Од зборови до свети текстови — пишувањето и првите христијани
ВЕРНИЦИТЕ со генерации посветувале безброј часови на читање, проучување и анализирање на едни од најпрочуените списи во светот — Новиот завет, како што обично се нарекуваат Христијанските грчки списи. Тие списи, како и останатиот дел од Библијата, извршиле огромно влијание врз светот, ги дефинирале моралот и етиката и биле инспирација за писателите и уметниците. Што е најважно, им помогнале на милиони луѓе — веројатно и тебе — добро да ги запознаат Бог и Исус (Јован 17:3).
Евангелијата, како и останатиот дел од Христијанските грчки списи, не биле напишани веднаш по смртта на Исус. Изгледа дека Матеј го напишал своето евангелие 7 или 8 години подоцна, а Јован дури откако поминале 65 години. Како можеле совршено да се сетат на зборовите и на постапките на Исус за да ги запишат? Јасно е дека Божјиот свет дух играл активна улога во тоа (Јован 14:16, 26). Но, на кој начин учењата на Исус се пренесувале точно за на крајот да станат дел од Светото писмо?
„Во основа неуки“?
Во минатиот век, некои тврдеа дека првите ученици на Исус веројатно не ги запишувале неговите учења и дела, туку ги пренесувале усно. На пример, еден библиски изучувач вели: „Постои јаз од неколку децении меѓу времето кога Исус ја извршувал својата јавна служба и времето кога авторите на евангелијата ги запишале неговите зборови. За сето тоа време, сѐ што се знаело за Исус се пренесувало усно“. Некои истражувачи дури и тврдат дека првите ученици на Исус „биле во основа неуки“.a Понатаму, тие велат дека, во тие децении кога усно се пренесувале, извештаите за Исусовата служба биле проширувани, прилагодувани или дообјаснувани, па затоа на крајот се добил неточен извештај за она што се случило.
Други изучувачи имаат поинаква теорија. Тие велат дека Исусовите блиски еврејски ученици веројатно го следеле рабинскиот метод на учење — учење напамет со повторување — што помогнало точно да се пренесе она што се кажувало усно. Дали учениците се потпирале само на усното пренесување? Дали пишувањето играло улога во зачувувањето на извештајот за Исусовата служба? Иако не можеме да тврдиме со сигурност, сепак е можно пишувањето да одиграло таква улога.
Пишувањето во секојдневниот живот
Во првиот век, најразлични луѓе знаеле да читаат и да пишуваат. Во врска со ова, професорот по хебрејски и древни семитски јазици Ален Милард вели: „Луѓето од сите општествени слоеви знаеле да пишуваат на грчки, арамејски и хебрејски јазик“. Тој додава: „Во таква средина Исус го извршувал своето дело“.
Што се однесува до тврдењето дека евангелијата „биле пишувани во една сосема неписмена средина“, професор Милард пишува: „Тоа не може да биде точно, бидејќи луѓето знаеле да пишуваат... Значи, обично имало некој што ќе го запишел она што ќе го чуел, сеедно дали за себе или за да им го каже тоа и на другите“.
Изгледа дека во тоа време се користеле и плочки за да се запишуваат разни информации. Пример за ова има во првото поглавје од Лука. Захарија, кој привремено онемел, го прашале какво име да му стават на неговиот син. Во 63. стих стои: „Тој побара [веројатно со гестови] плочка и напиша: ‚Јован му е името‘“. Библиските речници објаснуваат дека зборот „плочка“ по сѐ изгледа се однесувал на дрвена табличка за пишување, веројатно премачкана со восок. Некој од присутните можеби носел табличка за пишување и му ја дал на Захарија да пишува на неа.
Уште еден пример покажува дека во тоа време било вообичаено да се користат плочки за пишување. Во книгата Дела на апостолите читаме дека Петар му зборувал на едно мноштво во храмот и рекол: „Покајте се... за да ви бидат избришани гревовите“ (Дела 3:11, 19). Во еден речник се објаснува: „Сликата што овој глагол ја создавал во умот на читателот од тоа време најверојатно е мазнење на восокот на табличката за да може одново да се користи“ (The New International Dictionary of New Testament Theology).
Евангелијата исто така покажуваат дека меѓу Исусовите следбеници и слушатели имало и луѓе кои требало да пишуваат додека ја вршеле својата секојдневна работа. На пример, тука биле даночниците Матеј и Закхеј (Матеј 9:9; Лука 19:2); еден настојник на синагогата (Марко 5:22); еден стотник (Матеј 8:5); Јоана, жена на еден настојник на Ирод Антипа (Лука 8:3); како и многу книжници, фарисеи, садукеи и членови на Судскиот совет (Матеј 21:23, 45; 22:23; 26:59). Без сомнение, многу Исусови апостоли и ученици — ако не и сите — знаеле да пишуваат.
Ученици, учители и писатели
За да бидат христијански учители, учениците не требало само да знаат што зборувал и што правел Исус туку и да разберат како Законот и пророштвата во Хебрејските списи се однесувале на Христос (Дела 18:5). Интересно, Лука запишал што се случило на еден состанок што го имал Исус со некои од своите ученици кратко откако воскреснал. Што направил Исус? ‚Почнувајќи од Мојсеј и од сите Пророци, им го протолкувал она што било напишано за него во сите Писма.‘ Кратко потоа, Исус им рекол на учениците: ‚„Тоа е она за кое ви зборував додека уште бев со вас, дека мора да се исполни сѐ што е напишано за мене во Мојсеевиот закон, во Пророците и во Псалмите“. Тогаш им го отворил умот да ги разберат Писмата‘ (Лука 24:27, 44, 45). Подоцна, учениците ‚се сетиле‘ на сѐ што им разјаснил Исус (Јован 12:16).
Овие извештаи покажуваат дека апостолите и учениците сигурно темелно ги истражувале и ги проучувале Писмата за да можат потполно да го разберат значењето на она што го виделе и чуле во врска со нивниот Господар, Исус Христос (Лука 1:1-4; Дела 17:11). Во врска со ова, Хари Гембел, професор по теологија на Универзитетот во Вирџинија, пишува: „Непобитно е дека во почетокот имало христијани, веројатно цели групи, кои внимателно ги проучувале и ги толкувале еврејските списи, па од нив извлекувале докази за христијанските убедувања и ги користеле тие текстови во христијанското проповедничко дело“.
Сево ова покажува дека Исусовите први ученици не се потпирале само на усно предание туку и многу проучувале, читале и пишувале. Тие биле ученици, учители и писатели. Пред сѐ, биле духовно настроени луѓе што го следеле водството на светиот дух. Исус ги уверил дека „духот на вистината“ ќе ги ‚потсети на сѐ што им кажал‘ (Јован 14:17, 26). Првенствено духот им помогнал и да се сетат и да го запишат она што го правел и го зборувал Исус, па дури и неговите долги говори, како што е Проповедта на гората (Матеј‚ поглавја 5-7). Духот исто така ги водел писателите на евангелијата да запишат како се чувствувал понекогаш Исус и како се молел (Матеј 4:2; 9:36; Јован 17:1-26).
Значи, иако писателите на евангелијата несомнено користеле и усни и писмени извори на информации, она што го напишале имало многу посигурен и неспоредливо возвишен извор — Јехова Бог лично. Затоа, можеме да бидеме сосема уверени дека „целото Писмо е вдахновено од Бог“ и дека може да нѐ учи и да нѐ води да правиме сѐ што му е угодно нему (2. Тимотеј 3:16).
[Фуснота]
a Види ја рамката „Дали апостолите биле неуки?“ на 15. страница.
[Истакната мисла на страница 14]
Меѓу учениците на Исус имало и луѓе кои требало да пишуваат додека ја вршеле својата секојдневна работа
[Истакната мисла на страница 15]
Божјиот свет дух им помогнал на првите ученици на Исус да се сетат на она што го рекол и го направил тој и да го запишат тоа
[Рамка/слика на страница 15]
Дали апостолите биле неуки?
Кога поглаварите и старешините во Ерусалим ‚ја виделе смелоста на Петар и на Јован и кога сфатиле дека тоа биле луѓе неуки и обични, останале зачудени‘ (Дела 4:13). Дали апостолите навистина биле неуки? Во врска со ова тврдење, во The New Interpreter’s Bible пишува: „Овие зборови веројатно не треба да се сфатат буквално, како Петар [и Јован] да биле необразовани и да не знаеле да читаат и да пишуваат. Со нив едноставно се укажува на големата разлика во општествениот статус на апостолите и на оние што им суделе“.
[Слика на страница 13]
„Тој побара плочка и напиша: ‚Јован му е името‘“
[Слика на страница 13]
Табличка и прибор за пишување од првиот или вториот век пр.н.е.
[Извор на слика]
© British Museum/Art Resource, NY