ЧЕТВРТО ПОГЛАВЈЕ
„Луѓе неуки и обични“
Апостолите смело проповедаат, и Јехова ги благословува
Се темели на Дела 3:1 — 5:11
1, 2. Какво чудо направиле Петар и Јован во близина на храмската порта?
ПОПЛАДНЕВНИТЕ сончеви зраци благо паѓаат врз раздвиженото мноштво. Од сите страни на Ерусалим, побожни Евреи и ученици на Христос се слеваат во храмските дворови. Уште малку, па ќе започне „молитвениот час“a (Дела 2:46; 3:1). Во ова мноштво се и Петар и Јован. И тие, заедно со останатите, полека се движат кон храмската врата наречена Красна. Одвреме-навреме, низ џагорот од разговорите и звукот на чекорите, се слуша гласот на еден средовечен питач, сакат од раѓање, кој моли за милостина (Дела 3:2; 4:22).
2 Апостолите Петар и Јован се веќе на неколку чекори од питачот, кој им ја упатува својата еднолична молба. А кога застануваат, се загледува во нив полн со исчекување. „Сребро и злато немам“, му вели Петар, „но она што го имам, тоа ти го давам: во името на Исус Христос Назареќанецот, оди!“ Претстави си ја запрепастеноста на мноштвото кога Петар го фаќа сакатиот човек за рака, и тој — за првпат во својот живот — застанува на нозе! (Дела 3:6, 7). Можеш ли да си го замислиш човекот кој вџашено гледа во своите здрави нозе и ги прави првите несигурни чекори? Ништо чудно што веднаш почнува да скока и да го фали Бог на сет глас!
3. Каков скапоцен дар можеле да добијат излекуваниот човек и мноштвото?
3 Восхитениот народ дотрчува кај Петар и кај Јован во Соломоновиот трем. Овде, на истото место каде што стоел и поучувал Исус, Петар им објаснува што значи, всушност, она што се случува сега (Јован 10:23). Тој им нуди на мноштвото луѓе и на излекуваниот човек еден дар што е многу поскапоцен од сребро или злато. Но, во тој дар не спаѓа само лекувањето на болестите. Ним, всушност, им е дадена можност да се покаат, да им бидат избришани гревовите и да станат следбеници на Исус Христос, кој е поставен од Јехова како Главен Застапник на животот (Дела 3:15).
4. а) За каков судир било повод чудотворното лекување? б) На кои две прашања ќе добиеме одговор?
4 Каков ден! Еден човек е излекуван од својата болест, и сега може да оди. На илјадници други им е дадена можност да бидат духовно излекувани за да можат да одат достојно на Бог (Кол. 1:9, 10, фус.). Но, настаните во тој ден се и повод за судир меѓу верните следбеници на Христос и луѓето на власт кои ќе се обидат да ги спречат да ја исполнат Исусовата заповед да ја проповедаат пораката за Царството (Дела 1:8). Што учиме од пристапот и од начинот на кој Петар и Јован — „луѓе неуки и обични“ — му сведочеле на насобраниот народ?b (Дела 4:13). И, како можеме и ние да се справиме со противењето како што се справиле тие и другите ученици?
Не „со своја сила“ (Дела 3:11-26)
5. Што учиме од начинот на кој Петар му се обратил на мноштвото?
5 Петар и Јован стоеле пред мноштвото, свесни дека можеби некои од тие луѓе неодамна викале на сет глас Исус да биде погубен (Мар. 15:8-15; Дела 3:13-15). Колкава храброст покажал Петар кога смело изјавил дека сакатиот човек бил излекуван во името на Исус! Петар не ја разводнил вистината. Тој отворено и директно го осудил мноштвото за соучество во погубувањето на Христос. Но, Петар не ги мразел тие луѓе, бидејќи го направиле тоа во незнаење (Дела 3:17). Напротив, ги нарекол браќа и го свртел вниманието кон добрите работи што би можеле да ги добијат ако ја прифатат пораката за Царството. Ако се покаеле и поверувале во Христос, од Јехова ќе им дошле „времиња на закрепнување“ (Дела 3:19). И ние треба смело и отворено да го објавуваме Божјиот претстоен суд. Но, не смееме да бидеме груби и безобѕирни, ниту пак да ги осудуваме другите. Напротив, оние на кои им проповедаме ги гледаме како наши идни браќа и, исто како Петар, им го свртуваме вниманието кон добрите работи што можат да ги добијат ако ја прифатат пораката за Царството.
6. Како Петар и Јован покажале дека се скромни и понизни?
6 Апостолите биле скромни. Заслугата за чудото што го направиле не си ја припишале себеси. Петар им рекол на насобраните луѓе: „Зошто гледате во нас небаре со своја сила или богобојазливост сме направиле овој да оди?“ (Дела 3:12). И тој и другите апостоли знаеле дека сето добро што го постигнувале во службата било резултат на Божјата сила, а не на нивната. Поради тоа, целата фалба скромно им ја упатувале на Јехова и на Исус.
7, 8. а) Каков дар можеме да им понудиме на луѓето? б) Како се исполнува денес ветувањето за обнова на сето она за кое зборувал Бог?
7 И ние треба да покажуваме иста таква скромност кога проповедаме. Се разбира, Божјиот дух не им дава на денешните христијани способност да лекуваат со чудо. Сепак, можеме да им помогнеме на луѓето да изградат вера во Бог и во Христос и да го добијат истиот дар што го понудил Петар — можноста да им бидат простени гревовите и Јехова да ги закрепне. Секоја година, по неколку стотици илјади лица ја прифаќаат оваа понуда и стануваат крстени ученици на Христос.
8 Всушност, ние сега живееме во периодот што го спомнал Петар, „кога ќе се обнови сето она“ за кое Бог зборувал „преку своите свети пророци од старо време“. Како исполнување на она што го кажал преку нив, Царството било воспоставено на небото во 1914 год. (Дела 3:21; Пс. 110:1-3; Дан. 4:16, 17). Кратко потоа, Христос почнал да ја надгледува духовната обнова што се спроведува на Земјата. Како резултат на тоа, милиони луѓе влегуваат во духовниот рај и стануваат поданици на Божјето Царство. Тие ја соблекуваат старата, расипана личност и ја облекуваат „новата личност, која е создадена по Божја волја“ (Еф. 4:22-24). Исто како и лекувањето на сакатиот питач, и ова чудо е резултат на Божјиот дух, а не на човечки напори. Слично на Петар, и ние мора смело и делотворно да ја користиме Божјата Реч за да ги поучуваме другите. Сепак, свесни сме дека секој успех што можеби го имаме кога им помагаме на луѓето да станат ученици на Христос не се должи на нашата сила, туку на Божјата.
„Не можеме да не зборуваме“ (Дела 4:1-22)
9-11. а) Како реагирале еврејските водачи на пораката што ја пренесувале Петар и Јован? б) Што биле решени да прават апостолите?
9 Говорот што го одржал Петар, како и сакатиот човек кој скокал и воскликнувал, предизвикале голем интерес и возбуда кај народот собран пред храмот. Храмскиот заповедник, кој имал задача да се грижи за безбедноста во храмските дворови, и главните свештеници дотрчале да видат што се случува. Веројатно овие луѓе биле садукеи, богата секта која имала политичко влијание и која се залагала за мир со Римјаните. Тие го отфрлале усниот закон, кој им бил омилен на фарисеите, и го исмевале верувањето во воскресение.c Колку биле непријатно изненадени кога виделе дека Петар и Јован се во храмот и смело поучуваат дека Исус бил воскреснат!
10 Гневните противници ги фатиле Петар и Јован и ги фрлиле в затвор, а следниот ден ги одвлечкале пред еврејскиот врховен суд. Од гледна точка на овие владетели, кои себеси се сметале за елита на општеството, Петар и Јован биле „луѓе неуки и обични“, и затоа немале право да поучуваат во храмот. Тие не биле школувани на ниту една од признатите верски школи. Но, сепак, зборувале толку отворено и со толкава увереност што членовите на судот не можеле да се изначудат. Што им помогнало на Петар и Јован да зборуваат толку уверливо? Една причина е тоа што биле со Исус (Дела 4:13). Нивниот Господар поучувал „како некој зад чии зборови стои Бог“, а не како книжниците (Мат. 7:28, 29).
11 Судот им наредил на апостолите да престанат да проповедаат. Во тоа општество, одлуките на овој суд имале голема тежина. Само неколку седмици пред тоа, кога Исус стоел пред истиот тој Судски совет, неговите членови ја донеле следнава пресуда: „Заслужува смрт!“ (Мат. 26:59-66). Сепак, Петар и Јован не дозволиле да бидат заплашени. Стоејќи пред овие богати, високообразовани и влијателни луѓе, тие бестрашно, но со почит, рекле: „Пресудете сами дали е праведно пред Бог да ве слушаме вас, а не Бог! Ние не можеме да не зборуваме за она што сме го виделе и чуле“ (Дела 4:19, 20).
12. Што може да нѐ направи уште похрабри и да ја зајакне нашата увереност?
12 Дали и ти покажуваш таква храброст? Како се чувствуваш кога имаш можност да му сведочиш на некој богат, високообразован или влијателен човек? Што ако членовите на семејството, соучениците или колегите те исмеваат поради твојата вера? Дали тоа те плаши? Ако да, биди уверен дека можеш да ги надминеш тие чувства. Додека бил на Земјата, Исус ги поучил апостолите како да ги бранат своите верувања со увереност и со почит (Мат. 10:11-18). Откако воскреснал, тој им ветил на своите ученици дека ќе биде со нив „во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 28:20). Под водство на Исус, „верниот и разборит роб“ нѐ учи како да ги браниме нашите верувања (Мат. 24:45-47; 1. Пет. 3:15). Ова го прави преку собраниските состаноци, како што е состанокот Нашиот живот и служба како христијани, и преку библиските публикации, како на пример статиите од рубриката „Одговор на библиски прашања“ на jw.org. Дали извлекуваш корист од нив? Ако да, ќе бидеш уште похрабар и твојата увереност ќе се зајакне. И, слично како апостолите, нема да дозволиш ништо да те спречи да зборуваш за прекрасните библиски вистини што си ги дознал.
„Го кренаа гласот кон Бог“ (Дела 4:23-31)
13, 14. Што треба да правиме ако се соочиме со противење, и зошто?
13 Веднаш штом биле пуштени на слобода, Петар и Јован се нашле со останатите од собранието. Заедно, тие го кренале гласот кон Бог и го молеле да им даде храброст да продолжат да проповедаат (Дела 4:24). Петар од лично искуство знаел колку е неразумно некој да се потпира на сопствената сила додека се труди да ја врши Божјата волја. Само неколку седмици пред тоа, тој самоуверено му рекол на Исус: „Дури и сите други да се поколебаат во верата поради она што ќе ти се случи, јас нема никогаш да се поколебам!“ Сепак, како што претскажал Исус, Петар многу брзо дозволил да го надвладее стравот од човек — до тој степен што се одрекол од својот пријател и учител! Но, научил нешто од својата грешка (Мат. 26:33, 34, 69-75).
14 За да ја извршиш задачата да сведочиш за Христос, не е доволно само да бидеш одлучен. Кога противниците ќе се обидат да те поколебаат во верата или да те спречат да проповедаш, следи го примерот на Петар и Јован. Моли го Јехова за сила. Потпри се на помошта од собранието. Кажи им на старешините и на други зрели браќа или сестри со какви проблеми се соочуваш. Молитвите на другите можат многу да ти помогнат (Еф. 6:18; Јак. 5:16).
15. Зошто не треба да се обесхрабрат оние што некое време престанале да проповедаат?
15 Ако ти се случило да попуштиш под притисокот и не си проповедал некое време, не се обесхрабрувај. И апостолите престанале да проповедаат откако бил погубен Исус, но наскоро повторно продолжиле да сведочат (Мат. 26:56; 28:10, 16-20). Наместо грешките од минатото да те оптоваруваат, учи од нив. Потоа, користи ги поуките што си ги извлекол за да ги зајакнуваш другите!
16, 17. Што учиме од молитвата која ја кажале следбениците на Христос во Ерусалим?
16 За што треба да се молиме кога ни прават проблеми луѓето кои се на власт? Забележи дека учениците не се молеле да бидат поштедени од проблеми. Тие не заборавиле што им рекол Исус: „Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас“ (Јован 15:20). Затоа овие верни ученици го молеле Јехова да обрне внимание на заканите од противниците (Дела 4:29). Тие можеле јасно да ја видат целата слика и сфатиле дека со прогонството со кое се соочувале, всушност, се исполнуваат пророштвата. И од она што им го кажал Исус кога ги поучил како да се молат, добро знаеле дека Божјата волја ќе се врши на Земјата без разлика дали тоа им одговара на човечките владетели или не (Мат. 6:9, 10).
17 Учениците го молеле Јехова да им помогне да ја вршат неговата волја со следниве зборови: „Дај им на своите слуги и понатаму да ја зборуваат твојата реч со сета смелост!“ Како одговорил Јехова на оваа молитва? „Се затресе местото на кое беа собрани, и сите се исполнија со свет дух, па смело ја зборуваа Божјата реч“ (Дела 4:29-31). Никој и ништо не може да го спречи Бог да ја исполни својата волја (Иса. 55:11). Колку и да ни се чини дека сѐ е против нас, колку и да е моќен непријателот, ако го кренеме својот глас во молитва кон Бог, можеме да бидеме сигурни дека тој ќе ни даде сила да продолжиме смело да зборуваме за неговата Реч.
Не одговараме пред луѓето, туку пред Бог (Дела 4:32 — 5:11)
18. Што правеле еден за друг членовите на собранието во Ерусалим?
18 Новооснованото собрание во Ерусалим за кратко време броело повеќе од 5.000 членови.d И покрај тоа што потекнувале од различни средини, учениците биле „со едно срце и со една душа“. Тие биле обединети со ист ум и со ист начин на размислување (Дела 4:32; 1. Кор. 1:10). Исто така, заедно го молеле Јехова да го благослови нивниот труд. Но, освен што си помагале духовно, си помагале и материјално кога имало потреба (1. Јов. 3:16-18). На пример, ученикот Јосиф, кого апостолите го викале Варнава, продал една нива и несебично ги дал сите пари за да им помогне на оние што дошле од далечни земји да останат подолго во Ерусалим и да научат уште повеќе за својата нова вера.
19. Зошто Јехова ги погубил Ананија и Сапфира?
19 Ананија и Сапфира, кои биле маж и жена, исто така продале една нива и приложиле пари. Тие се преправале дека ја даваат целата сума, но, всушност, скришно задржале „дел од добиените пари“ (Дела 5:2). Јехова ги казнил со смрт, но не затоа што не дале доволно пари, туку затоа што го дале прилогот од неисправен мотив и лажеле. Тие не ги излажале луѓето, туку Бог (Дела 5:4). Исто како лицемерите кои ги осудил Исус, на Ананија и Сапфира им била поважна фалбата од луѓе, а не одобрувањето од Бог (Мат. 6:1-3).
20. Што учиме за тоа како треба да му даваме на Јехова?
20 Денес, милиони Сведоци даваат доброволни прилози за да го поддржат проповедањето по целиот свет, и тоа со истиот дарежлив дух што го покажале верните ученици во Ерусалим во првиот век. Никој не ги троши своето време или пари затоа што мора. Всушност, Јехова не сака да му служиме без волја или со сила (2. Кор. 9:7). А кога даваме, Јехова не го интересира колку даваме, туку од какви мотиви го правиме тоа (Мар. 12:41-44). Никогаш не би сакале да бидеме како Ананија и Сапфира и да почнеме да ја вршиме службата од лична корист или за да нѐ фалат луѓето. Напротив, исто како Петар, Јован и Варнава, нашата служба за Јехова секогаш нека биде мотивирана од вистинска љубов кон Бог и кон нашите ближни (Мат. 22:37-40).
a Евреите имале обичај да се молат во храмот кога се принесувала утринската и вечерната жртва. Вечерната жртва била принесувана во деветтиот час, односно околу три часот попладне.
b Види ги рамките „Петар — рибар кој станал ревносен апостол“ и „Јован — ученикот кого Исус посебно го сакал“.
c Види ја рамката „Првосвештеникот и главните свештеници“.
d Можно е во 33 год. од н.е. во Ерусалим да имало само околу 6.000 фарисеи и помал број садукеи. Ова е веројатно уште една причина зошто овие две групи се чувствувале сѐ позагрозени од учењата на Исус.