Чувај се од „гласот на странците“
„Странец никако нема да следат, туку ќе бегаат од него, зашто не го познаваат гласот на странците“ (ЈОВАН 10:5).
1, 2. а) Како реагира Марија кога Исус ѝ се обраќа по име, и која претходна изјава на Исус е илустрирана со овој настан? б) Што ни помага да останеме близу до Исус?
ВОСКРЕСНАТИОТ Исус ја гледа жената што стои близу до неговиот празен гроб. Добро ја познава. Тоа е Марија Магдалена. Речиси две години пред тоа, ја излекувал од опседнатост од демони. Оттогаш таа ги придружувала него и апостолите и се грижела за нивните секојдневни потреби (Лука 8:1—3). Меѓутоа, денес Марија плаче скршена од тага зашто видела како Исус умира, а сега дури и неговото тело го нема! Затоа Исус ја прашува: „Жено, зошто плачеш? Кого бараш?“ Мислејќи дека тоа е градинарот, таа одговара: „Господине, ако си го однел ти, кажи ми каде си го положил, и јас ќе го однесам“. Тогаш Исус ѝ вели: „Марија!“ Таа веднаш го препознава познатиот начин на кој ѝ се обраќа. „Учителе!“, радосно извикнува таа и го прегрнува (Јован 20:11—18).
2 Овој извештај на трогателен начин го илустрира она што Исус го кажал некое време пред тоа. Споредувајќи се себеси со пастир а своите следбеници со овци, тој вели дека пастирот ги вика своите овци по име, а тие го познаваат неговиот глас (Јован 10:3, 4, 14, 27, 28). Навистина, како што овцата го препознава својот пастир, така и Марија го препознала својот Пастир, Христос. Ова важи и за следбениците на Исус денес (Јован 10:16). Исто како што изострениот слух на овцата ѝ помага тесно да го следи својот пастир, така и нашата изострена духовна проникливост ни помага тесно да ги следиме стапките на нашиот Добар Пастир, Исус Христос (Јован 13:15; 1. Јованово 2:6; 5:20).
3. Кои се некои прашања што се наметнуваат од Исусовата илустрација за овчото трло?
3 Меѓутоа, според истата оваа илустрација, способноста на овцата да ги распознава човечките гласови не ѝ помага да ги препознае само пријателите туку и непријателите. Ова е многу важно зашто и ние имаме подли противници. Кои се тие? Како дејствуваат? Како можеме да се заштитиме? За да дознаеме, да разгледаме што друго кажува Исус во својата илустрација за овчото трло.
‚Кој не влегува низ вратата‘
4. Според илустрацијата за пастирот, кого следат а кого не следат овците?
4 Исус вели: „Оној кој влегува низ вратата е пастирот на овците. Нему вратарот му отвора, и овците го слушаат неговиот глас, и тој ги вика своите овци по име и ги изведува. А кога ќе ги изведе сите свои, оди пред нив, и овците го следат, бидејќи го познаваат неговиот глас. Странец никако нема да следат, туку ќе бегаат од него, зашто не го познаваат гласот на странците“ (Јован 10:2-5). Забележи, Исус го користи зборот „глас“ трипати. Двапати зборува за гласот на пастирот, но третиот пат укажува на „гласот на странците“. На каков странец се осврнува Исус?
5. Зошто не му искажуваме гостољубивост на странецот што е спомнат во Јован 10. поглавје?
5 Исус не зборува за некој странец на кого сакаме да му искажеме гостољубивост — збор што на оригиналниот библиски јазик значи „љубов кон странци“ (Евреите 13:2). Во илустрацијата на Исус странецот не е поканет гостин. Тој „не влегува во овчото трло низ вратата, туку се качува на некое друго место“. Тој е „крадец и пљачкаш“ (Јован 10:1). Кој е првиот поединец спомнат во Библијата што станал крадец и пљачкаш? Сатана Ѓаволот. Доказ за тоа наоѓаме во книгата Битие.
Кога за првпат бил слушнат гласот на некој странец
6, 7. Зошто Сатана може со право да биде наречен странец и крадец?
6 Во Битие 3:1—5 е опишано како за првпат на Земјата бил слушнат гласот на некој странец. Извештајот раскажува дека Сатана ѝ пристапил на првата жена, Ева, преку змија и зборувал со неа на измамлив начин. Точно, во овој извештај Сатана не е дословно наречен „странец“. Сепак, неговите постапки на многу начини покажуваат дека бил како странецот што е опишан во илустрацијата на Исус запишана во Јован 10. поглавје. Да разгледаме некои сличности.
7 Исус вели дека странецот им приоѓа на своите жртви во овчото трло на заобиколен начин. Слично на тоа, и Сатана ѝ пришол на својата жртва индиректно, користејќи змија. Овој подмолен пристап го разоткрива Сатана токму онаков каков што навистина е — подол натрапник. Понатаму, странецот во овчото трло има намера да му ги украде овците на законскиот сопственик. Всушност, тој е полош од крадец зашто има цел и „да заколе и да уништи“ (Јован 10:10). Слично на тоа, и Сатана е крадец. Со тоа што ја измамил Ева му ја украл на Бог нејзината лојалност. Освен тоа, Сатана им донел и смрт на луѓето. Според тоа, тој е убиец.
8. Како ги извртел Сатана зборовите и мотивите на Јехова?
8 Нечесноста на Сатана била очигледна и од начинот на кој ги извртел зборовите и мотивите на Јехова. „Вистина ли е дека Бог рекол, — не ќе јадете од ниедно дрво во градината?“, ја прашал Ева. Сатана се преправал дека е запрепастен, и како да велел: ‚Како може Бог да биде толку неразумен?‘ Понатаму додал: „Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете од него, ќе ви се отворат очите“. Забележи ги неговите зборови: „Бог знае“. Со други зборови, Сатана како да рекол: ‚Јас знам што знае Бог. Ги знам неговите мотиви, а тие се лоши‘ (Битие 2:16, 17; 3:1, 5). За жал, Ева и Адам не избегале од гласот на овој странец. Наместо тоа, го послушале и си нанеле маки себеси и на своето потомство (Римјаните 5:12, 14).
9. Зошто треба да очекуваме денес да се слуша гласот на странците?
9 Сатана користи слични методи за да го заведе Божјиот народ денес (Откровение 12:9). Тој е „татко на лагата“, и оние што, како него, се обидуваат да ги заведат Божјите слуги, се негови деца (Јован 8:44). Да видиме некои начини на коишто денес се слуша гласот на овие странци.
Како се слуша гласот на странците денес
10. Кој е еден начин на којшто се слуша гласот на странците?
10 Измамливо расудување. Апостол Павле вели: „Не давајте да ве одведат разни и туѓи учења“ (Евреите 13:9). Какви учења? Бидејќи можат ‚да нѐ одведат‘, очигледно е дека Павле укажува на учења што ја нарушуваат нашата духовна рамнотежа. Кој разгласува денес такви туѓи учења? На една група христијански старешини, Павле им рекол: „Од вас самите ќе станат луѓе кои ќе зборуваат искривени работи за да ги одвлечат учениците по себе“ (Дела 20:30). Навистина, денес, како и во времето на Павле, некои поединци што некогаш биле дел од христијанското собрание сега се обидуваат да ги заведат овците со тоа што зборуваат „искривени работи“ — полувистини и чисти лаги. Како што апостол Петар вели, тие користат „измамливи зборови“ — зборови што звучат вистинито, но кои всушност се безвредни како лажни пари (2. Петрово 2:3).
11. Како зборовите од 2. Петрово 2:1, 3 ги разоткриваат методите и целта на отпадниците?
11 Петар понатаму ги разоткрива методите на отпадниците кога вели дека тие „скришно ќе воведат погубни секти“ (2. Петрово 2:1, 3). Исто како што крадецот од илустрацијата на Исус не влегува во овчото трло „низ вратата, туку се качува на некое друго место“, така и отпадниците ни приоѓаат крадешкум (Галатите 2:4; Јуда 4). Која е нивната цел? Петар додава: „Ќе ве искористуваат“. Навистина, што и да кажат отпадниците за да се оправдаат, вистинската цел на натрапниците е ‚да украдат и да заколат и да уништат‘ (Јован 10:10). Чувај се од таквите странци!
12. а) Како може нашето друштво да нѐ изложи на гласот на странците? б) Каква сличност постои меѓу тактиките на Сатана и на денешните странци?
12 Штетно друштво. Гласот на странците може да се слушне и од оние со коишто се дружиме. Штетното друштво особено ги изложува на опасност младите (1. Коринќаните 15:33). Сети се, за своја мета Сатана ја избрал Ева — помладата и понеискусната од првата човечка двојка. Ја убедил дека Јехова претерано ја ограничува нејзината слобода, а всушност токму спротивното било вистина. Јехова ги сакал своите човечки творби и се грижел за нивното добро (Исаија 48:17). Слично и денес, странците се обидуваат да ве убедат, вас млади, дека вашите христијански родители претерано ја ограничуваат вашата слобода. Како можат таквите странци да влијаат врз тебе? Една млада христијанка признава: „Едно време соучениците ми ја ослабнаа верата во извесна мера. Постојано ми велеа дека мојата религија ограничува и дека не е разумна“. Сепак, вистината е дека твоите родители те сакаат. Затоа, кога соучениците ќе се обидат да те убедат да не им веруваш на твоите родители, немој да бидеш заведен како што била заведена Ева.
13. Каков мудар правец следел Давид, и кој е еден начин на кој можеме да го имитираме?
13 Во врска со штетното друштво, псалмистот Давид вели: „Јас не седам со нечесни луѓе и не се навраќам кај подмолните [оние што се прикриваат какви се, NW]“ (Псалм 26:4). Уште еднаш, дали ја забележуваш типичната карактеристика на странците? Тие се прикриваат какви се — исто како што Сатана го прикрил својот идентитет, користејќи змија. Денес, некои неморални луѓе го кријат својот идентитет и своите вистински намери користејќи го Интернет. На „чет“ линиите, перверзни возрасни лица можат да се претставуваат како младинци за да те намамат во својата стапица. Млади, ве молиме, бидете крајно претпазливи за да нѐ претрпите духовна штета (Псалм 119:101; Пословици 22:3).
14. Како медиумите понекогаш го разгласуваат гласот на странците?
14 Лажни обвиненија. Иако некои новински извештаи за Јеховините сведоци се чесни, понекогаш медиумите дозволуваат да бидат искористени за да го пренесат гласот на странците полн со предрасуди. На пример, во една земја, во еден новински извештај лажно било изјавено дека за време на Втората светска војна Сведоците го поддржувале режимот на Хитлер. Во друга земја, во еден извештај Сведоците биле обвинети дека ги уништуваат црквите. Во неколку земји медиумите ги обвиниле Сведоците дека одбиваат да им овозможат медицинско лекување на своите деца и дека намерно преминуваат преку сериозни гревови што ги извршиле нивни соверници (Матеј 10:22). И покрај тоа, искрените луѓе што лично нѐ познаваат признаваат дека таквите обвиненија се лажни.
15. Зошто не е мудро да веруваме во сѐ што се изнесува во медиумите?
15 Што треба да правиме ако се соочиме со обвиненија што ги шири гласот на таквите странци? Добро е да го земеме при срце советот од Пословици 14:15: „Глупавиот верува на секој збор, а умниот внимава на својот чекор“. Не е мудро да веруваме во сѐ што во медиумите се изнесува како вистина. Се разбира дека не сме недоверливи кон сите световни информации, но сепак сфаќаме дека „целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19).
„Испитувајте ги инспирираните изрази“
16. а) На кој начин однесувањето на дословните овци ја илустрира вистинитоста на Исусовите зборови од Јован 10:4? б) Што нѐ охрабрува Библијата да правиме?
16 Но, како можеме да бидеме сигурни дали си имаме работа со пријател или со непријател? Па, Исус вели дека овците го следат пастирот „бидејќи го познаваат неговиот глас“ (Јован 10:4). Она што ги тера овците да го следат пастирот не е неговиот изглед; тоа е неговиот глас. Една книга за библиските земји вели дека некој посетител некогаш тврдел дека овците го препознаваат својот пастир по облеката, а не по гласот. Еден пастир му рекол дека го препознаваат по гласот. За да го докаже тоа, си ја сменил облеката со туѓинецот. Облечен во облеката на пастирот, туѓинецот ги повикал овците, но тие не реагирале. Не го препознале неговиот глас. Сепак, кога ги повикал овчарот, иако преоблечен, овците веднаш дотрчале. Според тоа, некој може да изгледа како пастир, но за овците тоа не е доказ дека тој навистина е пастир. Всушност, овците го испитуваат гласот на оној кој ги повикува и го споредуваат со гласот на овчарот. Божјата реч ни вели и ние да го правиме истото — „испитувајте ги инспирираните изрази за да видите дали потекнуваат од Бог“ (1. Јованово 4:1; 2. Тимотеј 1:13). Што ќе ни помогне да го правиме тоа?
17. а) Како го запознаваме гласот на Јехова? б) Што ни помага да правиме спознанието за Јехова?
17 Се разбира, колку подобро го познаваме гласот, или пораката, на Јехова толку подобро ќе можеме да го препознаеме гласот на некој странец. Библијата ни објаснува како да стекнеме такво знаење. Таа вели: „Твоите уши ќе чујат слово како зборува зад тебе: ‚Тоа е патот, одете по него‘ “ (Исаија 30:21). Тоа „слово“ зад нас доаѓа од Божјата реч. Секојпат кога ја читаме Божјата реч, ние го слушаме, така да се каже, гласот на нашиот Голем Пастир, Јехова (Псалм 23:1). Според тоа, колку повеќе ја проучуваме Библијата толку попознат ни станува гласот на Бог. Ваквото темелно познавање, пак, од своја страна ќе ни помогне веднаш да го препознаеме гласот на странците (Галатите 1:8).
18. а) Што е вклучено во тоа да го познаваме гласот на Јехова? б) Според Матеј 17:5, зошто треба да бидеме послушни на Исусовиот глас?
18 Што уште е вклучено во тоа да го познаваме гласот на Јехова? Освен што ќе го чуеме, треба и да го послушаме. Погледни повторно во Исаија 30:21. Божјата реч вели: „Тоа е патот“. Да, преку проучување на Библијата ги слушаме упатствата од Јехова. Понатаму, тој ни заповеда: „Одете по него“. Јехова сака да постапуваме во склад со она што го слушаме. Според тоа, кога го применуваме она што го учиме, покажуваме дека не само што сме го чуле гласот на Јехова туку и дека сме го послушале (Второзаконие 28:1). Да се послуша гласот на Јехова значи да се послуша и гласот на Исус, зашто самиот Јехова ни рекол да го правиме тоа (Матеј 17:5). Што ни вели да правиме Исус, Добриот Пастир? Тој нѐ поучува да правиме ученици и да имаме доверба во „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45; 28:18—20). Тоа што ќе бидеме послушни на неговиот глас ќе значи вечен живот за нас (Дела 3:23).
„Ќе бегаат од него“
19. Како треба да реагираме на гласот на странците?
19 Тогаш, како треба да реагираме на гласот на странците? Исто како што реагираат и овците. Исус вели: „Странец никако нема да следат, туку ќе бегаат од него“ (Јован 10:5). Нашата реакција се состои од два дела. Прво, ‚никако нема да следиме‘ некој странец. Да, одлучно го отфрламе странецот. Всушност, во грчкиот јазик од Библијата, зборот „никако“ се користи за на најсилен начин да се изрази отфрлање (Матеј 24:35; Евреите 13:5). Второ, ‚ќе бегаме од него‘, или ќе му свртиме грб. Тоа е единствениот исправен начин на кој треба да реагираме на оние чиишто учења не се во склад со гласот на Добриот Пастир.
20. Како ќе реагираме кога ќе се соочиме со а) измамливи отпадници, б) штетно друштво, в) пристрасни медиумски извештаи?
20 Затоа, кога сме соочени со оние што разгласуваат отпаднички идеи, сакаме да го правиме она што го вели Божјата реч: „Да ги држите на око оние кои предизвикуваат поделби и кои предизвикуваат прилики за спрепнување, спротивно на учењето што сте го научиле, и избегнувајте ги“ (Римјаните 16:17; Тит 3:10). Исто така, христијанските младинци што се соочуваат со опасностите што ги носи штетното друштво сакаат да го применат советот што Павле му го дал на Тимотеј: „Бегај од желбите кои ѝ се својствени на младоста“. А кога сме соочени со лажни обвиненија во медиумите, да не го заборавиме советот што Павле понатаму му го дава на Тимотеј: „[Оние што го слушаат гласот на странците] ќе се свртат кон лажни прикаски. Ти, пак, биди трезвен во сѐ“ (2. Тимотеј 2:22; 4:3—5). Сеедно колку пријатно може да звучи гласот на странците, ние бегаме од сѐ што би можело да ни ја поткопа верата (Псалм 26:5; Пословици 7:5, 21; Откровение 18:2, 4).
21. Каква награда ги очекува оние што го отфрлаат гласот на странците?
21 Со тоа што го отфрлаат гласот на странците, христијаните што се помазани со дух се оѕвиваат на зборовите на Добриот Пастир запишани во Лука 12:32. Таму Исус им вели: „Не плаши се, мало стадо, зашто вашиот Татко нашол за добро да ви го даде царството“. Исто така, и ‚другите овци‘ желно очекуваат да ги чујат зборовите на Исус: „Дојдете, вие кои сте благословени од мојот Татко, наследете го царството кое е подготвено за вас од основањето на светот“ (Јован 10:16; Матеј 25:34). Колку само прекрасна награда нѐ очекува ако го отфрлиме „гласот на странците“!
Се сеќаваш ли?
• Зошто Сатана одговара на описот за странецот од илустрацијата на Исус за овчото трло?
• Како се слуша денес гласот на странците?
• Како можеме да го препознаеме гласот на странците?
• Како треба да реагираме на гласот на странците?
[Слика на страница 15]
Марија го препознала Исус
[Слика на страница 16]
Странецот индиректно им приоѓа на овците
[Слика на страница 18]
Како реагираме на гласот на странците?