ПЕТНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ
Ги зајакнуваа собранијата
Патувачките слуги им помагаат на собранијата да зајакнат во верата
Се темели на Дела 15:36 — 16:5
1-3. а) Кој патувал заедно со Павле, и каков бил тој? б) Што ќе научиме од ова поглавје?
ДОДЕКА пешачи по нерамниот пат што ги поврзува градовите, Павле одвреме-навреме замислено го погледнува момчето што чекори покрај него. Неговото име е Тимотеј. Овој млад човек веројатно има 20-ина години и полн е со енергија. Со секој нов чекор, тој е сѐ подалеку од дома. Додека денот изминува, Листра и Иконија остануваат далеку зад нив. А што стои пред нив? Павле донекаде знае што ги очекува бидејќи ова е негово второ мисионерско патување. Свесен е дека ќе наидат на многу опасности и проблеми. Дали ова младо момче ќе успее да ги преброди?
2 Павле има доверба во Тимотеј, веројатно дури и повеќе отколку што ова понизно момче има во себеси. Освен тоа, по неодамнешните случувања, апостолот е уште поуверен дека му треба вистинскиот човек за да патува со него. Тој знае дека патувачките слуги, кои ќе ги посетуваат и ќе ги јакнат собранијата, треба да бидат сложни и истрајни. Зошто би размислувал вака? Веројатно една причина за ова било несогласувањето што пред извесно време ги разделило него и Варнава.
3 Во ова поглавје ќе научиме кој е најдобриот начин да се решат меѓусебните несогласувања. Ќе видиме и зошто Павле го избрал Тимотеј да патува со него, а подобро ќе разбереме и што сѐ е вклучено во важните задачи на покраинските надгледници денес.
„Да се вратиме и да ги посетиме браќата“ (Дела 15:36)
4. Што сакал да постигне Павле со своето второ мисионерско патување?
4 Во претходното поглавје, видовме како една група од четворица браќа — Павле, Варнава, Јуда и Сила — го зајакнале собранието во Антиохија со одлуката од водечкото тело во врска со обрежувањето. Што сторил Павле потоа? Тој му предложил на Варнава повторно да тргнат на пат, велејќи: „Секако ќе мора да се вратиме и да ги посетиме браќата во секој град во кој ја објавувавме Јеховината реч, за да видиме како се“ (Дела 15:36). Павле не му предложил само да им појдат на гости на овие новообратени христијани. Книгата Дела открива што, всушност, сакал да постигне Павле со своето второ мисионерско патување. Прво, сакал и на тие собранија да им ги пренесе одредбите што ги донело водечкото тело (Дела 16:4). Второ, како патувачки надгледник, Павле бил решен духовно да ги зајакне собранијата и да им помогне да се зацврстат во верата (Рим. 1:11, 12). Како денешната организација на Јеховините сведоци го следи примерот на апостолите?
5. Како денешното Водечко тело ги охрабрува и им дава упатства на собранијата?
5 Денес, Христос го користи Водечкото тело на Јеховините сведоци за да го води своето собрание. Преку писма, преку печатени и онлајн публикации, преку состаноците и на други начини, овие верни помазани мажи ги охрабруваат и им даваат упатства на сите собранија низ целиот свет. Освен тоа, Водечкото тело се труди да остане во близок контакт со секое собрание. Во ова му помагаат покраинските надгледници. Водечкото тело директно има именувано илјадници искусни старешини насекаде во светот за да служат во тоа својство.
6, 7. Наведи некои одговорности на покраинските надгледници.
6 Денешните патувачки надгледници главно се трудат да покажат личен интерес кон браќата и сестрите во собранијата што ги посетуваат и духовно да ги охрабрат. Како го прават тоа? Така што го следат примерот на такви христијани од првиот век како што бил Павле. На својот соработник Тимотеј, кој тогаш веќе служел и како надгледник, тој му го дал следниов совет: „Проповедај ја Божјата реч и прави го тоа со чувство на итност — во поволно време и во тешко време — укорувај, прекорувај, опоменувај, а притоа биди многу стрплив и вешт во поучувањето... Проповедај ја добрата вест“ (2. Тим. 4:2, 5).
7 Во склад со овие зборови, покраинскиот надгледник — заедно со својата жена, ако е женет — учествува со локалните објавители во различни гранки на службата. Ваквите патувачки проповедници се многу ревносни и вешто ги поучуваат другите — а тоа се карактеристики што влијаат позитивно врз стадото (Рим. 12:11; 2. Тим. 2:15). Тие се особено познати по својата самопожртвувана љубов. Несебично им служат на другите, патувајќи по секакво време, па дури и низ многу опасни краишта (Фил. 2:3, 4). Покраинските надгледници исто така ги охрабруваат, ги поучуваат и ги советуваат собранијата преку библиски говори. Сите во собранието ќе имаме корист ако размислуваме за сето она што го прават тие и ако се угледаме на нивната вера (Евр. 13:7).
„Жестока караница“ (Дела 15:37-41)
8. Како реагирал Варнава на предлогот на Павле?
8 На Варнава му се допаднал предлогот на Павле да ги посетат браќата (Дела 15:36). Тие соработувале добро на првото мисионерско патување, а освен тоа, и на двајцата веќе им биле познати местата и луѓето што сакале да ги посетат (Дела 13:2 — 14:28). Затоа изгледало разумно и практично и овој пат да појдат заедно. Но, се појавил еден проблем. Во Дела 15:37 стои: „Варнава бараше да го поведат и Јован наречен Марко“. Варнава, всушност, не предложил, туку барал да го поведат неговиот братучед Марко на ова мисионерско патување.
9. Зошто Павле не се согласил со Варнава?
9 Павле не се согласил со тоа. Зошто? Извештајот вели: „Павле сметаше дека не е добро да го поведат [Марко], бидејќи во Памфилија ги напушти и не појде со нив на делото“ (Дела 15:38). Марко бил со Павле и Варнава на нивното прво мисионерско патување, но не останал со нив до крајот (Дела 12:25; 13:13). Недолго откако тргнале на тој пат, додека сѐ уште биле во Памфилија, Марко ги напуштил и се вратил дома во Ерусалим. Иако Библијата не кажува зошто си заминал, очигледно апостол Павле сметал дека тоа било неодговорно од негова страна. Можеби затоа не бил сигурен колку ќе можат и овој пат да сметаат на него.
10. До што водело несогласувањето меѓу Павле и Варнава?
10 И покрај тоа, Варнава бил цврсто решен да го земат Марко. Но, Павле бил исто толку решен да не го земат. „Тогаш дојде до толку жестока караница што се раздвоија“, се вели во Дела 15:39. Варнава отпловил за родниот остров Кипар и со себе го повел Марко. А Павле тргнал таму каде што планирал. Извештајот вели: „Павле го избра Сила и, откако браќата го доверија на Јеховината незаслужена доброта, замина на пат“ (Дела 15:40). Заедно патувале „низ Сирија и Киликија, зајакнувајќи ги собранијата“ (Дела 15:41).
11. Кои особини мора да ги имаме за да не дозволиме да се создаде непремостлив јаз меѓу нас и некој што нѐ навредил?
11 Овој извештај можеби нѐ потсетува на нашата сопствена несовршеност. Павле и Варнава биле испратени како посебни претставници на водечкото тело. Веројатно и самиот Павле станал негов член. Сепак, во овој случај, Павле и Варнава подлегнале на човечка слабост. Дали дозволиле оваа ситуација да создаде непремостлив јаз меѓу нив? Иако биле несовршени, Павле и Варнава биле понизни луѓе кои размислувале како Христос. Без сомнение, со текот на времето тие постапиле како вистински христијани и си простиле еден на друг (Еф. 4:1-3). Подоцна, Павле и Марко соработувале на други теократски задачиa (Кол. 4:10).
12. По примерот на Павле и Варнава, какви треба да бидат денешните надгледници?
12 Ниту Варнава ниту Павле не биле познати како кавгаџии. Варнава бил срдечен и великодушен човек — и тоа до таа мера што, наместо да го викаат по роденото име, Јосиф, апостолите му дале прекар Варнава, што значи „син на утехата“ (Дела 4:36). И Павле бил познат како љубезен и благ човек (1. Сол. 2:7, 8). По примерот на Павле и Варнава, сите христијански надгледници денес, вклучувајќи ги и покраинските надгледници, треба секогаш да се трудат да бидат понизни и да се однесуваат благо кон другите старешини и кон целото стадо (1. Пет. 5:2, 3).
„За него зборуваа добро“ (Дела 16:1-3)
13, 14. а) Кој бил Тимотеј, и веројатно во кои околности го запознал Павле? б) Од која причина Тимотеј посебно му паднал во очи на Павле? в) Каква задача добил Тимотеј?
13 Второто мисионерско патување го однело Павле во римската провинција Галатија, каде што биле основани неколку собранија. На крајот, стигнал „во Дерва и во Листра“. Извештајот вели: „И гледај, таму имаше еден ученик по име Тимотеј. Неговата мајка беше Еврејка и верничка, а татко му беше Грк“ (Дела 16:1).b
14 Очигледно, Павле се запознал со семејството на Тимотеј кога првпат дошол во тој крај околу 47 год. од н.е. Две-три години подоцна, во текот на втората посета, на Павле посебно му паднал во очи младиот Тимотеј. Зошто? Затоа што за него браќата зборувале добро. Всушност, добро мислење за Тимотеј имале не само браќата од собранието во неговиот роден град туку и пошироко. Извештајот објаснува дека браќата во Листра, но и во Иконија, која била оддалечена 30-ина километри, кажувале добри работи за него (Дела 16:2). Под водство на светиот дух, старешините му довериле на младиот Тимотеј една сериозна одговорност — да им помага на Павле и Сила патувајќи заедно со нив (Дела 16:3).
15, 16. Зошто Тимотеј бил на добар глас?
15 Тимотеј уште како млад бил на добар глас. На што се должело тоа? На неговата интелигенција, надворешен изглед или таленти? Токму овие работи честопати им оставаат силен впечаток на луѓето. Во една прилика, дури и пророкот Самоил се повел по надворешниот изглед на еден човек. Но, Јехова го потсетил: „Бог не го гледа она што го гледа човекот, зашто човекот го гледа она што го гледаат очите, а Јехова го гледа она што е во срцето“ (1. Сам. 16:7). Тимотеј бил на добар глас кај сохристијаните затоа што имал убави особини, а не затоа што имал некои посебни таленти.
16 Десетина години подоцна, апостол Павле спомнал некои од христијанските особини што ги имал овој млад човек. Тој зборувал за неговиот добар став, за неговата самопожртвувана љубов и за трудољубивоста со која ги вршел своите теократски задачи (Фил. 2:20-22). Тимотеј бил познат и по тоа што имал „нелицемерна вера“ (2. Тим. 1:5).
17. Како можат младите денес да го следат примерот на Тимотеј?
17 Денес, многу млади го следат примерот на Тимотеј така што развиваат особини што му се допаѓаат на Бог. На тој начин стекнуваат добро име кај Јехова и кај неговиот народ, дури и од рана возраст (Изр. 22:1; 1. Тим. 4:15). Тие покажуваат нелицемерна вера со тоа што не сакаат да водат двоен живот (Пс. 26:4). Како резултат на тоа, голем број млади можат да прават многу за собранието, исто како што било случај со Тимотеј. Колку се среќни браќата во нивното собрание кога тие ги исполнуваат условите да станат објавители на добрата вест и кога на крајот му се заветуваат на Јехова и се крштаваат!
„Се зацврстуваа во верата“ (Дела 16:4, 5)
18. а) Кои посебни задачи ги вршеле Павле и Тимотеј како патувачки слуги? б) Како биле благословени собранијата?
18 Павле и Тимотеј соработувале со години. Како патувачки слуги и претставници на водечкото тело, тие вршеле разни задачи. Библијата вели: „Додека минуваа низ градовите, им ги предаваа на тамошните браќа одредбите што ги донесоа апостолите и старешините во Ерусалим, за да се придржуваат кон нив“ (Дела 16:4). Очигледно, собранијата ги прифаќале упатствата од апостолите и старешините во Ерусалим. Кој бил резултатот од нивната послушност? Библијата вели: „Собранијата се зацврстуваа во верата и од ден на ден растеа“ (Дела 16:5).
19, 20. Зошто христијаните треба да им бидат послушни на оние што предводат?
19 И денес, Јеховините сведоци се благословени затоа што послушно и подложно ги следат упатствата кои ги добиваат од „оние што... предводат“ (Евр. 13:17). Бидејќи сцената на овој свет постојано се менува, многу е важно христијаните да бидат во тек со духовната храна што ја обезбедува „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45; 1. Кор. 7:29-31). Тоа многу ќе ни помогне да не застраниме од вистината и да останеме неизвалкани од светот (Јак. 1:27).
20 Се разбира, денешните христијански надгледници, во кои спаѓаат и членовите на Водечкото тело, се несовршени, исто како што биле Павле, Варнава, Марко и други помазани старешини во првиот век (Рим. 5:12; Јак. 3:2). Но, поради тоа што тесно се држат за Божјата Реч и го следат примерот што го дале апостолите, браќата од Водечкото тело навистина се достојни за доверба (2. Тим. 1:13, 14). Како резултат на тоа, собранијата се зајакнуваат и се зацврстуваат во верата.
a Види ја рамката „Марко добива посебни теократски задачи“.
b Види ја рамката „Тимотеј робува ’во ширењето на добрата вест‘“.