Да одиме со Бог — со изглед за вечност
„Ние ќе одиме во името на Господа [Јехова, NW], нашиот Бог, секогаш и довека“ (МИХЕЈ 4:5).
1. Зошто Јехова може да се нарече ‚Цар на вечноста‘?
ЈЕХОВА БОГ нема почеток. Тој прикладно е наречен ‚Прастар на денови‘ (NW), бидејќи неговото постоење се протега бескрајно во минатото (Даниил 7:9, 13). Исто така, Јехова ќе ужива вечна иднина. Самиот тој е ‚Цар на вечноста‘ (Откровение 10:6; 15:3). А во негови очи, илјада години се „како вчерашен ден, што поминал, и колку една стража преку ноќта“ (Псалм 89:4).
2. а) Која е Божјата намера за послушните луѓе? б) На што треба да ги сосредоточиме нашите надежи и планови?
2 Бидејќи Дарителот на животот е вечен, тој можел да ѝ понуди на првата човечка двојка, Адам и Ева, изглед за бескраен живот во рај. Меѓутоа, поради непослушноста, Адам го изгубил правото на вечен живот, пренесувајќи им на своите потомци грев и смрт (Римјаните 5:12). Сепак, побуната на Адам не ја спречила Божјата првобитна намера. Меѓутоа, Јеховина волја е послушните луѓе да живеат засекогаш, и тој ќе ја изврши својата намера без промашување (Исаија 55:11). Тогаш, колку само е соодветно да ги сосредоточиме нашите надежи и планови на служењето на Јехова со изглед за вечност. Иако сакаме цврсто да го задржиме на ум ‚Јеховиниот ден‘ (NW), витално е да запомниме дека наша цел е да одиме со Бог засекогаш (2. Петрово 3:12).
Јехова дејствува во свое одредено време
3. Од каде знаеме дека Јехова има ‚одредено време‘ за исполнување на своите намери?
3 Како лица кои одат со Бог, ние сме длабоко заинтересирани да ја извршиме неговата волја. Знаеме дека Јехова е Голем Контролор на времето и имаме доверба дека тој никогаш нема да промаши во исполнувањето на неговите намери во свое одредено време. На пример, ‚кога се исполнило времето, Бог Го испратил Својот Син‘ (Галатјаните 4:4). На апостол Јован му било речено дека има ‚одредено време‘ за исполнување на пророчките работи што тој ги видел во знаци (Откровение 1:1—3). Има ‚[одредено, NW] време да им се суди на мртвите‘ (Откровение 11:18). Пред повеќе од 1.900 години, апостол Павле бил инспириран да каже дека Бог ‚определил ден кога праведно ќе му суди на светот‘ (Дела 17:31).
4. Од каде знаеме дека Јехова сака да го оконча овој злобен систем на ствари?
4 Јехова ќе го оконча овој злобен систем на ствари, зашто неговото име се срамоти во денешниов свет. Злобните цветаат (Псалм 91:7). Преку своите зборови и постапки тие го навредуваат Бог, а него го боли кога гледа како неговите слуги се клеветени и прогонувани (Захарија 2:8). Не е ни чудо што Јехова одлучил наскоро да ја оконча целата сатанска организација! Бог точно одредил кога ќе се случи тоа, а исполнувањето на библиските пророштва разјаснува дека ние сега живееме во „последното време“ (Даниил 12:4). Наскоро тој ќе дејствува за благослов на сите кои го љубат.
5. Како Лот и Авакум гледале на околностите кои ги опкружувале?
5 Јеховините слуги од минатото копнееле да го видат крајот на злобата. Праведниот Лот ‚тешко се измачувал поради распуштеното однесување на луѓето кои му пркоселе на законот‘ (2. Петрово 2:7, NW). Ожалостен поради околностите кои го опкружувале, пророкот Авакум се молел: „До кога, Господи, ќе повикувам, а Ти не ме слушаш; викам кон Тебе поради насилството, а Ти не ме избавуваш? Зошто ми дозволуваш да гледам злодејанија, и да гледам неволи? Грабежот и насилството се пред мене; се појавува непријателство, настанува раздор“ (Авакум 1:2, 3).
6. Што рекол Јехова како одговор на молитвата на Авакум, и што можеме да научиме од тоа?
6 Јехова делумно му одговорил на Авакум со овие зборови: „Видението се однесува до определеното време; тоа зборува за свршетокот и нема да излаже; па, и ако се забави, чекај го, оти ќе наиде и нема да се забави. Оној што иде, ќе дојде“ (Авакум 2:3). На тој начин Бог објавил дека тој ќе дејствува во ‚определено [одредено, NW] време‘. Иако би можело да изгледа дека се одложува, Јехова сепак ќе ја исполни својата намера — без промашување! (2. Петрово 3:9).
Да служиме со неуморна ревност
7. Иако Исус не знаел кога точно ќе дојде Јеховиниот ден, како тој продолжил со своите активности?
7 Дали знаењето на Јеховиното точно темпирање на настаните е услов за да одиме ревносно со Бог? Не. Разгледај неколку примери. Исус бил длабоко заинтересиран за времето кога Божјата волја ќе се извршува на Земјата како и на небото. Навистина, Христос ги поучил своите следбеници да се молат: „Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10). Иако Исус знаел дека ова барање ќе биде одговорено, тој не го знаел прецизното темпирање на работите. Во своето големо пророштво во врска со крајот на овој систем на ствари, тој рекол: „А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, [ниту Синот, NW] а само Мојот Отец“ (Матеј 24:36). Бидејќи Исус Христос е централен лик во извршувањето на Божјите намери, тој ќе биде директно вклучен во погубувањето на непријателите на неговиот небесен Татко. Меѓутоа, кога бил на Земјата, Исус дури и не знаел кога Бог ќе дејствува. Дали тоа го направило помалку ревносен во Јеховината служба? Се разбира, не! Откако виделе како Исус ревносно го очистува храмот, ‚учениците Негови тогаш се сетиле дека е напишано: „Ревноста за Твојот дом Ме изеде“‘ (Јован 2:17; Псалм 68:9). Исус останал целосно зафатен во делото за кое бил испратен да го изврши, и тоа го правел со неуморна ревност. Исто така, му служел на Бог со изглед за вечност.
8, 9. Што им било кажано на учениците кога прашале за обновувањето на Царството, и како реагирале на тоа?
8 Тоа било случај и со Христовите ученици. Исус се состанал со нив токму пред да се вознесе на небото. Извештајот вели: „А тие, кога се собраа, Го прашаа велејќи: ‚Во ова време ли го востановуваш, Господи, царството Израилево?‘“ Исто како нивниот Господар, тие копнееле за доаѓањето на Царството. Сепак, Исус им одговорил: „Не е ваше да ги знаете времињата или годините, што Отецот ги задржал во Своја власт; но ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата“ (Дела 1:6—8).
9 Не постои показател дека учениците биле обесхрабрени поради овој одговор. Наместо тоа, тие ревносно се зафатиле со делото на проповедање. За неколку седмици го наполниле Ерусалим со своето учење (Дела 5:28). А за 30 години, својата проповедничка активност ја прошириле до толкав степен што Павле можел да рече дека добрата вест била проповедана „на секое поднебесно создание“ (Колосјаните 1:23). Иако Царството не било ‚востановено во Израел‘, како што учениците погрешно очекувале, и не било воспоставено на небото за време на нивниот живот, сепак тие продолжиле ревносно да му служат на Јехова со изглед за вечност.
Да ги испитаме своите мотиви
10. Што ни овозможува да докажеме тоа што не знаеме кога Бог ќе го уништи сатанскиот систем?
10 Современите Јеховини слуги исто така копнеат да го видат крајот на овој зол систем на ствари. Меѓутоа, наша главна грижа не е избавувањето во Божјиот ветен нов свет. Ние сакаме да видиме како ќе се посвети Јеховиното име и како ќе се оправда неговиот суверенитет. Поради тоа, можеме да се радуваме што Бог не ни го кажал ‚денот или часот‘ кој е одреден за уништување на сатанскиот систем. Тоа ни овозможува да дадеме доказ дека ние сме одлучни да одиме со Бог вечно затоа што го љубиме, а не затоа што имаме кратковидни, себични цели.
11, 12. На кој начин бил предизвикан интегритетот на Јов, и како тој предизвик се однесува на нас?
11 Задржувањето на нашиот интегритет кон Бог исто така помага да докажеме дека Ѓаволот бил во грешка кога го обвинил чесниот Јов — а на тој начин и луѓето кои се како него — дека му служи на Бог од себични интереси. Откако Јехова го опишал својот слуга Јов како непорочен, праведен и богобојазлив човек, Сатана злобно навел: „Зар попусто Јов е богобојазлив? Не го огради ли Ти него и куќата негова наоколу и сѐ што има тој? Ти ги благослови делата на рацете негови, стадата негови се шират по земјата; но пружи ја раката Своја и допри се до сѐ она што е негово, ќе Те благослови ли тогаш“ (Јов 1:8—11). Задржувајќи го својот интегритет под испит, Јов докажал дека тоа злобно тврдење е лажно.
12 Ако на сличен начин задржиме правец на интегритет, можеме да го побиеме секое сатанско обвинение дека ние му служиме на Бог само поради тоа што знаеме дека наградата е неизбежна. Тоа што не го знаеме точното време кога ќе биде извршена Божјата одмазда врз злобните, ни дава прилика да докажеме дека навистина го љубиме Јехова и дека сакаме засекогаш да одиме по неговите патишта. Тоа покажува дека ние сме му лојални на Бог и дека имаме доверба во неговиот начин на справување со работите. Освен тоа, фактот што не го знаеме денот и часот ни помага да останеме претпазливи и духовно будни бидејќи сфаќаме дека крајот може да дојде во секое време, како крадец во ноќта (Матеј 24:42—44). Ако секојдневно одиме со Јехова, ние го радуваме неговото срце и му даваме одговор на Ѓаволот кој му се исмејува (Изреки 27:11).
Планирај за вечност!
13. Што покажува Библијата во врска со планирањето на иднината?
13 Оние кои одат со Бог знаат дека е мудро да прават разумни планови за иднината. Свесни за проблемите и ограничувањата во староста, многу луѓе се обидуваат добро да ја искористат својата младост и сила за да се обезбедат финансиски за подоцнежниот дел од животот. Тогаш, што е со нашата далеку поважна духовна иднина? Изреки 21:5 (NW) вели: „Плановите на марливиот сигурно придонесуваат за напредок, но секој кој е брз, сигурно оди кон оскудица“. Планирањето однапред со изглед за вечност е навистина корисно. Бидејќи не знаеме точно кога ќе дојде крајот на овој систем, треба да размислиме за нашите идни потреби. Но, да бидеме урамнотежени и да ги ставаме божествените интереси на прво место во животот. Луѓето на кои им недостига вера може да заклучат дека сосредоточувањето на интересите на вршењето на Божјата волја е кратковидно. Но, дали навистина е така?
14, 15. а) Која илустрација ја кажал Исус во врска со плановите за иднината? б) Зошто богатиот човек од Исусовата илустрација бил кратковиден?
14 Исус кажал една илустрација која претставува расветлување во тој поглед. Тој рекол: „На некој богат човек нивата му беше родила многу; и мислеше во себе, велејќи: ‚Што да направам? Немам во што да ги соберам плодовите свои.‘ Па рече — вака ќе направам: ‚ќе ги урнам амбарите свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра, и ќе ѝ речам на душата своја: душо, имаш многу добра, приготвени за многу години; јади, пиј и весели се!‘ Но Бог му рече: ‚Безумниче, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја; тоа, што си го приготвил, кому ќе му остане!‘ Така бива со оној што собира добра за себе, а не се богати во Бога“ (Лука 12:16—21).
15 Дали Исус сакал да каже дека богатиот не треба да работи со цел да постигне идна материјална сигурност? Не, зашто Писмото охрабрува на напорна работа (2. Солунјаните 3:10). Грешката на богатиот човек била во тоа што тој не го правел она што било неопходно за да „се богати во Бога“. Дури и кога би можел да ужива во своето материјално богатство многу години, сепак на крај би умрел. Бил кратковиден, не размислувал за вечноста.
16. Зошто можеме со доверба да се ослониме на Јехова за сигурна иднина?
16 Одењето со Јехова со изглед за вечност е практично и далекувидно. Тоа е најдобриот начин да се планира за иднината. Иако е мудро да правиме практични планови во врска со школувањето, вработувањето и семејните одговорности, сепак треба секогаш да имаме на ум дека Јехова никогаш не ги напушта своите лојални слуги. Цар Давид пеел: „Бев млад, веќе остарев, и не видов оставен праведник, ниту потомците негови леб да просат“ (Псалм 36:25). На сличен начин Исус дал гаранција дека Бог ќе се грижи за сите кои најпрвин го бараат Царството и одат по Јеховините праведни патишта (Матеј 6:33).
17. Од каде знаеме дека крајот е близу?
17 Иако му служиме на Бог со изглед за вечност, сепак и понатаму цврсто го задржуваме на ум Јеховиниот ден. Исполнувањето на библиското пророштво живо сведочи за близината на тој ден. Овој век го карактеризираат војни, чуми, земјотреси и недостиг на храна, како и прогонство на вистинските христијани и глобално проповедање на добрата вест за Божјето Царство. Сите овие се обележја на времето на крајот на овој злобен систем на ствари (Матеј 24:7—14; Лука 21:11). Светот е полн со луѓе кои се „саможиви, среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни спрема родителите, неблагодарни, неправедни, недружељубиви, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољупци отколку богољупци“ (2. Тимотеј 3:1—5). Во овие критични последни денови, животот за нас како Јеховини слуги е тежок. Колку само копнееме за денот кога Јеховиното Царство ќе ја избрише сета злоба! Во меѓувреме, да бидеме решени да одиме со Бог со изглед за вечност.
Да служиме со изглед за вечност
18, 19. Што покажува дека верните поединци од старо време му служеле на Бог со изглед за вечност?
18 Додека одиме со Јехова, да ја задржиме на ум верата на Авел, Енох, Ное, Авраам и Сара. Откако ги спомнал, Павле напишал: „Сите тие умреа со вера, не добивајќи ги ветувањата, а само оддалеку ги видоа и се уверија, и ги поздравија признавајќи дека се гости и придојдени“ (Евреите 11:13). Тие верни ‚сакале подобро [место, NW], односно небесно‘ (Евреите 11:16). Имајќи вера, тие со нетрпение очекувале подобро место под владетелството на Божјето месијанско Царство. Можеме да бидеме уверени дека Бог ќе ги награди со вечен живот на тоа подобро место — земниот рај под владеењето на Царството (Евреите 11:39, 40).
19 Пророкот Михеј ја изразил решеноста на Јеховиниот народ да го обожава Бог вечно. Тој напишал: „Зашто сите народи одат, секој во името на својот бог, а ние ќе одиме во името на Господа, нашиот Бог, секогаш и довека“ (Михеј 4:5). Михеј лојално му служел на Јехова сѐ до својата смрт. Откако ќе биде воскреснат во новиот свет, несомнено тој пророк ќе продолжи да оди со Бог во сета вечност. Колку само убав пример за нас кои живееме длабоко во времето на крајот!
20. На што треба да бидеме решени?
20 Јехова ја цени љубовта која ја покажуваме кон неговото име (Евреите 6:10). Тој знае дека нам ни е тешко да задржиме интегритет кон него во овој свет со кој владее Ѓаволот. Меѓутоа, додека „светот поминува . . . оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека“ (1. Јованово 2:17; 5:19). Затоа, да бидеме решени со Јеховина помош да ги поднесеме испитите со кои се соочуваме од ден на ден. Нека нашето размислување и начин на живот бидат сосредоточени на прекрасните благослови кои ги ветил нашиот небесен Татко полн со љубов. Тие можат да бидат наша сопственост ако и понатаму одиме со Бог со изглед за вечност (Јуда 20, 21, NW).
Како би одговорил?
◻ Која е Божјата намера за послушните луѓе?
◻ Зошто Јехова сѐ уште не дејствува за да го оконча безбожниот свет?
◻ Зошто фактот што не знаеме кога точно ќе дејствува Бог не треба да ја намали нашата ревност?
◻ Кои се некои користи од одењето со Бог со изглед за вечност?
[Слика на страница 17]
Одењето со Бог бара да му служиме ревносно како што правеле првите Христови ученици