Можеш ли да веруваш во Библијата?
ВЕРУВАЊЕТО во Библијата останува широко распространето, па дури и во овој современ свет. На пример, во една неодамнешна Галупова анкета спроведена меѓу Американците, 80 проценти изразиле верување дека Библијата е инспирирана Реч Божја. Без разлика дали процентот во твоето подрачје е толку висок или не, можеш да разбереш дека тие верници очекуваат во црквата да бидат поучувани за Библијата. Но, честопати не се поучувани. Земи ја како пример доктрината за казнувањето на душата после смртта.
Дали некаде во Библијата се учи за чистилиште или за пеколен оган? Денес многу изучувачи во христијанскиот свет би одговориле „не“. New Catholic Encyclopedia наведува: „На крајот на краиштата, католичката доктрина за чистилиштето се темели на традиција, а не на Светото Писмо“. Во врска со пеколот, A Dictionary of Christian Theology коментира: „Во Н[овиот] З[авет] не наоѓаме пеколен оган како дел од првобитното проповедање“.
Всушност, одборот за доктрини при Англиканската црква неодамна се нашол на насловните страници кога препорачал целосно да се отфрли учењето за пеколен оган. Д-р Том Рајт, декан на катедралата Личфилд, наведува дека поранешното сликовито прикажување на пеколот „го претворило Бог во монструм и на многумина им оставило психолошки лузни кои ги печат“. Извештајот на одборот го опишува пеколот како „тотално непостоечки“.a На сличен начин, во врска со католичкото гледиште New Catholic Encyclopedia забележува: „Денешната теологија му пристапува на проблемот за пеколот од агол на одвоеност од Бог“.
Всушност, она што го учи Библијата за душата е во спротивност со учењата за чистилиште и пеколен оган. Библијата честопати зборува за смртта на душите. „Која душа греши, таа ќе умре“ (Језекиил 18:4; спореди Dr. Ivan Šarić и Dr. Lujo Bakotić). Според Библијата, мртвите не се свесни, не можат да чувствуваат болка. „Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат“ (Проповедник 9:5). Надежта која ја дава Библијата за мртвите е идно воскресение. Кога му умрел пријателот Лазар, Исус ја споредил смртта со спиење. Сестрата на Лазар, Марта, ја изразила надежта за која учи Библијата, кога изјавила: „Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден“. Подигајќи го Лазар од мртвите, Исус ја потврдил таа надеж за човештвото (Јован 5:28, 29; 11:11—14, 24, 44).
Како што истакнуваат историчарите, учењето дека човекот поседува одвоена, бесмртна душа не потекнува од Библијата, туку од грчката филозофија. New Catholic Encyclopedia забележува дека древните Евреи не сметале дека човекот е составен од материјално тело и нематеријална душа. Во врска со верувањето на Евреите, таа наведува: „Кога животниот здив влегол во првиот човек кого Бог го создал од земја, тој станал ‚живо битие‘ (1. М[ојсеева] 2.7). Смртта не се сметала како одвојување на два засебни елемента кои се во човекот, како што е тоа случај во грчката филозофија; животниот здив си заминува и човекот останува ‚мртво битие‘ (3. М[ојсеева] 21.11; 4. М[ојсеева] 6.6; 19.13). Во секој од овие случаи зборот ‚битие‘ би бил хебрејскиот [нефеш], честопати преведен со ‚душа‘, но кој практично се поистоветува со лицето“.
Истата енциклопедија забележува дека неодамна католичките изучувачи „го поддржале ставот дека Н[овиот] З[авет] не учи за бесмртност на душата во хеленистичка [грчка] смисла“. Таа заклучува: „Основното решение за тој проблем треба да се наоѓа не толку многу во филозофската шпекулација колку во натприродниот дар на Воскресението“.
Библијата или традицијата?
Но, како небиблиските идеи се пробиле во црковното учење? Многу цркви се исповедуваат дека Библијата е нивниот највисок авторитет. На пример, неодамна папата Јован Павле II зборувал за потребата Писмото да го „прифатат верниците во сета длабочина на неговата вистина и како врховно правило на нашата вера“. Меѓутоа, општо е прифатено дека учењата на христијанскиот свет денес не се идентични со учењата на христијаните од првиот век. Голем дел од црквите ги сметаат промените како дел од постепениот развој на црковната доктрина. Освен тоа, Католичката црква зазема став дека црковната традиција го има истиот авторитет како и Писмото. New Catholic Encyclopedia вели дека црквата не „ја застапува вистината само на темел на Писмото, независно од традицијата ниту, пак, само на темел на традицијата, независно од Писмото“.
Историски гледано, црквите ги замениле библиските учења со учења кои се темелат само на традиција. Всушност, многу цркви сега сметаат дека библиските учења се погрешни. На пример, New Catholic Encyclopedia наведува дека е „очигледно оти многу библиски изјави едноставно не се точни кога се просудуваат според современото сознание на науката и на историјата“. Говорејќи за библиското учење дека мртвите не се свесни, таа додава: „Дури и во однос на религиозните работи, С[тариот] З[авет] сведочи за едно непотполно спознание за . . . животот после смртта“. Како пример за тоа, енциклопедијата го наведува Псалм 6:5 (во некои Библии стих 6): „Бидејќи мртвите не Те спомнуваат Тебе; во пеколот [шеолот или хадесот] кој ќе Те слави Тебе?“ Некои протестантски богословии и колеџи повеќе не учат дека Библијата е непогрешлива. Католичката црква, пак, од своја страна, верува дека го поседува магистериумот, т. е. авторитетот за поучување преку кој таа го толкува она што се учи во Библијата. Но, можеби ти се прашуваш: ‚Што ако се чини дека таквите толкувања се во расчекор со Писмото?‘
Важноста на Писмото
Исус секогаш одново го наведувал Писмото како авторитет, честопати започнувајќи ги своите поенти со зборовите: „Напишано е“ (Матеј 4:4, 7, 10; Лука 19:46). Навистина, кога Исус зборувал за брачната состојба на човекот, тој не се повикал на грчката филозофска претпоставка, туку на извештајот за создавањето од 1. Мојсеева (1. Мојсеева 1:27; 2:24; Матеј 19:3—9). Очигледно, Исус сметал дека Писмото е инспирирано од Бог и дека се заснова на факти. Во една молитва до Бог, тој рекол: „Твоето слово е вистина“ (Јован 17:17).b
Библијата известува дека Исус ги критикувал религиозните водачи во негово време: „И така ја отфрлате Божјата заповед, за да го запазите вашето предание [традиција, NW] . . . престапувајќи го [правејќи го неважечко, NW] словото Божјо со вашето предание“ (Марко 7:6—13). На сличен начин, апостол Павле се спротивставил на притисокот да ја усвои во своето учење грчката филозофија или погрешните традиции. „Пазете“, предупредил тој, „некој да не ве заведе со философија и со празна измама според човечкото предание“ (Колосјаните 2:8; 1. Коринтјаните 1:22, 23; 2:1—13). Имало некои традиции, т. е. учења, кои Павле ги поттикнал христијаните да ги држат, но тие се темелеле на Писмото и биле во потполн склад со него (2. Солунјаните 2:13—15). „Сето Писмо е инспирирано од Бог и корисно“, напишал Павле, „за човекот Божји да биде потполно компетентен, целосно опремен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17, NW).
Павле предвидел едно отстапување од Писмото. Тој го предупредил Тимотеј: „Ќе дојде време, кога луѓето нема да го слушаат здравото учење . . . ќе го одвратат слухот свој од вистината“. Понатаму го поттикнал: „Но ти во сѐ биди трезвен“ (2. Тимотеј 4:3—5). Но, како? Еден начин е да се биде „благороден“. Еден грчки лексикон го дефинира овој библиски збор како „спремност да се научи и да се процени нешто објективно“. Лука го употребил овој израз за да ги опише Павловите слушатели од Берија во првиот век. За нив Павловите учења биле нови и тие не сакале да бидат заведени. Пофалувајќи ги, Лука напишал: „Овие [беријците] беа поблагородни од солуњаните: тие го примија словото со голема усрдност и секој ден го испитуваа Писмото, дали е тоа така“. Тоа што биле благородни не ги направило беријците скептични, без склоност да веруваат во нешто. Напротив, резултатот од нивното чесно испитување било тоа што ‚многумина од нив станале верници‘ (Дела 17:11, 12, NW).
Користи од живеењето според Библијата
Раните христијани биле забележани како по тоа што се придржувале кон Библијата така и по нивната самопожртвувана љубов. Меѓутоа, денес многу луѓе се „на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле“ (2. Тимотеј 3:5). Секој денешен облик на христијанство кој не е верен на првобитниот, не може да има вистинска моќ на добро во животот на луѓето. Дали тоа би можело да објасни зошто во поголемиот дел од христијанскиот свет гледаме сѐ поголемо насилство, неморал, распад на семејството и материјализам? Во некои „христијански“ земји се водат злобни етнички војни дури и меѓу членовите на иста религија.
Дали благородниот дух на беријците изумрел? Постои ли денес некоја група луѓе која верува во Библијата и живее според неа?
Encyclopedia Canadiana забележува: „Делото на Јеховините сведоци е преродба и повторно воспоставување на првобитното христијанство кое го практикувале Исус и неговите ученици во првиот и вториот век од нашата ера“. Осврнувајќи се на Сведоците, New Catholic Encyclopedia забележува: „Тие ја сметаат Библијата за свој единствен извор на верување и правило на однесување“.
Без сомнение, тоа е главната причина зошто Јеховините сведоци ширум светот се познати по нивниот духовен просперитет, мир и среќа. Затоа ги охрабруваме нашите читатели да научат повеќе за библиските духовно здрави учења. Поголемото спознание може да води до уште поголема доверба во Библијата и посилна вера во Бог. Вреди да се вложи труд за да се здобијат вечните користи од таквата вера.
[Фусноти]
a National Public Radio—“Morning Edition”
b За понатамошни информации во врска со веродостојноста на Библијата, види ја брошурата Книга за сите луѓе, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 6]
Апостол Павле и другите проповедале на пазариштето
[Слика на страница 7]
Јеховините сведоци „ја сметаат Библијата за свој единствен извор на верување и правило на однесување“