Учи сега и засекогаш
ГЕРМАНСКИОТ лекар Улрих Штрунц напишал едно дело во повеќе томови со наслов Засекогаш млад (Forever Young). Во него изнесува аргументи дека со вежбање, правилна исхрана и здрав начин на живеење, човек може да има подобро здравје, а може и да си го продолжи животот. Но, тој не им ветува на своите читатели дека ќе можат и дословно да живеат вечно ако ги следат неговите совети.
Сепак, постои еден вид знаење, или спознание, кое ветува вечен живот. Ако, пак, живееш вечно, тогаш ќе можеш и вечно да стекнуваш корисно спознание. Во една молитва што му ја упатил на Бог, Исус рекол: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Ајде најпрвин да го дефинираме терминот „вечен живот“, а потоа да видиме што вклучува спознанието и како можеме да го стекнеме.
Библијата вели дека наскоро Творецот ќе ја преобрази Земјата во дословен рај, каде што ќе има услови за долг живот. Но, за да може да го воспостави тој Рај, ќе биде потребно да преземе драстични мерки, слични на оние што ги презел во Потопот од времето на Ное. Во Матеј, 24. поглавје, стихови од 37 до 39, Исус го споредил нашево време со „деновите на Ное“, во кои луѓето ‚не обрнале внимание‘ на критичната ситуација во која се наоѓале. Освен тоа, ја игнорирале и пораката што ја проповедал Ное. Потоа дошол ‚денот кога Ное влегол во арката‘, и Потопот ги уништил сите што одбиле да го слушаат. Преживеале само Ное и оние што влегле во арката со него.
Исус укажал дека еден сличен „ден“ ќе дојде и во наше време. Оние што обрнуваат внимание на спознанието кое е поврзано со овој настан имаат надеж не само да преживеат туку и да живеат засекогаш. Оние, пак, што умреле и се наоѓаат во Божјето сеќавање, ќе бидат вратени во живот со можност никогаш веќе да не умрат (Јован 5:28, 29). Забележи како Исус ги изразил овие две мисли. Кога зборувал со Марта во врска со воскресението на мртвите, рекол: „Кој практикува вера во мене, и да умре, ќе оживее; и секој кој живее и практикува вера во мене, нема никогаш да умре“. Сите докази покажуваат дека овој „ден“ е многу близу, што значи дека можеби и ти ‚нема никогаш да умреш‘ (Јован 11:25-27).
Исус потоа ја прашал Марта: „Веруваш ли во тоа?“ Таа одговорила: „Да, Господи“. Кога Исус би ти го поставил тебе истото прашање денес, што би му одговорил? Можеби ти е тешко да веруваш дека е можно никогаш да не умреш. Но, дури и да мислиш така, ти несомнено би сакал да можеш да веруваш во такво нешто. Замисли си колку многу работи ќе можеш да научиш ако ‚не умреш никогаш‘! Ќе можеш да уживаш во сите работи што денес сакаш да ги учиш и да ги правиш, но никогаш немаш време за нив. И замисли пак да бидеш заедно со твоите најмили што ти ги одзела смртта! Кое е тоа спознание што може да ти го овозможи сето ова, и како можеш да го стекнеш?
Спознание што значи живот — можеме да го стекнеме
Дали е невозможно да стекнеме спознание за Бог и за Христос? Не, можно е. Точно е дека спознанието за делата на Творецот нема крај. Но, Исус не мислел на астрономија или на некоја друга наука кога го поврзал ‚спознанието‘ со ‚вечниот живот‘. Пословици 2. поглавје, стихови 1 и 5 покажуваат дека „знаењето за Бога“ го сочинуваат ‚зборовите‘ и ‚заповедите‘ што се наоѓаат во Библијата. А што се однесува до спознанието за Исус, Јован 20:30, 31 покажува дека она што е запишано во Библијата во врска со него е доволно за ‚да имаме живот‘.
Според тоа, спознанието за Јехова и за Исус Христос кое се наоѓа во Библијата е доволно да ти покаже како да стекнеш вечен живот. Библијата е уникатна книга. Творецот со љубов инспирирал луѓе да ја напишат на таков начин што дури и неуки лица со ограничени способности можат да научат доволно за да стекнат вечен живот. Но, и оној што брзо сфаќа и има повеќе време и пристап до повеќе информации, секогаш ќе може да научи нешто ново од инспирираното Писмо. Тоа што сега ја читаш оваа статија е доказ дека си способен да учиш. Но, како треба да ја искористиш оваа способност?
Насекаде во светот, праксата покажала дека ова спознание може најделотворно да се стекне ако човек лично ја проучува Библијата со помош на некој што веќе добро ја разбира. Исто како што Ное настојувал да ги поучи своите современици, и Јеховините сведоци се спремни да дојдат кај тебе дома за да разговарате за Библијата. Можеби ќе ја користат брошурата Што бара Бог од нас? или прирачникот кој има соодветен наслов: Спознание кое води до вечен живот.a Иако можеби сега ти изгледа неверојатно дека во земниот Рај верните луѓе ‚нема никогаш да умрат‘, овие дискусии за Библијата можат да ти помогнат да стекнеш доверба дека ова ветување навистина ќе се исполни. Затоа, ако посакуваш да живееш засекогаш или ако едноставно сакаш да видиш дали е разумно да се верува во вакво нешто, што треба да сториш? Па, искористи ја оваа можност и проучувај ја Библијата.
Колку долго ќе трае ова проучување? Брошурата што ја спомнавме погоре е достапна на стотици јазици, има 32 страници и содржи само 16 кратки лекции. А ако одвоиш отприлика по еден час седмично, ќе можеш за само неколку месеци да ги проучиш основните библиски науки со помош на книгата Спознание кое води до вечен живот. Овие публикации им помогнале на многу луѓе да стекнат доста големо спознание и силно да го засакаат Бог. Творецот ќе ги награди оние што вистински го сакаат така што ќе им овозможи да живеат вечно.
Навистина можеме да го стекнеме животодавното спознание и тоа сега ни стои на располагање. Целата Библија или делови од неа досега се преведени на повеќе од 2.000 јазици. Јеховините сведоци во 235 земји се спремни лично да помогнат и да им обезбедат библиски публикации за да можат луѓето да научат уште повеќе.
Проучувај лично
Твојот однос со Бог е лична работа меѓу тебе и Творецот. Само ти си тој што можеш да го одржуваш и да го зацврстуваш тој однос, а само тој може да ти дари вечен живот. Затоа, треба да продолжиш лично да ја проучуваш неговата пишана Реч. Можеби ќе ти биде полесно да одвоиш време за вакво проучување ако некој редовно доаѓа кај тебе дома.
Бидејќи Библијата и публикациите што се користат како помошни средства во проучувањето го содржат ‚знаењето за Бог‘, многу е важно внимателно да ги чуваш (Пословици 2:5). На тој начин ќе можеш да ги имаш со години. Ако живееш во некоја од земјите во развој, можеби не си користел многу учебници на училиште зашто си учел главно со слушање и набљудување. На пример, во Бенин се зборуваат над 50 јазици. Често се случува поединци течно да зборуваат четири или пет јазици иако никогаш немале в рака учебник на тој јазик. Навистина е прекрасна дарба тоа што имаш способност да учиш така што слушаш, набљудуваш и се концентрираш. Во секој случај, ќе увидиш дека и книгите можат да ти бидат од многу голема корист во проучувањето.
Дури и ако твојот дом е претрупан, обиди се да најдеш место каде што ќе ти стојат Библијата и библиските публикации. Чувај ги на место од каде што можеш да ги земеш во секое време и каде што нема да бидат оштетени.
Проучувајте како семејство
Ако си родител, треба да бидеш заинтересиран да им помогнеш и на твоите деца да го учат она што го учиш ти. Во земјите во развој, најнормално е родителите да ги поучуваат децата за вештини што ќе им бидат потребни во животот. Ги учат да готват, да собираат дрва, да носат вода, да работат на нива, да ловат риба и да продаваат на пазар. Ваквите поуки им се неопходни за да преживеат. За жал, многу родители пропуштаат да им го пренесат на децата спознанието кое води до вечен живот.
Без разлика каква е твојата ситуација, најверојатно мислиш дека немаш баш многу време за трошење. И Творецот го знае тоа. Забележи како им рекол пред многу години на родителите да ги поучуваат децата за неговите патишта: „Напомнувај им ги на своите синови [или ќерки]. Зборувај им за нив кога седиш дома во својата куќа и кога одиш патем; кога легнуваш и кога стануваш“ (Второзаконие 6:7). Врз основа на овие мисли, зошто не пробаш и ти да направиш свој план за поучување? Еве еден предлог за таков план:
1. „Кога седиш дома“: Настојувај редовно — можеби еднаш седмично — да дискутираш за Библијата со твоите деца кога сте дома исто како што некој друг го правел тоа со тебе. Јеховините сведоци имаат библиски публикации што одговараат за деца од најразлична возраст.
2. „Кога одиш патем“: Зборувај им на децата за Јехова, исто како што ја користиш секоја неформална прилика да ги поучиш на некои вештини што ќе им бидат потребни во животот или за да им дадеш некаков совет.
3. „Кога легнуваш“: Моли се секоја вечер заедно со твоите деца.
4. „Кога стануваш“: Многу семејства извлекле корист од тоа што наутро разгледуваат по еден библиски стих. Јеховините сведоци го прават ова користејќи ја брошурата Секојдневно испитување на Писмото.b
Во земјите во развој, многу родители прават сѐ што е во нивна моќ за да може барем едно од нивните деца да стекне добро световно образование. Така детето ќе може да се грижи за родителите кога ќе остарат. Но, ако ја проучуваш Библијата и им помогнеш на сите твои деца да ја проучуваат, ќе стекнете спознание што ќе ти овозможи и тебе и на твоето семејство да живеете засекогаш.
Ќе дојде ли некогаш ден кога ќе знаеме сѐ? Не. Нашата Земја ќе продолжи да патува низ бесконечната вселена, а ние ќе продолжиме да учиме. Всушност, Проповедник 3:11 вели: „Сѐ што прави Тој [Бог] е прекрасно во свое време; им ја всадил вечноста во нивните срца, иако човек не може да ги постигне [сфати, NW] делата што Бог ги прави од почеток до крај“. Засекогаш ќе го имаме задоволството што произлегува од учењето.
[Фусноти]
a И двете се издадени од Јеховините сведоци.
b Издадена од Јеховините сведоци.
[Истакната мисла на страница 5]
„Ова значи вечен живот, да примаат спознание . . .“
[Слики на страница 7]
Помогни му на твоето семејство да стекнува спознание сега и засекогаш