Марко „корисен за службата“
ВО СОБРАНИЕТО во Антиохија и пред тоа имало проблеми, но несогласувањето помеѓу апостолите Павле и Варнава било поинакво. Тие планирале да одат на мисионерско патување, но кога дошло ред да одлучат кого ќе го поведат со себе, меѓу нив избила „жестока караница“ (Дела 15:39). Потоа се разделиле и секој тргнал по својот пат. Причината за нивната расправија бил еден трет мисионер — Марко.
Кој бил Марко? Зошто двајцата апостоли се скарале поради него? Зошто секој од нив толку упорно се држел за своето мислење? Дали подоцна си го смениле ставот? Што можеме да научиме од животот на Марко?
Дома во Ерусалим
Марко, кој најверојатно потекнувал од богато еврејско семејство, пораснал во Ерусалим. Тој првпат е спомнат по име во поврзаност со случувањата во христијанското собрание од првиот век. Во 44 год. од н.е., кога еден Јеховин ангел со чудо го ослободил апостол Петар од затворот каде што го фрлил Ирод Агрипа I, Петар отишол ‚во куќата на Марија, мајката на Јован наречен Марко, каде што биле собрани мнозина и се молеле‘ (Дела 12:1-12).a
По сѐ изгледа, собранието во Ерусалим одржувало состаноци во домот на Марија, мајката на Марко. Тоа што кај неа биле собрани „мнозина“ покажува дека имала прилично голема куќа. Имала и слугинка што се викала Рода, која му отворила на Петар ‚кога чукнал на влезната врата‘. Овие детали покажуваат дека Марија била имашлива жена. За куќата се вели дека била нејзин дом, а не на маж ѝ, што покажува дека веројатно била вдовица и дека Марко бил сѐ уште многу млад (Дела 12:13).
Веројатно и Марко бил меѓу оние што се собрале за да се молат. Сигурно многу добро се познавал со учениците на Исус и со други кои биле очевидци на настаните од Исусовата служба. Всушност, можно е Марко да бил скудно облеченото момче кое тргнало по Исус кога тој бил уапсен, но кое избегало кога се обиделе да го фатат (Мар. 14:51, 52).
Неговите задачи во собранието
Дружењето со зрели христијани несомнено имало многу добро влијание врз Марко. Со текот на времето, духовно напредувал, а одговорните браќа го забележале тоа. Отприлика во 46 год. од н.е., собранието од Антиохија ‚испратило помош‘ до собранието во Ерусалим по Павле и Варнава бидејќи во тоа време владеел глад. Кога се враќале во Антиохија, тие го повеле со себе и Марко (Дела 11:27-30; 12:25).
На прв поглед, можеби се чини дека помеѓу овие тројца мажи немало некоја посебна врска — освен тоа што биле духовни браќа — и дека Павле и Варнава го зеле Марко со себе само затоа што бил способен млад човек. Но, во едно од своите писма Павле открива дека Марко му бил братучед на Варнава (Кол. 4:10). Ова може да ни помогне да ги разбереме настаните што се случиле подоцна, во кои бил вклучен и Марко.
По околу една година, под водство на светиот дух, Павле и Варнава решиле да појдат на мисионерско патување. Тргнале од Антиохија и се упатиле кон Кипар. Јован Марко пошол со нив „како помошник“ (Дела 13:2-5). Веројатно тој требало да се грижи за сѐ што им било потребно на апостолите во текот на патувањето за да можат тие да се посветат на духовните работи.
Павле, Варнава и Марко го пропатувале Кипар надолж и попреку, проповедајќи секаде каде што минувале. Потоа тргнале кон Мала Азија. Но, кога стигнале таму, Јован Марко донел една одлука со која го разочарал Павле. Извештајот вели дека, кога тројцата пристигнале во Перга, ‚Јован ги напуштил и се вратил во Ерусалим‘ (Дела 13:13). Не е кажано зошто го направил тоа.
Две години подоцна, Павле, Варнава и Марко повторно биле во Антиохија. Двајцата апостоли планирале да појдат на уште едно мисионерско патување за да ги посетат оние на кои им проповедале при првото патување. Варнава имал намера да го поведат со нив и неговиот братучед, но Павле не сакал ни да чуе за тоа, бидејќи претходно Марко ги оставил. Тогаш избила караницата што беше спомната во почетокот. Варнава го повел со себе Марко за да проповедаат на Кипар, родното место на Варнава, а Павле заминал за Сирија (Дела 15:36-41). Очигледно, Павле и Варнава имале различно мислење за она што го направил Марко.
Помирување
На Марко сигурно му било тешко поради сето ова. Сепак, му останал верен слуга на Бог. Околу 11 или 12 години по овој немил настан, Марко повторно се спомнува во записите за првите христијани. Каде? Па, таму каде што веројатно најмалку би очекувале да го најдеме — со Павле!
Во 60-61 год. од н.е., кога Павле се наоѓал во затвор во Рим, испратил повеќе писма што сега се дел од Библијата. Во писмото до Колошаните напишал: „Ве поздравуваат Аристарх, мојот затворски другар, и Марко, братучедот на Варнава (за кого уште од порано ви е заповедано да го примите убаво ако дојде кај вас)... Тие се моите единствени соработници во службата за Божјето царство, тие ми помагаа и ме зајакнуваа“ (Кол. 4:10, 11).
Каква промена! Павле повеќе не бил разочаран од Марко, напротив, го сметал за ценет соработник. Очигледно, Павле ги известил Колошаните дека е можно Марко да ги посети. Во тој случај, би дошол како негов претставник.
Дали ова значи дека неколку години пред тоа Павле бил претерано ситничав во врска со Марко? Дали Марко извлекол поука од исправката што ја добил? Можеби и двете работи се точни. Како и да е, тоа што се помириле покажува дека и Павле и Марко биле зрели личности. Ги оставиле зад себе старите несогласувања и продолжиле да соработуваат. Тие се навистина одличен пример за сите што некогаш имале недоразбирање со некој сохристијанин.
Патувањата на Марко
Кога читаме за разните патувања на Марко, сфаќаме дека тој, всушност, многу патувал. Бил роден и живеел во Ерусалим, но се преселил во Антиохија, а оттаму отпловил за Кипар и Перга. Потоа отишол во Рим. Од Рим, Павле го испратил во Колоси. Но, тоа не било сѐ!
Во своето прво писмо, кое го напишал меѓу 62 и 64 год. од н.е., апостол Петар вели: „Ве поздравува онаа што е во Вавилон... а и Марко, мојот син“ (1. Пет. 5:13). Значи, Марко отпатувал за Вавилон за да служи заедно со апостолот кој со години пред тоа доаѓал на христијанските состаноци што се одржувале во куќата на мајка му.
Кога по вторпат бил во затвор во Рим околу 65 год. од н.е., Павле го повикал Тимотеј да дојде од Ефес, и додал: „Земи го Марко и доведи го со себе“ (2. Тим. 4:11). Значи, тогаш Марко бил во Ефес. Тој сигурно се согласил повторно да оди во Рим со Тимотеј, како што побарал Павле. Во тоа време не било лесно да се оди на пат, но Марко спремно патувал до сите тие места.
Уште една посебна задача
Марко имал огромна чест, под водство на Јеховиниот свет дух, да напише едно од евангелијата. Иако во второто евангелие никаде не се спомнува кој е писателот, најстарите преданија потврдуваат дека тоа е Марко, а се смета дека информациите ги добил од Петар. Всушност, Петар бил очевидец на речиси сите настани што ги запишал Марко.
Изучувачите сметаат дека Евангелието според Марко било наменето за не-Евреите, затоа што во него ги дообјаснува еврејските обичаи (Мар. 7:3; 14:12; 15:42). Тој дава превод и на арамејските изрази кои не-Евреите не би ги разбрале (Мар. 3:17; 5:41; 7:11, 34; 15:22, 34). Користи и многу латински изрази, па дури и ги објаснува грчките зборови со латински. Кога спомнува еврејски пари, ја дава и нивната противвредност во римски пари (Мар. 12:42, фус.). Се чини дека сево ова е во склад со дамнешните преданија според кои Марко го напишал своето евангелие во Рим.
„Корисен за службата“
Додека бил во Рим, Марко правел и нешто друго освен што го напишал своето евангелие. Веќе спомнавме дека Павле му пишал на Тимотеј: „Земи го Марко и доведи го со себе“. Зошто? „Зашто ми е корисен за службата“, објаснил Павле (2. Тим. 4:11).
Хронолошки гледано, овде Марко се спомнува за последен пат во Библијата, но овие зборови многу кажуваат за него. Во врска со неговите одговорности во собранието, никаде не се вели дека бил апостол, водач или пророк. Тој бил „корисен за службата“, што значи дека им помагал и им служел на другите. А кога Павле ги напишал овие зборови, кратко пред својата смрт, сигурно многу му била потребна помошта на Марко.
Откако ќе ги поврземе заедно сите информации што ги имаме за Марко, добиваме слика за еден човек кој ревносно ја ширел добрата вест во различни делови од светот, човек кој со задоволство им служел на другите. Затоа што не се откажал, Марко имал чест да врши различни задачи во службата за Бог.
Како Божји слуги, и ние ја проповедаме добрата вест за Царството со истата решителност со којашто ја проповедал и Марко. Исто како него, можеби и некои од нас можат да се преселат на друго место, па дури и во друга земја, за да проповедаат таму. Иако за повеќето од нас тоа можеби нема да биде изводливо, сите можеме да го следиме примерот на Марко во една друга важна работа. Како што тој со сите сили се трудел да им служи на своите браќа, така и ние сме спремни да дадеме сѐ од себе за практично да им помагаме на нашите соверници да ја извршуваат својата служба за Бог. Ако го правиме тоа, можеме да бидеме сигурни дека Јехова и понатаму ќе нѐ благословува (Изр. 3:27; 10:22; Гал. 6:2).
[Фуснота]
a Во тоа време, било вообичаено Евреите да имаат второ име, било еврејско било странско. Еврејското име на Марко било Јоханан — на македонски Јован. А неговото латинско име било Маркус, или Марко (Дела 12:25).
[Карта/слика на страници 8 и 9]
Некои од градовите во кои бил Марко
Рим
Ефес
Колоси
Перга
Антиохија (сириска)
Кипар
СРЕДОЗЕМНО МОРЕ
Ерусалим
Вавилон