Можеш ли да ‚разликуваш исправно и неисправно‘?
„Уверувајте се што е прифатливо за Господ“ (ЕФЕШАНИТЕ 5:10).
1. На кој начин животот денес може да биде збунувачки, и зошто?
„ЗНАМ Господи, дека патот на човекот не е во неговата власт, дека човекот, кој што оди не може да ги управува своите чекори!“ (Еремија 10:23). Оваа прониклива забелешка на Еремија важи со уште поголема сила за нас денес. Зошто? Затоа што живееме во „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“, како што претскажала Библијата (2. Тимотеј 3:1). Секој ден се соочуваме со збунувачки ситуации кои бараат да донесуваме одлуки. Сеедно дали се големи или мали, овие одлуки можат да имаат длабок ефект врз нашата благосостојба — физичка, емоционална и духовна.
2. Кои избори можеби се сметаат за безначајни, но како гледаат на нив предадените христијани?
2 Многу избори што ги правиме во секојдневниот живот може да се сметаат за рутински или безначајни. На пример, секој ден мораме да избереме што ќе облечеме, што ќе јадеме, кого ќе го посетиме итн. Овие избори ги правиме речиси автоматски, без многу размислување. Но, дали тие работи се навистина безначајни? Ние, предадените христијани, длабоко сме заинтересирани изборите што ги правиме во облеката и изгледот, во јадењето и пиењето, како и во говорот и однесувањето секогаш да ја одразуваат нашата улога на слуги на Највишиот, Јехова Бог. Потсетени сме на зборовите на апостол Павле: „Јадете ли, пиете ли или правите што и да е друго, сѐ правете за Божја слава“ (1. Коринќаните 10:31; Колошаните 4:6; 1. Тимотеј 2:9, 10).
3. Кои избори се од навистина сериозна важност?
3 Потоа, постојат избори кои се од уште посериозна важност. Одлуката да се стапи во брак или да се остане самец, на пример, сигурно има длабок и траен ефект во нечиј живот. Факт е дека изборот на вистинската личност за брак, некој што ќе биде доживотен партнер, не е мала работа a (Пословици 18:22). Освен тоа, изборот на пријатели и другари, на образование, работа, како и на забава и рекреација, игра влијателна, па дури и решавачка улога во нашата духовност — според тоа, и во нашата вечна благосостојба (Римјаните 13:13, 14; Ефешаните 5:3, 4).
4. а) Која способност би била многу пожелна? б) Кои прашања треба да ги разгледаме?
4 Соочени со сето ова, сигурно дека е пожелно да имаме способност да разликуваме меѓу она што е исправно и неисправно или меѓу она што изгледа правилно и она што навистина е правилно. „Некој пат му се чини на човекот прав, а на крајот води кон смртта“, предупредува Библијата (Пословици 14:12). Затоа, би можеле да се прашаме: ‚Како можеме да ја развиеме способноста да разликуваме исправно и неисправно? Каде да се обратиме за да го најдеме потребното водство при донесувањето одлуки? Што правеле во тој поглед луѓето во минатото, како и сега, и со каков резултат?‘
‚Филозофијата и празната измама‘ на светот
5. Во каков свет живееле раните христијани?
5 Христијаните од првиот век живееле во свет во кој доминирале грчко-римските вредности и идеали. Од една страна биле комфорот и луксузот на римскиот начин на живот, на кои многумина гледале со завист. Од друга страна, пак, интелектуалниот круг од тоа време вриел не само од филозофските идеи на Платон и Аристотел туку и од идеите на поновите школи, како што биле епикурејците и стоиците. Кога на своето второ мисионерско патување дошол во Атина, апостол Павле се соочил со епикурејските и стоичките филозофи кои сметале дека се супериорни во однос на „овој дрдорко“, Павле (Дела 17:18).
6. а) Што биле искушани да сторат некои рани христијани? б) Кое предупредување го огласил Павле?
6 Според тоа, не е тешко да разбереме зошто некои рани христијани биле привлечени од вообразените навики и животни стилови на луѓето околу нив (2. Тимотеј 4:10). Се чинело дека оние што биле нераздвоен дел од системот уживале многу користи и предности, а нивните избори изгледале разумни. Изгледало дека светот имал да понуди нешто вредно што предадениот христијански начин на живот го немал. Меѓутоа, апостол Павле предупредил: „Пазете, некој да не ве одведе како свој плен со помош на филозофијата и со празна измама според човечката традиција, според елементарните работи на светот, а не според Христос“ (Колошаните 2:8). Зошто го рекол Павле тоа?
7. На што е рамна мудроста на светот, всушност?
7 Павле го огласил тоа предупредување бидејќи осетил дека зад размислувањето на оние што биле привлечени од светот стои една вистинска опасност. Особено е значајно што тој го користи терминот ‚филозофија и празна измама‘. Зборот ‚филозофија‘ буквално значи „љубов и стремеж кон мудроста“. Тоа само по себе може да биде корисно. Всушност, Библијата, посебно во книгата Пословици, охрабрува на стремеж кон исправниот вид спознание и мудрост (Пословици 1:1-7; 3:13-18). Меѓутоа, Павле „филозофијата“ ја поврзал со ‚празната измама‘. Со други зборови, мудроста што светот имал да ја понуди Павле ја сметал за празна и измамничка. Слично на еден надуван балон, таа изгледала цврста, но во неа немало ништо. Сигурно би било залудно, па дури и катастрофално, некој да го темели својот избор за исправно и неисправно на нешто толку ништожно како што е ‚филозофијата и празната измама‘ на светот.
Оние што велат дека ‚злото е добро, а доброто зло‘
8. а) Кому му се обраќаат луѓето за совети? б) Какви совети се делат?
8 Работите денес не се многу поинакви. Практично на секое поле од човечките настојувања има колку сакаш експерти. Брачни и семејни советници, колумнисти, самонаречени терапевти, астролози, видовити луѓе и други се готови да понудат совети — за хонорар. Но, какви совети се нудат? Честопати библиските мерила за морал се отфрлаат за да се направи место за таканаречениот нов морал. На пример, говорејќи за одбивањето на владата да регистрира „бракови меѓу лица од ист пол“, една уводна статија во The Globe and Mail, водечки канадски весник, изјавува: „Во 2000 година е апсурдно на двајца што се сакаат и се предадени еден на друг да им се скусува нивната најголема желба бидејќи се погодило да бидат од ист пол“. Денес постои тренд да се биде толерантен, а не критизерски настроен. Сѐ се смета за релативно; повеќе нема ништо апсолутно во исправното и неисправното (Псалм 10:3, 4).
9. Што прават честопати луѓето кои се сметаат за почитувани во општеството?
9 Други, како на примери при донесувањето одлуки, гледаат на социјално и финансиски успешните — на богатите и славните. Иако во денешното општество се сметаат за почитувани, богатите и славните честопати само со збор се залагаат за доблести како што се чесноста и довербата. Во својот стремеж кон моќ и профит, многумина не чувствуваат никаква грижа на совеста кога своите цели ги постигнуваат на најбрз можен начин и ги газат моралните принципи. За да стекнат слава и популарност, некои ноншалантно ги отфрлаат утврдените вредности и мерила, и наместо тоа претпочитаат бизарно и шокантно однесување. Резултатот од тоа е едно попустливо општество, чиј мотив е само профитот, и во кое мотото е: „Сѐ е дозволено“. Дали е чудно тоа што луѓето се збунети и изгубени кога станува збор за исправното и неисправното? (Лука 6:39).
10. Како се покажале точни зборовите на Исаија за доброто и лошото?
10 Трагичните последици од лошите одлуки донесени на темел на неисправното водство ги има насекаде околу нас — распаднати бракови и семејства, злоупотреба на дрога и алкохол, насилни младински банди, промискуитет, сексуално преносливи болести, и ова се само некои работи. Навистина, како можеме да очекуваме да биде поинаку кога луѓето ги напуштаат сите мерила или укажувања во однос на исправното и неисправното? (Римјаните 1:28-32). Токму е така како што изјавил пророкот Исаија: „Тешко им на оние што злото го наречуваат добро, а доброто зло, кои прават светлина од темнината, а од светлината темина, што горчливото го прават благо, благото горчливо! Тешко им на оние кои се мудри во сопствените очи и умни само пред себе!“ (Исаија 5:20, 21).
11. Зошто е неразумно размислувањето да се потпираме на себеси кога одредуваме што е исправно а што неисправно?
11 Поради фактот што Бог ги повикал на одговорност тие древни Евреи што станале „мудри во сопствените очи“, за нас станува уште поважно да избегнуваме да се потпираме на себеси кога одредуваме што е исправно а што неисправно. Многу луѓе денес се согласуваат со идејата: „Само слушај си го срцето“ или „Прави како што чувствуваш дека треба“. Дали е таквиот пристап разумен? Не, според Библијата која јасно вели: „Поизмамливо од сѐ е срцето, и е страшно болно [очајно, NW], кој може да проникне во него?“ (Еремија 17:9). Дали при донесувањето одлуки би се потпрел да те води некој измамнички и очаен човек? Тешко! Всушност, ти веројатно би го сторил токму спротивното на она што ти го кажува таквиот. Затоа, Библијата нѐ потсетува: „Безумен е кој се надева на своето срце, а се спасува кој живее мудро“ (Пословици 3:5-7; 28:26).
Да научиме што е прифатливо за Бог
12. Зошто треба да се увериме која е ‚волјата Божја‘?
12 Со оглед на тоа што во врска со исправното и неисправното не треба да се потпираме ниту на мудроста на светот ниту на себеси, што да правиме? Забележи го овој јасен и недвосмислен совет на апостол Павле: „Престанете да се обликувате според овој систем на работи, туку преобразете се со обновувањето на својот ум за самите да се уверите која е добра и прифатлива и совршена волја Божја“ (Римјаните 12:2). Зошто треба да се увериме која е волјата Божја? Во Библијата Јехова дава директна, но силна причина, со зборовите: „Небото е високо над земјата, така Моите патишта се над вашите патишта, и Моите мисли над вашите мисли“ (Исаија 55:9). Според тоа, наместо да се потпираме на таканаречениот здрав разум или на нашите чувства за тоа што е добро, опоменати сме: „Уверувајте се што е прифатливо за Господ“ (Ефешаните 5:10).
13. Како Исусовите зборови запишани во Јован 17:3 ја нагласуваат потребата да се знае што е прифатливо за Бог?
13 Исус Христос ја нагласил оваа потреба кога рекол: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Изразот „примаат спознание“ има подлабоко значење, а не само „знаење“. Според Толковниот речник на Вајн (Vine’s Expository Dictionary), тој израз „укажува на врска меѓу лицето кое знае и предметот што го знае; во овој поглед, она што се знае има вредност или важност за оној што знае, а според тоа и за воспоставениот однос“. Да се има некаков однос со некого значи повеќе отколку само да се знае кој е тој или како се вика. Тоа вклучува и да се знае што сака а што не сака тој човек, да се знаат неговите вредности, неговите мерила — и да се почитуваат (1. Јованово 2:3; 4:8).
Да ја вежбаме нашата моќ за согледување
14. Што рекол Павле за главната разлика меѓу духовните бебиња и зрелите луѓе?
14 Тогаш, како можеме да стекнеме способност да разликуваме исправно и неисправно? Одговорот го даваат Павловите зборови до еврејските христијани во првиот век. Тој напишал: „Секој кој пие млеко, не е запознат со речта на праведноста, оти е бебе. А цврстата храна им припаѓа на зрелите луѓе, на оние чија моќ за согледување преку употреба е извежбана да разликува исправно и неисправно“. Овде Павле направил контраст меѓу „млеко“, кое во претходниот стих го опишал како „елементарните работи на светите Божји објави“, и „цврстата храна“, која им припаѓа на „зрелите луѓе“, чија „моќ за согледување преку употреба е извежбана да разликува исправно и неисправно“ (Евреите 5:12-14).
15. Зошто е потребен голем труд за да се стекне точно спознание за Бог?
15 Ова значи дека, пред сѐ, мораме напорно да работиме на тоа да стекнеме точно разбирање на Божјите мерила кои се наоѓаат во неговата Реч, Библијата. Ние не бараме некоја листа на правила која ќе ни каже што смееме или што не смееме. Библијата не е таква книга. Наместо тоа, Павле објаснил: „Целото Писмо е инспирирано од Бог и корисно за поучување, за укорување, за исправање на работите, за дисциплина во праведност, за Божјиот човек да биде потполно способен, целосно опремен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17). За да извлечеме корист од тоа поучување, укорување и дисциплинирање мораме да почнеме да го користиме својот ум и способност за размислување. Ова бара напор, но резултатот — да се биде „потполно способен, целосно опремен за секое добро дело“ — се исплати (Пословици 2:3-6).
16. Што значи да биде извежбана моќта за согледување?
16 Потоа, како што покажал Павле, кај зрелите луѓе ‚моќта за согледување е извежбана да разликува исправно и неисправно‘. Овде доаѓаме до суштината. Изразот ‚моќта за согледување е извежбана‘ буквално значи дека „извежбани се сетилните органи (како кај гимнастичар)“ (Kingdom Interlinear Translation). Еден искусен гимнастичар на одредена справа, на пример на карики или греда, може во делче од секундата да прави такви маневри, што изгледа спротивно на гравитацијата и на другите природни закони. Тој во секое време има целосна контрола над членовите на своето тело и речиси инстинктивно чувствува какви движења треба да направи за да може успешно да го доврши настапот. Сето ова е резултат на строга обука и постојано вежбање.
17. Во која смисла треба да бидеме како гимнастичари?
17 И ние мораме да бидеме извежбани како гимнастичари, во духовна смисла, ако сакаме да бидеме сигурни дека нашите одлуки и избори секогаш ќе бидат разумни. Мораме во секое време да имаме целосна контрола над нашите сетила и членови на телото (Матеј 5:29, 30; Колошаните 3:5-10). На пример, дали ги дисциплинираш очите да не гледаат неморален материјал или ушите да не слушаат деградирачка музика или говор? Точно е дека насекаде околу нас има таков нездрав материјал. Меѓутоа, од нас зависи дали ќе дозволиме тој да пушти корен во нашето срце и ум. Можеме да го имитираме псалмистот кој рекол: „Не ќе оставам, пред моите очи, ништо подмолно. Мразам човек кој прави зло: тој не ќе биде покрај мене . . . Кој зборува лага, нема да остане пред моите очи“ (Псалм 101:3, 7).
Вежбај ја твојата моќ за согледување преку употреба
18. На што укажува изразот „преку употреба“ во Павловото објаснување на вежбањето на моќта за согледување?
18 Задржи на ум дека можеме да ја вежбаме нашата моќ за согледување да разликува исправно и неисправно „преку употреба“. Со други зборови, секојпат кога се соочуваме со одлука, треба да научиме да ги користиме своите умствени сили за да проникнеме кои библиски начела се вклучени и како можат да се применат. Развиј навика да истражуваш во библиските публикации што ги обезбедува „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45). Се разбира, можеме да побараме помош од зрелите христијани. Сепак, личните напори што ги вложуваме за да ја проучуваме Божјата реч, како и молитвата до Јехова за негово водство и дух, ќе ни донесат богати добивки кои на долги патеки ќе се исплатат (Ефешаните 3:14-19).
19. Кои благослови можеме да ги добиеме ако прогресивно ја вежбаме нашата моќ за согледување?
19 Додека прогресивно ја вежбаме моќта за согледување, целта е „повеќе да не бидеме бебиња, фрлани наоколу како од бранови и носени ваму-таму од секој ветар на учењето преку човечката измама, преку лукавството во смислување на заблуда“ (Ефешаните 4:14). Наместо тоа, на темел на нашето спознание и разбирање на она што е прифатливо за Бог можеме да донесуваме мудри одлуки, големи и мали, кои ќе бидат корисни за нас, изградувачки за сообожавателите и, пред сѐ, угодни за нашиот небесен Татко (Пословици 27:11). Колкав само благослов и заштита е тоа во овие критични времиња!
[Фуснота]
a Во списокот со над 40 најстресни искуства во животот на луѓето, што го составиле д-р Томас Холмс и д-р Ричард Реј, на првите три места се наоѓаат смртта на брачниот партнер, разводот и одвојувањето. Стапувањето во брак е на седмо место.
Можеш ли да објасниш?
• Каква способност е потребна за да донесуваме разумни одлуки?
• Зошто е немудро да гледаме на истакнатите луѓе или да се потпираме на сопствените чувства кога одлучуваме што е исправно и неисправно?
• Зошто треба да бидеме сигурни што е прифатливо за Бог при донесувањето одлуки, и како можеме да го правиме тоа?
• Што значи да ‚биде извежбана нашата моќ за согледување‘?
[Слика на страница 9]
Да се потпираме за водство на богатите и славните е залудно
[Слика на страница 10]
Слично на еден гимнастичар, мораме да имаме целосна контрола над сите свои сетила и членови на телото