Дали си ти меѓу оние што Бог ги љуби?
„Кој ги има моите заповеди и ги држи, тој е оној кој ме љуби. А кој ме љуби мене, ќе биде љубен од мојот Татко“ (ЈОВАН 14:21).
1, 2. а) На кој начин ја покажал Јехова својата љубов кон човештвото? б) Што вовел Исус ноќта на 14 нисан 33 н.е.?
ЈЕХОВА го љуби своето човечко создание. Всушност, тој го љуби светот на човештвото ‚толку многу што го дал својот единороден Син за секој кој практикува вера во него, да не биде уништен, туку да има вечен живот‘ (Јован 3:16). Како што наближува времето за одржување на Меморијалот на Христовата смрт, вистинските христијани треба повеќе од кога и да било да бидат свесни дека Јехова ‚нѐ љубел и го испратил својот Син како жртва помирница за нашите гревови‘ (1. Јованово 4:10).
2 Ноќта на 14 нисан 33 н.е., Исус и неговите 12 апостоли се собрале во една горна соба во Ерусалим за да ја прослават Пасхата, комеморирајќи го избавувањето на Израелците од Египет (Матеј 26:17—20). По прославувањето на овој еврејски празник, Исус го отпуштил Јуда Искариот и вовел комеморативна вечера, која требало да стане христијански Меморијал на Христовата смрт.a Користејќи бесквасен леб и црвено вино како симболи за неговото физичко тело и крв, Исус ги собрал останатите 11 апостоли за да учествуваат на овој заеднички оброк. Детали за тоа како продолжил понатаму даваат Матеј, Марко и Лука, писателите на синоптичкото евангелие, како и апостол Павле, кој ја нарекол „Господовата вечера“ (1. Коринќаните 11:20; Матеј 26:26—28; Марко 14:22—25; Лука 22:19, 20).
3. На кои важни начини извештајот на апостол Јован за Исусовите последни часови со неговите ученици во горната соба се разликува од другите?
3 Интересно е тоа што апостол Јован не го спомнал подавањето на лебот и виното, можеби затоа што во времето кога го напишал својот евангелски извештај (околу 98 н.е.) таа процедура веќе била добро утврдена меѓу раните христијани (1. Коринќаните 11:23—26). Меѓутоа, под инспирација, само Јован ни дава некои важни информации во врска со тоа што рекол и сторил Исус непосредно пред и по воведувањето на Меморијалот на својата смрт. Овие возбудливи детали се наоѓаат во не помалку од пет поглавја од евангелието на Јован. Тие не оставаат сомнение во врска со тоа какви луѓе Јехова љуби. Да го испитаме Јован, поглавја 13 до 17.
Учи од Исусовиот пример на љубов
4. а) Како ја нагласил Јован доминантната тема на Исусовиот состанок со неговите ученици кога го вовел Меморијалот? б) Која е една важна причина поради која Јехова го љуби Исус?
4 Љубовта е истакната тема во овие поглавја, во кои се наоѓаат Исусовите проштални совети до неговите следбеници. Всушност, во нив различни облици на зборот „љубов“ се појавуваат 31 пат. Исусовата длабока љубов кон неговиот Татко, Јехова, и кон своите ученици никаде не е толку очигледна колку во овие поглавја. За Исусовата љубов кон Јехова може да се заклучи од сите евангелски извештаи за неговиот живот, но само Јован запишува дека Исус јасно навел: „Јас го љубам Таткото“ (Јован 14:31). Исто така, Исус навел и дека Јехова го љуби него и објаснил зошто. Тој рекол: „Како што Таткото ме љубеше мене и јас ве љубев вас, останете во мојата љубов. Ако ги држите моите заповеди, ќе останете во мојата љубов, како што јас ги држев заповедите на Таткото и останувам во неговата љубов“ (Јован 15:9, 10). Да, Јехова го љуби својот Син поради неговата безрезервна послушност. Каква само прекрасна лекција за сите следбеници на Исус Христос!
5. Како ја покажал Исус љубовта кон своите ученици?
5 Исусовата длабока љубов кон неговите следбеници е подвлечена уште на самиот почеток од извештајот на Јован за Исусовиот последен состанок со апостолите. Јован раскажал: „А бидејќи Исус пред празникот пасха знаеше дека дошол неговиот час да си оди од овој свет кај Таткото, љубејќи ги своите кои беа во светот, ги љубеше докрај“ (Јован 13:1). Во таа значајна вечер, тој им дал незаборавна лекција за тоа како да им се служи на другите со многу љубов. Им ги измил нозете. Ова било нешто што секој од нив требало да биде спремен да го стори за Исус и за своите браќа, но тие се воздржувале. Исус ја извршил оваа понизна задача и потоа на учениците им рекол: „Ако јас, иако Господ и Учител, ви ги измив нозете, и вие сте должни да си ги миете нозете еден на друг. Зашто јас ви дадов пример, и вие да правите така како што ви направив јас“ (Јован 13:14, 15). Вистинските христијани треба да бидат спремни и среќни да им служат на своите браќа (Матеј 20:26, 27, NW со референции, фуснота; Јован 13:17).
Следи ја новата заповед
6, 7. а) Кој важен детаљ го дава Јован во врска со воведувањето на Меморијалот? б) Која нова заповед им ја дал Исус на своите ученици, и што било ново во неа?
6 Извештајот на Јован за она што се случило во горната соба, ноќта на 14 нисан, е единствениот во кој конкретно се спомнува заминувањето на Јуда Искариот (Јован 13:21—30). Ускладувањето на евангелските извештаи покажува дека Исус го вовел Меморијалот на својата смрт дури по излегувањето на овој предавник. Потоа, нашироко разговарал со своите верни апостоли, давајќи им проштални совети и упатства. Додека се подготвуваме да присуствуваме на Меморијалот, треба да бидеме силно заинтересирани за она што го рекол Исус во таа прилика, а особено затоа што сигурно сакаме да бидеме меѓу оние што Бог ги љуби.
7 Првото упатство што Исус им го дал на своите ученици откако го вовел Меморијалот на својата смрт било нешто ново. Тој изјавил: „Ви давам нова заповед, да се љубите еден со друг; како што јас ве љубев, и вие да се љубите еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13:34, 35). Што било ново во врска со оваа заповед? Истата вечер, малку подоцна, Исус ги разјаснил работите, велејќи: „Ова е мојата заповед, да се љубите еден со друг како што јас ве љубев вас. Никој нема поголема љубов од оваа, некој да ја положи својата душа за своите пријатели“ (Јован 15:12, 13). Мојсеевиот закон им заповедал на Израелците да ‚го љубат својот ближен како себеси‘ (Левит 19:18). Но, Исусовата заповед одела и подалеку од тоа. Христијаните требало да се љубат еден со друг како што Христос ги љубел, да бидат спремни да си го жртвуваат дури и животот за своите браќа.
8. а) Што вклучува самопожртвуваната љубов? б) Како Јеховините сведоци денес покажуваат самопожртвувана љубов?
8 Сезоната на Меморијалот е пригодно време да се преиспитаме, поединечно и како собрание, за да видиме дали навистина го имаме овој знак на распознавање на вистинското христијанство — љубов како Христовата. Таквата самопожртвувана љубов би можела да значи, а понекогаш и значи, дека христијанинот ќе си го ризикува животот наместо да ги предаде своите браќа. Но, тоа обично вклучува да бидеме спремни да ги жртвуваме личните интереси за да им помогнеме и да им служиме на нашите браќа и на другите. Апостол Павле бил убав пример во тој поглед (2. Коринќаните 12:15; Филипјаните 2:17). Јеховините сведоци се познати низ целиот свет по својот самопожртвуван дух, по тоа што им помагаат на своите браќа и на ближните и се напрегаат да им ја пренесат библиската вистина на другите луѓеb (Галатите 6:10).
Односи што треба високо да се ценат
9. Што правиме радосно за да го задржиме својот драгоцен однос со Бог и со неговиот Син?
9 Ништо не би можело да ни биде подрагоцено од тоа да нѐ љубат Јехова и неговиот Син, Исус Христос. Меѓутоа, за да ја имаме и да ја почувствуваме оваа љубов, мораме нешто да сториме. Таа последна ноќ што ја поминал со своите ученици, Исус рекол: „Кој ги има моите заповеди и ги држи, тој е оној кој ме љуби. А кој ме љуби мене, ќе биде љубен од мојот Татко, и јас ќе го љубам и јасно ќе му се покажам“ (Јован 14:21). Со оглед на тоа што високо го цениме својот однос со Бог и со неговиот Син, ние со радост сме послушни на нивните заповеди. Ова ја вклучува и новата заповед да покажуваме самопожртвувана љубов, како и наредбата што Христос ја дал по своето воскресение ‚да му проповедаме на народот и да дадеме темелно сведоштво‘, настојувајќи да ‚правиме ученици‘ од оние што ја прифаќаат добрата вест (Дела 10:42; Матеј 28:19, 20).
10. Кои скапоцени односи им се отворени на помазаниците и на ‚другите овци‘?
10 Подоцна истата ноќ, во одговор на едно прашање што му го поставил верниот апостол Јуда (Тадеј), Исус рекол: „Ако некој ме љуби, ќе ја држи мојата реч, и мојот Татко ќе го љуби, и ќе дојдеме кај него и ќе направиме живеалиште кај него“ (Јован 14:22, 23). Додека сѐ уште се на Земјата, помазаните христијани, кои се повикани да владеат со Христос на небото, имаат особено близок однос со Јехова и со неговиот Син (Јован 15:15; 16:27; 17:22; Евреите 3:1; 1. Јованово 3:2, 24). Но, нивните придружници, ‚другите овци‘, кои имаат надеж да живеат засекогаш на Земјата, исто така имаат скапоцен однос со својот „еден пастир“, Исус Христос, и со својот Бог, Јехова, под услов да се покажат послушни (Јован 10:16; Псалм 15:1—5; 25:14).
„Не сте дел од светот“
11. Какво отрезнувачко предупредување им дал Исус на своите ученици?
11 Во текот на овој последен состанок со своите верни ученици пред да умре, Исус дал едно отрезнувачко предупредување: Ако Бог некого љуби, тогаш светот ќе го мрази тоа лице. Исус изјавил: „Ако светот ве мрази, знајте дека мене ме мразеше пред да ве мрази вас. Да бевте дел од светот, светот ќе го сакаше своето. А бидејќи не сте дел од светот, туку јас ве избрав од светот, затоа светот ве мрази. Имајте го на ум зборот што ви го кажав: Робот не е поголем од својот господар. Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас; ако го држеа мојот збор, ќе го држат и вашиот“ (Јован 15:18—20).
12. а) Зошто Исус ги предупредил своите ученици дека светот ќе ги мрази? б) За што би било добро да размислиме сите додека се приближува Меморијалот?
12 Исус го дал ова предупредување со цел овие 11 апостоли и сите вистински христијани по нив да не се обесхрабрат и да не се откажат поради омразата од страна на светот. Тој додал: „Ова ви го кажав за да не се спрепнете. Ќе ве истеруваат од синагогата. Всушност, доаѓа часот кога секој кој ве убива ќе мисли дека му врши света служба на Бог. Но тоа ќе го прават, бидејќи не го запознале ниту Таткото ниту мене“ (Јован 16:1—3). Еден библиски лексикон објаснува дека еден облик на глаголот што овде е преведен со ‚спрепне‘ значи „да се предизвика човек да почне да се сомнева и да го напушти оној кому треба да му верува и да му биде послушен; да се предизвика тој да отпадне“. Додека се приближува времето за одржување на Меморијалот, ќе биде добро сите да размислиме за животниот пат на верните, од минатото и сега, и да го имитираме нивниот пример на цврстина под искушенија. Не дозволувај противењето или прогонството да те наведат да ги напуштиш Јехова и Исус, туку биди решен да им веруваш и да им бидеш послушен.
13. Што барал Исус во корист на своите следбеници во молитвата до својот Татко?
13 Во својата заклучна молитва пред да ја напуштат таа горна соба во Ерусалим, Исус на својот татко му рекол: „Јас им ја дадов твојата реч, а светот ги замрази, бидејќи не се дел од светот, како што јас не сум дел од светот. Не те молам да ги земеш од светот, туку да ги чуваш поради злобниот. Тие не се дел од светот, како што ни јас не сум дел од светот“ (Јован 17:14—16). Можеме да бидеме сигурни дека Јехова ги чува оние што ги љуби, за да ги зајакне додека се држат одвоени од светот (Исаија 40:29—31).
Остани во љубовта на Таткото и во љубовта на Синот
14, 15. а) Со што се споредил Исус себеси, и од која ‚изопачена лоза‘ се разликувал? б) Кои се „гранките“ на „вистинската лоза“?
14 Во текот на присниот разговор што го водел со своите верни ученици, ноќта на 14 нисан, Исус се споредил себеси со „вистинската лоза“, за разлика од ‚изопачената лоза‘ на неверниот Израел. Тој рекол: „Јас сум вистинската лоза, а мојот Татко е лозарот“ (Јован 15:1). Неколку века пред тоа, пророкот Еремија ги запишал овие зборови на Јехова до неговиот одметнат народ: „Јас те засадив како избрана лоза . . . само како ли ми се измени во неплоден [изопачен, NW] изрод, во дива лоза!“ (Еремија 2:21). А пророкот Осија напишал: „Израел е изродена [изопачена, NW] лоза. Плодот го шири за себеси . . . Нивното срце станало лицемерно“ (Осија 10:1, 2, NW).
15 Наместо да донесува плодови на вистинското обожавање, Израел западнал во отпадништво и донесувал плод за себеси. Три дена пред последниот состанок со своите верни ученици, Исус им рекол на лицемерните еврејски водачи: „Ви велам: Божјето царство ќе се одземе од вас и ќе ѝ се даде на нација која ги донесува неговите плодови“ (Матеј 21:43). Таа нова нација е „Израелот Божји“, составен од 144.000 помазани христијани, кои се споредени со „гранките“ на „вистинската лоза“, Христос Исус (Галатите 6:16; Јован 15:5; Откровение 14:1, 3).
16. На што ги поттикнал Исус 11-те верни апостоли, и што може да се каже за верниот остаток во ова време на крајот?
16 На 11-те апостоли присутни со него во таа горна соба, Исус им рекол: „Секоја гранка на мене која не носи плод, тој ја отстранува, а секоја која носи плод, ја чисти за да донесе повеќе плод. Останете во обединетост со мене и јас во обединетост со вас. Како што гранката не може сама од себе да донесе плод ако не остане на лозата, така не можете ни вие ако не останете во обединетост со мене“ (Јован 15:2, 4). Современата историја на Јеховиниот народ покажува дека верниот остаток од помазани христијани останал во обединетост со својата Глава, Христос Исус (Ефешаните 5:23). Тие го прифатиле чистењето и кастрењето (Малахија 3:2, 3). Од 1919 година донесувале плодови на Царството во изобилство, во почетокот други помазани христијани а, од 1935, придружниците од растечкото „големо мноштво“ (Откровение 7:9; Исаија 60:4, 8—11).
17, 18. а) Кои зборови на Исус им помагаат на помазаниците и на другите овци да останат во Јеховината љубов? б) Како ќе ни помогне присуството на Меморијалот?
17 За сите помазани христијани и за нивните придружници важат Исусовите понатамошни зборови: „Со тоа мојот Татко е прославен, да донесувате многу плод и да се покажете дека сте мои ученици. Како што Таткото ме љубеше мене и јас ве љубев вас, останете во мојата љубов. Ако ги држите моите заповеди, ќе останете во мојата љубов, како што јас ги држев заповедите на Таткото и останувам во неговата љубов“ (Јован 15:8—10).
18 Сите ние сакаме да останеме во Божјата љубов, и тоа нѐ поттикнува да бидеме плодоносни христијани. Тоа го правиме на тој начин што ја користиме секоја прилика да ја проповедаме ‚добрата вест за царството‘ (Матеј 24:14). Исто така, даваме сѐ од себе за да ги покажуваме „плодовите на духот“ во приватниот живот (Галатите 5:22, 23). Присуството на Меморијалот на Христовата смрт ќе ја зајакне нашата решеност да го правиме тоа, зашто ќе бидеме потсетени на Божјата и на Христовата голема љубов кон нас (2. Коринќаните 5:14, 15).
19. За која натамошна помош ќе биде дискутирано во следната статија?
19 Откако го вовел Меморијалот, Исус ветил дека неговиот Татко ќе им испрати на верните следбеници ‚помошник, светиот дух‘ (Јован 14:26). Начинот на кој овој дух им помага на помазаниците и на другите овци да останат во Јеховината љубов ќе биде разгледан во следната статија.
[Фусноти]
a Во 2002 година, пресметано библиски, 14 нисан почнува на зајдисонце, во четврток на 28 март. Таа вечер, Јеховините сведоци низ целиот свет ќе се соберат за да ја комеморираат смртта на Господ, Исус Христос.
b Види ја книгата Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom (Јеховини сведоци — објавители на Божјето Царство), објавена од Јеховини сведоци, поглавја 19 и 32.
Прашања за повторување
• Каква практична лекција за служба со многу љубов им дал Исус на своите ученици?
• За какво самоиспитување е пригодно време сезоната на Меморијалот?
• Зошто не треба да се спрепнеме од Исусовото предупредување за омразата и прогонството од страна на светот?
• Кој е „вистинската лоза“? Кои се „гранките“, и што се очекува од нив?
[Слика на страница 15]
Исус им дал на своите апостоли незаборавна лекција за служба со многу љубов
[Слики на страници 16 и 17]
Христовите ученици се послушни на неговата заповед да покажуваат самопожртвувана љубов