Варнава — ‚синот на утехата‘
КОГА последен пат си добил утеха од некој пријател? Дали се сеќаваш кога ти последен пат си ја дал некому? Одвреме навреме, на сите нам ни треба охрабрување, и колку само ги цениме оние кои ни го нудат на начин полн со љубов! Утешувањето подразбира одвојување време за да се слуша, да се разбере и да се помогне. Дали си спремен да го правиш тоа?
Една личност која покажувала таква спремност на примерен начин е Варнава, кој ‚бил човек добар и исполнет со Дух Свети и вера‘ (Дела 11:24). Зошто можело да се каже тоа за Варнава? Што направил тој за да го заслужи овој опис?
Великодушен помошник
Неговото вистинско име било Јосија, но апостолите му дале едно описно презиме кое многу било во склад со неговиот карактер — Варнава што значи „Син на утехата“a (Дела 4:36). Христијанското собрание било тукушто формирано. Некои претпоставуваат дека порано Варнава бил еден од Исусовите ученици (Лука 10:1, 2). Без разлика дали било така или не, овој човек се покажал во добро светло.
Кратко после Педесетница 33 н. е., Варнава, кој бил Левит од Кипар, доброволно продал некое земјиште и парите им ги дал на апостолите. Зошто го сторил тоа? Извештајот од Дела ни кажува дека во тоа време меѓу христијаните од Ерусалим ‚секому му се давало според неговите потреби‘. Очигледно, Варнава увидел дека постои потреба и срдечно сторил нешто во врска со тоа (Дела 4:34—37). Можеби тој бил имушен човек, но не се колебал да ги понуди како своите материјални поседи така и себеси за унапредување на интересите на Царството.b „Секаде каде што наоѓал луѓе или ситуации кои барале охрабрување, Варнава го давал сето охрабрување за кое бил кадарен“, забележува научникот Ф. Ф. Брус. Ова е очигледно од втората епизода во која се појавува тој.
Околу 36 н. е. Савле од Тарс (идниот апостол Павле), тогаш веќе христијанин, се обидувал да стапи во контакт со ерусалимското собрание, ‚но сите се плашеле од него, бидејќи не верувале оти е тој ученик‘. Како тој можел да го увери собранието дека неговото преобраќање било вистинско а не само чиста итрина за да го разорува и понатаму? ‚Варнава, пак, откако го зел, го одвел при апостолите‘ (Дела 9:26, 27; Галатјаните 1:13, 18, 19).
Зошто Варнава имал доверба во Павле, не е наведено. Во секој случај, ‚Синот на утехата‘ живеел според своето презиме така што го сослушал Савле и му помогнал да излезе од навидум безнадежната невола. Иако после тоа Савле се вратил во својот роден Тарс, помеѓу тие двајца мажи се оформило пријателство. Во годините што следеле, тоа требало да има важни последици (Дела 9:30).
Во Антиохија
Околу 45 н. е. во Ерусалим дошле вести за необични развои во сириска Антиохија — многубројни резиденти од тој град кои зборувале грчки станувале верници. Собранието го испратило Варнава да испита и да го организира делото таму. Тие не можеле да направат помудар избор. Лука наведува: „А тој, кога пристигна, ја виде благодатта Господова, се зарадува, и со искрено срце ги молеше [почна да ги храбри, NW] да пребиваат во Господа; оти тој беше човек добар и исполнет со Дух Свети и вера. И многу народ се присоедини кон Господа“ (Дела 11:22—24).
Тоа не било сѐ што сторил тој. Според научникот Џузепе Ричоти, „Варнава бил практичен човек и веднаш ја сфатил потребата да се зафати со работа за да осигура таквото надежно цветање да биде проследено со обилна жетва. Затоа, имало потреба првенствено од работници за жетвата“. Доаѓајќи од Кипар, Варнава веројатно бил навикнат да има работа со не-Евреи. Можеби се чувствувал особено квалификуван да им проповеда на паганите. Но, бил спремен да ги вклучи и другите во оваа возбудлива и охрабрувачка активност.
Варнава мислел на Савле. Најверојатно, Варнава бил свесен за пророчкото откровение на Ананија во времето на Савловото преобраќање, дека поранешниот прогонител бил ‚избран сад за да го изнесе Исусовото име пред народите‘ (Дела 9:15). Затоа Варнава заминал за Тарс — еднонасочно патување од околу 200 километри — за да го побара Савла. Двајцата работеле заедно како партнери цела година и, во тој период, ‚најнапред во Антиохија ги нарекле учениците христијани‘ (Дела 11:25, 26).
За време на владеењето на Клаудиј, во различни делови од Римската Империја настапил жесток глад. Според еврејскиот историчар Јосиф, во Ерусалим „многу луѓе умреле од недостиг на она што било неопходно за да се прибави храна“. На тој начин, учениците од Антиохија ‚решиле, секој, со што располагал, да испрати помош на браќата, што живееле во Јудеја; и тоа го направиле, откако го пратиле собраното до старешините преку Варнава и Савле‘. Откако целосно го извршиле тој налог, и двајцата се вратиле со Јован Марко во Антиохија, каде што биле вброени меѓу пророците и учителите на собранието (Дела 11:29, 30; 12:25; 13:1).
Специјална мисионерска доделба
Потоа се случил еден несекојдневен настан. ‚Кога Му служеле на Господа и постеле, Духот Свети рекол: „Одвојте ми ги Варнава и Савла за дело, за кое ги повикав“.‘ Само помисли си! Јеховиниот дух заповедал на нив двајцата да им биде дадена една специјална доделба. „И така, испратени од Светиот Дух, тие слегоа од Селевкија, и оттаму отпловија за Кипар.“ Варнава можел со право да се нарече и апостол, или оној кој е испратен (Дела 13:2, 4; 14:14).
После патувањето низ Кипар и преобраќањето на Сергиј Павле, римскиот провинциски управител на островот, продолжиле кон Пергија, на јужниот брег на Мала Азија, каде што Јован Марко се повлекол и се вратил во Ерусалим (Дела 13:13). Изгледа дека сѐ дотогаш Варнава имал водечка улога, можеби како поискусен партнер. Од тој момент па натаму, Савле (на кој сега се укажува како на Павле) е тој кој го презема водството. (Спореди Дела 13:7, 13, 16; 15:2.) Дали Варнава бил повреден поради ваквиот развој? Не, тој бил зрел христијанин кој понизно признал дека Јехова го користел и неговиот партнер на еден моќен начин. Преку нив, Јехова сакал и други подрачја да ја чујат добрата вест.
Всушност, пред Павле и Варнава да бидат исфрлени од Антиохија Писидиска, целото подрачје чуло за Божјата Реч од нив двајцата, и извесен број ја прифатиле пораката (Дела 13:43, 48—52). Во Иконија ‚мнозина Јудејци и Елини поверувале‘. Тоа ги поттикнало Павле и Варнава да поминат прилично време таму ‚говорејќи отворено за Господа, кој преку нивните раце давал да стануваат знаци и чуда‘. Кога чуле дека е скована завера да бидат каменувани, двајцата мудро избегале и продолжиле со своето дело во Ликаонија, Листра и Дерва. И покрај искуствата опасни по живот во Листра, и Варнава и Павле продолжиле да ‚ги утврдуваат душите на учениците, советувајќи им [охрабрувајќи ги, NW] во верата да бидат постојани, оти во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки‘ (Дела 14:1—7, 19—22).
Овие двајца динамични проповедници не си дозволиле да бидат застрашени. Напротив, се вратиле за да ги изградат новите христијани во местата каде што веќе наишле на жестоко противење, веројатно помагајќи им на квалификуваните мажи да го преземат водството во новите собранија.
Спорното прашање за обрежување
Околу 16 години после Педесетница 33 н. е., Варнава бил вклучен во една епизода која оставила трага во историјата во врска со спорното прашање за обрежување. „А некои слегнати од Јудеја [во Сириска Антиохија], ги учеа браќата: ‚Ако не се обрежете според укажувањето Мојсеево, не можете да се спасите!‘“ Варнава и Павле од искуство знаеле дека тоа не било така, и ја оспориле таа работа. Наместо да го користат својот авторитет, тие признале дека тоа е прашање што морало да се реши заради доброто на целото здружение на браќа. Затоа, прашањето го упатиле до водечкото тело во Ерусалим, каде што нивните извештаи помогнале да се реши тоа спорно прашање. После тоа, Павле и Варнава, опишани како „омилени . . . кои ги предадоа душите свои за името на нашиот Господ Исус Христос“, биле меѓу оние што биле доделени да им ја соопштат одлуката на браќата во Антиохија. Кога писмото од водечкото тело било прочитано и биле одржани говори, собранието ‚се зарадувало поради утехата [охрабрувањето, NW]‘ и било ‚утврдено‘ (Дела 15:1, 2, 4, 25—32).
„Жесток излив на гнев“
После толку многу позитивни извештаи за него, би можеле да помислиме дека ние никогаш не би можеле да живееме според примерот на Варнава. Сепак, ‚Синот на утехата‘ бил несовршен токму како што сме и ние останатите. Додека тој и Павле планирале второ мисионерско патување за да ги посетат собранијата, се појавило едно несогласување. Варнава бил решен да го поведе својот братучед Јован Марко, но Павле мислел дека тоа не е прикладно, бидејќи Јован Марко ги напуштил на првото мисионерско патување. Таму настанала ‚расправија [жесток излив на гнев, NW], така што тие се разделиле еден од друг; и Варнава, откако го зел Марка, отпловил за Кипар‘, додека ‚Павле си го избрал Сила и тргнал‘ во друг правец (Дела 15:36—40).
Колку жалосно! Сепак, инцидентот ни кажува нешто друго за личноста на Варнава. „На Варнава секогаш ќе му служи на трајна чест тоа што бил подготвен да преземе ризик и да покаже доверба во Марко по вторпат“, вели еден научник. Како што сугерира авторот, веројатно „довербата што ја положил во него му помогнала да ја обнови неговата сопствена доверба и му служела како поттик за една обновена предаденост“. Како што испаднале работите, таа доверба била целосно оправдана, зашто дошол ден кога дури и Павле ја признал Марковата корисност во христијанската служба (2. Тимотеј 4:11; спореди Колосјаните 4:10).
Примерот на Варнава може да нѐ стимулира да одвоиме време за да ги сослушаме, разбереме и охрабриме потиштените и да им обезбедиме практична помош секогаш кога увидуваме потреба за тоа. Записот за неговата спремност да им служи на своите браќа со благост и храброст, како и одличните резултати што произлегле од тоа, е само по себе охрабрување. Каков само благослов е да се има луѓе како Варнава во нашите собранија денес!
[Фусноти]
a Да се нарече некого „син на“ извесна одлика подвлекувало истакната карактеристика. (Види 5. Мојсеева 3:18, NW, фуснота.) Во првиот век било вообичаено да се користат презимиња за да се сврти вниманието кон особините на некое лице. (Спореди Марко 3:17.) Тоа било еден вид јавно признание.
b Земајќи го во обѕир она што било востановено со Мозаитскиот закон, некои прашуваат како дошло до тоа Варнава, Левит, да поседува земјиште (4. Мојсеева 18:20). Меѓутоа, треба да се забележи дека не е јасно дали имотот бил во Палестина или на Кипар. Понатаму, можно е тоа да било едноставно место за закоп што Варнава го стекнал во ерусалимското подрачје. Каков и да бил случајот, Варнава се откажал од својот имот за да им помогне на другите.
[Слика на страница 23]
Варнава ‚бил човек добар и исполнет со Дух Свети и вера‘