Кога ропството ќе заврши!
СЛОБОДА! Малку други зборови му се попривлечни на човечкото срце. Луѓето се бореле и страдале, живееле и умирале во потрага по слобода. Но, за жал, мнозина го направиле тоа без да видат голем вистински напредок кон нивната цел. Постои ли надеж за слобода од ропството — надеж што нема да заврши со фрустрација и разочарување? Постои.
Апостол Павле бил инспириран да го запише Божјето ветување: „Самото создание ќе биде ослободено од ропството на распадливоста и . . . ќе ја има славната слобода на Божјите деца“ (Римјаните 8:21). Но, како можеме да бидеме сигурни дека Бог навистина ќе донесе таква ‚славна слобода‘? Еден начин е да испитаме како постапувал Бог со човештвото низ историјата.
„Каде е Јеховиниот дух, таму е слобода“, вели Библијата (2. Коринќаните 3:17). Да, Божјиот дух, односно активна сила, е бескрајно моќен. Долго време Бог го користел за да им донесе слобода на луѓето од секаков облик на ропство. Како? Па, мораме да имаме на ум дека има многу видови ропство. Веќе дискутиравме за еден од најзлобните видови, каде што посилните ги поробуваат послабите со сила и насилство. Но, да разгледаме и некои други облици на ропство.
Луѓето можат да се направат себеси робови на разни зависности од кои е многу тешко да се ослободат. Исто така, луѓето можат да бидат робови на лаги и измама, да бидат заведени на живот на подложност на лажни учења. Најподмолно од сѐ, има еден облик на ропство што го погодува секого од нас — без оглед дали ние го знаеме тоа или не — и неговите последици се смртоносни. Меѓутоа, мора да се нагласи дека, иако во оваа дискусија групираме неколку облици на ропство, во никој случај не ги изедначуваме. Тие многу се разликуваат. Сепак, има една важна заедничка нишка. Долгорочно гледано, Богот на слободата ќе се погрижи товарот на сите овие облици на ропство да биде тргнат од човештвото.
Кога некој е роб на зависност
Забележи како книгата When Luck Runs Out (Кога ќе се потроши среќата) го опишува компулзивното коцкање: „Нарушување во кое поединецот е воден од неодолив и неконтролиран нагон да се коцка. Тој нагон не попушта и се зголемува по интензитет и притисок . . . сѐ додека, на крајот, не продре, поткопа и честопати уништи сѐ што е вредно во неговиот живот“. Никој не знае колку луѓе станале робови на коцкањето. Се проценува дека само во една земја, Соединетите Држави, ги има околу шест милиони.
Зависноста од алкохол може да биде подеднакво, ако не и уште попоразителна, а на многу места и пораширена. Во една голема земја, половина од возрасните мажи страдаат од некој степен на алкохолизам. Рикардо, кој станал алкохоличар пред 20 години, објаснува што значи ваквиот вид зависност: „Откако ќе се разбудите, телото Ви плаче за алкохол — за да ги смирите нервите, за да заборавите на проблемите или едноставно за да Ви даде доволно самодоверба да се справите со животот. Станувате опседнат со пиењето, но сепак се обидувате да се убедите себеси и другите околу себе дека Вашето однесување е нормално“.
Алкохолот не е единствената супстанција што предизвикува зависност на која ѝ робуваат луѓето. Во целиот свет има милиони луѓе што користат забранети дроги. Освен тоа, околу 1,1 милијарда луѓе користат тутун — кој содржи една од дрогите што создаваат најголема зависност. Многу луѓе би сакале да се откажат од таа навика, но се чувствуваат како нејзини робови. Дали Јехова се покажал ефикасен Ослободител на луѓето од такви моќни облици на ропство?a
Размислете за примерот на Рикардо. „Пред десетина години, сфатив дека алкохолот го контролира мојот живот“, објаснува Рикардо. „Го поткопуваше мојот брак, мојата работа и моето семејство и знаев дека никогаш нема да си ги решам проблемите ако не се истргнам од неговите канџи. Од проучувањето на Библијата дознав дека сиромаштијата — и дословната и духовната — е неволја што го снаоѓа тешкиот пијаница (Пословици 23:20, 21). Сакав да имам добар однос со Бог и моите искрени молитви со кои преколнував за божествена помош ми овозможија да бидам искрен со себеси. Еден човек ја проучуваше Библијата со мене и тој се покажа како скапоцен пријател. Кога ќе се вратев на старата навика, тој не се откажуваше од мене туку стрпливо и цврсто ми го покажуваше патот што им го зацртува Бог на вистинските христијани.“
Денес Рикардо се чувствува ослободен од своето поранешно ропство — барем во релативна смисла. Тој веднаш признава дека во почетокот имал повремени падови. „Но, и покрај тие назадувања“, вели тој, „мојата желба верно да му служам на Јехова, заедно со поддршката од мојата сопруга и од други сохристијани, ми помогна да ја контролирам ситуацијата. Со радост го очекувам времето што го ветил Бог, кога ‚ниеден жител нема да рече: „Болен сум!“ ‘ и кога алкохолизмот ќе биде минато. Во меѓувреме, постојано водам секојдневна борба да го принесувам моето тело како ‚жртва жива, света, прифатлива за Бог‘ “ (Исаија 33:24; Римјаните 12:1).
Во целиот свет илјадници луѓе од прва рака ја доживеале Божјата помош додека работеле на тоа да се ослободат од разни зависности. Се разбира, тие имале значајна улога во тоа што станале робови, можеби попуштајќи на различните притисоци или искушенија. Сепак, утврдиле дека Јехова е многу трпелив Ослободител. Тој е спремен да им помогне и да ги зајакне сите оние што навистина сакаат да му служат.
„Вистината ќе ве ослободи“
Што е со робувањето на лаги и измама? Исус Христос нѐ уверува дека е возможно ослободување од нив. „Ако останете во мојата реч“, рекол тој, „навистина сте мои ученици, и ќе ја спознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:31, 32). Во времето кога зборувал, многу од неговите слушатели биле робови на еден строг кодекс на фарисејска традиција. Всушност, Исус рекол за верските водачи од неговото време: „Врзуваат тешки товари и ги ставаат врз плеќите на луѓето, а самите не сакаат ниту со прст да ги помрднат“ (Матеј 23:4). Исусовите учења ги ослободиле луѓето од таквото ропство. Тој ги разоткрил религиозните лаги како такви, го идентификувал дури и нивниот извор (Јован 8:44). И, ги заменил тие лаги со вистината, јасно откривајќи ги Божјите разумни барања за човештвото (Матеј 11:28—30).
Како Исусови ученици, илјадници луѓе денес утврдуваат дека со Божја помош можат да се ослободат од религиозните лаги и од лажните традиции чии робови станале. Откако ги научиле освежувачките вистини од Библијата, тие се ослободуваат од угнетувачкиот страв од мртвите, се ослободуваат од стравот од вечно мачење во огнен пекол и се ослободуваат од притисокот да плаќаат тешко заработени пари за верските служби што ги извршуваат свештениците кои тврдат дека го претставуваат Христос — оној што рекол: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте“ (Матеј 10:8). Освен тоа, многу е близу една уште поголема слобода.
Најподмолното ропство
Забележете како Исус опишал еден подмолен облик на ропство, спомнат претходно, што го погодува секој маж, жена и дете на земјата: „Вистина, вистина ви велам: Секој кој прави грев, роб му е на гревот“ (Јован 8:34). Кој може да тврди дека не греши? Дури и апостол Павле признал: „Доброто што го сакам не го правам, туку злото што не го сакам, тоа го вршам“ (Римјаните 7:19). Иако никој не може да се ослободи од прангите на гревот, нашата ситуација не е безнадежна.
Исус ги уверил своите ученици: „Ако ве ослободи Синот, тогаш навистина ќе бидете слободни“ (Јован 8:36, Today’s English Version). Исполнувањето на ова ветување ќе значи ослободување од најштетниот облик на ропство. За да разбереме како можеме да избегаме од него, прво мораме да видиме како сме станале негови робови.
Библијата открива дека Бог го создал човекот како личност со слободна волја, без склоност кон грев. Но, еден себичен, невидлив духовен Божји син сакал да има моќ над човештвото, без оглед на човечкото страдање што морало да се плати како цена. За да ја постигне таа цел, овој бунтовен ангел, кој подоцна бил наречен Сатана Ѓаволот, ги одвратил од Бог нашите први човечки родители, Адам и Ева. Откако Адам намерно не ги послушал Божјите конкретни упатства, не само што самиот станал грешник туку им пренел несовршеност и смрт на сите свои потомци (Римјаните 5:12). На крајот, Сатана станал ‚владетелот на светот‘ и ‚гревот владеел како цар со смртта‘ (Јован 12:31; Римјаните 5:21; Откровение 12:9).
Како можеме да бидеме ослободени? Ако станеме Исусови ученици, можеме да извлечеме корист од жртвената смрт на Христос, кој има моќ „да го уништи оној кој има средство да предизвикува смрт, односно Ѓаволот“ и „да ги ослободи сите оние кои поради страв од смрт целиот свој живот биле подложени на робување“ (Евреите 2:14, 15). Замислете си го тоа — слобода од ропството на гревот и смртта! Зарем не е привлечна помислата на таква слобода?
Но, што е со обликот на ропство за кој дискутиравме во почетокот? Дали некогаш ќе му дојде крај на присилното поробување на луѓето против нивна волја?
Сигурна основа за надеж
Сигурно дека можеме да имаме доверба дека ваквиот одбивен облик на ропство ќе биде отстранет. Зошто? Па, размислете за ова: Јехова Бог бил директно одговорен за најголемиот марш кон слобода во целата човечка историја. Можеби веќе Ви е познат тој историски извештај.
Нацијата Израел била поробена од Египет, присилена на тешка физичка работа и подложена на брутално постапување. Тие повикале кон Бог за помош, а тој, во својата голема милост, ги чул и дејствувал. Користејќи ги Мојсеј и Арон како свои говорници, Јехова изнел барање египетскиот фараон да ги пушти Израелците на слобода. Тој горд владетел постојано одбивал, дури и откако Јехова нанел низа опустошувачки неволји врз таа земја. На крајот, Бог го натерал фараонот да клекне на коленици. Конечно, Израелците биле ослободени! (Излез 12:29—32).
Ова е возбудлив извештај, нели? Но, можеби ќе се запрашате зошто Бог не сторил нешто слично и во денешно време. Зошто не се вмешал во човечките работи и не ставил крај на ропството? Запомнете, Јехова не е ‚владетелот на светот‘ — туку Сатана. Поради предизвиците покренати во Еден, Јехова му дозволил на овој злобен Непријател да владее едно ограничено време. Ропството, угнетувањето и суровоста се јасни ознаки на владеењето на Сатана. Под такво влијание, човечкото владеење си изградило бедно досие. Библијата јасно го резимира тоа досие: „Човек владее над човек за негова несреќа“ (Проповедник 8:9).
Но, до кога? Библијата објаснува дека живееме во „последните денови“, време кога себичноста и алчноста ќе бидат многу раширени (2. Тимотеј 3:1, 2). Тоа значи дека наскоро Божјето Царство, за кое Исус нѐ поучил да се молиме, ќе воспостави едно праведно општество во кое ропството ќе биде укинато (Матеј 6:9, 10). Исус Христос, Царот што го поставил Бог, ќе преземе акција да ја уништи секоја трага на ропството сѐ додека не биде уништен и последниот непријател, смртта (1. Коринќаните 15:25, 26).
Кога конечно ќе осамне тој ден, верното човештво ќе сфати дека ослободувањето на Божјиот народ од ропство во Египет било само едно мало навестување за ова далеку поголемо ослободување. Да, со текот на времето, „самото создание ќе биде ослободено од ропството на распадливоста“. Конечно, сите ќе можат потполно да уживаат во „славната слобода на Божјите деца“ (Римјаните 8:21).
[Фуснота]
a Во првиот век, ненаситноста била вообичаена работа на големите римски гозби. Затоа, христијаните биле предупредени да не дозволат да станат робови на храната или на нешто друго со слична природа (Римјаните 6:16; 1. Коринќаните 6:12, 13; Тит 2:3).
[Слика на страница 7]
Се проценува дека, само во Соединетите Држави, шест милиони луѓе му робуваат на коцкањето
[Слики на страница 7]
Стотици милиони луѓе се робови на дрогата, алкохолот и тутунот
[Слики на страници 8 и 9]
Како Рикардо, илјадници ја искусиле Божјата помош за да се ослободат од зависностите
[Слики на страница 10]
Исто како што Израелците од старо време биле ослободени од ропството, наскоро вистинските обожаватели на Бог ќе уживаат едно далеку поголемо ослободување