Спиритизмот и потрагата по вистинска духовност
СИТЕ ние имаме духовни и материјални потреби. Тоа е причината што многумина си поставуваат прашања како: Која е смислата на животот, зошто страдаат луѓето и што ни се случува кога ќе умреме? Одговорите на овие и на слични прашања многу искрени луѓе ги бараат во сеанси, каде што се консултираат со медиуми (наречени и канали), со надеж дека ќе комуницираат со духовите на мртвите. Оваа практика се нарекува спиритизам.
Приврзаници на спиритизмот има во многу земји, и тие се собираат во собранија и цркви. На пример, се проценува дека во Бразил 4.000.000 спиритисти ги следат учењата што ги кодифицирал Иполит Лао Денизар Ривеј, француски педагог и филозоф од 19 век, кој пишувал под името Ален Кардек. Кардек првпат се заинтересирал за спиритистичкиот феномен во 1854. Подоцна, на многу места им поставувал прашања на медиуми, а одговорите ги запишал во The Book of Spirits (Книга на духовите), издадена во 1857. Две други дела што ги напишал тој се The Mediums’ Book (Книга на медиумите) и The Gospel According to Spiritism (Евангелие според спиритизмот).
Спиритизмот е поврзан со религиозни практики како што се вуду, маѓија, волшебништво или сатанизам. Меѓутоа, оние што ги следат учењата на Ален Кардек велат дека нивните верувања се различни. Нивните публикации честопати ја цитираат Библијата и укажуваат на Исус како на „водич и пример за целиот човечки род“. Тие велат дека Исусовите учења се „најчистиот израз на божествениот закон“. Ален Кардек сметал дека спиритистичките записи се третото откровение на Божјиот закон за човештвото, првите две биле учењата на Мојсеј и на Исус.
Спиритизмот привлекува многумина бидејќи ја истакнува љубовта кон ближниот и добротворните дела. Едно спиритистичко верување е: „Без добротворство нема спасение“. Многу спиритисти се активни во социјалната работа, унапредуваат основање болници, училишта и други институции. Таквите напори се за пофалба. Но, дали постои некаква сличност ако верувањата на спиритистите се споредат со Исусовите учења запишани во Библијата? Да земеме два примера: надежта за мртвите и причината за страдањата.
Каква е надежта за мртвите?
Многу спиритисти веруваат во реинкарнација. Една спиритистичка публикација вели: „Реинкарнацијата е единствената доктрина што одговара на нашата идеја за божествена правда; таа е единствената доктрина што може да ја објасни иднината и да ги зајакне нашите надежи“. Спиритистите објаснуваат дека при смртта душата, т.е. „реинкарнираниот дух“ го напушта телото — како пеперутка која излегува од својот кожурец. Веруваат дека овие духови подоцна реинкарнираат како луѓе за да се прочистат од гревовите извршени во некој претходен живот. Но, не постои сеќавање за такви поранешни гревови. „Бог сметал дека е погодно да стави превез врз минатото“, вели Евангелието според спиритизмот.
„Да се негира реинкарнацијата значи и да се негираат зборовите на Христос“, напишал Ален Кардек. Меѓутоа, Исус никогаш не го изговорил зборот „реинкарнација“ и никогаш не ни спомнал таков концепт. (Види „Дали Библијата учи за реинкарнација?“ на страница 22.) Наместо тоа, Исус учел за воскресение на мртвите. За време на својата служба на Земјата, тој воскреснал тројца луѓе — синот на една вдовица од Наин, ќерката на претседавачкиот службеник на една синагога и својот близок пријател Лазар (Марко 5:22-24, 35-43; Лука 7:11-15; Јован 11:1-44). Да разгледаме еден од тие извонредни настани и да видиме што мислел Исус со „воскресение“.
Воскресението на Лазар
Исус чул дека неговиот пријател Лазар е болен. Два дена потоа им рекол на своите ученици: „Нашиот пријател Лазар отиде да си отпочине, но јас одам таму да го разбудам од сонот“. Учениците не сфатиле што мислел Исус со тоа, па затоа директно им рекол: „Лазар умре“. Кога конечно Исус дошол кај гробот на Лазар, човекот веќе четири дена бил мртов. Сепак, Исус заповедал да го тргнат каменот со кој бил запечатен влезот на гробот. Потоа извикал: „Лазаре, излези!“ Тогаш се случило нешто чудесно. „Човекот кој беше умрен излезе, со нозете и рацете завиени со завои, а лицето му беше завиено со крпа. Исус им рече: ‚Одвиткајте го и пуштете го нека оди‘“ (Јован 11:5, 6, 11-14, 43, 44).
Јасно, ова не било реинкарнација. Исус рекол дека мртвиот Лазар спиел, дека не бил свесен. Како што Библијата го изразува тоа, ‚пропаднале неговите мисли‘. Тој ‚ништо не знаел‘ (Псалм 146:4; Проповедник 9:5). Воскреснатиот Лазар не бил некоја друга личност со реинкарниран дух. Тој ја имал истата личност, бил на истата возраст и ги имал истите сеќавања. Го продолжил животот токму таму каде што предвремено го напуштил и се вратил кај своите сакани кои ја оплакувале неговата смрт (Јован 12:1, 2).
Подоцна Лазар пак умрел. Тогаш, за каква цел послужило неговото воскресение? Заедно со другите воскресенија што ги извршил Исус, тоа ја зајакнува нашата доверба во Божјето ветување дека во Негово одредено време Неговите верни слуги ќе бидат подигнати од мртвите. Тие чуда на Исус им додаваат голема тежина на неговите зборови: „Јас сум воскресението и животот. Кој практикува вера во мене, и да умре, ќе оживее“ (Јован 11:25).
Во врска со тоа идно воскресение, Исус рекол: „Доаѓа часот во кој сите оние што се во спомен-гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат, оние кои правеле добро, за воскресение на живот, а оние кои практикувале подли работи, за воскресение на суд“ (Јован 5:28, 29). Како што било случај и со Лазар, тоа ќе биде воскресение на мртви луѓе. Тоа нема да биде повторно обединување на свесни духови со воскреснати тела што се распаднале и можеби дури станале дел од други живи организми. Воскресението на мртвите спаѓа во способноста на Творецот на небото и на Земјата, кој е бесконечен во мудроста и моќта.
Зарем доктрината за воскресение, за која поучувал Исус Христос, не ја открива Божјата длабока љубов кон луѓето како поединци? Но, што е со второто прашање спомнато претходно?
Која е причината за страдањата?
Голем дел од човечките страдања настанува поради работи што ги прават немудри, неискусни или дури злобни луѓе. Но, што е со трагичните настани за кои не се директно виновни луѓето? На пример, зошто се случуваат несреќи и природни катастрофи? Зошто некои деца се раѓаат со вродени маани? Алан Кардак тие работи ги сметал за казни. Напишал: „Штом сме казнувани, тогаш мора да е направена грешка. Ако таа грешка не е во сегашниов живот, тогаш мора да е од некое минато постоење“. Спиритистите се поучени да се молат: „Господе, ти си сета правда. Болеста која Ти сметаш дека е погодно да ми ја испратиш мора да е заслужена . . . Ја прифаќам како искупување за моето минато и како тест на мојата вера и подложност на Твојата блажена волја“ (Евангелие според спиритизмот).
Дали Исус поучувал такво нешто? Не. Исус добро ја знаел библиската изјава: „Времето и кобта [непредвидениот настан, NW] ги стигнува сите“ (Проповедник 9:11). Тој знаел дека понекогаш едноставно се случуваат лоши работи. Тие не мора да бидат казна за гревовите.
Размисли за овој настан од Исусовиот живот: „Додека [Исус] поминуваше, виде еден човек слеп од раѓање. И неговите ученици го прашаа: ‚Раби, кој згрешил, овој човек или неговите родители, па се родил слеп?‘“ Одговорот што го дал Исус бил многу поучен: „Ниту овој човек згрешил ниту неговите родители, туку тоа се случило за да се покажат Божјите дела на него. Откако го рече ова, плукна наземи и со плунката направи кал, па својата кал ја стави на очите на човекот и му рече: ‚Оди измиј се во бањата Силоам‘ . . . И тој отиде и се изми, и се врати гледајќи“ (Јован 9:1-3, 6, 7).
Исусовите зборови покажале дека ниту човекот ниту неговите родители биле одговорни за неговото вродено слепило. Значи Исус не дал никаква поддршка на идејата дека човекот е казнет заради гревовите извршени во некој претходен живот. Точно, Исус знаел дека сите луѓе наследуваат грев. Но, тие го наследуваат гревот од Адам, а не гревовите извршени пред да се родат. Поради Адамовиот грев, сите луѓе се раѓаат физички несовршени, подложни на болест и смрт (Јов 14:4; Псалм 51:5; Римјаните 5:12; 9:11). Всушност, тоа било ситуација за којашто Исус бил испратен да ја поправи. Јован Крстител рекол дека Исус е „Божјето Јагне, кое го отстранува гревот на светот!“ (Јован 1:29).a
Забележи, исто така, дека Исус не рекол дека Бог намерно предизвикал човекот да се роди слеп за да може Исус еден ден да дојде и да го излекува. Каков само суров, циничен чин би било тоа! Дали би му донело тоа фалба на Бог? Не. Напротив, чудесното лекување на слепиот човек служело за да „се покажат Божјите дела“. Како и многу други лекувања што ги извршил Исус, тоа било одраз на Божјата искрена љубов кон човештвото кое страда и ја потврдило веродостојноста на Неговото ветување дека во свое одредено време ќе стави крај на сите човечки болести и страдања (Исаија 33:24).
Зар не е утешително да се открие дека наместо да предизвикува страдања, нашиот небесен Татко им дава „добри работи на оние кои го молат“? (Матеј 7:11). Колкава само слава ќе му донесе на Највишиот кога очите на слепите ќе се отворат, ушите на глувите ќе се отнат и хромите ќе одат, ќе скокаат и ќе трчаат! (Исаија 35:5, 6).
Да ги задоволиме нашите духовни потреби
Исус изјавил: „Нема да живее човек само од леб туку и од секоја изјава што излегува од Јеховината уста“ (Матеј 4:4). Да, нашите духовни потреби се задоволуваат кога ја читаме Божјата реч, Библијата, и водиме живот во склад со неа. Обраќањето на духовните медиуми не ги задоволува вистински нашите духовни потреби. Навистина, таквата пракса е јасно осудена во она на кое Алан Кардек укажувал како на првото откровение на Божјиот закон (Второзаконие 18:10-13).
Многумина, вклучувајќи и спиритисти, признаваат дека Бог е Врховно Битие, вечен, бескрајно совршен, љубезен, добар и праведен. Но, Библијата открива и повеќе од тоа. Разоткрива дека тој има лично име, Јехова, на кое мораме да му искажеме чест како што правел и Исус (Матеј 6:9; Јован 17:6). Таа го прикажува Бог како реална личност со која луѓето можат да уживаат близок однос (Римјаните 8:38, 39). Читајќи ја Библијата, учиме дека Бог е милостив и дека „не постапува со нас според нашите гревови, ниту ни плаќа според нашите беззаконија“ (Псалм 103:10). Преку својата пишана Реч, Суверениот Господ Јехова ја открива својата љубов, превласт и разумност. Тој е Оној што ги води и заштитува послушните луѓе. Да се запознае Јехова и неговиот Син, Исус Христос, „значи вечен живот“ (Јован 17:3).
Библијата ги дава сите информации што ни се потребни за Божјите намери, и ни кажува што мораме да правиме ако сакаме да му угодиме. Грижливото испитување на Библијата дава вистинити и задоволителни одговори на нашите прашања. Библијата ни дава и водство во однос на тоа што е исправно, а што погрешно, и ни дава цврста надеж. Нѐ уверува дека во блиска иднина, Бог ‚ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи ќе поминат‘ (Откровение 21:3, 4). Преку Исус Христос, Јехова ќе го ослободи човештвото од наследениот грев и несовршеност, а послушните луѓе ќе наследат вечен живот на рајската Земја. Во тоа време ќе бидат во целост задоволени како нивните физички така и нивните духовни потреби (Псалм 37:10, 11, 29; Пословици 2:21, 22; Матеј 5:5).
[Фуснота]
a За дискусија во врска со тоа од каде потекнуваат гревот и смртта, види го 6. поглавје од книгата Спознание кое води до вечен живот, издадена од Јеховини сведоци.
[Рамка на страница 22]
ДАЛИ БИБЛИЈАТА УЧИ ЗА РЕИНКАРНАЦИЈА?
Дали некој библиски текст ја поддржува доктрината за реинкарнација? Разгледај некои стихови кои ги користат оние што веруваат во оваа доктрина:
„Зашто сите, Пророците и Законот, пророкуваа до Јован . . . Тој самиот е ‚Илија кој е одреден да дојде‘“ (Матеј 11:13, 14).
Дали Јован Крстител бил Илија повторно роден? Кога бил запрашан: „Дали си Илија?“ Јован јасно одговорил: „Не“ (Јован 1:21). Меѓутоа, било претскажано дека Јован ќе му претходи на Месијата „со духот и силата на Илија“ (Лука 1:17; Малахија 4:5, 6). Со други зборови, Јован Крстител бил Илија во таа смисла што извршил едно дело кое може да се спореди со делото на Илија.
„Ако некој повторно не се роди, не може да го види Божјето царство. Не чуди се што ти реков: Морате повторно да се родите“ (Јован 3:3, 7).
Еден од апостолите подоцна напишал: „Благословен да е Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, Кој по Својата голема милост, преку воскресението на Исуса Христа од мртвите, нѐ роди одново за жива надеж“ (1. Петрово 1:3, 4, ДХК; Јован 1:12, 13). Јасно, повторното раѓање, на кое укажувал Исус, било духовно искуство, кое требало да се случи додека неговите следбеници сѐ уште биле живи, а не некое идно воскресение.
„Кога човек е мртов, тој живее засекогаш: кога деновите на моето постоење на Земјата ќе завршат, ќе чекам, сфаќајќи дека повторно ќе се вратам“ („Грчки превод“ на Јов 14:14, цитиран во Евангелието според спиритизмот).
Revised Standard Version овој стих го преведува вака: „Ако умре човек, ќе живее ли пак? Сите денови на мојата служба ќе чекам, сѐ додека не дојде моето ослободување“. Прочитај го контекстот на овој стих. Ќе видиш дека мртвите во гробот чекаат „ослободување“ (стих 13). Додека чекаат, тие не постојат. „Човек што умрел сосема исчезнува; и кога еден смртник паднал, повеќе го нема“ (Јов 14:10, верзија на Септуагинта на Багстер).
[Слика на страница 21]
Надежта во воскресение го открива Божјиот длабок интерес за нас како поединци
[Слики на страница 23]
Бог ќе им стави крај на сите човечки страдања