СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 17
Јехова ќе ти помогне да им се спротивставиш на злите духови
Ние се бориме против злите духовни сили на небесата (ЕФ. 6:12)
ПЕСНА 55 Не плашете се!
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Според Ефешаните 6:10-13, на кој начин Јехова покажува дека се грижи за нас? Објасни.
ЕДЕН начин на кој Јехова покажува дека се грижи за нас како негови слуги е така што ни помага во борбата против нашите непријатели. Наши најголеми непријатели се Сатана и демоните. Јехова нѐ предупредува дека тие се многу опасни, и ни дава сѐ што ни е потребно за да им се спротивставиме. (Прочитај Ефешаните 6:10-13.) Ние можеме да му се спротивставиме на Сатана ако ја прифатиме помошта од Јехова и ако имаме целосна доверба во него. Апостол Павле напишал: „Ако Бог е за нас, кој ќе биде против нас?“ (Рим. 8:31). И ние можеме да ја имаме истата увереност како Павле.
2. Што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Како вистински христијани, ние не сакаме премногу да се интересираме за Сатана и за демоните. За нас најважно е да учиме за Јехова и да му служиме (Пс. 25:5). Сепак добро е да ги знаеме основните начини на кои Сатана дејствува. Зошто? За да не успее да нѐ измами (2. Кор. 2:11). Во оваа статија ќе разгледаме еден од главните начини на кој Сатана и демоните се обидуваат да ги заведат луѓето. Исто така, ќе видиме како можеме да им се спротивставиме.
КАКО ЗЛИТЕ ДУХОВИ ГИ ЗАВЕДУВААТ ЛУЃЕТО
3-4. а) Што е спиритизам? б) Колку е раширено верувањето во спиритизам?
3 Еден од главните начини на кои Сатана и демоните се обидуваат да ги заведат луѓето е преку спиритизам. Оние што се занимаваат со спиритизам тврдат дека имаат некаква натприродна моќ и дека знаат некои работи што другите луѓе обично не ги знаат. На пример, некои тврдат дека можат да ја проречат иднината со помош на гатање или астрологија. Други тврдат дека можат да комуницираат со мртвите. Некои се занимаваат со магија, и можеби фрлаат уроци или клетви врз другите.b
4 Колку е раширено верувањето во моќта на спиритизмот? Една анкета, која била спроведена во 18 земји во Латинска Америка и на Карибите, покажала дека речиси една третина од анкетираните веруваат во магија и гатање, а речиси исто толку луѓе веруваат дека е можно да се комуницира со духовите на починатите. Друга анкета била спроведена во 18 земји во Африка. Таму, во просек, повеќе од половината анкетирани рекле дека веруваат во магии. Се разбира, без разлика каде живееме, мора да се чуваме од спиритизам бидејќи Сатана се обидува да го заведе целиот свет (Отк. 12:9).
5. Како гледа Јехова на спиритизмот?
5 Јехова е Бог на вистината (Пс. 31:5). Според тоа, како гледа тој на спиритизмот? Го мрази! Јехова им рекол на Израелците: „Кај тебе нека не се најде никој што ќе го помине својот син или својата ќерка низ оган, ни некој што гата, ни некој што се занимава со магија, ни некој што пророкува според предзнаци, ни маѓепсник, ни некој што фрла уроци, ни некој што повикува духови, ни некој што ја претскажува иднината, ни некој што ги прашува мртвите. Зашто, секој што прави такво нешто му е одвратен на Јехова“ (5. Мој. 18:10-12). Христијаните не треба да го држат Законот што Јехова им го дал на Израелците. Сепак, ние знаеме дека неговиот став кон спиритизмот не се сменил (Мал. 3:6).
6. а) Како Сатана го користи спиритизмот за да им наштети на луѓето? б) Според Проповедник 9:5, која е вистината за состојбата на мртвите?
6 Јехова нѐ предупредува да се чуваме од спиритизам бидејќи знае дека Сатана го користи за да им наштети на луѓето. Сатана преку спиритизмот ги шири своите лаги, во кои спаѓа и лагата дека мртвите живеат на некое друго место. (Прочитај Проповедник 9:5.) Исто така, тој го користи спиритизмот за да ги држи луѓето во страв и за да ги оддалечи од Јехова. Целта на Сатана е да ги наведе луѓето да имаат доверба во злите духови наместо во Јехова.
КАКО МОЖЕМЕ ДА ИМ СЕ СПРОТИВСТАВИМЕ НА ЗЛИТЕ ДУХОВИ
7. Што ни открива Јехова?
7 Како што спомнавме претходно, Јехова ни го открива она што треба да го знаеме за да не бидеме заведени од Сатана и од демоните. Да разгледаме кои работи можеме да ги направиме за да им се спротивставиме на злите духови.
8. а) Кој е главниот начин на кој можеме да им се спротивставиме на злите духови? б) Како Псалм 146:4 ја разоткрива лагата на Сатана во врска со состојбата на мртвите?
8 Читај ја Божјата Реч и размислувај за неа. Ова е главниот начин на кој можеме да ги отфрлиме лагите што ги шират злите духови. Божјата Реч јасно ги разоткрива лагите на Сатана (Еф. 6:17). На пример, таа ја разоткрива лагата дека мртвите можат да комуницираат со живите. (Прочитај Псалм 146:4.) Исто така, Божјата Реч нѐ потсетува дека само Јехова може со сигурност да ја предвиди иднината (Иса. 45:21; 46:10). Ако редовно ја читаме Божјата Реч и ако размислуваме за прочитаното, ќе можеме да ги мразиме и да ги отфрлиме лагите во кои злите духови сакаат да веруваме.
9. Од кои постапки треба да се чуваме?
9 Немој да правиш ништо што има врска со спиритизам. Бидејќи сме Божји слуги, ние не правиме ништо што е поврзано со спиритизам. На пример, не се обидуваме да комуницираме со мртвите ниту преку некаков посредник ниту на некој друг начин. Како што видовме во претходната статија, не учествуваме во погребни обичаи кои се темелат на верувањето дека мртвиот продолжува да живее на некое друго место. Исто така, не треба да користиме астрологија или гатање за да ја дознаеме иднината (Иса. 8:19). Ние знаеме дека сите тие постапки се многу опасни и дека можат да нѐ доведат во директен контакт со Сатана и со демоните.
10-11. а) Што направиле некои во првиот век кога ја дознале вистината за Бог? б) Според 1. Коринќаните 10:21, зошто треба да го следиме примерот на раните христијани, и како можеме да го правиме тоа?
10 Фрли ги или уништи ги предметите кои се поврзани со окултизам. Во првиот век, некои жители на Ефес се занимавале со спиритизам. Мнозина од нив презеле драстични мерки кога ја дознале вистината за Бог. Во Дела 19:19 пишува: „Мнозина од оние што се занимаваа со магија ги собраа своите книги и ги изгореа пред сите“. Овие луѓе направиле сѐ што можеле за да им се спротивстават на злите духови. Нивните книги за магија биле многу скапи. Сепак, тие не ги дале на некој друг, ниту ги продале, туку ги уништиле. Ним не им било важно колку пари вределе книгите. Зошто? Поважно им било да го радуваат Јехова.
11 Како можеме да го следиме примерот на тие христијани од првиот век? Ако имаме некој предмет што е поврзан со окултизам, треба да го фрлиме или да го уништиме. Во ова спаѓаат амајлии и други предмети што луѓето ги чуваат на некое место или ги носат за да се заштитат од злите духови. (Прочитај 1. Коринќаните 10:21.)
12. Кои прашања треба да си ги поставиме во врска со тоа каква забава избираме?
12 Внимателно размислувај каква забава избираш. Прашај се: „Дали читам книги, списанија или статии на интернет поврзани со окултизмот? А како е со песните што ги слушам, филмовите и телевизиските емисии што ги гледам, или видеоигрите што ги играм? Дали некоја од тие работи е поврзана со спиритизам? Дали во нив се прикажуваат вампири, зомбија или некои натприродни сили? Дали во нив магиите, клетвите или уроците се прикажани како безопасна забава?“ Се разбира, ако во некој вид забава се прикажува некаква фантазија или бајка, не значи дека тоа автоматски е поврзано со спиритизам. Кога размислуваш каква забава да избереш, биди решен да се чуваш од сѐ што Јехова мрази. Ние сакаме да дадеме сѐ од себе за да имаме чиста совест пред нашиот Бог (Дела 24:16).c
13. Што не треба да правиме?
13 Не раскажувај приказни за демоните. Во врска со ова, ние треба да го следиме примерот на Исус (1. Пет. 2:21). Пред да дојде на Земјата, Исус живеел на небото, и затоа знаел многу за Сатана и за демоните. Но не раскажувал приказни за тоа што направиле тие зли духови. Исус сакал да ги поучува луѓето за Јехова, а не за Сатана. Можеме да го следиме примерот на Исус така што нема да шириме приказни за демоните. Наместо тоа, со нашите зборови да покажеме дека вистината е длабоко всадена во нашето срце (Пс. 45:1).
14-15. а) Зошто не треба да се плашиме од злите духови? б) Што покажува дека Јехова ги штити своите слуги денес?
14 Не плаши се од злите духови. Во овој несовршен свет, на сите нас може да ни се случат лоши работи. Несреќите, болестите па дури и смртта можат неочекувано да нѐ погодат. Но не треба веднаш да помислиме дека злите духови ги предизвикуваат овие работи. Библијата јасно вели дека „времето и непредвидените настани го снаоѓаат секого“ (Проп. 9:11). Уште една причина зошто не треба да се плашиме од демоните е тоа што знаеме дека Јехова е многу помоќен од нив. На пример, тој не му дозволил на Сатана да го убие Јов (Јов 2:6). Во времето на Мојсеј, Јехова покажал дека е помоќен од египетските свештеници што се занимавале со магија (2. Мој. 8:18; 9:11). Подоцна на небото, Јехова му дал на Исус власт над Сатана и над демоните. Затоа Исус можел да ги исфрли од небото. А во блиска иднина, тие ќе бидат фрлени во бездната, каде што нема да можат никому да му наштетат (Отк. 12:9; 20:2, 3).
15 Постојат многу докази дека Јехова ги штити своите слуги денес. Размисли за следново: ние проповедаме низ целиот свет и ги поучуваме луѓето за вистината (Мат. 28:19, 20). На тој начин ги разоткриваме злобните дела на Ѓаволот. Без сомнение, доколку би можел, тој потполно би ја спречил нашата активност — но не може. Затоа не треба да се плашиме од злите духови. Знаеме дека „Јехова ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“ (2. Лет. 16:9). Ако сме му верни на Јехова, демоните не можат да ни нанесат трајна штета.
ПРИФАТИ ЈА ПОМОШТА ОД ЈЕХОВА И ЌЕ ДОБИЕШ МНОГУ БЛАГОСЛОВИ
16-17. Зошто ни треба храброст за да им се спротивставиме на злите духови? Наведи пример.
16 Ни треба храброст за да им се спротивставиме на злите духови, особено кога некои добронамерни роднини или пријатели ни вршат притисок да учествуваме во нешто што е поврзано со спиритизам. Но Јехова ги благословува оние што покажуваат таква храброст. Размисли за примерот на една сестра по име Ерика, која живее во Гана (Африка). Ерика почнала да ја проучува Библијата кога имала 21 година. Бидејќи татко ѝ бил свештеник што се занимавал со магија, од неа се очекувало да учествува во спиритистички обичај во кој требало да се јаде месо кое било жртвувано на духовите на починатите предци. Кога Ерика одбила, нејзините роднини сметале дека со тоа ги навредува духовите. Исто така, верувале дека тие ќе ги казнат со психички и физички болести.
17 Роднините на Ерика се обиделе да ја присилат да учествува во обичајот, но таа решително ги одбила иако поради тоа морала да си оди од дома. Некои Сведоци ја примиле во својот дом. На тој начин, Јехова ја благословил Ерика со ново семејство — соверници кои ѝ станале како родени браќа и сестри (Мар. 10:29, 30). Иако нејзините роднини се откажале од неа, па дури и ги изгореле нејзините работи, Ерика му останала верна на Јехова, се крстила и сега служи како општ пионер. Таа не се плаши од демоните. А во врска со нејзините роднини, Ерика вели: „Секој ден се молам да го запознаат нашиот милостив Бог Јехова и да ја почувствуваат слободата што ја имаат оние што му служат“.
18. Какви благослови добиваме кога имаме доверба во Јехова?
18 Нема секој од нас да доживее толку голем испит на својата вера. Но, секој од нас треба да им се спротивстави на злите духови и да има доверба во Јехова. Тоа ќе ни донесе многу благослови и ќе ни помогне да не бидеме заведени од лагите на Сатана. Освен тоа, нема да дозволиме стравот од демоните да нѐ спречи да му служиме на Јехова. И што е најважно, ќе го зајакнеме нашето пријателство со него. Во Библијата пишува: „Подложете му се на Бог, а спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас! Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам!“ (Јак. 4:7, 8).
ПЕСНА 150 Да го бараме Бог, нашиот моќен Спасител
a Јехова со љубов нѐ предупредува колку се опасни и колкава штета можат да нанесат злите духови. Како злите духови се обидуваат да ги заведат луѓето? Што можеме да направиме за да им се спротивставиме на злите духови? Во оваа статија ќе видиме како Јехова ни помага да се заштитиме од нивното влијание.
b ПОЈАСНУВАЊА: Во спиритизам спаѓаат верувања и постапки кои се поврзани со демоните. Во него е вклучено и верувањето дека духовите на мртвите продолжуваат да живеат, и дека можат да комуницираат со живите луѓе, особено преку посредник, односно медиум. Исто така, во спиритизам спаѓаат и гатањето и правењето магии. Во оваа статија, зборот магија се однесува на постапки поврзани со окултизмот, односно со натприродното. Меѓу другото, оние што се занимаваат со магија тврдат дека фрлаат и отстрануваат уроци или клетви. Но не е магија кога некој прави трикови со брзи движења на рацете, што некои обично го прават за забава.
c Старешините немаат право да поставуваат правила во врска со изборот на забава. Напротив, секој христијанин мора да ја користи својата библиски обликувана совест кога избира што ќе чита, што ќе гледа или какви видеоигри ќе игра. Мудрите семејни поглавари внимаваат членовите на нивното семејство да избираат забава што е во склад со библиските начела. (Види ја статијата „Дали Јеховините сведоци забрануваат одредени филмови, книги или песни?“ на jw.org®. Кликни на ЗА НАС > НАЈЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА.)
d ОПИС НА СЛИКАТА: Исус како моќен небесен цар предводи војска од ангели.