„Го најдовме Месијата“
„ГО НАЈДОВМЕ Месијата.“ „Го најдовме оној за кого пишуваше Мојсеј во Законот, а и Пророците.“ Овие возбудливи изјави ги кажале двајца побожни Евреи од првиот век. Тие биле уверени дека конечно пристигнал Месијата кого долго го очекувале! (Јован 1:35-45).
Ако ја земеме предвид историската и религиозната заднина на тоа време, нивната увереност има уште поголемо значење. Се појавиле голем број самонаречени Месии со голема помпа и ветувања, но наскоро надежите во нив се срушиле затоа што тие луѓе не успеале да ги ослободат Евреите од ропството на Римјаните (Дела 5:34-37).
Меѓутоа, овие двајца Евреи — Андреј и Филип — никогаш не се посомневале дека го нашле вистинскиот Месија. Напротив, во годините што следеле уште повеќе се увериле во тоа, затоа што лично ги виделе моќните дела што ги извршил овој човек, со што го исполнил она што било проречено за Месијата.
Зошто Андреј, Филип и мнозина други поверувале во него, уверени дека тој не бил само еден лажен Месија или измамник што ќе ги разочара? Кои докази ги увериле другите дека тој е вистинскиот Месија?
Според историскиот извештај, на Андреј и Филип им било јасно дека поранешниот дрводелец, Исус од Назарет, е ветениот и долгоочекуваниот Месија (Јован 1:45). Еден темелен историчар од тоа време, Лука, вели дека Месијата дошол „во петнаесеттата година од владеењето на цезарот Тибериј“ (Лука 3:1-3). Петнаесеттата година од владеењето на Тибериј започнала во септември 28 година од н.е., а завршила во септември 29 година од н.е. Лука понатаму вели дека во тоа време Евреите ‚биле во исчекување‘ на доаѓањето на Месијата (Лука 3:15). Зошто го очекувале токму тогаш? Да видиме.
Докази за Месијата
Бидејќи Месијата има многу важна улога, логично е да се очекува дека Творецот, Јехова, ќе обезбеди јасни докази што ќе им помогнат на верните лица кои внимателно ги следат знаците да го препознаат ветениот Месија. Зошто? Затоа што на тој начин тие не би биле заведени од измамниците, како што им се случило на мнозина.
Кога еден амбасадор се претставува пред друга влада, од него се очекува своето назначување да го потврди со потребните акредитиви, документи што се доказ дека ги има потребните овластувања. Слично на тоа, Јехова доволно однапред кажал кои услови ќе ги исполни Месијата. Според тоа, кога се појавил „Главниот Застапник“, тоа било исто како да дошол со документи, или акредитиви што го потврдуваат неговиот идентитет (Евреите 12:2).
Условите кои требало да ги исполни вистинскиот Месија се изнесени во многу библиски пророштва запишани со векови однапред. Во нив многу детално било проречено како ќе дојде Месијата, каква служба ќе извршува, какви страдањата ќе поднесе и како ќе умре. Можеби ќе те интересира да знаеш дека во тие веродостојни пророштва е проречено и дека ќе воскресне, дека ќе седне на возвишена положба од десната страна на Бог и кои благослови ќе ги донесе неговото царување во иднина. Со овие детали, библиските пророштва дале еден карактеристичен знак што би можеле да го споредиме со отпечаток од прст, кој води само до една личност.
Се разбира, во времето кога Исус се појавил на сцената, во 29 година од н.е., сѐ уште не биле исполнети сите пророштва за Месијата. На пример, сѐ уште не бил убиен и воскреснат. Сепак, Андреј, Филип и многу други поверувале во Исус поради она за што поучувал и поради она што го правел. Тие виделе изобилни докази дека тој е Месијата. Кога би живеел во тоа време и кога би можел лично и непристрасно, без никакви предрасуди да ги проучиш доказите, веројатно и ти би бил уверен дека Исус е Месијата.
Слика од повеќе делови
Што би ти помогнало да дојдеш до тој заклучок? Низ вековите, библиските пророци изнеле кои конкретни услови треба да ги исполни Месијата. По тоа јасно би се препознал вистинскиот Месија. Како што низ вековите пророците ги изнесувале овие детали, полека-полека се формирала слика за Месијата. Хенри Х. Хали рекол: „Да претпоставиме дека неколкумина луѓе од различни земји, кои никогаш не се виделе, ниту, пак, некако комуницирале еден со друг, влегуваат во една соба. Секој од нив има по едно парче исклесан мермер. Кога тие парчиња ќе се состават се добива совршена статуа. Како поинаку да се објасни тоа, освен дека една личност ги изработила деталите и дека му испратила по еден дел на секој од тие луѓе?“ Потоа тој прашува: „Како поинаку може да се објасни овој зачудувачки склоп од детали што го сочинуваат Исусовиот живот и дело, што различни писатели во различни векови ги запишале долго време пред да дојде Исус, освен со тоа дека пишувањето го надгледувал ЕДЕН НАТЧОВЕЧКИ УМ?“ Хали дошол до заклучок дека тоа е „Чудо на сите времиња!“
Ова „чудо“ започнало во првата книга од Библијата. Освен што го запишал првото пророштво, во кое било кажано која ќе биде улогата на Месијата, писателот на Битие запишал и дека Месијата треба да дојде од лозата на Авраам (Битие 3:15; 22:15-18). На друго место се укажува дека Месијата ќе биде од племето Јуда (Битие 49:10). Преку Мојсеј, Бог им кажал на Израелците дека Месијата ќе бил подобар говорник и спасител дури и од Мојсеј (Второзаконие 18:18).
Во времето на цар Давид, пророштвото открило дека Месијата ќе биде наследник на Давидовиот престол и дека Неговото царство ќе „стои цврсто засекогаш“ (2. Самоил 7:13-16). Книгата на Михеј разоткрила дека Месијата ќе се роди во Давидовиот град Витлеем (Михеј 5:2). Исаија прорекол дека ќе го роди девица (Исаија 7:14). Пророкот Малахија прорекол дека Неговото доаѓање ќе биде навестено од некој сличен на Илија (Малахија 4:5, 6).
Други конкретни детали во врска со Месијата биле изнесени во книгата Даниел. Укажувајќи на точната година кога ќе се појави Месијата, пророштвото вели: „Знај и разбери: Од мигот кога ќе излезе словото: ‚Нека се вратат и нека го изградат пак Ерусалим‘ па до Кнезот Помазаник ќе бидат седум седмици, и тогаш шеесет и две седмици, и пак ќе бидат изградени улиците и окопот и тоа во тешки времиња“ (Даниел 9:25).
Во 20-тата година од своето владеење, персискиот цар Артаксеркс дал ‚слово‘, односно наредба, да се обнови и повторно да се изгради Ерусалим. Артаксеркс почнал да владее во 474 година пр.н.е, што значи дека 20-тата година од неговото владеење би била 455 година пр.н.е. (Неемија 2:1-8). Значи, од заповедта да се обнови и изгради Ерусалим, па до доаѓањето на Месијата, требало да помине период од 69 (7 плус 62) пророчки седмици. Се разбира, шеесет и девет дословни седмици изнесуваат 483 дена, или помалку од две години. Но, кога ќе се примени установеното пророчко правило ‚ден за година‘, произлегува дека Месијата требало да се појави по 483 години, во 29 година од н.е. (Езекиел 4:6).a
Иако мнозина од оние што тврделе дека се Месијата се појавиле во различни години, Исус од Назарет се појавил на светската сцена во 29 година од н.е. (Лука 3:1, 2). Точно таа година Исус дошол кај Јован Крстител и се крстил во вода. Тогаш Исус бил помазан со свет дух како Месија. Подоцна Јован, проречениот предвесник сличен на Илија, им го претставил Исус на Андреј и на еден друг ученик, нарекувајќи Го „Божјето Јагне, кое го отстранува гревот на светот“ (Јован 1:29; Лука 1:13-17; 3:21-23).
Родословието — доказ за да се препознае Месијата
Инспирираните пророштва го поврзуваат Месијата со конкретни еврејски семејства. Затоа, сосем е разумно да заклучиме дека Творецот, кој знае сѐ, ги водел работите така за Месијата да дојде во време кога биле достапни родословните записи кои го потврдувале неговото потекло.
Cyclopedia на Меклинток и Стронг вели: „Нема сомнение дека родословните записи на еврејските племиња и семејства исчезнале при уништувањето на Ерусалим [во 70 година н.е.], а не пред тоа“. Има јасни докази дека Матеј и Лука ги напишале своите евангелија пред 70 година од н.е. Според тоа, тие можеле да ги проверат овие записи за да ги состават своите извештаи за потеклото на Исус (Матеј 1:1-16; Лука 3:23-38). И сигурно, штом станува збор за нешто што е од толку голема важност, многу нивни современици сакале лично да се уверат во потеклото на Исус.
Дали пророштвата случајно се исполниле на Исус?
Меѓутоа, можно ли е тоа што Исус ги исполнил месијанските пророштва да е чиста случајност? Во едно интервју, еден изучувач рекол: „Тоа е невозможно. Шансите за тоа се толку мали што таа можност отпаѓа. Некој пресметал и сфатил дека веројатноста да се исполнат само осум пророштва е еден спрема сто милиони милијарди“. За да ја илустрира таа разлика, овој изучувач рекол: „Кога би имале толку многу сребрени долари, со нив би ја покриле државата Тексас [површина од 690.000 квадратни километри] и длабочината на таа покривка би изнесувала 60 сантиметри. Ако обележите еден од тие сребрени долари и потоа му речете на некој со заврзани очи да ја пребара целата држава и да земе една паричка, колкави се шансите да ја избере токму обележаната паричка?“ Потоа тој рекол дека „исто толкави се и шансите во врска со тоа некој лик од историјата да може да исполни само осум од пророштвата [за Месијата]“.
Сепак, во текот на неговата служба, која траела три и пол години, Исус не исполнил само осум, туку многу библиски пророштва. Со оглед на толку многу докази, тој изучувач заклучува: „Исус — и само Исус, од сите луѓе во историјата — успеал во тоа“.
‚Доаѓањето‘ на Месијата
Очигледно е дека Месијата дошол во 29 година од н.е. како Исус од Назарет. Дошол како понизен Откупител што требало да пострада. Тој не дошол како победоносен Цар за да го скрши угнетувачкиот јарем на Римјаните, како што очекувале повеќето Евреи, па дури и неговите следбеници (Исаија, поглавје 53; Захарија 9:9; Дела 1:6-8). Меѓутоа, било проречено дека во иднина тој ќе дојде со моќ и со голема власт (Даниел 2:44; 7:13, 14).
Откако внимателно ги проучиле библиските пророштва, многу разумни луѓе низ целиот свет се увериле дека Месијата дошол во првиот век и дека требало да се врати. Доказите потврдуваат дека неговото проречено враќање, почетокот на неговата „присутност“, се случило во 1914 годинаb (Матеј 24:3-14). Таа година Исус бил невидливо устоличен на небото како Цар на Божјето Царство. Наскоро тој ќе ги отстрани од Земјата последиците од побуната во Еден. Потоа тој ќе владее илјада години. Неговото владеење ќе им донесе благослови на оние што веруваат дека тој е ветеното Семе, Месијата, кој „го отстранува гревот на светот“ (Јован 1:29; Откровение 21:3, 4).
Јеховините сведоци со задоволство ќе поразговараат со тебе за тие докази и ќе ти покажат од Библијата што може да значи за тебе и за твоите блиски владеењето на Месијата.
[Фусноти]
a За повеќе детали во врска со Даниел 9:25 види во Insight on the Scriptures, том 2, страници 899-904 (англиски), и Обрни внимание на Даниеловото пророштво!, страници 186-191, и двете издадени од Јеховините сведоци.
b За повеќе информации, види ги поглавјата 10. и 11. во книгата Спознание кое води во вечен живот, издадена од Јеховините сведоци.
[Графикон/слики на страници 6 и 7]
455 година пр.н.е., словото . . . да го изградат пак Ерусалим‘
29 година од н.е., се појавува Месијата
483 години (69 пророчки седмици) (Даниел 9:25)
1914 година, Месијата е востоличен на небото
Наскоро Месијата ќе му стави крај на злото и ќе ја претвори Земјата во рај