9. поглавје
Дали навистина постои пекол?
1. Што научуваат многу религии за пеколот?
МИЛИОНИ луѓе се поучени од своите религии дека пеколот е место каде што мртвите се мачат. Според Encyclopœdia Britannica, ”Римокатоличката црква научува дека пеколот е (...) вечен; маките во него ќе немаат крај.“ Оваа католичка наука, како што натаму пишува во оваа енциклопедија, сѐ уште ја ”застапуваат многу конзервативни протестантски групи“. Хиндусите, будистите и муслиманите веруваат дека пеколот е место на маки. Не е ни чудно што луѓето кои се поучувани така, често велат дека штом пеколот е толку лошо место, тогаш не сакаат да разговараат за него.
2. Што мислел Бог за спалувањето на деца во оган?
2 Затоа се поставува прашањето: Дали Семоќниот Бог е тој кој создал такво место на маки? Каков бил Божјиот став кога Израелците, следејќи го примерот на околните народи, почнале да ги фрлаат своите деца в оган? Тој изјавил во својата Реч: ”Му изградија висини на Тофет, кој е во долината на синот Хиномов, да ги спалуваат во оган своите синови и своите ќерки, нешто кое јас не сум го заповедал ниту ми дошло во моето срце“ (Еремија 7:31, NW).
3. Зошто е неразумно и небиблиски да се мисли дека Бог ги мачи луѓето?
3 Размисли за ова. Ако идејата да се фрлаат луѓе во оган никогаш не дошла во Божјето срце, дали ти изгледа разумно да се верува дека тој создал огнен пекол за оние кои не му служат? Библијата вели: ”Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Дали Богот на љубовта навистина вечно би ги мачел луѓето? Дали ти би го сторил тоа? Знаејќи дека Бог е љубов, треба да се обратиме кон неговата Реч за да утврдиме што е пекол, кој оди таму и колку долго останува во него?
ШЕОЛ И ХАДЕС
4. (а) Кој хебрејски и кој грчки збор се преведени со ”пекол“? (б) Како е преведен зборот шеол во нашите преводи на Библијата?
4 Во Webster’s Dictionary пишува дека англискиот збор ”пекол“ е ист со хебрејскот збор шеол и грчкиот збор хадес. Во германските Библии за пекол се употребува зборот хеле. На португалски се употребува зборот инферно, на шпански инфиерно, а на француски енфер. Преводот на Библијата од Лутер (и нашиот превод Бакотиќ) зборот шеол го преведуваат 29 пати со ”мртви“, 17 пати со ”царство на мртвите“, 14 пати со ”смрт“, 2 пати со ”подземје“ и неколку пати со ”пекол“ или со ”под земја“ и ”најдлабока длабочина“. Во Христијанските грчки списи (обично се нарекуваат ”Нов завет“), Караџиќ сите 10 места, каде што се појавува зборот шеол, ги превел со пекол (Матеј 11:23; 16:18; Лука 10:15; 16:23; Дела на апостолите 2:27, 31; Откровение 1:18; 6:8; 20:13, 14).
5. Кои прашања се поставуваат за шеолот и хадесот?
5 Овде се појавува прашањето: Какво место е шеолот или хадесот? Фактот дека хебрејскиот збор шеол е преведен на повеќе начини покажува дека ”пекол“, ”царство на мртвите“, ”подземје“ и ”најдлабока длабочина“ имаат исто значење. И ако пеколот значи општ гроб на човештвото, не може истовремено да значи и место на маки. Значи, дали шеол или хадес значат гроб или место на маки?
6. (а) Како Библијата покажува дека шеолот и хадесот имаат исто значење? (б) Што е покажано со фактот дека и Исус бил во хадес?
6 Пред да одговориме на ова прашање, треба јасно да ставиме на знаење дека хебрејскиот збор шеол и грчкиот збор хадес имаат исто значење. Тоа може да се утврди со споредување на Псалми 16:10 (Ба) во Хебрејските списи, со Дела на апостолите 2:31 (Ба) во Грчките списи. Двата стиха се отпечатени на следнава страница. Забележи дека хадес се појавува во Дела на апостолите 2:31 (Ба) каде што се цитира Псалми 16:10 (Ба), во кој се појавува зборот шеол. Забележи уште дека Христос бил во хадесот или пеколот. Зар ќе веруваме дека Бог го мачел Христос во пеколот? Сигурно не! Исус едноставно бил в гроб.
7, 8. Како она што е речено за Јаков, неговиот син Јосиф и Јов, докажува дека шеолот не е место на маки?
7 Кога Јаков жалел по својот љубен син Јосиф, за кого мислел дека е убиен, рекол: ”Тагувајќи ќе слезам кај мојот син во шеолот!“ (1. Мојсеева 37:35, NW). Меѓутоа, во преводот Даничиќ–Караџиќ зборот на тоа место е преведен со ”гроб“, а во англискиот превод Douay со ”пекол“. Сега, размисли малку. Дали Јаков верувал дека неговиот син Јосиф отишол во место на маки за да таму остане вечно и дали Јаков сакал да отиде таму и да го сретне? Или Јаков само мислел дека и тој сака да умре затоа што неговиот сакан син умрел и се наоѓал в гроб?
8 Да, добрите луѓе одат во библискиот пекол. На пример, добриот човек Јов кој многу страдал, му се молел на Бог: ”О да сакаш да ме скриеш во шеолот [гроб, според преводот Даничиќ–Караџиќ; пекол, според Douay Version]“, (Јов 14:13). А сега размисли: Дали Јов би сакал да оди во шеолот и таму да остане додека Бог не се сети на него ако шеолот би значел место на оган и маки? Очигледно е дека Јов сакал да умре и да оди во гроб што би значело крај на неговите маки.
9. (а) Во каква состојба се наоѓаат мртвите во шеолот? (б) Што се шеолот и хадесот?
9 На ниедно место во Библијата зборот шеол не се поврзува со живот, активност или мачење, туку често се поврзува со смрт и неактивност. На пример, помисли на стихот од Проповедник 9:10 (NW), каде што пишува: ”Сѐ што ќе ти дојде при рака, прави го со сета своја сила, зашто нема работа, ни планирање, ни спознание, ни мудрост во шеолот [гробот, Даничиќ–Караџиќ; пекол — Douay] местото во кое одиш.“ Одговорот е јасен. Шеол или хадес не означуваат место на маки, туку општиот гроб на човештвото (Псалми 139:8). Како добрите така и лошите луѓе одат во библискиот пекол.
ДА СЕ ИЗЛЕЗЕ ОД ПЕКОЛОТ
10, 11. Зошто Јона рекол дека бил во шеолот или ”пеколот“ додека бил во утробата на рибата?
10 Можат ли луѓето да излезат од пеколот? Да го разгледаме случајот на Јона. Кога Бог предизвикал голема риба да го проголта Јона за да не се удави, Јона се молел од утробата на рибата: ”Во мојата неволја повикав кон Јехова, и тој ми одговори. Од утробата на шеолот [гробот — Даничиќ–Караџиќ; пеколот — Douay, 2:3] повикав за помош. Ти го слушна мојот глас“ (Јона 2:2, NW).
11 Што мислел Јона кога рекол ”од утробата на шеолот“? Сигурно утробата на рибата не е место на огнени маки. Но, можела да биде и Јонин гроб. Всушност, Исус рекол за себе: ”Зашто, како што Јона беше три дена и три ноќи во утробата на огромната риба, така Синот човечки ќе биде три дена и три ноќи во срцето на Земјата“ (Матеј 12:40, NW).
12. (а) Каков доказ имаме дека мртвите можат да излезат од ”пеколот“ (шеолот или хадесот)? (б) Каков друг доказ имаме дека ”пекол“ значи гроб?
12 Исус бил три дена мртов в гроб. Но, Библијата известува: ”дека тој нема да биде оставен во пеколот (...) Овој Исус го воскресна Бог “ (Дела на апостолите 2:31, 32, NW). Слично и Јона, на Јеховина заповед, излегол од пеколот (шеолот) односно од утробата на рибата која можела да биде и негов гроб. Тоа се случило кога рибата го повратила на копно. Да, луѓето можат да излезат од пеколот! Всушност, ветувањето кое ги закрепнува срцата е дека мртвите ќе излезат од пеколот (хадесот). Ова ветување можеме да го најдеме во Откровение 20:13 каде што читаме: ”И морето ги даде своите мртовци; и смртта и пеколот [хадесот] ги дадоа своите мртовци; и суд примија според своите дела“ (ДК).
ГЕХЕНА И ОГНЕНОТО ЕЗЕРО
13. Кој друг грчки збор, кој 12 пати се појавува во Библијата, е преведен со ”пекол“ или ”огнен пекол“?
13 Но, тука некој може да приговори: Библијата зборува за огнен пекол и огнено езеро. Зарем ова сепак не укажува дека пеколот е место на маки? Точно е дека во некои преводи на Библијата, како во нашиот превод Даничиќ–Караџиќ, се споменува ’огнен пекол‘ и говори дека луѓето ”ќе влезат во пекол, во вечен оган“, (Матеј 5:22, ДК; Марко 9:45). Во Христијанските грчки списи има вкупно 12 стихови каде што во Лутеровата Библија (а слично е и со преводот Даничиќ–Караџиќ) грчкиот збор гехена е преведен со ”пекол“ или ”огнен пекол“. Дали гехената навистина е место на огнени маки, додека хадес, преведен со ”пекол“, значи само гроб?
14. Што е гехена, и што се правело таму?
14 Очигледно е дека хебрејскиот збор шеол и грчкиот збор хадес значат гроб. Што значи зборот гехена? Во Хебрејските списи, гехена е ”долината Хином“. Да се потсетиме, Хином било името на долината надвор од ѕидините на Ерусалим каде што Израелците ги спалувале своите деца на жртва. Добриот крал Јосија ја нашол за неприкладна оваа долина за тој ужасен обичај (2. Царевите 23:10). Била претворена во огромна депонија за ѓубре.
15. (а) За која цел била употребувана гехената во деновите на Исус? (б) Што никогаш не било фрлано таму?
15 Во времето кога Исус живеел на Земјата, гехената била ѓубриште на Ерусалим. Се додавало сулфур за да се одржи огнот и да изгорат отпадоците. Во делото Smith’s Dictionary of the Bible (Библиски речник од Смит) 1. том, читаме: ”Тоа било општо градско ѓубриште каде што биле фрлани телата на злосторниците и на животни како и секакво друго ѓубре.“ Меѓутоа, таму не биле фрлале живи суштества.
16. Кој доказ постои дека Исус ја употребил гехената како симбол за вечно уништување?
16 Жителите на Ерусалим, знаејќи за ова ѓубриште, разбрале што мислел Исус кога на злобните религиозни водачи им рекол: ”Змии, породи, аспидини, како ќе побегнете од осудата на гехена?“ (Матеј 23:33, NW). Исус сигурно не мислел дека тие религиозни водачи ќе бидат мачени. Сети се, кога Израелците ги спалувале своите деца живи в оган, Бог рекол дека такво ужасно нешто никогаш не му дошло в срце! Исус ја употребил гехената како соодветен симбол за потполно и вечно уништување. Тој мислел дека тие злобни религиозни водачи не се достојни за воскресение. Неговите слушатели можеле да разберат дека оние кои одат во гехена ќе бидат засекогаш уништени слично како ѓубре.
17. Што е ”огненото езеро“, и кој доказ постои за тоа?
17 Што е ”огненото езеро“ кое се споменува во Откровение? Тоа има слично значење како гехената; тоа не значи мачење при свест, туку вечна смрт или уништување. Забележи што вели Библијата за тоа во Откровение 20:14: ”И смртта и хадесот [пеколот — Даничиќ–Караџиќ] беа фрлени во огненото езеро. Ова значи втората смрт — огненото езеро“ (NW). Да, огненото езеро значи ”втора смрт“, смрт од која нема воскресение. Очевидно е дека тоа ”езеро“ е симболично, бидејќи смртта и пеколот (хадесот) се фрлаат во него. Смртта и пеколот не можат дословно да бидат спалени. Но, тие можат и ќе бидат отстранети или уништени.
18. Што е мислено со тоа дека Ѓаволот засекогаш ќе биде мачен во ”огнено езеро“?
18 Некој може да приговори: ”Но, во Библијата пишува дека Ѓаволот ќе биде вечно мачен во огнено езеро“ (Откровение 20:10). Што значи тоа? Во Исусовото време затворските чувари понекогаш биле нарекувани ”мачители“. Во една од своите споредби Исус говорел за некој човек: ”И се разгневи господарот негов, и го предаде на мачителите додека не го плати целиот свој долг“ (Матеј 18:34, ДК). Оние кои се фрлени во ”огненото езеро“, одат во ”втора смрт“ од која нема враќање, односно воскресение, и затоа, така да се рече, засекогаш се затворени во смртта. Остануваат засекогаш мртви како да се под надзор на затворските чувари. Секако дека злите не се мачат дословно, бидејќи, како што видовме, кога некој е мртов, тој воопшто не постои. Тој не е свесен за ништо.
БОГАТАШОТ И ЛАЗАР
19. Како знаеме дека Исусовите зборови за богаташот и Лазар се само споредба?
19 Што мислел Исус кога рекол во својата споредба: ”А кога умре сиромашниот, ангелите го однесоа во прегратката на Аврам; а умре и богатиот, и го закопаа, и во пеколот [хадесот] кога беше на маки ги крена очите свои и го здогледа оддалеку Аврам и Лазар во неговата прегратка“? (Лука 16:19–31, ДК). Овде очигледно станува збор за споредба или приказна, затоа што хадесот се однесува на гробот на човештвото, а не на некое место за маки. Следниве мисли докажуваат дека станува збор за споредба, а не за дословен извештај: Дали пеколот е буквално толку блиску до небото што оној кој во пеколот би можел да разговара со некој кој е на небото? И ако богаташот се наоѓал во дословно огнено езеро, тогаш како би можел Аврам да го испрати таму Лазар само со една капка вода на врвот од прстот да му го разлади јазикот на богаташот? Тогаш, што сакал Исус да прикаже со тоа?
20. Што претставуваат во оваа споредба (а) богаташот, (б) Лазар, (в) смртта на обајцата, (г) маките на богаташот?
20 Богаташот ги симболизира горделивите религиозни водачи кои го отфрлиле Исус и подоцна го убиле. Лазар го симболизира обичниот народ кој го прифатил Божјиот син. Смртта на богаташот и на Лазар ја претставува промената на нивната состојба. Таа промена настанала кога Исус почнал духовно да ги храни запоставените луѓе слични на Лазар, така што дошле во милоста на поголемиот Аврам, Јехова Бог. Истовремено водачите на лажната религија ”умреле“ во однос на Божјата милост. Како отфрлени, трпеле маки кога Христовите следбеници ги откривале нивните зли дела (Дела на апостолите 7:51–57). Според тоа, оваа споредба не учи дека некои мртви се мачат во дословно огнено езеро.
НАУКИ ИНСПИРИРАНИ ОД ЃАВОЛОТ
21. (а) Кои лаги ги раширил Ѓаволот? (б) Зошто можеме да бидеме сигурни дека науката за чистилиштето е лажна наука?
21 Ѓаволот ѝ рекол на Ева: ”Вие сигурно нема да умрете“ (1. Мојсеева 3:4, NW; Откровение 12:9). Сепак, таа умрела. Ниеден дел од неа не продолжил да живее. Учењето дека душата живее после смртта е лага која потекнува од Ѓаволот. Верувањата дека душите на злите се мачат во пекол или во чистилиште се исто така лага којашто ја проширил Ѓаволот. Библијата јасно покажува дека мртвите се без свест, затоа тие науки не можат да бидат вистинити. Во Библијата не можеме да најдеме збор ”чистилиште“, нити какво и да било укажување на чистилиште.
22. (а) Што научивме од ова поглавје? (б) Како влијае на тебе ова сознание?
22 Видовме дека пеколот (шеолот или хадесот) се место на почивка и надеж за мртвите. Таму одат и добрите и злите, сѐ додека не воскреснат. Исто така научивме дека гехената не е место на маки, туку Библијата неа ја употребува како симбол на вечно уништување. Исто така и ”огненото езеро“ не е дословно огнено место, туку претставува ”втора смрт“ од која нема воскресение. Тоа не може да биде место на маки, зашто што таква мисла никогаш не му дошла во мислите и срцето на Бог. Освен тоа, неправедно е некој вечно да биде мачен затоа што само неколку години грешел на Земјата. Колку е добро да се знае вистината за мртвите! Таа може секого да го ослободи од стравот и суеверието (Јован 8:32).
[Рамка на страница 83]
Хебрејскиот збор ”шеол“ и грчкиот збор ”хадес“ имаат исто значење
Превод д-р Лујо Бакотић
[Слика на страници 84 и 85]
Зошто Јона, откако рибата го проголтала, рекол: ’Од утробата пеколна повикав‘?
[Слика на страница 86]
Гехена била долина надвор од Ерусалим. Била употребена како симбол за вечна смрт