Постапувај во склад со сесрдната молитва на Исус
„Татко... прослави го својот син, за да те прослави синот тебе“ (ЈОВАН 17:1)
1, 2. Што направил Исус откако ја прославил Пасхата со своите апостоли во 33 год. од н.е.?
ДОЦНА навечер, на 14 нисан 33 год. од н.е., Исус ја одбележал Пасхата заедно со своите најблиски пријатели. Оваа прослава ги потсетувала дека Бог ги избавил нивните прататковци од ропството во Египет. Но, за Исусовите верни следбеници, Јехова подготвил едно далеку повеличествено, „вечно избавување“. Следниот ден, нивниот безгрешен Водач бил погубен од своите непријатели. Со тоа што го дал својот совршен живот како жртва, тој им овозможил на луѓето да бидат ослободени од гревот и од смртта (Евр. 9:12-14).
2 Бидејќи сакал да се сеќаваме на овој прекрасен дар од Бог, Исус вовел нова прослава која требало да се одбележува еднаш годишно наместо еврејската Пасха. Тој зел бесквасен леб, го раскршил и им го подал на своите 11 верни апостоли, велејќи: „Ова го претставува моето тело, кое ќе се даде за вас. Правете го ова за мој спомен!“ Потоа зел чаша црвено вино и им ја подал, велејќи: „Оваа чаша го претставува новиот сојуз на темел на мојата крв, која ќе се пролее за вас“ (Лука 22:19, 20).
3. а) До каква голема промена дошло по смртта на Исус? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во врска со молитвата на Исус која е запишана во Јован поглавје 17?
3 Наскоро стариот сојуз на Законот, кој Бог го склучил со израелскиот народ, требало да биде заменет со нов сојуз меѓу Јехова и помазаните следбеници на Исус. Исус не сакал неговите следбеници да станат како Израелците. Тие не му служеле обединето на Бог и тоа му носело срам на Божјето свето име (Јован 7:45-49; Дела 23:6-9). За разлика од нив, Исус сакал неговите следбеници да бидат обединети и да соработуваат заедно за да му оддаваат чест на Божјето име. За да им помогне во тоа, ја кажал најубавата молитва која некогаш била запишана (Јован 17:1-26; види ја сликата во почетокот на статијата). Додека ја разгледуваме, да размислиме за следниве прашања: ‚Дали Бог одговорил на оваа молитва на Исус? Дали јас постапувам во склад со неа?‘
ШТО МУ БИЛО НАЈВАЖНО НА ИСУС
4, 5. а) Што учиме од она што Исус го кажал во почетокот на својата молитва? б) Како Јехова одговорил на она што Исус го побарал за себе?
4 До доцна во ноќта, Исус продолжил да ги поучува своите ученици за многу скапоцени вистини. Потоа ги подигнал очите кон небото и се помолил: „Татко, дојде часот! Прослави го својот син, за да те прослави синот тебе, па со власта што му ја даде над сите луѓе да им даде вечен живот на сите што му ги даде... Јас те прославив тебе на земјата, довршувајќи го делото што ми го даде да го извршам. А сега ти, Татко, прослави ме мене кај себе со славата што ја имав кај тебе пред да настане светот“ (Јован 17:1-5).
5 Забележи дека во почетокот на оваа молитва Исус спомнал неколку работи што му биле најважни. За него било најважно од сѐ да го прослави својот небесен Татко. Ова е во склад со првото барање што го упатил во познатата молитва наречена Оченаш: „Татко, нека се свети името твое“ (Лука 11:2). Потоа Исус ги спомнал своите ученици. Тој побарал од Јехова да го овласти да „им даде вечен живот“. Откако го кажал тоа, побарал нешто и за себе, велејќи: „Татко, прослави ме мене кај себе со славата што ја имав кај тебе пред да настане светот“. Јехова го исполнил овој дел од молитвата на својот Син давајќи му и повеќе од она што го побарал. Тој му дал ‚име кое е повозвишено‘ од имињата на сите ангели (Евр. 1:4).
„ДОБРО ДА ТЕ ЗАПОЗНААТ ТЕБЕ, ЕДИНСТВЕНИОТ ВИСТИНСКИ БОГ“
6. Што требало да прават апостолите за да добијат вечен живот, и од каде знаеме дека навистина го направиле тоа?
6 Во својата молитва, Исус исто така спомнал што треба да правиме ние како грешни луѓе за да го добиеме незаслужениот дар — вечен живот. (Прочитај Јован 17:3.) Мора ‚добро да ги запознаеме‘ Бог и Христос. Како? Еден начин е така што сѐ повеќе ќе учиме за нив. Друг начин како може да го запознаеме Бог е да го применуваме она што сме го научиле. Апостолите веќе ги правеле овие две работи, и затоа Исус во продолжение на молитвата рекол: „Зборовите што ми ги даде мене, јас им ги дадов ним, и тие ги примија“ (Јован 17:8). Но, за да добијат вечен живот, требало и понатаму длабоко да размислуваат за Божјите зборови и да живеат во склад со нив. Верните апостоли продолжиле да го прават ова до крајот на својот живот на Земјата. Од каде го знаеме тоа? Библијата вели дека нивните имиња се неизбришливо врежани на 12-те камен-темелници на Новиот Ерусалим (Отк. 21:14).
7. Како можеме ‚добро да го запознаеме‘ Бог, и зошто тоа е важно?
7 Значи, ако сакаме да живееме вечно, треба ‚добро да го запознаеме‘ Бог. Грчкиот израз што е преведен со „треба добро да те запознаат“ може да се преведе и со „треба да те запознаваат“, што укажува на трајно дејство. Со други зборови, за да можеме ‚добро да го запознаеме Бог‘, треба постојано да учиме за него. Но, не е доволно само да знаеме кои се неговите особини и неговата намера. Ние мора многу да го сакаме и да бидеме блиски пријатели со него. Освен тоа, мора да ги сакаме и нашите браќа и сестри. Библијата вели: „Кој не покажува љубов, не го запознал Бог“ (1. Јов. 4:8). Исто така, ќе покажеме дека добро го познаваме Бог ако сме му послушни. (Прочитај 1. Јованово 2:3-5.) Навистина е огромна чест да бидеме меѓу оние што го познаваат Јехова! Но, исто како што било случај со Јуда Искариот, и ние би можеле да го изгубиме ова скапоцено пријателство. Затоа, да дадеме сѐ од себе за да го зачуваме нашиот близок однос со Бог. Ако го правиме тоа, Јехова ќе ни подари вечен живот (Мат. 24:13).
„ЗАРАДИ СВОЕТО ИМЕ“
8, 9. Што му било најважно на Исус додека служел на Земјата, и која еврејска традиција сигурно ја мразел?
8 Од молитвата запишана во Јован поглавје 17 јасно се гледа колку голема љубов имал Исус кон своите апостоли, но и кон нас (Јован 17:20). Сепак, треба да имаме на ум дека нашето спасение не му е најважно. Негова главна цел од почетокот до крајот на неговата служба на Земјата била да го посвети и да го прослави името на својот Татко. На пример, кога во синагогата во Назарет за првпат кажал зошто дошол на Земјата, тој ги прочитал следниве зборови од свитокот на Исаија: „Јеховиниот дух е врз мене, зашто Бог ме помаза да им објавам добра вест на сиромасите“. Без сомнение, кога го прочитал ова, Исус јасно го изговорил Божјето име (Лука 4:16-21).
9 Долго пред тој да дојде на Земјата, еврејските верски водачи го поучувале народот дека не треба да се користи Божјето име. Исус сигурно многу ја мразел таа традиција. Тој им го рекол следново на своите противници: „Јас дојдов во името на својот Татко, но вие не ме примате. Ако некој друг дојде во свое име, него ќе го примите“ (Јован 5:43). Потоа, неколку дена пред својата смрт, Исус кажал што му е на прво место во животот кога во молитва му рекол на Јехова: „Татко, прослави го своето име!“ (Јован 12:28). Затоа, воопшто не е чудно што и од молитвата која ја разгледуваме во оваа статија многу јасно се гледа дека ништо друго не му било поважно од посветувањето на Божјето име.
10, 11. а) Како Исус го објавил името на својот Татко? б) Зошто учениците на Исус го објавуваат Божјето име?
10 Исус се молел: „Им го објавив твоето име на луѓето што ми ги даде од светот. Твои беа, а ти ми ги даде мене, и тие ја држеа твојата реч. Јас веќе не сум во светот, но тие се во светот, а јас доаѓам кај тебе. Свети Татко, чувај ги заради своето име, кое ми го даде, за да бидат едно, исто како нас“ (Јован 17:6, 11).
11 Исус им го објавил Божјето име на учениците со тоа што го користел името Јехова, но и со тоа што им помогнал да разберат каква личност е Бог. Тој ги поучил за Божјите прекрасни особини и за начинот на кој Јехова постапува со нас (2. Мој. 34:5-7). Освен тоа, од својата возвишена положба на небото, Исус и понатаму им помага на своите ученици да го објавуваат Божјето име по целата Земја. Со која цел? За да можат уште повеќе луѓе да го запознаат Јехова пред да дојде крајот на овој злобен свет, кога тој ќе ги спаси своите верни сведоци и ќе го прослави своето величествено име (Езек. 36:23).
„ЗА ДА ВЕРУВА СВЕТОТ“
12. Кои три работи треба да ги правиме за да го довршиме делото што го започнал Исус?
12 Исус им заповедал на своите ученици да го завршат делото кое тој го започнал. Во својата молитва, тој му рекол на Бог: „Како што ти мене ме испрати во светот, така и јас нив ги испратив во светот“. Но, Исус знаел дека на учениците ќе им треба помош за да го завршат тоа дело. Додека бил со нив, тој многу се трудел да им помогне да се борат со своите слабости. Во оваа молитва, побарал од Јехова да им помогне да направат три многу важни работи. Прво, се молел неговите ученици да не бидат дел од злобниот свет на Сатана. Второ, се молел да ја држат Божјата Реч за да останат свети. И трето, го молел Јехова да им помогне на учениците да бидат обединети, исто како што тој и неговиот Татко се обединети со нераскинлива врска на љубов. Секој од нас треба да се праша: ‚Дали постапувам во склад со овие три барања на Исус?‘ Тој бил уверен дека, ако неговите ученици ги прават овие работи, многу луѓе ќе поверуваат во нивната порака и ќе ја прифатат. (Прочитај Јован 17:15-21.)
13. Како била одговорена молитвата на Исус во првиот век?
13 Ако ја проучуваме библиската книга Дела, ќе видиме дека Јехова ја услишил оваа молитва на Исус. Замисли си до какви поделби можело да дојде помеѓу првите христијани, меѓу кои имало Евреи и не-Евреи, богати и сиромашни, робови и господари! Сепак, тие соработувале толку сложно што апостол Павле ги споредил со различни делови на човечкото тело кои дејствуваат под водство на Главата на собранието, Исус Христос (Еф. 4:15, 16). Тоа било вистинско чудо во разединетиот свет на Сатана! Се разбира, такво нешто не би било можно без помошта на Јеховиниот моќен свет дух (1. Кор. 3:5-7).
14. Како Јехова одговорил на молитвата на Исус во нашево време?
14 За жал, по смртта на апостолите, единството меѓу христијаните постепено исчезнало. Како што било проречено, се раширило отпадништво, и дошло до поделби и раздор (Дела 20:29, 30). Но, во 1919 год., Исус ги ослободил своите помазани следбеници од ропството на лажната религија и ги обединил со љубов која ‚совршено ги поврзува‘ (Кол. 3:14). Како влијаело нивното проповедање врз луѓето во светот? Повеќе од седум милиони лица од „сите народи и племиња и народности и јазици“ денес обединето му служат на Јехова заедно со Божјите помазаници (Јован 10:16; Отк. 7:9). Ова е доказ дека Јехова на величествен начин го исполнил сето она што Исус го побарал во својата молитва ‚за да спознае светот дека Јехова го испратил Синот, и дека нѐ сака и нас како што го сака него‘ (Јован 17:23).
ПОСЛЕДНИТЕ СРДЕЧНИ ЗБОРОВИ
15. Кое посебно барање му го упатил Исус на Јехова во врска со своите помазани следбеници?
15 Истата вечер на 14 нисан, пред да ја каже оваа молитва, Исус им укажал чест на своите апостоли со тоа што склучил со нив сојуз за да владеат со него во неговото Царство (Лука 22:28-30; Јован 17:22). Затоа, за сите оние што подоцна требало да станат негови помазани следбеници, тој се молел со следниве зборови: „Татко, сакам и оние што ми ги даде да бидат со мене, таму каде што сум јас, за да ја гледаат мојата слава што ми ја даде ти, зашто ме сакаше пред создавањето на светот“ (Јован 17:24). Другите овци не им завидуваат на помазаниците за наградата што ќе ја добијат — напротив, тие се среќни поради тоа. Ова е уште еден доказ дека меѓу вистинските христијани денес владее нераскинливо единство.
16, 17. а) На крајот на својата молитва, што рекол Исус дека ќе прави и понатаму? б) На што треба да бидеме решени ние?
16 Поради лагите што ги шират верските водачи, повеќето луѓе во светот не сакаат да ги признаат јасните докази дека Јехова има свој народ кој му служи обединето и кој вистински го познава. Истото било случај и во времето на Исус. Затоа, тој ја завршил својата молитва со следниве срдечни зборови: „Праведен Татко, светот не те запозна, но јас те запознав, а овие спознаа дека ти ме испрати. И им го објавив твоето име и ќе го објавувам, за љубовта со која ме сакаше ти да биде во нив и јас во единство со нив“ (Јован 17:25, 26).
17 Исус навистина постапувал во склад со својата молитва, и го објавил името на својот Татко. Како Глава на собранието, тој продолжува да ни помага и нам да ги објавуваме името и намерата на неговиот Татко. Да го следиме и понатаму водството што ни го дава така што ревносно ќе проповедаме и ќе ги поучуваме луѓето (Мат. 28:19, 20; Дела 10:42). Освен тоа, да се трудиме со сите сили да го зачуваме нашето скапоцено единство. Ако го правиме тоа, ќе постапуваме во склад со молитвата на Исус. Така ќе му донесеме слава на Јеховиното име и ќе бидеме среќни во сета вечност.