумина Израелци го очекувале Месијата, и голем број од нив знаеле некои пророштва по кои би го препознале. Освен тоа, Исус проповедал во сите делови на Палестина, покажувајќи знаци токму пред очите на многу луѓе. Мноштва се собирале да го чујат и биле импресионирани од тоа што го виделе и чуле (Матеј 4:23-25; 7:28, 29; 9:32-36; Јован 7:31).
2 Сепак, на крајот поголемиот дел од Евреите го отфрлиле Исус. Во Евангелието на Јован стои: ”Дојде во сопствениот дом, но неговиот сопствен народ не го прими“ (Јован 1:11, NW). Зошто се случило така? Одговорот на ова прашање ќе ни помогне да избегнеме да ги повторуваме нивните грешки. Ќе ни помогне да ”да ги отфрлиме (...) сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на светлината“, а така да избегнеме неповолна пресуда, како онаа што ја претрпел Израел од првиот век (Римјаните 13:12; Лука 19:43, 44).
Противење од религиозните власти
3. На кој начин еврејските религиозни водачи се покажале како ”слепи водачи“?
3 Во Израел религиозните водачи биле први кои ја отфрлиле светлината. И покрај тоа што биле учители ’упатени во Законот‘, на луѓето им наметнале законски систем од правила кој често му противречел на Божјиот Закон (Лука 11:45, 46, NW). Со тоа тие ’ја обезвредиле Божјата Реч со своите преданија кои ги пренеле‘ (Марко 7:13, NW; Матеј 23:16, 23, 24). Тие биле ’слепи водачи‘ кои ја криеле светлината да светли (Матеј 15:14).
4, 5. (а) Како реагирале фарисеите кога многу Евреи почнале да се прашуваат дали Исус е Месијата? (б) Каков лош став на срцето се покажал кај фарисеите?
4 Во една прилика, кога многу Израелци се прашувале дали Исус можеби е Христос, вознемирените фарисеи испратиле службеници да го уапсат. Службениците се вратиле назад со празни раце, велејќи: ”Никогаш друг човек вака не зборувал.“ Непроменетите фарисеи ги прашале службениците: ”Зарем и вие сте заведени? Нели, ниеден од водачите на фарисеите не поверувал во него? Но овој народ кој не го познава Законот е проклет народ.“ Никодем, член на Синедриумот, протестирал дека е незаконски да му се суди на човек пред да се сослуша. Фарисеите злобно се свртеле кон него и рекле: ”Да не си и ти од Галилеја? Испитај и види дека никаков пророк нема да излезе од Галилеја“ (Јован 7:46-52, NW).
5 Зошто религиозните водачи на нацијата посветена на Бог постапувале на таков начин? Затоа што развиле лоша состојба на срцето (Матеј 12:34). Нивното презриво гледиште спрема обичните луѓе ја разоткрило нивната надуеност. Нивното тврдење дека ’ниеден од водачите на фарисеите не верувал во него‘ значело горделива претпоставка дека Месијата е вистински само ако тие го признаат. Уште повеќе, биле нечесни бидејќи се обиделе да го омаловажат Исус затоа што бил од Галилеја, иако само површното испитување би открило дека тој всушност бил роден во Витлеем, прореченото родно место на Месијата (Михеј 5:2; Матеј 2:1).
6, 7. (а) Како реагирале религиозните водачи на воскресението на Лазар? (б) Што рекол Исус за да ја разоткрие љубовта на религиозните водачи кон темнината?
6 Непомирливото противење на тие религиозни водачи спрема светлината било убедливо прикажано кога Исус го воскреснал Лазар. За еден богобојазлив човек таквото дело би било доказ дека Исус имал Јеховина подршка. Меѓутоа, верските водачи во тоа можеле да видат само опасност за својата повластена положба. Тие рекле: ”Што да правиме? Овој Човек прави многу чудеса. Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него и ќе дојдат Римјаните, па ќе ни ја одземат и земјата и народот“ (Јован 11:44, 47, 48). Затоа се собрале за да се договорат како да ги убијат и Исус и Лазар, надевајќи се дека можеби на тој начин ќе ја изгаснат светлината (Јован 11:53, 54; 12:9, 10).
7 Значи, тие религиозни водачи на Божјата нација биле одвоени од светлината поради нивната надуеност, гордост, интелектуална нечесност и неодоливо користољубие. При крајот на својата служба, Исус ја разоткрил нивната вина со зборовите: ”Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате царството небесно пред луѓето; оти, нити вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние, што сакаат да влезат“ (Матеј 23:13).
Себичност и гордост
8. Кои настани во Назарет ја разоткриле лошата состојба на срцето на тамошните луѓе?
8 Еврејскиот народ од првиот век поради лошиот став на срцето бил одраз на своите религиозни водачи во отфрлањето на светлината. На пример, во една прилика Исус бил поканет да зборува во една синагога во Назарет. Прочитал и објаснил еден пасус од Исаија, и во почетокот собранието внимателно го слушало. Но кога направил историски споредби кои ја разоткриле нивната себичност и недостаток на вера, тие се разбесниле и се обиделе да го убијат (Лука 4:16-30). Гордоста, покрај другите лоши особини, ги спречила исправно да се одзвијат на светлината.
9. Како биле разоткриени погрешните мотиви на голема група Галилејци?
9 Во една друга прилика, Исус преку чудо нахранил големо мноштво покрај Галилејското Море. Сведоците на ова чудо рекле: ”Овој е навистина Пророкот, Кој требаше да дојде на светот!“ (Јован 6:10-14). Кога Исус отишол со чамец на друго место, мноштвото го следело. Меѓутоа, Исус знаел дека мотивот на многумина не била љубовта кон светлината. Тој им рекол: ”Вие не Ме барате затоа што видовте чудеса, туку затоа што јадовте од лебовите и се наситивте“ (Јован 6:26). Наскоро се покажало дека бил во право кога голем број од оние кои го следеле се вратиле назад во светот (Јован 6:66). Себичното размислување: ’Што добивам јас од тоа?‘, ја попречило светлината.
10. Како повеќето пагани реагирале на светлината?
10 По Исусовата смрт и воскресение, Евреите кои верувале продолжиле да им ја носат светлината на другите Евреи, но само малку се одзвале. Затоа, апостол Павле и другите, служејќи како ”светло на паганите“, ја прошириле добрата вест до други земји (Дела 13:44-47, Ст). Многу не-Евреи се одзвале, но одзивот општо бил онаков како што опишал Павле: ”Го проповедаме Христос распнатиот, (...) [порака која] за паганите [е] лудост“ (1. Коринтјаните 1:22, 23, Ба). Повеќето не-Евреи ја отфрлиле светлината бидејќи биле заслепени од паганското суеверие или од светски филозофии (Дела 14:8-13; 17:32; 19:23-28).
’Повикани од темнината‘
11, 12. Кој се одзвал на светлината во првиот век, а кој се одзива денес?
11 Во првиот век, и покрај општиот недостаток на одзив, многумина со исправно наклонето срце биле ’повикани од темнината во Божјата прекрасна светлина‘ (1. Петрово 2:9, Ст). За нив апостол Јован напишал: ”А на сите кои го примија [Христос] им даде власт да станат Божји деца: оние кои веруваат во неговото име“ (Јован 1:12, Ст). Од Пентакост 33 н.е. па наваму, тие љубители на светлината биле крстени со свет дух и станале Божји синови со надеж да владеат со Исус во неговото небесно Царство.
12 Во наше време биле собрани последните од тие помазани Божји синови, и исполнувајќи го пророштвото на Даниел, тие ”светат како сјајот на пространството (...), доведувајќи многумина кон праведност“ (Даниел 12:3, NW). Тие дозволиле нивната светлина да сјае до толкава мера што повеќе од четири милиони ’други овци‘ биле привлечени кон вистината и се радуваат на праведната положба пред Бог (Јован 10:16). Тие пак, ја одразуваат светлината ширум светот, така што денес таа светлина светли како никогаш порано. Како во првиот век, и во наше време ”темнината не ја надвладеа [светлината]“ (Јован 1:5, NW).
’Нема темнина во Бог‘
13. Какво предупредување дава апостол Јован?
13 Меѓутоа, никогаш не треба да го заборавиме предупредувањето на апостол Јован: ”Бог е светлина, и во него нема никаква темнина. Ако речеме дека имаме заедница со него а одиме во темнина, лажеме и не ја твориме вистината“ (1. Јованово 1:5, 6, ДК). Сосема е можно христијаните да ја направат истата грешка како Евреите иако по името биле сведоци за Бог, и да направат дела на темнината.
14, 15. Кои дела на темнината се појавиле во христијанското собрание од првиот век, и што учиме од тоа?
14 Тоа навистина се случило во првиот век. Можеме да прочитаме за сериозни раздори во Коринт (1. Коринтјаните 1:10-17). Апостолот Јован морал да ги предупреди помазаните христијани да не се мразат еден со друг, а Јаков морал да советува некои да немаат поголема наклоност спрема богатите на штета на сиромашните (Јаков 2:2-4, Ст; 1. Јованово 2:9, 10; 3. Јованово 11, 12). Освен тоа, кога Исус ги преиспитал седумте собранија во Мала Азија, како што е прикажано во книгата Откровение, тој известил за продирањето на делата на темнината, вклучувајќи го отпадот, идолопоклонството, неморалот и материјализмот (Откровение 2:4, 14, 15, 20-23; 3:1, 15-17). Во тие рани денови на христијанското собрание, многумина ја напуштиле светлината, некои биле исклучени, а други едноставно заталкале ”надвор во темнината“ (Матеј 25:30, Ба; Филипјаните 3:18; Евреите 2:1, Ба; 2. Јованово 8-11).
15 Сите тие извештаи од првиот век покажуваат на какви сѐ начини темнината на Сатанскиот свет може незабележано да се вовлече во мислите на поедини христијани или дури цели собранија. Треба да бидеме будни за да никогаш не ни се случи нам такво нешто. Како тоа можеме да го сториме?
Новата личност
16. Кој здрав совет им го дал Павле на Ефесјаните?
16 Павле ги поттикнувал Ефесјаните повеќе да не бидат ”со мислите во темнина, отуѓени од животот кој му припаѓа на Бог“. За да не се слизнат назад во темнината, требало да развиваат став на срцето кој ѝ припаѓа на светлината. Павле рекол: ”Треба да ја одложите старата личност која одговара на вашиот поранешен начин на однесување и која се распаѓа по своите измамнички желби; туку (...) треба да се обновите во силата која го покренува вашиот ум, и треба да ја облечете новата личност која е создадена според Божја волја во вистинска праведност и лојалност“ (Ефесјаните 4:18, 22-24, NW).
17. Како можеме денес да избегнеме да не се слизнеме назад во темнината?
17 Павле овде советува, така да се каже, радикален хируршки зафат — отстранување на она што порано било дел од нас, нашата стара личност, и допуштање да се развие еден целосно нов дух кој би го ’покренувал нашиот ум‘. Тоа не им го зборувал на новозаинтересирани, туку на крстени христијани. Менувањето на нашата личност не престанува со крштението. Тоа е процес кој трае. Ако престанеме да ја развиваме новата личност, веројатно старата ќе избие на површина, со својата гордост, надуеност и себичност (1. Мојсеева 8:21; Римјаните 7:21-25). Тоа може да доведе до враќање на делата на темнината.
”Преку светлината од тебе можеме да видиме светлина“
18, 19. Како Исус и Павле го опишале начинот на распознавање на ’децата на светлината‘?
18 Запомни дека нашето постигнување на вечен живот зависи од нашето примање на поволна пресуда од Бог. Таа пресуда се темели на тоа колку ја љубиме светлината. Откако укажал на овој последниов факт, Исус рекол: ”Секој, што прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат осудени неговите дела, оти се лукави. А оној што твори вистина, оди кон светлината, за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бога извршени“ (Јован 3:19-21).
19 Павле ја поткрепил таа мисла кога им напишал на Ефесјаните: ”Чекорете и понатаму како деца на светлината, зашто плодот на светлината се состои од секаков вид на доброта и праведност и вистина“ (Ефесјаните 5:8, 9, NW). Затоа нашите дела покажуваат дали сме деца на светлината или на темнината. Но, исправните дела можат да доаѓаат само од добро срце. Затоа мораме да внимаваме на своето срце. Мораме да бидеме свесни за потребата да продолжиме да ја обновуваме својата личност и да внимаваме на духот кој го покренува нашиот ум (Изреките 4:23).
20, 21. (а) Со кој посебен предизвик се соочуваат децата родени во христијански семејства? (б) Со кој предизвик се соочуваат сите деца на христијански родители?
20 Во некои случаи, тоа се покажало како вистински предизвик за децата родени во семејство на предадени Сведоци на Јехова. Зошто? Па, од една страна, таквите деца уживаат прекрасен благослов. Од најрано детство ја знаат вистината, што всушност значи дека никогаш не требало лично да искусат што значи да се биде во темнината на Сатанскиот свет (2. Тимотеј 3:14, 15). Од друга страна, некои деца во таа ситуација ја сфаќаат вистината здраво за готово и никогаш не научуваат вистински да ја љубат светлината. Тоа било случај со повеќето Евреи од првиот век. Одраснале во нација која му била посветена на Јехова и до некоја мера имале спознание за вистината. Но, таа не била во нивните срца (Матеј 15:8, 9).
21 Христијанските родители се одговорни пред Бог своите деца да ги одгледуваат во светлината (5. Мојсеева 6:4-9; Ефесјаните 6:4). Сепак, на крај, детето мора само да ја засака светлината повеќе отколку темнината. Светлината на вистината треба да стане дел од него. Како што расте, некои обележја на Сатанскиот свет можат да изгледаат привлечни. Безгрижниот или неодговорен начин на живот на неговите врсници може да изгледа возбудлив. Скептицизмот кој се учи во училиштето може да биде заводлив. Но, детето никогаш не треба да заборави дека надвор од светлината ’темнина ја покрива земјата‘ (Книга пророк Исаија 60:2). Долгорочно гледано, овој затемнет свет нема да понуди ништо добро (1. Јованово 2:15-17).
22. Како Јехова денес ги благословува оние кои доаѓаат на светлината, и како ќе ги благослови во иднина?
22 Крал Давид напишал: ”Кај тебе [Јехова] е изворот на животот; преку светлината од тебе можеме да видиме светлина. Продолжи ја твојата љубезна доброљубивост спрема оние кои те познаваат“ (Псалми 36:9, 10, NW). Оние кои ја љубат светлината го запознаваат Јехова, а тоа за нив може да значи живот (Јован 17:3). Во својата љубезна доброљубивост Јехова ги поддржува сега, а кога ќе избие големата неволја, ќе ги спроведе низ неа во нов свет. И ние можеме да го доживееме тоа ако сега ја отфрлиме темнината на Сатанскиот свет. Во новиот свет човештвото ќе биде обновено до совршен живот во Рајот (Откровение 21:3-5). Оние кои тогаш ќе примат поволна пресуда тогаш ќе имаат изглед да уживаат во Јеховината светлина во недогледно време. Каков славен изглед! И каков силен мотив сега ”да ги отфрлиме (...) сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на светлината“ (Римјаните 13:12).
Дали се сеќаваш?
◻ Зошто повеќето Евреи од Исусовото време ја одбиле светлината?
◻ До која мера светлината светлела во наше време?
◻ Какви предупредувања во врска со себичноста и гордоста даваат примерите од првиот век?
◻ Што е неопходно ако сакаме да останеме во светлината?
◻ Кои благослови ги чекаат љубителите на светлината?
[Слика на страница 14]
Повеќето Евреи од Исусовото време не се одѕвале на светлината
[Слики на страница 17]
Низ децениите биле користени различни методи за да засветли светлината во создавањето ученици
[Слика на страница 18]
”Треба да ја одложите старата личност (...) и да ја облечете новата личност“