„Бидете храбри! Јас го победив светот“
ДЕНОТ на Исусовата смрт — 14-от ден од еврејскиот месец нисан — почнал на зајдисонце во четврток, 31 март 33 н.е. Таа вечер, Исус и неговите апостоли се собрале во горната соба на една куќа во Ерусалим за да ја прослават Пасхата. Додека се подготвувал „да си оди од овој свет кај Таткото“, Исус покажал дека докрај ги љубел своите апостоли (Јован 13:1). Како? Така што им дал прекрасни поуки, подготвувајќи ги на тој начин за она што ги очекувало.
Како што ноќта одминувала, Исус им рекол на своите ученици: „Бидете храбри! Јас го победив светот“ (Јован 16:33). Што мислел со таа смела изјава? Делумно ова: ‚Злото во светот ниту ме огорчи ниту ме натера да вратам со иста мера. Не му дозволив на светот да ме втисне во својот калап. Тоа може да биде вистина и во вашиот случај‘. Она што Исус ги поучил своите верни апостоли во тие последни часови од својот земен живот ќе им помогнело и тие да го победат светот.
Кој може да одрече дека денес злобата изобилува во светот? Како реагираме на неправдата и на постапките на безумно насилство? Дали нѐ огорчуваат или нѐ искушуваат да вратиме мило за драго? Како влијае врз нас моралниот распад што нѐ опкружува? Ако на ова ги додадеме своите човечки несовршености и грешни склоности ќе мораме да водиме битка на два фронта: против злобниот свет надвор и против лошите склоности во самите нас. Можеме ли навистина да се надеваме да излеземе како победници без помошта од Бог? Како можеме да ја добиеме неговата помош? Кои особини треба да ги негуваме за да ни помогнат да им се спротивставиме на телесните склоности? За да ги најдеме одговорите, да разгледаме што ги поучил Исус своите љубени апостоли последниот ден од својот живот на земјата.
Да се победи гордоста со понизност
Разгледај го, на пример, проблемот со гордоста, или вообразеноста. Во врска со неа, Библијата вели: „гордоста врви пред гибелта, и високоумноста [вообразениот дух, NW] пред паѓањето“ (Пословици 16:18). Исто така, Писмото нѐ советува: „Ако некој мисли дека е нешто, а е ништо, тој го мами својот сопствен ум“ (Галатите 6:3). Да, гордоста е погубна и измамлива. Мудро е да ги мразиме „самовозвишувањето и гордоста“ (Пословици 8:13, NW).
Дали апостолите на Исус имале проблем со самовозвишување и гордост? Најмалку во една прилика, тие се расправале меѓу себе за тоа кој бил поголем (Марко 9:33—37). Во друга прилика, Јаков и Јован побарале истакната положба во Царството (Марко 10:35—45). Исус сакал да им помогне на своите ученици да ја отфрлат оваа склоност. Затоа, додека го јаделе пасхалниот оброк, тој станал, се опашал со крпа и почнал да им ги мие нозете на своите ученици. Не оставил никакво сомнение во врска со лекцијата на која сакал да ги поучи. „Ако јас, иако Господ и Учител, ви ги измив нозете, и вие сте должни да си ги миете нозете еден на друг“ (Јован 13:14). Гордоста мора да се земени со она што е спротивно на неа — со понизност.
Меѓутоа, не е лесно да се победи гордоста. Подоцна таа вечер, откако Исус го отпуштил Јуда Искариот, кој само што не го предал, меѓу 11-те апостоли избувнала вжештена расправија. За што биле загрижени? Кој од нив бил најголем! Наместо да ги укори, Исус уште еднаш стрпливо ја нагласил важноста на тоа да им служат на другите. Тој рекол: „Царевите на нациите господарат над нив, и оние кои имаат власт над нив се нарекуваат Добротвори. Но, вие не треба да бидете такви. Туку најголемиот меѓу вас нека биде како најмладиот, а оној кој предводи нека биде како оној кој служи“. Потсетувајќи ги на својот пример, тој додава: „Јас сум во вашата средина како оној кој служи“ (Лука 22:24—27).
Дали апостолите ја сфатиле поентата? Изгледа да. Со години подоцна апостол Петар напишал: „Бидете сите едномислени, покажувајте сочувство, имајте братска наклоност, нежна сочувствителност, понизност на умот“ (1. Петрово 3:8). Колку е важно и ние да ја победиме гордоста со понизност! Мудро е да не се впуштиме во стремеж по слава, моќ или положба. „Бог им се спротивставува на вообразените“, вели Библијата, „а на понизните им дава незаслужена љубезност“ (Јаков 4:6). На сличен начин, една древна пословица вели: „Наградата за понизност е: страв од Господа, богатство, слава и живот“ (Пословици 22:4).
Да се победи омразата — како?
Разгледај уште една вообичаена особина во светот — омразата. Сеедно дали е предизвикана од страв, незнаење, предрасуди, угнетување, неправда, национализам, племенска нетрпеливост или расизам, се чини дека омразата е насекаде околу нас (2. Тимотеј 3:1—4). Омразата била раширена и во времето на Исус. Даночниците биле омразени и отфрлени во еврејското општество. Евреите не се мешале со Самарјаните (Јован 4:9). А и неевреите биле презрени од Евреите. Меѓутоа, на крај, начинот на обожавање што Исус го вовел требало да опфати луѓе од сите нации (Дела 10:34, 35; Галатите 3:28). Затоа, тој со љубов им дал нешто ново на своите ученици.
Исус изјавил: „Ви давам нова заповед, да се љубите еден со друг; Како што јас ве љубев, и вие да се љубите еден со друг“. Тие морале да научат да ја покажуваат оваа љубов, зашто тој продолжил: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13:34, 35). Заповедта била нова затоа што одела подалеку од тоа да го ‚љубиш својот ближен како себеси‘ (Левит 19:18). Како? Исус ја разјаснил работата, велејќи: „Ова е мојата заповед, да се љубите еден со друг како што јас ве љубев вас. Никој нема поголема љубов од оваа, некој да ја положи својата душа за своите пријатели“ (Јован 15:12, 13). Тие морале да бидат спремни да го жртвуваат сопствениот живот еден за друг, а и за другите.
Како можат несовршените луѓе да ја отстранат злобната омраза од својот живот? Така што ќе ја заменат со самопожртвувана љубов. Милиони искрени поединци од сите етнички, културни, религиозни и политички заднини го прават токму тоа. Тие сега се соединуваат во едно обединето општество во кое нема омраза — глобалното братство на Јеховините сведоци. Тие ги земаат при срце инспирираните зборови на апостол Јован: „Секој кој го мрази својот брат е човекоубиец, а вие знаете дека ниеден човекоубиец нема во себе вечен живот“ (1. Јованово 3:15). Вистинските христијани не само што одбиваат да земат оружје во кој и да било судир туку и работат напорно на тоа да покажуваат љубов еден кон друг.
Меѓутоа, каков треба да биде нашиот умствен став кон оние што не ни се соверници и што можеби покажуваат омраза кон нас? Додека висел на маченичкиот столб, Исус се молел за своите погубители, велејќи: „Татко, прости им, зашто не знаат што прават“ (Лука 23:34). Кога луѓето исполнети со омраза го каменувале до смрт ученикот Стефан, неговите последни зборови биле: „Јехова не сметај им го овој грев“ (Дела 7:60). Исус и Стефан им го мислеле најдоброто дури и на оние што нив ги мразеле. Во нивното срце немало огорченост. „Да им правиме добро на сите“, нѐ советува Библијата (Галатите 6:10).
‚Помошник засекогаш‘
Како што одминувал состанокот со неговите 11 апостоли, Исус ги известил дека наскоро веќе нема да биде физички со нив (Јован 14:28; 16:28). Но, ги уверил: „Ќе го замолам Таткото и тој ќе ви даде друг помошник за да биде со вас засекогаш“ (Јован 14:16). Ветениот помошник е Божјиот свет дух. Тој ќе ги научи на длабоките работи од Писмото и ќе ги потсети на она за што Исус ги поучувал во текот на својата земна служба (Јован 14:26).
Како може светиот дух да ни помогне денес? Па, Библијата е Божја инспирирана реч. Мажите што биле употребени за да ги искажат пророштвата и да ја запишат Библијата ‚биле понесувани од светиот дух‘ (2. Петрово 1:20, 21; 2. Тимотеј 3:16). Тоа што ја проучуваме Библијата и го применуваме она што го учиме од неа ни дава спознание, мудрост, разбирање, увид, просудување и способност за размислување. Зарем тогаш не сме подобро подготвени да се соочиме со притисоците од злобниот свет?
Светиот дух е помошник на уште еден начин. Божјиот свет дух е моќна сила на добро, оспособувајќи ги оние што се под нејзино влијание да покажуваат божествени особини. „Плодовите на духот се љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување“, вели Библијата. Зарем ова не се токму оние особини што ни се потребни за да ја победиме телесната склоност кон неморал, кавги, љубомора, изливи на гнев и слично? (Галатите 5:19—23).
Со тоа што се потпираме на Божјиот дух, можеме да добиеме и ‚сила која ја надминува нормалната‘ за да се справиме со кој и да било проблем или неволја (2. Коринќаните 4:7). Иако светиот дух можеби нема да ги отстрани испитите или искушенијата, тој сигурно може да ни помогне да истраеме (1. Коринќаните 10:13). „За сѐ имам сила со помош на оној кој ми дава моќ“, напишал апостол Павле (Филипјаните 4:13). Бог дава таква моќ со помош на својот свет дух. Колку само можеме да бидеме благодарни за светиот дух! Тој им е ветен на оние што ‚го љубат Исус и ги држат неговите заповеди‘ (Јован 14:15).
„Останете во мојата љубов“
Својата последна ноќ како човек, Исус им рекол на своите апостоли и: „Кој ги има моите заповеди и ги држи, тој е оној кој ме љуби. А кој ме љуби мене, ќе биде љубен од мојот Татко“ (Јован 14:21). „Останете во мојата љубов“, ги поттикнал тој (Јован 15:9). Како тоа што ќе останеме во љубовта на Таткото и на Синот ни помага во нашата битка против грешните склоности во самите нас и против злобниот свет надвор?
Па, можеме ли навистина да ги контролираме лошите склоности ако немаме силна мотивација за да го сториме тоа? Што може да биде поголем поттик од желбата да имаме добар однос со Јехова Бог и со неговиот Син? Ернестоa‚ млад човек кој биел тешка битка со неморалниот начин на живот што го водел уште од своите тинејџерски години, објаснува: „Сакав да му угодам на Бог, а од Библијата дознав дека тој не го одобрува начинот на кој што живеев. Затоа решив да станам поинаква личност, да се држам за Божјите упатства. Секој ден морав да се борам против негативните, валкани мисли што сѐ уште ми го преплавуваа умот. Но, бев решен да победам во оваа битка и непрестајно се молев за Божја помош. По две години најлошото помина, иако сѐ уште сум строг со себе“.
Што се однесува до битката со светот надвор, разгледај ја заклучната молитва што Исус ја кажал пред да ја напушти горната соба во Ерусалим. Во корист на своите ученици, тој му се помолил на својот Татко и побарал: „Не те молам да ги земеш од светот, туку да ги чуваш поради злобниот. Тие не се дел од светот, како што ни јас не сум дел од светот“ (Јован 17:15, 16). Какво уверување! Јехова ги чува оние што ги љуби и ги зајакнува додека тие се држат одвоени од светот.
„Практикувајте вера“
Ако ги држиме Исусовите заповеди, тоа може навистина да ни помогне да излеземе како победници во нашата борба против злобниот свет и против нашите грешни склоности. Меѓутоа, колку и да се важни таквите победи, тие не можат да го отстранат ниту светот ниту наследниот грев. Но, не треба да очајуваме.
„Светот поминува, а и неговата желба“, вели Библијата, „но оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“ (1. Јованово 2:17). Исус го дал својот живот за да го спаси од грев и смрт „секој кој практикува вера во него“ (Јован 3:16). Затоа, додека растеме во нашето спознание за Божјата волја и намери, да го земеме при срце Исусовиот совет: „Практикувајте вера во Бог, практикувајте вера и во мене“ (Јован 14:1).
[Фуснота]
a Користено е друго име.
[Слика на страници 6 и 7]
„Останете во мојата љубов“, ги поттикнал Исус своите апостоли
[Слика на страница 7]
Ослободувањето од гревот и неговите последици наскоро ќе стане стварност