„Јеховината реч сѐ повеќе растеше“
„Својата заповед ја праќа на земјата, Неговото слово трча многу брзо“ (ПСАЛМ 147:15).
1, 2. Каква задача им дал Исус на своите ученици, и што вклучувала таа?
ЕДНО од најзачудувачките пророштва во Библијата се наоѓа во Дела 1:8. Кратко пред да се вознесе на небото, Исус им рекол на своите верни следбеници: „Ќе примите сила кога светиот дух ќе дојде на вас, и ќе ми бидете сведоци . . . сѐ до најоддалечениот дел од земјата“. Каков само огромен потфат требало да биде тоа!
2 На тие грст ученици, објавувањето на Божјата реч низ целата Земја сигурно им изгледало застрашувачка задача. Размисли што сѐ вклучувало тоа. Морале да им помогнат на луѓето да ја разберат добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14). Давањето сведоштво за Исус барало и да се споделуваат неговите силни учења со другите и да им се објасни неговата улога во Јеховината намера. Освен тоа, работата вклучувала и да прават ученици од луѓето и потоа да ги крштаваат. И сето ова требало да се прави низ целиот свет! (Матеј 28:19, 20).
3. Во што ги уверил Исус своите следбеници, и како реагирале тие на работата што им ја дал?
3 Сепак, Исус ги уверил своите следбеници дека светиот дух ќе биде со нив во извршувањето на делото што им го дал. Затоа, и покрај големината на задачата и непопустливите и насилнички обиди на противниците да ги замолчат, првите ученици на Исус успешно го извршиле она кое тој ги упатил да го прават. Тоа е историски факт кој не може да се негира.
4. Како се покажала Божјата љубов во налогот да се проповеда и да се поучуваат другите?
4 Светската кампања на проповедање и поучување била израз на Божјата љубов кон оние кои не го познавале. Тоа им дало прилика да му се приближат на Јехова и да добијат простување на гревовите (Дела 26:18). Налогот да се проповеда и да се поучува ја покажува и Божјата љубов кон оние кои ја носат пораката, со оглед на тоа што им дозволува да ја изразат својата оддаденост кон Јехова и да ја покажат својата љубов кон другите луѓе (Матеј 22:37-39). Апостол Павле толку ја ценел христијанската служба што ја нарекол „благо“ (2. Коринќаните 4:7).
5. а) Каде ја наоѓаме најверодостојната историја за раните христијани, и каков раст е опишан во неа? б) Зошто книгата Дела е значајна за Божјите слуги денес?
5 Најверодостојната историја на проповедничката активност на раните христијани се наоѓа во инспирираната книга Дела, која ја напишал ученикот Лука. Тоа е запис за еден зачудувачки и брз раст. Овој раст на спознанието за Божјата реч нѐ потсетува на Псалм 147:15, каде што се вели: ‚[Јехова] ја праќа својата заповед на земјата, Неговото слово трча многу брзо‘. Извештајот за раните христијани, кои биле оспособени од светиот дух, е и возбудлив и многу значаен за нас денес. Јеховините сведоци учествуваат во истото дело на проповедање и правење ученици, само во многу поголеми размери. Исто така, се соочуваме со проблеми слични на проблемите со кои се соочиле христијаните во првиот век. Додека разгледуваме како Јехова ги благословувал раните христијани и ги оспособувал, нашата вера во неговата поддршка ќе се зајакне.
Раст во бројот на учениците
6. Која фраза во врска со растот се појавува трипати во книгата Дела, и на што се однесува таа?
6 Еден начин да се испита исполнувањето на Дела 1:8 е да се разгледа изразот „Јеховината реч сѐ повеќе растеше“, фраза која, со ситни варијации, се јавува само трипати во Библијата и сите тие места се наоѓаат во книгата Дела (Дела 6:7; 12:24; 19:20). „Јеховината реч“ или „речта Божја“ во овие пасуси се однесува на добрата вест — возбудливата порака за божествената вистина, жива, силна порака која го сменила животот на оние кои ја прифатиле (Евреите 4:12).
7. Со што е поврзан растот на Божјата реч во Дела 6:7, и што се случило на ден Пентекост 33 н.е.?
7 Првиот осврт на растот на Јеховината реч се појавува во Дела 6:7. Таму читаме: „Така Божјата реч и понатаму растеше, и бројот на учениците во Ерусалим многу се зголемуваше; и големо мноштво свештеници почнаа да ѝ стануваат послушни на верата“. Овде растот е поврзан со зголемување на бројот на учениците. Претходно, на ден Пентекост 33 н.е., Божјиот свет дух бил излеан врз околу 120 ученици кои биле собрани во една горна соба. Потоа апостол Петар одржал еден возбудлив говор, и од оние кои слушале, околу 3.000 станале верници уште истиот ден. Каква само раздвиженост сигурно имало додека илјадници луѓе се пробивале кон базенот или базените во и околу Ерусалим за да се крстат во името на Исус, човекот кој бил прикован како криминалец 50 дена пред тоа! (Дела 2:41).
8. Како бројот на учениците се зголемувал во годините по Пентекост 33 н.е.?
8 Тоа, се разбира, било само почеток. Постојаните напори на еврејските верски водачи да ја запрат активноста на проповедање биле залудни. На фрустрација на тие водачи, ‚Јехова секојдневно им ги придодавал [на учениците] оние кои се спасувале‘ (Дела 2:47). Набрзо, ‚бројот на мажите достигнал околу пет илјади‘. Потоа, ‚постојано се придружувале верници во Господа, множества и од мажи и од жени‘ (Дела 4:4; 5:14). За еден подоцнежен период читаме: „Тогаш собранието по цела Јудеја и Галилеја и Самарија влезе во раздобје на мир и се изградуваше; и додека одеше во стравот од Јехова и во утехата на светиот дух, постојано се множеше“ (Дела 9:31). Неколку години потоа, можеби околу 58 н.е., било спомнато дека имало „многу илјади верници“ (Дела 21:20). Дотогаш, имало и многу нееврејски верници.
9. Како би ги опишал раните христијани?
9 Овој броен пораст во голема мера бил постигнат со преобраќање. Религијата била нова — но динамична. Далеку од тоа да бидат пасивни црковни членови, учениците биле целосно посветени на Јехова и на неговата Реч, понекогаш дознавајќи ја вистината од оние кои биле злобно прогонувани (Дела 16:23, 26-33). Оние кои го прифатиле христијанството, го сториле тоа како резултат на разумна, совесна одлука (Римјаните 12:1). Тие биле школувани за Божјите патишта; вистината им била во умот и срцето (Евреите 8:10, 11). Биле спремни да умрат за она во кое верувале (Дела 7:51-60).
10. Која одговорност ја прифатиле раните христијани, и каква паралела наоѓаме денес?
10 Оние кои го прифатиле христијанското учење ја сфатиле својата одговорност да ја споделуваат вистината со другите. Ова директно придонело за понатамошен броен раст. Еден библиски изучувач рекол: „Пренесувањето на верата не се сметало за исклучително право на многу ревниот или официјално назначениот евангелист. Евангелизмот бил повластица и должност на секој член на Црквата . . . Спонтаното напрегање на севкупната христијанска заедница му дало силен поттик на движењето уште во самиот почеток“. Понатаму, тој напишал: „Евангелизмот бил самата животна сила на раните христијани“. Истото е случај и со вистинските христијани денес.
Географски раст
11. Каков раст е опишан во Дела 12:24, и како се случило тоа?
11 Вториот осврт на растот на Божјата реч се наоѓа во Дела 12:24: „Јеховината реч сѐ повеќе растеше и се ширеше“. Овде фразата е поврзана со географскиот раст. И покрај противењето од страна на државата, делото продолжило да напредува. Светиот дух бил првпат излеан во Ерусалим, а оттаму речта брзо се раширила. Прогонството во Ерусалим ги распрснало учениците по регионите на Јудеја и Самарија. Каков бил резултатот? „Оние кои беа распрснати, минуваа низ земјата објавувајќи ја добрата вест на речта“ (Дела 8:1, 4). Филип бил упатен да му посведочи на еден човек кој, откако се крстил, ја однел пораката до Етиопија (Дела 8:26-28, 38, 39). Вистината брзо пуштила корен во Лида, во рамницата Сарон и во Јопа (Дела 9:35, 42). Подоцна, апостол Павле патувал илјадници километри по море и по копно, основајќи собранија низ многу медитерански земји. Апостол Петар отишол во Вавилон (1. Петрово 5:13). Во рок од 30 години по излевањето на светиот дух на Пентекост, Павле напишал дека добрата вест била „проповедана на сето создание што е под небото“, можеби укажувајќи на тогаш познатиот свет (Колошаните 1:23).
12. Како противниците на христијанството го признале географскиот раст на Божјата реч?
12 Дури и противниците на христијанството признале дека Божјата реч пуштила корени во Римската Империја. На пример, во Дела 17:6 се вели дека во Солун (северна Грција), противниците викале: „Овие луѓе, кои ја превртоа целата населена земја, присутни се и овде“. Освен тоа, во почетокот на вториот век, Плиниј Помладиот му пишал на римскиот император Трајан од Витиниј во врска со христијанството. Тој се жалел: „[Тоа] не е ограничено само на градовите туку ја рашири својата зараза и во соседните села и рурални подрачја“.
13. На кој начин географскиот раст ја одразувал Божјата љубов кон човештвото?
13 Овој географски раст бил израз на Јеховината длабока љубов кон човештвото што можело да се искупи. Кога забележал како светиот дух се манифестира и кај не-–Евреинот Корнелиј, Петар рекол: „Навистина сфаќам дека Бог не е пристрасен, туку во секоја нација му е прифатлив оној кој се плаши од него и кој го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35). Да, добрата вест била и сѐ уште е порака за сите народи, а географскиот раст на Божјата реч им дава на народите насекаде прилика да се одѕвијат на Божјата љубов. Во овој 21 век, Божјата реч се раширила буквално до сите делови на Земјата.
Раст кој преовладувал
14. Каков раст е опишан во Дела 19:20, и над што преовладала Божјата реч?
14 Третиот осврт на растот на Божјата реч се појавува во Дела 19:20: „Јеховината реч моќно растеше и преовладуваше“. Оригиналниот грчки збор преведен со „преовладуваше“ ја пренесува идејата да „се врши силно влијание“. Претходните стихови кажуваат дека многумина во Ефес станале верници, и извесен број од оние кои практикувале маѓеснички вештини ги изгореле своите книги пред сите. Така, Божјата реч преовладала над верувањата на лажната религија. Добрата вест преовладала и над другите препреки, како што било прогонството. Ништо не можело да ја спречи. Во ова повторно наоѓаме впечатлива паралела со вистинското христијанство во нашево време.
15. а) Што напишал еден библиски историчар за раните христијани? б) Кому му ја припишувале учениците заслугата за својот успех?
15 Апостолите и другите рани христијани ја објавувале Божјата реч со ревност. Во врска со нив, еден библиски историчар забележал: „Кога луѓето имаат волја да зборуваат за својот Господ, не им недостигаат начини да го прават тоа. Всушност, мотивацијата на овие мажи и жени е тоа што ни остава поголем впечаток отколку нивните методи“. Сепак, тие рани христијани признале дека успехот на нивната служба не зависел само од нивните напори. Тие имале божествен налог да го извршуваат своето дело, и имале божествена поддршка за да го исполнат. Духовниот раст доаѓа од Бог. Апостол Павле го признал тоа во своето писмо до собранието во Коринт. Тој напишал: „Јас посадив, Аполо залеа, но Бог правеше да расте; зашто ние сме Божји соработници“ (1. Коринќаните 3:6, 9).
Светиот дух во акција
16. Што покажува дека светиот дух ги оспособил учениците да зборуваат со смелост?
16 Сети се дека Исус ги уверил своите ученици дека светиот дух ќе игра улога во растот на Божјата реч и дека светиот дух ќе ги оспособи учениците во нивната проповедничка активност (Дела 1:8). Како се случило тоа? Недолго откако бил излеан светиот дух врз учениците на Пентекост, Петар и Јован биле повикани да зборуваат пред еврејскиот Синедрион, врховниот суд на земјата, чии судии сноселе одговорност за погубувањето на Исус Христос. Дали апостолите ќе се тресат од страв пред тој импозантен и непријателски собир? Воопшто не! Светиот дух ги оспособил Петар и Јован да зборуваат со толкава смелост што нивните противници се исполниле со чудење и ‚ги препознале како оние кои биле со Исус‘ (Дела 4:8, 13). Исто така, светиот дух предизвикал Стефан смело да сведочи пред Синедрионот (Дела 6:12; 7:55, 56). Претходно, светиот дух ги поттикнал учениците да проповедаат со смелост. Лука известува: „Откако упатија сесрдна молитва, се затресе местото на кое беа собрани; и сите до еден се исполнија со светиот дух, па со смелост ја зборуваа Божјата реч“ (Дела 4:31).
17. На кои други начини им помагал светиот дух на учениците во нивната служба?
17 Преку својот моќен свет дух, Јехова, заедно со воскреснатиот Исус, ја водел проповедничката активност (Јован 14:28; 15:26). Кога духот бил излеан врз Корнелиј, врз неговите роднини и присни пријатели, апостол Петар признал дека необрежаните не-Евреи можеле да се квалификуваат за да се крстат во името на Исус Христос (Дела 10:24, 44-48). Подоцна, духот одиграл клучна улога во наименувањето на Варнава и Савле (апостол Павле) за мисионерска активност и во насочувањето каде треба, а каде не треба да одат (Дела 13:2, 4; 16:6, 7). Тој го водел процесот на донесување одлуки на апостолите и постарите мажи во Ерусалим (Дела 15:23, 28, 29). Светиот дух го водел и наименувањето надгледници во христијанското собрание (Дела 20:28).
18. Како раните христијани покажувале љубов?
18 Освен тоа, светиот дух се манифестирал во самите христијани, произведувајќи побожни особини, како што е љубовта (Галатите 5:22, 23). Љубовта ги поттикнала учениците да делат меѓу себе. На пример, по Пентекост 33 н.е., бил основан заеднички фонд за задоволување на материјалните потреби на учениците во Ерусалим. Библискиот извештај вели: „Никој меѓу нив не беше во оскудица; зашто сите оние кои поседуваа ниви или куќи, ги продаваа и ја донесуваа вредноста на продадените работи и ја ставаа пред нозете на апостолите. Потоа секому му се делеше колку што имаше потреба“ (Дела 4:34, 35). Оваа љубов се проширила не само на соверниците туку и на други, како во споделувањето на добрата вест така и во други љубезни дела (Дела 28:8, 9). Исус рекол дека самопожртвуваната љубов ќе ги идентификува неговите следбеници (Јован 13:34, 35). Сигурно животоважната особина љубов ги привлекла луѓето кон Бог и придонела за растот во првиот век исто како што тоа го прави и денес (Матеј 5:14, 16).
19. а) На кои три начини растела Јеховината реч во првиот век? б) Што ќе испитаме во следната статија?
19 Сѐ на сѐ, изразот „свет дух“ во книгата Дела се појавува 41 пат. Јасно е дека вистинскиот христијански раст во првиот век бил тесно поврзан со моќта и водството од светиот дух. Бројот на ученици се зголемил, Божјата реч се раширила на едно пространо подрачје, и преовладала над сите религии и филозофии од таа ера. Овој раст од првиот век наоѓа своја паралела во делото на Јеховините сведоци денес. Во следната статија на ист начин ќе го испитаме драматичниот раст на Божјата реч во нашево време.
Се сеќаваш ли?
• Како растеле бројно првите ученици?
• На кој начин Божјата реч се ширела географски?
• Како преовладала Божјата реч во првиот век?
• Каква улога одиграл светиот дух во растот на Божјата реч?
[Слика на страница 12]
Филип му проповедал на Етиопјанинот, ширејќи ја добрата вест географски
[Слика на страница 13]
Светиот дух ги водел апостолите и постарите мажи во Ерусалим
[Извор на слика на страница 10]
Во горниот десен агол: Репродукција на градот Ерусалим во времето на вториот храм — сместен на територијата на хотелот Холиленд, Ерусалим