Дали си го примил „духот на вистината“?
„Таткото . . . ќе ви даде друг помошник за да биде со вас засекогаш, духот на вистината“ (ЈОВАН 14:16, 17).
1. Какви важни информации им дал Исус на своите ученици во текот на последните часови што ги минал со нив во горната соба?
„ГОСПОДИ, каде одиш?“ Тоа било едно од прашањата што апостолите му ги поставиле на Исус во последните часови што ги минал со нив во една горна соба во Ерусалим (Јован 13:36). Во текот на состанокот Исус ги информирал дека дошло време да ги напушти за да се врати кај својот Татко (Јован 14:28; 16:28). Повеќе немало да биде физички со нив за да ги поучува и да одговара на нивните прашања. Меѓутоа, ги уверил со зборовите: „Ќе го замолам Таткото и тој ќе ви даде друг помошник [односно, утешител] за да биде со вас засекогаш“ (Јован 14:16, NW со референции, фуснота).
2. Што ветил Исус дека ќе им испрати на учениците по своето заминување?
2 Исус го идентификувал помошникот и објаснил како тој ќе им помага на неговите ученици. Им рекол: „Меѓутоа, ова не ви го кажав во почетокот, бидејќи бев со вас. Но сега одам кај оној кој ме испрати . . . За ваше добро е тоа што јас си одам. Зашто ако не си одам, помошникот сигурно нема да дојде кај вас; но ако си одам, ќе ви го испратам . . . Кога ќе дојде тој, духот на вистината, ќе ве упати во сета вистина“ (Јован 16:4, 5, 7, 13).
3. а) Кога им бил испратен „духот на вистината“ на раните христијани? б) Кој бил еден важен начин на кој духот им бил „помошник“?
3 Ова ветување се исполнило на Пентекост 33 н.е., кога апостол Петар посведочил: „Бог го воскресна овој Исус, за што сите ние сме сведоци. Затоа, бидејќи беше возвишен до Божјата десница и го прими ветениот свет дух од Таткото, го излеа ова што го гледате и слушате“ (Дела 2:32, 33). Како што ќе видиме подоцна, светиот дух што бил излеан на Пентекост постигнал многу работи за раните христијани. Но, Исус ветил дека „духот на вистината“ ќе ‚ги потсети на сѐ што тој им рекол‘ (Јован 14:26). Тој требало да им овозможи да се сетат на Исусовата служба и на неговите учења, па дури и на самите негови зборови, и да ги запишат. Ова требало да му биде од особена помош на остарениот апостол Јован, на крајот од првиот век н.е., кога почнал да го пишува своето евангелие. Тој извештај ги опфаќа драгоцените совети што Исус ги дал кога го вовел Меморијалот на својата смрт (Јован, поглавја 13—17).
4. На кој начин „духот на вистината“ им помагал на раните помазани христијани?
4 Исто така, Исус им ветил на тие рани ученици дека духот ќе ги ‚научи на сѐ‘ и дека ќе ги ‚упати во сета вистина‘. Духот требало да им помогне да ги разберат подлабоките работи од Писмото и да зачуваат единство во размислувањето, разбирањето и намерата (1. Коринќаните 2:10; Ефешаните 4:3). На тој начин светиот дух ги овластил тие рани христијани да дејствуваат како колективен ‚верен и разборит роб‘, кој ќе ги снабдува поединечните помазани христијани со духовна „храна во право време“ (Матеј 24:45).
Духот сведочи
5. а) Каков нов изглед отворил Исус за своите ученици ноќта на 14 нисан 33 н.е.? б) Каква улога требало да игра светиот дух во исполнувањето на Исусовото ветување?
5 Ноќта на 14 нисан 33 н.е., Исус им навестил на своите ученици дека подоцна ќе ги прими и дека ќе живеат со него и со неговиот Татко на небото. Им рекол: „Во куќата на мојот Татко има многу живеалишта. Инаку ќе ви кажев, бидејќи одам да ви приготвам место. А ако одам и ви приготвам место, повторно ќе дојдам и ќе ве примам дома кај себе, и вие да бидете таму каде што сум јас“ (Јован 13:36; 14:2, 3). Тие ќе владееле со него во неговото Царство (Лука 22:28—30). За да ја имаат оваа небесна надеж, тие требало да ‚бидат родени од дух‘ како духовни Божји синови и да бидат помазани за да служат како цареви и свештеници со Христос на небото (Јован 3:5—8; 2. Коринќаните 1:21, 22; Тит 3:5—7; 1. Петрово 1:3, 4; Откровение 20:6).
6. а) Кога почнал небесниот позив, и колкумина го добиле овој позив? б) Во што се крстиле повиканите?
6 Овој ‚небесен позив‘ почнал на Пентекост 33 н.е. и, главно, изгледа завршил во средината на 1930-тите (Евреите 3:1). Бројот на запечатените од светиот дух што ќе бидат дел од духовниот Израел е 144.000, „купени од луѓето“ (Откровение 7:4; 14:1—4). Тие се крстиле во духовното тело на Христос, во неговото собрание и во неговата смрт (Римјаните 6:3; 1. Коринќаните 12:12, 13, 27; Ефешаните 1:22, 23). Откако се крстиле во вода и биле помазани со светиот дух, тие стапиле на еден жртвен пат, живот на интегритет сѐ до нивната смрт (Римјаните 6:4, 5).
7. Зошто само помазаните христијани со право земаат од симболите на Меморијалот?
7 Како духовни Израелци, овие помазани христијани се наоѓале во новиот сојуз склучен меѓу Јехова и „Израелот Божји“ (Галатите 6:16; Еремија 31:31—34). Новиот сојуз станал полноважен со Христовата пролеана крв. Исус го спомнал ова кога го вовел Меморијалот на својата смрт. Лука известува: „Зеде леб, се заблагодари, го раскрши и им го даде, велејќи: ‚Ова значи моето тело кое се дава за вас. Правете го ова за мој спомен‘. А така и чашата откако вечераа, велејќи: ‚Оваа чаша значи новиот сојуз на темел на мојата крв, која треба да се пролее во ваша корист‘“ (Лука 22:19, 20). Остатокот, односно преостанатите членови на 144.000, кои сѐ уште се на Земјата, се оние што со право земаат од симболичниот леб и вино на Меморијалот на Христовата смрт.
8. Од каде знаат помазаниците дека добиле небесен позив?
8 Од каде знаат помазаниците дека добиле небесен позив? Тие добиваат непогрешливо сведоштво од светиот дух. Апостол Павле за таквите напишал: „Сите кои се водени од Божјиот дух, тие се Божји синови . . Самиот дух сведочи со нашиот дух дека сме Божји деца. Значи, ако сме деца, и наследници сме: имено, наследници Божји, а сонаследници со Христос, под услов да страдаме со него за да се прославиме со него“ (Римјаните 8:14—17). Ова сведоштво на духот е толку силно што тие кои имаат и најмало сомневање околу тоа дали добиле небесен позив можат разумно да заклучат дека, всушност, не добиле, и затоа ќе се воздржуваат да земаат од симболите на Меморијалот.
Духот и другите овци
9. Кои две различни групи се спомнати во евангелијата и во книгата Откровение?
9 Имајќи го на ум ограничениот број христијани што се повикани да го сочинуваат духовниот Израел, Исус се осврнал на нив како на „мало стадо“. Ним им е дозволен пристап во ‚трлото‘ на новиот сојуз, за разлика од неброените „други овци“ за кои Исус рекол дека исто така мора да ги собере (Лука 12:32; Јован 10:16). Оние од другите овци што се собрани во времето на крајот ќе го сочинуваат ‚големото мноштво‘ одредено да ја преживее „големата неволја“, со изглед да живее засекогаш на рајската Земја. Интересно е тоа што визијата која ја добил Јован кон крајот на првиот век н.е. прави разлика меѓу ова големо мноштво и оние 144.000 членови на духовниот Израел (Откровение 7:4, 9, 14). Дали го добиваат светиот дух и другите овци, и ако да, како влијае тоа во нивниот живот?
10. На кој начин се крстени другите овци „во името на Таткото и на Синот и на светиот дух“?
10 Светиот дух навистина игра важна улога во животот на другите овци. Тие го симболизираат своето предание на Јехова со тоа што се крштаваат „во името на Таткото и на Синот и на светиот дух“ (Матеј 28:19). Ја признаваат Јеховината сувереност, му се подложуваат на Христос како на свој Цар и Откупител и се подложуваат на дејствувањето на Божјиот дух, односно активна сила, во нивниот живот. Од ден на ден прават простор во својот живот за „плодовите на духот“, имено „љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување“ (Галатите 5:22, 23).
11, 12. а) Како се помазаниците осветени на еден многу посебен начин? б) На кој начин се другите овци осветени и направени свети?
11 Другите овци мораат, исто така, да дозволат Божјата реч и неговиот свет дух да ги очистат, односно осветат. Помазаниците се веќе осветени на еден многу посебен начин, прогласени се за праведни и свети како Христова невеста (Јован 17:17; 1. Коринќаните 6:11; Ефешаните 5:23—27). Пророкот Даниел зборува за нив како за „Светите на Севишниот“, кои го добиваат Царството под „Човечкиот Син“, Христос Исус (Даниел 7:13, 14, 18, 27). Претходно, преку Мојсеј и Арон, Јехова ѝ објавил на нацијата Израел: „Јас Господ Сум ваш Бог; осветувајте се да бидете свети, зашто Јас Сум свет“ (Левит 11:44).
12 Зборот „осветување“ во основа го означува „чинот или процесот на станување свет, одвојување, односно издвојување за служба или користење од страна на Јехова Бог; состојба да се биде свет, осветен, односно очистен“. Уште во 1938 година, Стражарска кула рекла дека Јонадавовците, односно другите овци, „мораат да научат дека од секој што ќе стане дел од големото множество и ќе живее на Земјата се бара посветување [предание] и осветување“. Во визијата за големото мноштво, запишана во книгата Откровение, за нив се зборува дека ‚ги испрале своите долги облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето‘ и дека му вршат на Јехова „света служба ден и ноќ во неговиот храм“ (Откровение 7:9, 14, 15). Со помош на светиот дух, другите овци даваат сѐ од себе за да ги задоволат Јеховините барања за светост (2. Коринќаните 7:1).
Да им правиме добро на Христовите браќа
13, 14. а) Според Исусовата парабола за овците и козите, од што зависи спасението на овците? б) Во ова време на крајот, на кој начин другите овци им прават добро на Христовите браќа?
13 Исус ја истакнал тесната врска меѓу другите овци и малото стадо во својата парабола за овците и козите, која ја вклучил во своето пророштво за „завршетокот на системот на работи“. Во таа парабола Христос јасно покажал дека спасението на другите овци е тесно поврзано со нивното однесување кон помазаниците, кои ги нарекол „мои браќа“. Тој рекол: „Тогаш царот ќе им рече на оние од неговата десна страна: ‚Дојдете, вие кои сте благословени од мојот Татко, наследете го царството кое е подготвено за вас од основањето на светот . . . Вистина ви велам: Онолку колку што му го направивте тоа на еден од најмалите од овие мои браќа, мене ми го направивте‘“ (Матеј 24:3; 25:31—34, 40).
14 Изразот „онолку колку што му го направивте тоа“ укажува на дела на љубезна поддршка дадена на Христовите браќа родени со дух, со кои Сатановиот свет се однесувал како со странци, па дури и фрлил некои од нив в затвор. Тие имале потреба од храна, соодветна облека и здравствена нега (Матеј 25:35, 36, NW со референции, фуснота). Во ова време на крајот, од 1914 година, многу помазаници се нашле во такви ситуации. Современата историја на Јеховините сведоци потврдува дека помазаниците добивале помош од своите лојални придружници, другите овци, поттикнувани од духот.
15, 16. а) Во која активност особено им помагале другите овци на Христовите помазани браќа на Земјата? б) На кој начин помазаниците го изразиле своето ценење за другите овци?
15 Христовите помазани браќа на Земјата во ова време на крајот особено ја добивале активната поддршка од другите овци во извршувањето на налогот добиен од Бог да ја ‚проповедаат оваа добра вест за царството по целата населена земја за сведоштво на сите нации‘ (Матеј 24:14; Јован 14:12). Додека бројот на помазаниците на Земјата низ годините опаѓал, бројот на другите овци се зголемил буквално на милиони. Илјадници од нив служеле како полновремени евангелизатори — пионери и мисионери — ширејќи ја добрата вест за Царството до „најоддалечениот дел од земјата“ (Дела 1:8). Други учествуваат во делото на сведочење онолку колку што можат и радосно го поддржуваат ова дело финансиски.
16 Колку само Христовите помазани браќа ја ценат оваа лојална поддршка од своите придружници, другите овци! Нивните чувства се добро изразени во книгата Светска сигурност под „Кнезом мира“, обезбедена од класата на робот во 1986. Таму стои: „По Втората светска војна, Исусовото пророштво за ‚свршетокот на системот на работи‘ главно се исполнува благодарејќи на улогата што ја извршува ‚големото мноштво‘ од ‚други овци‘ . . . Голема благодарност на меѓународното, многујазичното ‚големо мноштво‘ за огромната улога што ја одиграло во исполнувањето на [Исусовото] пророштво од Матеј 24:14!“
‚Да не бидат направени совршени без нас‘
17. На кој начин верните од старо време, кои ќе бидат воскреснати на Земјата, ‚нема да бидат направени совршени без‘ помазаниците?
17 Говорејќи како помазаник и укажувајќи на верните мажи и жени што живееле пред Христос, апостол Павле напишал: „Сите тие, иако добија сведоштво преку својата вера, не го добија исполнувањето на ветувањето, бидејќи Бог предвиде за нас [помазаниците] нешто подобро, за да не бидат направени совршени без нас“ (Евреите 11:35, 39, 40). Во текот на милениумот, Христос и неговите 144.000 помазани браќа на небото ќе дејствуваат како цареви и свештеници и ќе ги делат на Земјата користите од Христовата откупна жртва. На тој начин другите овци ќе „бидат направени совршени“ во телото и во умот (Откровение 22:1, 2).
18. а) Што треба библиските факти да им помогнат на другите овци да сфатат? б) Со каква надеж другите овци го чекаат „откривањето на Божјите синови“?
18 Сево ова треба да ја вреже во умовите на другите овци причината поради која Христијанските грчки списи фокусираат толку големо внимание на Христос и на неговите помазани браќа и на нивната централна улога во извршувањето на Јеховините намери. Затоа, за другите овци е предност да можат на секој можен начин да ја поддржуваат помазаната класа на робот додека го чекаат „откривањето на Божјите синови“ во Армагедон и во текот на Милениумот. Тие можат со нетрпение да чекаат да бидат ‚ослободени од ропството на распадливоста и да ја имаат славната слобода на Божјите деца‘ (Римјаните 8:19—21).
Обединети во духот на Меморијалот
19. Што сторил „духот на вистината“ за помазаниците и за нивните придружници, и како ќе бидат тие особено обединети вечерта на 28 март?
19 Во својата заклучна молитва, ноќта на 14 нисан 33 н.е, Исус рекол: „Молам . . . за да бидат сите едно, како што ти, Татко, си во обединетост со мене и јас во обединетост со тебе, така и тие да бидат во обединетост со нас, за светот да верува дека ти ме испрати“ (Јован 17:20, 21). Бог од љубов го испратил својот Син да си го даде животот за спасение на помазаниците и на светот на послушното човештво (1. Јованово 2:2). „Духот на вистината“ ги обединил Христовите браќа и нивните придружници. Вечерта на 28 март, по зајдисонце, обете класи ќе се состанат за да ја комеморираат Христовата смрт и да се сетат на сѐ што Јехова сторил за нив преку жртвата на својот драг син, Христос Исус. Нека присутноста во оваа важна прилика го зајакне нивното единство и ја обнови нивната решеност да продолжат да ја вршат Божјата волја, давајќи на тој начин доказ дека се радуваат што се меѓу оние што Јехова ги љуби.
Како повторување
• Кога бил испратен „духот на вистината“ кај раните христијани, и на кој начин се покажал како „помошник“?
• Од каде знаат помазаниците дека добиле небесен позив?
• На кои начини дејствува Божјиот дух врз другите овци?
• Како другите овци им прават добро на Христовите браќа, и зошто тие ‚нема да бидат направени совршени без‘ помазаниците?
[Слика на страница 21]
„Духот на вистината“ бил излеан врз учениците на Пентекост 33 н.е.
[Слики на страница 23]
Другите овци им прават добро на Христовите браќа така што ги поддржуваат во исполнувањето на божествениот налог да проповедаат