ДВАЕСЕТ И ПЕТТО ПОГЛАВЈЕ
„Ќе се жалам пред цезарот!“
Павле ни дава пример како да ја браниме добрата вест
Се темели на Дела 25:1 — 26:32
1, 2. а) Во каква ситуација се нашол Павле? б) Кое прашање се поставува во врска со жалбата на Павле до цезарот?
ПАВЛЕ сѐ уште се наоѓа под засилен надзор во Цезареја. Кога пред две години се вратил во Јудеја, за неколку дена Евреите се обиделе да го убијат најмалку трипати (Дела 21:27-36; 23:10, 12-15, 27). Досега, неговите непријатели не успеале во тоа, но не се откажуваат од својата намера. Кога сфаќа дека сѐ уште постои опасност да им падне в раце, Павле му вели на римскиот управител Фест: „Ќе се жалам пред цезарот!“ (Дела 25:11).
2 Дали Јехова ја поддржал одлуката на Павле да се жали пред императорот во Рим? Одговорот на ова прашање е важен за нас бидејќи ние темелно сведочиме за Божјето Царство во ова време на крајот. Затоа треба да знаеме дали да се угледаме на Павле „во одбраната и во законското потврдување на правото да се проповеда добрата вест“ (Фил. 1:7).
„Стојам пред... судиска столица“ (Дела 25:1-12)
3, 4. а) Што се криело зад барањето на Евреите да го доведат Павле во Ерусалим, и како тој се спасил од сигурна смрт? б) Како Јехова им помага на своите денешни слуги да издржат, исто како што му помагал на Павле?
3 Три дена откако стапил во служба, Фест, новиот римски управител на Јудеја, заминал за Ерусалим.a Таму ги сослушал главните свештеници и водечките Евреи кои го обвиниле Павле за тешки злодела. Тие знаеле дека новиот управител е под притисок да биде во мирољубиви односи со нив и со сите Евреи. Затоа го замолиле Фест за услуга — да го доведе Павле во Ерусалим и да му суди таму. Но, зад ова барање се криела подла намера. Овие непријатели сковале план да го убијат Павле по патот од Цезареја до Ерусалим. Меѓутоа, Фест ги одбил, велејќи: „Водечките луѓе меѓу вас... нека појдат со мене [во Цезареја] и нека го тужат, ако е тој човек виновен за нешто“ (Дела 25:5). Така Павле уште еднаш се спасил од сигурна смрт.
4 Јехова му помагал на Павле преку Господарот Исус Христос во сите негови неволји. Ако се сеќаваш, Исус во видение му рекол на својот апостол: „Биди храбар!“ (Дела 23:11). И денес Божјите слуги се соочуваат со пречки и со закани. Јехова не нѐ штити од сите тешкотии, но ни дава мудрост и сила да издржиме. Секогаш можеме да се потпреме на силата „која ја надминува нормалната“, што нашиот Бог со љубов ни ја дава (2. Кор. 4:7).
5. Како постапил Фест со Павле?
5 По неколку дена, Фест седнал на „судиската столица“ во Цезареја.b Пред него застанале Павле и неговите обвинители. Во врска со нивните неосновани обвиненија, Павле рекол: „Не сум згрешил ниту против еврејскиот Закон, ниту против храмот, ниту против цезарот“. Апостолот бил невин и заслужувал да биде ослободен. Но, што одлучил Фест? Со желба да ја стекне наклоноста на Евреите, тој го прашал Павле: „Сакаш ли да одиш во Ерусалим за таму да ти се суди за тоа пред мене?“ (Дела 25:6-9). Колку бесмислен предлог! Ако Павле бил испратен на судење во Ерусалим, неговите обвинители ќе станеле негови судии и сигурно ќе го осуделе на смрт. Во овој случај, на Фест му било поважно да игра на политичка карта, наместо да пресуди праведно. Еден управител пред него, Понтиј Пилат, постапил слично кога требало да му пресуди на еден уште поважен затвореник (Јован 19:12-16). И некои денешни судии можеби ќе попуштат на притисокот од политичките кругови. Затоа, не треба да бидеме изненадени кога судовите донесуваат неправедни пресуди во случаи во кои е вклучен Божјиот народ.
6, 7. Зошто Павле побарал да се жали пред цезарот, и каков пример дал со тоа за денешните христијани?
6 Желбата на Фест да им угоди на Евреите можела да го доведе Павле во смртна опасност. Затоа Павле искористил едно право што го имал како римски граѓанин. Тој му рекол на Фест: „Стојам пред цезаревата судиска столица, овде треба да ми се суди. Ништо не сум им згрешил на Евреите, како што и самиот добро гледаш... Ќе се жалам пред цезарот!“ Кога некој ќе побарал да го изнесе својот случај пред цезарот, таквата молба обично била неотповиклива. Фест го нагласил ова кога рекол: „Ако сакаш да се жалиш пред цезарот, ќе одиш пред цезарот!“ (Дела 25:10-12). Со тоа што побарал да биде сослушан од повисок суд, Павле им дал пример на вистинските христијани денес. Кога противниците се обидуваат да создадат „проблеми со помош на законот“, Јеховините сведоци користат законски средства за да ја бранат добрата вестc (Пс. 94:20).
7 И така, откако одлежал две години затвор за злодела што не ги направил, на Павле му била дадена можност да го изнесе својот случај во Рим. Но, пред да замине за Рим, уште еден владетел сакал да го види.
„Не... бев непослушен“ (Дела 25:13 — 26:23)
8, 9. Зошто царот Агрипа дошол во Цезареја?
8 Неколку дена откако Павле му кажал на Фест дека сака да се жали пред цезарот, царот Агрипа и неговата сестра Верника дошле „да го поздрават“ новиот управител.d Во времето на Римјаните, било обичај владетелите да ги посетат и да ги поздрават новите управители. Со тоа што му ја честитал новата служба на Фест, Агрипа сигурно се обидел да ги зацврсти политичките врски и да склопи пријателство кое би можело да му користи во иднина (Дела 25:13).
9 Фест му кажал на царот за Павле, и Агрипа изразил желба да го сослуша. Следниот ден, Павле бил изведен пред овие двајца владетели. Иако раскошот со кој тие сакале да ја истакнат својата власт навистина бил впечатлив, зборовите што тој ден им ги кажал затвореникот биле уште повпечатливи (Дела 25:22-27).
10, 11. Како Павле покажал почит кон Агрипа, и какви детали од своето минато му раскажал на царот?
10 Павле со почит му се заблагодарил на царот Агрипа што му дал можност да се брани пред него, особено затоа што царот добро ги познавал сите обичаи, како и расправиите меѓу Евреите. Потоа Павле почнал да раскажува како живеел во минатото: „Живеев како фарисеј според најстрогата секта на нашата вера“ (Дела 26:5). Како фарисеј, Павле го очекувал доаѓањето на Месијата. Сега, како христијанин, тој смело објавувал дека Исус Христос е тој што толку долго го очекувале. Но, причината зошто бил изведен на суд тој ден била истата работа во која верувале и тој и неговите обвинители — имено, надежта дека Бог ќе го исполни ветувањето што им го дал на нивните прататковци. По ова објаснување, Агрипа бил уште позаинтересиран да слушне што имал да каже Павле.e
11 Осврнувајќи се на времето кога дрско ги прогонувал христијаните, Павле рекол: „Јас некогаш мислев дека треба со сите сили да се борам против името на Исус Назареќанецот... И бев толку бесен на [следбениците на Христос] што ги прогонував дури и во оддалечените градови“ (Дела 26:9-11). Ова не било преувеличување. На мнозина им било познато колку бездушно постапувал Павле со христијаните (Гал. 1:13, 23). Можеби во тој момент Агрипа се прашувал: „Што ли го променило овој човек?“
12, 13. а) Како Павле го опишал своето преобраќање? б) Во која смисла Павле му се противел на остенот?
12 Следните зборови на Павле му го дале одговорот: „Додека... патував за Дамаск, со овластување и со налог од главните свештеници, напладне видов на патот, царе, како мене и оние што патуваа со мене нѐ осветли од небото светлина посјајна од сонцето. Кога сите испопаѓавме наземи, чув глас како ми зборува на хебрејски јазик: ’Савле, Савле, зошто ме прогонуваш? Тешко ти е да му се противиш на остенот!‘ А јас одговорив: ’Кој си ти, Господару?‘ Господарот рече: ’Јас сум Исус, кого ти го прогонуваш‘“f (Дела 26:12-15).
13 Пред да го добие ова видение од Бог, Павле, во симболична смисла, му се противел на остенот. Исто како што едно добиче ќе се повреди ако непотребно се опира на остриот врв на остенот, така Павле се повредил во духовен поглед со тоа што ѝ се противел на Божјата волја. Кога му се појавил на патот кон Дамаск, воскреснатиот Исус го навел овој искрен, но очигледно погрешно упатен човек да го смени своето размислување (Јован 16:1, 2).
14, 15. Што рекол Павле во врска со промените што ги направил во животот?
14 Павле навистина се променил од корен. Обраќајќи му се на Агрипа, тој рекол: „Не му бев непослушен на небесното видение, туку најпрво на оние во Дамаск, а потоа и на оние во Ерусалим и по целата земја Јудеја и на незнабошците им ја донесував пораката да се покаат и да се преобратат кон Бог, правејќи дела кои одговараат на покајанието“ (Дела 26:19, 20). Со години, Павле ја извршувал задачата што Исус Христос му ја дал во тоа видение. Со какви резултати? Оние што ја прифатиле добрата вест која ја проповедал Павле се покајале за своето неморално и нечесно однесување и почнале да му служат на Бог. Таквите лица станале добри граѓани, кои го почитувале законот и придонесувале за редот и мирот.
15 Но, овие позитивни промени кај луѓето не им значеле ништо на Евреите кои му се противеле на Павле. Тој рекол: „Поради тоа Евреите ме фатија во храмот и се обидоа да ме убијат. Но, бидејќи добив помош од Бог, до ден-денес им сведочам и на мали и на големи“ (Дела 26:21, 22).
16. Како можеме да го користиме пристапот на Павле кога зборуваме со судии или со владетели за нашите верувања?
16 Како вистински христијани, ние треба секогаш да бидеме „спремни за одбрана“ на нашата вера (1. Пет. 3:15). Доколку некогаш имаме можност да зборуваме со судии или со владетели за нашите верувања, добро е да го имаме истиот пристап што го имал Павле кога зборувал со Агрипа и со Фест. Можеби ќе го омекнеме ставот на таквите високи службеници ако со почит им кажеме како библиската вистина ги менува луѓето на подобро — нѐ сменила нас, а ги менува и оние што ја прифаќаат нашата порака.
„Ќе ме убедиш да станам христијанин!“ (Дела 26:24-32)
17. Како реагирал Фест на одбраната на Павле, и каков сличен став може да се сретне и денес?
17 Двајцата владетели не можеле да останат рамнодушни додека го слушале уверливото сведоштво на Павле. Забележи што се случило: „Додека [Павле] така зборуваше во своја одбрана, Фест извика: ’Полудуваш, Павле! Големата ученост те доведува до лудило!‘“ (Дела 26:24). Реакцијата на Фест открива еден став што може да се сретне и денес. За многу луѓе, оние што ги поучуваат другите за библиските вистини се фанатици. На „мудреците“ од овој свет честопати им е тешко да го прифатат библиското учење за воскресението на мртвите.
18. Како Павле му одговорил на Фест, и што му рекол Агрипа на тоа?
18 Но, Павле знаел што да му одговори на управителот: „Не полудувам, возвишен Фесте, туку кажувам зборови на вистината и на здравиот разум. Царот, кому слободно му се обраќам, знае за сето тоа... Им веруваш ли, царе Агрипа, на Пророците? Знам дека им веруваш!“ А Агрипа му одговорил: „Уште малку, па ќе ме убедиш да станам христијанин!“ (Дела 26:25-28). Овие зборови, сеедно дали биле искрени или не, покажуваат дека сведоштвото на Павле оставило длабок впечаток врз царот.
19. Каков заклучок донеле Фест и Агрипа во врска со Павле?
19 Тогаш Агрипа и Фест станале, и тоа било знак дека разговорот е завршен. Додека заминувале, меѓусебно си велеле: „Овој човек не прави ништо со кое би заслужил смрт или окови“. Освен тоа, Агрипа му рекол на Фест: „Овој човек би можел да биде пуштен да не посакаше да се жали пред цезарот“ (Дела 26:31, 32). Тие знаеле дека пред нив стоел невин човек. Можеби оттогаш натаму имале подобро мислење и попозитивен став кон христијаните.
20. Кои биле резултатите од тоа што Павле им сведочел на високи службеници?
20 Се чини дека ниту еден од моќните владетели спомнати во овој извештај не ја прифатил добрата вест за Божјето Царство. Дали било мудро што Павле излегол да зборува пред нив? Одговорот е да. Со тоа што бил изведен „пред цареви и управители“ во Јудеја, им било дадено сведоштво на римски службеници до кои не можело да се дојде на друг начин (Лука 21:12, 13). Освен тоа, верноста на Павле и сето она што го доживеал ги охрабрило неговите соверници (Фил. 1:12-14).
21. Какви добри резултати можеби ќе постигнеме ако продолжиме да сведочиме за Царството?
21 Истото важи и денес. Ако продолжиме да сведочиме за Царството, и покрај испитите и противењето, веројатно ќе постигнеме повеќе добри резултати. Можеби ќе им посведочиме на владини службеници кои инаку не би ги сретнале. Освен тоа, ако сме верни и истрајни, можеме да ги охрабриме нашите браќа и сестри и да ги поттикнеме да бидат уште посмели додека темелно сведочат за Божјето Царство.
a Види ја рамката „Римскиот управител Порциј Фест“.
b „Судиската столица“ била поставена на еден подиум. Се сметало дека таа подигната положба на столицата им дава уште поголема тежина и полноважност на одлуките на оној што судел. Пилат седел на судиска столица кога ги разгледувал обвиненијата против Исус.
c Види ја рамката „Жалби до виши судови во нашево време“.
d Види ја рамката „Царот Ирод Агрипа II“.
e Кога станал христијанин, Павле го прифатил Исус како Месија. Евреите, кои го отфрлиле Исус, го сметале Павле за отпадник (Дела 21:21, 27, 28).
f Во врска со тоа дека Павле патувал напладне, еден библиски изучувач вели: „Секој патник би застанал да се одмори за време на пладневната жега, освен ако навистина очајно не брзал да стигне некаде. Одовде гледаме колку цврсто бил решен Павле да ги прогонува [христијаните]“.