Да се трча трката со истрајност
”Да ја трчаме со истрајност трката која е поставена пред нас“ (ХЕБРЕИТЕ 12:1, NW).
1. (а) Што се поставува пред нас кога на Јехова му се предаваме? (б) За каков вид трка мора да се подготви христијанинот?
КОГА сме се предале на Јехова Бог преку Исус Христос, Бог, симболички речено, поставил пред нас трка. На крајот од трката ќе им биде доделена награда на сите оние кои успешно ќе ја завршат. Каква награда? Вечен живот! За да се добие таа величествена награда, христијанскиот тркач треба да биде подготвен, не само за брз спринт на кратка патека, туку и за трка на долга патека. Затоа ќе му биде потребна истрајност. Ќе мора да истрае и во долготрајниот напор на самата трка и во препреките кои се јавуваат во текот на трката.
2, 3. (а) Што ќе ни помогне да ја истрчаме христијанската трка до крајот? (б) Како радоста му помогнала на Исус да ја истрча трката со истрајност?
2 Што ќе ни помогне да истрчаме таква трка до крајот? Па, што му помогнало на Исус да истрае додека живеел како човек на Земјата? Тој извлекувал внатрешна сила од особината радост. Во Хебреите 12:1-3, (NW) стои: ”Затоа, тогаш, бидејќи околу себе имаме толкав облак сведоци, да го отфрлиме секој товар и гревот кој лесно нѐ заплеткува, и истрајно да ја трчаме трката која е поставена пред нас, додека внимателно гледаме на Главниот Посредник и Усовршител на нашата вера, Исус. Заради радоста која беше поставена пред него, тој претрпе маченички столб, презирајќи го срамот, и седна оддесно на Божјиот престол. Да, добро набљудувајте го оној кој поднесе такви противнички зборови од грешниците, на штета на нивните сопствени интереси, за да не се уморите и да не папсате во вашите души“.
3 Во текот на целата своја јавна служба, Исус можел да ја трча трката поради радоста од Јехова. (Спореди Неемија 8:10.) Неговата радост му помогнала да издржи дури и срамотна смрт на маченички столб, после што ја доживеал неискажливата радост да биде подигнат од мртвите и вознесен оддесно на својот Татко, за да таму види како ќе биде завршена до крај Божјата работа. Со својата истрајност како човек на Божјата страна, тој се држел за своето право на вечен живот. Да, како што стои во Лука 21:19, (NW): ”Преку својата истрајност ќе ги добиете своите души.“
4. Каков пример поставил Исус за своите придружени тркачи, и што ние треба да имаме на ум?
4 Исус Христос го поставил најдобриот пример за своите придружни тркачи, а неговиот пример ни дава гаранција дека и ние можеме да бидеме победници (1. Петрово 2:21). Она што Исус бара да го направиме, можеме да го направиме. Како што тој истрајал, можеме и ние. И додека цврсто се држиме кога непоколебливо го имитираме, мораме да ги задржиме на ум нашите причини за радост (Јован 15:11, 20, 21). Радоста ќе нѐ зајакне да истраеме во трчањето на трката во Јеховината служба додека не се добие прославената награда на вечен живот (Колосјаните 1:10, 11).
5. Како можеме да бидеме радосни и зајакнати за трката која е пред нас?
5 За да ни помогне да истраеме во трката, Јехова ни дава сила која е над нормалната. Кога сме прогонувани, таа сила и спознанието за тоа дека имаме предност да поднесеме прогонување, нѐ зајакнуваат (2. Коринтјаните 4:7-9). Сѐ што можеме да поднесеме заради оддавањето чест на Божјето име и поддржувањето на неговиот суверенитет, претставува причина за радост која никој не може да ни ја одземе (Јован 16:22). Тоа објаснува зошто апостолите, откако биле испретепани по наредба на еврејскиот санхедрин, поради тоа што сведочеле за прекрасните работи кои Јехова Бог ги извршил во врска со Исус, се радувале ”зашто се беа удостоиле да поднесат навреди за името на Господа Исуса“ (Дела на апостолите 5:41, 42). Нивната радост не дошла заради самото прогонување, туку од длабокото внатрешно задоволство што знаеле дека им угодувале на Јехова и Исус.
6, 7. Зошто може христијанскиот тркач да се радува дури и кога има потешкотии, и со каков резултат?
6 Друга сила која нѐ одржува во живот е надежта која Бог ја поставил пред нас. Како што рекол Павле: ”Според тоа, бидејќи сега сме оправдани поради верата, да му се радуваме на мирот со Бог преку нашиот Господ Исус Христос, преку кого исто така го добивме својот пристап преку вера во таа незаслужена доброљубивост во која сега стоиме; и да се радуваме на темел на надежта на Божјата слава. И не само тоа, туку да се радуваме и кога сме во неволји, бидејќи знаеме дека неволјата создава истрајност; а истрајноста призната положба; а признатата положба пак, надеж, а надежта не води до разочарување“ (Римјаните 5:1-5, NW).
7 Потешкотиите сами по себе не се радосни, но радосни се мирољубивите плодови кои тие ги создаваат после тоа. Тие плодови се истрајност, призната положба, надеж и исполнување на таа надеж. Истрајноста од наша страна ќе доведе до тоа да добиеме божествено признание. Кога имаме Божје признание, можеме со сигурност да се надеваме да се остварат ветувањата кои ги дал. Таа надеж нѐ држи на исправниот пат и нѐ одржува во потешкотии додека надежта не се исполни (2. Коринтјаните 4:16-18).
Среќни се оние кои истрајуваат!
8. Зошто тој период на чекање за нас не значи губење на време?
8 Додека го очекуваме божествено одреденото време за доделување на наградите на тркачите, ние доживуваме промени. Тоа се духовните подобрувања во нас кои произлегуваат од успешното соочување со искушенијата, и [тие духовни подобрувања] ни донесуваат голема наклоност кај Бог. Тие докажуваат какви сме и ни даваат прилика да ги покажуваме истите добри особини коишто ги покажувале верните од старо време, особено нашиот Пример, Исус Христос. Ученикот Јаков вели: ”Примете ги, браќа, радосно разните искушенија кои доаѓаат на вас, знаејќи дека искушувањето на вашата вера донесува истрајност. Но истрајноста треба да го доврши своето дело, за да бидете совршени и цели без никаков недостаток“ (Јаковљева 1:2-4, Бакотиќ). Да, можеме да очекуваме разни искушенија, но тие ќе послужат да ги развиеме правите особини. Со тоа покажуваме дека ќе останеме во таа трка додека се добие наградата, без оглед на препреките на кои наидуваме.
9, 10. (а) Зошто се среќни оние кои истрајуваат во искушенијата, и како треба да се соочуваме со искушенијата? (б) Кои биле среќни во старо време, и како можеме ние да бидеме вброени меѓу нив?
9 Тогаш, не е чудно што Јаков рекол: ”Среќен е човекот кој ќе издржи искушение, бидејќи откако ќе се докаже ќе ја добие круната на живот, која Јехова им ја ветил на оние кои постојано го љубат“! (Јаков 1:12, NW). Нека постојано се соочуваме со искушенијата, вооружени со божествените особини кои ќе нѐ зајакнат да ги пребродиме (2. Петрово 1:5-8).
10 Запомни дека начинот на кој Бог постапува со нас не е нов или необичен. Со верниот ”облак сведоци“ од старо време се постапувало на ист начин додека ја докажувале својата постојаност спрема Бог (Хебрејима 12:1, Ст). Нивното признание од Бог е забележано во неговата Реч, и сите нив ги сметаме среќни затоа што истрајале под искушенија. Јаков вели: ”За пример на стрпливо поднесување на неволји земете ги, браќа, пророците кои говоре во името Господово! Внимавајте! Ние ги прогласуваме блажени оние кои истрајаа. За стрпливоста на Јов сте чуле, а го видовте исходот (на неговите неволји) кој му го даде Господ. Зашто ’Господ е полн со сомилост и милосрдие‘“ (Јаков 5:10, 11, Ст). Било проречено дека во текот на овие критични последни денови на светската сцена ќе се појават некои кои ќе му служат на Јехова со беспрекорност, како што му служеле тие пророци во старите векови. Зарем ние не сме среќни да бидеме тие кои му служат? (Даниел 12:3; Откровение 7:9).
Да се црпе поддршка од Јеховината охрабрувачка Реч
11. Како може Божјата Реч да ни помогне да истраеме, и зошто не треба да бидеме како карпестите места од Исусовата споредба?
11 Павле укажал на уште една помош во истрајноста кога рекол дека ”преку стрплива истрајност, и преку охрабрувањето добиено од Писмото, можеме цврсто да се држиме за нашата надеж“ (Римјаните 15:4, The Twentieth Century New Testament). Вистината, Божјата Реч, мора длабоко да биде вкоренета во нас за да може да извлече од нас правилен одговор во секое време. Воопшто немаме корист ако сме како карпестата почва опишана во Исусовата споредба за сејачот: ”Така се и оние кои се сејат на каменити места кои штом ќе ја чујат речта веднаш ја примаат со радост; Но немаат корен во себе, туку се непостојани, кога ќе дојде до неволја или ги потераат заради речта, веднаш се соблазнуваат“ (Марко 4:16, 17, ДК). Вистината од Божјата Реч не се вкоренува длабоко во таквите; затоа, во време на неволја, тие не се во состојба да црпат поддршка од неа како вистинскиот извор на сила и надеж.
12. Од што не треба да бидеме залажувани кога ја прифаќаме добрата вест?
12 Секој кој ја прифаќа добрата вест за Царството не треба да се залажува за тоа што ќе следи. Тој оди на животен пат кој донесува неволји или прогонство (2. Тимотеј 3:12, NW). Но треба да смета дека е ”потполна радост“ што ја има предноста да поднесе разни искушенија затоа што цврсто се држи за Божјата Реч и што им зборува на другите за тоа (Јаков 1:2, 3, Ст).
13. Како и зошто Павле се радувал заради христијаните во Солун?
13 Во првиот век, противниците во Солун се побуниле поради проповедањето на Павле. Кога Павле отишол во Берија, тие прогонувачи го следеле таму за да предизвикаат уште повеќе неволја. На верните кои останале назад во Солун, прогонуваниот апостол им напишал: ”Должни сме браќа секогаш да му се заблагодаруваме на Бог за вас, како што доликува, зашто вашата вера многу расте и љубовта на секој и на сите вас расте еден спрема друг. Затоа ние се гордееме со вас меѓу собранијата Божји поради вашата истрајност и вера во сите ваши прогонства и неволјите кои ги поднесувате. Тоа е доказ за праведниот Божји суд, кој доведува до тоа да бидете сметани за достојни за Божјето Царство, за кое всушност и страдате“ (2. Солунјаните 1:3-5, NW). И покрај нивните страдања од рацете на непријателите, солунските христијани растеле во сличноста на Христос и по број. Како било можно тоа? Затоа што црпеле сила од Јеховната охрабрувачка Реч. Ги слушале заповедите на Господ и ја трчале трката со истрајност (2. Солуњанима 2:13-17, Ба).
За спасението на другите
14. (а) Од кои причини радосно остануваме во службата и покрај потешкотиите? (б) За што се молиме, и зошто?
14 Првенствено заради Божјето оправдување, верно и без да се жалиме, поднесуваме тешкотии и прогонства. Но постои уште една несебична причина зошто се подложуваме на такви работи: за да можеме да им ја пренесеме веста за Царството на другите за да се подигнат повеќе објавители на Божјето Царство да дадат ”јавна изјава за спасение“ (Римјаните 10:10, NW). Оние кои работат во Божјата служба треба да се молат Господарот на жетвата да ја благослови нивната работа со тоа што ќе им даде повеќе објавители на Царството (Матеј 9:38). Павле му напишал на Тимотеј: ”И што си чул од мене пред многу сведоци, тоа предај го на верни луѓе, кои ќе бидат вредни и други да поучат. Затоа ти трпи го злото како добар војник на Исус Христос“ (2. Тимотеју 2:2, 3, ДК).
15. Зошто мораме да се однесуваме како војници и натпреварувачи во ’натпреварот‘?
15 Еден војник се одвојува од помалку ограничениот живот на цивилот. Слично на тоа, ние не смееме да се вплеткуваме во работите на оние кои не се во Господовата војска, а кои се, всушност, на спротивната страна. Според тоа, Павле понатаму му пишал на Тимотеј: ”Ниеден војник во служба не се вплеткува во работите на секојдневниот живот за да му угоди на војсководачот началник. Исто така, ако некој се натпреварува, не добива венец ако прописно не се натпреварува“ (2. Тимотеј 2:4, 5, Ст). Во стремежот кон победа во трката за ”венец на животот“, тркачите мораат да вежбаат самосовладување и да избегнуваат бескорисни тегоби и вплеткувања. На тој начин можат да се концентрираат на донесување на добрата вест за спасение на другите (Јаков 1:12; спореди 1. Коринтјаните 9:24, 25).
16. Што не може да биде врзано, и за чија корист истрајуваме?
16 Бидејќи го љубиме Бог и оние кои се слични на овци коишто бараат да го најдат, ние со радост поднесуваме многу за да ги достигнеме другите со добрата вест на спасение. Непријателите можат да нѐ врзаат заради проповедањето на Божјата Реч. Но Божјата Реч не може да се врзе, и говорењето за спасението на другите не може да биде врзано. Павле му опишал на Тимотеј зошто бил толку спремен да се соочи со искушение: ”Сеќавај се на Исус Христос кој воскресна од мртвите, роден од Давидовото потомство! Така тоа го учи мојата Радосна вест, заради која трпам неволји сѐ до окови како некаков злосторник. Но речта Божја не е окована. Ете затоа сѐ стрпливо поднесувам поради избраните за да и тие постигнат спасение по Христос Исус заедно со вечна слава“ (2. Тимотеју 2:8-10, Ст). Денес го имаме на ум не само малиот остаток од оние кои го чекаат небесното Царство, туку и големото мноштво на други овци на Добриот Пастир, Исус Христос, големото мноштво кое го добива земскиот Рај под Христовото Царство (Откривење 7:9-17, Ст).
17. Зошто не треба да се откажеме од трката, и каков ќе биде резултатот ако ја продолжиме трката до крајот?
17 Ако би се откажувале, не би си помагале ниту себеси ниту некому друг за спасение. Истрајувајќи во христијанската трка, без оглед на препреките на кои наидуваме, постојано сме во исчекување на наградата и можеме директно да им помагаме на другите за спасение, додека сме цврст пример на сила за другите. Без разлика дали нашата надеж е небесна или земска, Павловиот став да ’трча кон целта — кон наградата‘ е добар за имитирање (Филипјаните 3:14, 15).
Непоколеблива постојаност во трката
18. Од што зависи добивањето на наградата, но што мора да се избегнува за да издржиме до крајот?
18 Дали ќе го завршиме нашиот христијански пат победоносно за Јеховино оправдување и дали ќе ја добиеме наградата што е резервирана за нас, зависи од нашата непоколеблива постојаност за време на целото траење на трката. Според тоа, не можеме да издржиме до крајот ако се натоваруваме со работи кои не служат за добробитта на праведноста. Дури и ако сме ослободени од таквите работи, барањата се сепак доволно напорни што е потребна сета душевна сила која можеме да ја собереме. Затоа Павле советува: ”Да го отфрлиме секој товар и гревот кој лесно нѐ заплеткува, и истрајно да ја трчаме трката која е поставена пред нас“ (Хебреите 12:1, NW). Како Исус, не треба да ги пренагласуваме страдањата кои ги поднесуваме, туку да гледаме на нив како на мала цена која треба да се плати за радосната награда. (Спореди Римјаните 8:18.)
19. (а) Каква доверба изразил Павле кон крајот на својот живот? (б) Каква доверба треба да имаме за ветената награда како што се приближуваме кон крајот на трката?
19 Кон крајот на својот живот, Павле можел да рече: ”Добра војна војував, трката ја завршив, верата ја одржав. Понатаму, значи, мене ми е приготвен венецот на правдата“ (2. Тимотеју 4:7, 8, ДК). Ние се наоѓаме во таа трка на истрајност за да ја добиеме наградата на вечен живот. Ако нашата истрајност престане само затоа што трката е нешто подолга отколку што сме очекувале кога сме ја започнале, нема да успееме кога ќе се бидеме близу до добивањето на ветената награда. Биди сигурен во тоа. Без сомнение наградата е тука.
20. Што треба да биде нашата одлучност додека го достигнеме крајот на трката?
20 Затоа нека нашите очи не се уморат додека чекаме да започне големата неволја, која ќе донесе уништување најнапред на Големиот Вавилон, а потоа на остатокот од Ѓаволовата организација (2. Петрово 3:11, 12). Со оглед на сите показатели околу нас, да гледаме напред со вера. Да се опашаме со нашата сила на истрајност, и храбро да продолжиме во трката која Јехова Бог ја поставил пред нас, додека го стигнеме крајот и ја добиеме радосната награда, на Јеховино оправдување преку Исус Христос.
Како би одговорил?
◻ За каков вид на трка мора да се подготви христијанинот?
◻ Зошто радоста е толку важна во трчањето на трката
◻ Од кои главни причини остануваме во службата и покрај потешкотиите?
◻ Зошто не треба да се откажеме од трката која Бог ја поставил пред нас?
[Слика на страница 15]
Како во една маратонска трка, христијаните морааат да истрајат
[Слика на страница 17]
Во посегањето по ’круната на животот‘, тркачите мораат да вежбаат самосовладување