Спротивстави му се на „духот на светот“
„Ние не го примивме духот на светот, туку духот кој е од Бог“ (1. КОР. 2:12).
1, 2. а) Зошто во минатото во британските рудници за јаглен морало да се чуваат канаринци? б) Во каква опасност се христијаните?
ВО 1911 год., британските власти донеле закон со цел да се спасат јагленокопачите кога животот им бил во опасност. Во секој рудник за јаглен морало да се чуваат по два канаринци. Зошто? Ако избувнел пожар во јагленокопот, спасувачите ги земале канаринците со себе кога влегувале подземи. Овие птички се чувствителни на отровни гасови, како што е јаглеродниот моноксид. Ако воздухот е затруен, птиците покажуваат знаци на вознемиреност, па дури и паѓаат од својата лулашка. Ова рано предупредување е животоважно. Јаглеродниот моноксид е безбоен и безмирисен гас кој убива на тој начин што ги спречува црвените крвни зрнца да пренесуваат кислород во телото. Ако не ја забележат опасноста, спасувачите можат да се онесвестат и да умрат без да сфатат дека биле затруени.
2 Во духовен поглед, христијаните се во слична ситуација како јагленокопачите. Во која смисла? Кога Исус им дал задача на своите ученици да ја проповедаат добрата вест по целиот свет, знаел дека ги праќа во опасна околина со која владее Сатана и во која е раширен духот на светот (Мат. 10:16; 1. Јов. 5:19). Тој бил толку загрижен за своите ученици што, ноќта пред да умре, му се молел на својот Татко: „Не те молам да ги земеш од светот, туку да ги зачуваш од Злобниот“ (Јован 17:15).
3, 4. Какво предупредување им дал Исус на своите ученици, и зошто тоа е од интерес за нас?
3 Исус ги предупредил своите следбеници дека постои опасност некој да западне во духовен сон, што може да има смртоносни последици за него. Неговите зборови се од особена важност за нас бидејќи живееме на завршетокот од овој поредок. Тој ги поттикнал своите ученици: „Бидете будни... за да успеете да го избегнете сето ова што треба да се случи и да застанете пред Синот човечки“ (Лука 21:34-36). Среќни сме што Исус, исто така, ветил дека неговиот Татко ќе им даде свет дух за да ги потсети на работите што ги научиле и да им помогне да останат будни и цврсти (Јован 14:26).
4 А како е со нас денес? Дали истиот тој свет дух може да ни помогне и нам? Ако да, што мора да правиме за да го добиеме? Што е духот на светот, и како дејствува? И како можеме успешно да му се спротивставиме на духот на овој свет? (Прочитај 1. Коринќаните 2:12.)
Светиот дух или духот на светот?
5, 6. Што може да стори за нас светиот дух, но што мора да правиме за да го добиеме?
5 Јехова не го давал својот свет дух само во првиот век. Тој го дава и денес, а неговиот дух може да ни даде сила и нам за да го правиме она што е исправно и да бидеме ревносни во службата за Него (Рим. 12:11; Фил. 4:13). Освен тоа, може да ни помогне да стекнеме и да покажуваме убави особини, како што се љубовта, љубезноста и добротата, кои спаѓаат во „плодовите на духот“ (Гал. 5:22, 23). Меѓутоа, Јехова Бог не им го дава сосила својот свет дух на луѓе што не сакаат да го примат.
6 Според тоа, би било разумно да се прашаме: ‚Што треба да правам за да добијам свет дух?‘ Библијата ни покажува дека можеме да направиме повеќе работи. Еден едноставен и важен чекор е да го молиме Бог да ни даде свет дух. (Прочитај Лука 11:13.) Друг корисен чекор е да ги проучуваме и да ги применуваме советите од Божјата реч кои биле пишувани под водство на духот (2. Тим. 3:16). Се разбира, Божјиот дух не го добива автоматски секој што само ја чита Библијата. Но, кога еден искрен христијанин ја проучува Речта вдахновена од Бог, тој дозволува врз него да влијаат мислите и гледиштата кои ги содржи таа. Исто така, неопходно е да признаеме дека Јехова го поставил Исус за свој застапник и дека ни го дава својот дух преку него (Кол. 2:6). Затоа, треба да го следиме примерот на Исус и да живееме во склад со неговите учења (1. Пет. 2:21). Колку повеќе се трудиме да бидеме како Христос толку повеќе свет дух ќе добиваме.
7. Како духот на светот влијае врз луѓето?
7 Спротивно на светиот дух, духот на светот ги тера луѓето да ги покажуваат особините на Сатана. (Прочитај Ефешаните 2:1-3.) Духот на светот дејствува на различни начини. Како што денес можеме да видиме насекаде околу нас, тој поттикнува на побуна против Божјите мерила. Освен тоа, ги поттикнува „желбата на телото и желбата на очите и истакнувањето на својот имот“ (1. Јов. 2:16). Резултат од неговото влијание се делата на телото како што се блудот, идолопоклонството, спиритизмот, љубомората, изливите на гнев и пијанството (Гал. 5:19-21). Исто така, духот на светот бодри на отпаднички говор со кој се сквернави она што е свето (2. Тим. 2:14-18). Колку повеќе некој дозволува врз него да влијае тој дух на светот, неизбежно станува сѐ посличен на Сатана.
8. Каков избор треба да направи секој од нас?
8 Не можеме да живееме во духовна изолација. Секој од нас мора да избере кој дух ќе го води во животот — светиот дух или духот на светот. Оние со кои денес владее духот на светот можат да се ослободат од неговото влијание и да дозволат во животот да ги води светиот дух. Но, може да се случи и спротивното. Оние што некое време ги водел светиот дух можат да бидат затруени од духот на светот (Фил. 3:18, 19). Да видиме како можеме да му се спротивставиме на духот на светот.
Препознај ги првите знаци на опасност
9-11. Наведи некои знаци на опасност што укажуваат дека можеби потпаѓаме под влијанието на духот на светот.
9 Британските јагленокопачи што беа спомнати во почетокот користеле канаринци за навреме да откријат дека во околината има отровен гас. Ако некој од рударите видел како птичката паѓа од лулашката, знаел дека под итно мора да стори нешто за да преживее. Во духовна смисла, кои се некои од првите знаци што ќе ни покажат дека духот на светот влијаел врз нас?
10 Кога првпат ги дознавме вистините од Божјата реч и му го заветувавме својот живот на Јехова, веројатно горливо ја читавме Библијата. Сигурно се молевме сесрдно и често. И ни беше вистинско задоволство да одиме на собраниските состаноци, сметајќи го секој од нив за извор на духовна поткрепа — како оаза за жеден човек. Сето ова ни помогна да се ослободиме од духот на светот и да не му дозволиме повторно да нѐ зароби.
11 Дали сѐ уште се трудиме да ја читаме Библијата секој ден? (Пс. 1:2). Дали се молиме често и горливо? Дали ги сакаме состаноците, и дали одиме на сите нив секоја седмица? (Пс. 84:10). Или, пак, можеби сме изгубиле некоја од овие убави навики? Се разбира, ни треба време и сила за многу други работи, и затоа може да биде вистински предизвик да задржиме една здрава духовна рутина. Но, ако веќе немаме некоја од добрите духовни навики што сме ги имале порано, дали можеби на некој начин сме потпаднале под влијанието на духот на светот? Ќе дадеме ли сега сѐ од себе за да си ги вратиме поранешните добри навики?
‚Не бидете оптоварени‘
12. Според предупредувањето што го дал Исус, на кого требало да внимаваат неговите ученици, и зошто?
12 Што друго можеме да сториме за да му се спротивставиме на духот на светот? Пред да ги опомене своите ученици да ‚бидат будни‘, Исус ги предупредил на некои конкретни опасности. Тој им рекол: „Внимавајте на себе вашите срца да не бидат оптоварени со прекумерно јадење и со опивање и да не се оптоварат со животните грижи, па тој ден да ве затече и да ве изненади како замка“ (Лука 21:34, 35).
13, 14. Кои прашања во врска со јадењето и пиењето би било соодветно да си ги поставиме?
13 Размисли за ова предупредување. Дали Исус го осудил јадењето и пиењето? Не! Тој добро знаел што рекол Соломон: „Сознав дека за [синовите човечки] нема ништо подобро отколку да се веселат и да прават добро во животот, и секој човек да јаде и да пие и да ужива во доброто од сиот свој труд. Тоа е дар Божји“ (Проп. 3:12, 13). Сепак, Исус знаел дека духот на светот ги тера луѓето да претеруваат на тие полиња од животот.
14 Како да бидеме сигурни дека духот на светот не ги затрул и нашите сетила, па веќе не ги забележуваме опасностите од прејадувањето и прекумерното пиење? Би можеле да се прашаме: ‚Како реагирам кога во Библијата или во нашите публикации ќе прочитам некој совет за лакомото јадење? Дали сум склон да го отфрлам тој совет сметајќи дека е екстремен или дека не се однесува на мене? Дали можеби си барам изговор или оправдание за моето постапување?a Како гледам на советите во врска со алкохолот, и дали — ако воопшто пијам — го правам тоа умерено и во никој случај не се препивам? Дали ги потценувам таквите совети, сметајќи дека, од некоја причина, не се однесуваат на мене? Ако некој ми каже дека е загрижен поради моето пиење, дали се бранам и дали му се лутам? Дали ги поттикнувам и другите да не ги сфаќаат сериозно тие библиски совети?‘ Според тоа, ставот што некој го има е показател за тоа дали потпаднал под влијанието на духот на светот. (Спореди Римјаните 13:11-14.)
Не дозволувајте им на грижите да ве задушат
15. На која човечка склоност предупредил Исус?
15 Друг важен чекор за да му се спротивставиме на духот на светот е да не бидеме преокупирани со грижи. Исус знаел дека, како несовршени суштества, ние сме склони претерано да се грижиме за секојдневните потреби. Тој со љубов ги советувал своите ученици: „Не бидете загрижени“ (Мат. 6:25). Се разбира, во ред е да се грижиме за некои важни работи како, на пример, да му угодиме на Бог, да ги извршиме христијанските обврски и да го издржуваме своето семејство (1. Кор. 7:32-34). Тогаш, што учиме од Исусовото предупредување?
16. Како влијае духот на светот врз многу луѓе?
16 Духот на светот, кој ги поттикнува луѓето да се истакнуваат со својот имот, кај многумина предизвикува нездрава загриженост. Светот сака и ние да поверуваме дека сигурноста е во парите и дека вредноста на човекот не зависи од неговите духовни особини, туку од имотот што го поседува. Оние што се заведени од ваквата пропаганда се отепуваат од работа за да стекнат богатство и постојано мислат како да ги набават најголемите и најновите уреди (Изр. 18:11). Таквото извртено гледиште за материјалните работи предизвикува загриженост која може да задуши нечиј духовен раст. (Прочитај Матеј 13:18, 22.)
17. Што да правиме за да не нѐ задушат грижите?
17 Нема да им дозволиме на грижите да нѐ задушат доколку ја послушаме следнава заповед од Исус: „Барајте ги најнапред царството и Божјата праведност“. Исус нѐ уверува дека, ако го правиме ова, сѐ друго што навистина ни е потребно ќе ни се додаде (Мат. 6:33). Како ќе покажеме дека имаме доверба во ова ветување? Еден начин е така што ќе ја бараме Божјата правда, односно ќе постапуваме според Божјите мерила за исправно кога станува збор за финансиските работи. На пример, не прикриваме данок и не кажуваме ни „мали“ лаги во нашите деловни зделки. Правиме сѐ што можеме за да ги подмириме сите сметки, и нашето ‚да‘ да значи ‚да‘ кога станува збор за отплаќање долгови (Мат. 5:37; Пс. 37:21). Ако сме чесни на ваков начин, можеби нема да се збогатиме, но ќе ја стекнеме Божјата милост, ќе имаме чиста совест и многу помалку ќе се грижиме.
18. Каков убав пример ни дал Исус, и каква корист имаме ако живееме како него?
18 Оној што го бара најнапред Царството, знае што е најважно во животот. Размисли за Исус. Понекогаш тој носел квалитетна облека (Јован 19:23). Исто така, со задоволство јадел и пиел вино во друштво на добри пријатели (Мат. 11:18, 19). Но, поседите и забавата му биле како зачин во животот, а не како главно јадење. Неговата храна била да ја врши Јеховината волја (Јован 4:34-36). Сите што го следат примерот на Исус се вистински среќни! Радосни сме што можеме да ја користиме Библијата за да ги тешиме измачените луѓе. Ги имаме љубовта и поддршката од собранието. И, го радуваме Јеховиното срце. Кога знаеме што е најважно, не им робуваме на богатството и на задоволствата. Напротив, тие се наши слуги, или алатки, што ги користиме за да му служиме на Јехова. А колку сме поактивни во делото со кое се поддржува Божјето Царство, толку помала е веројатноста да паднеме под влијанието на духот на светот.
‚Живејте според духот‘
19-21. Како можеме да ‚размислуваме како што му е својствено на духот‘, и зошто треба да го правиме тоа?
19 Мислите им претходат на постапките. Честопати, она што мнозина би го сметале за непромислена постапка, всушност, е постапка поттикната од телесното размислување. Затоа, апостол Павле нѐ потсетува да внимаваме како размислуваме. Тој напишал: „Оние што живеат според телото, размислуваат за она што му е својствено на телото, а оние што живеат според духот, за она што му е својствено на духот“ (Рим. 8:5).
20 Како можеме да избегнеме во нашето размислување — а со тоа и во нашите постапки — да преовладува духот на светот? Мора да си ставиме филтер во умот и да се трудиме, колку што е можно, да ја спречиме пропагандата од светот да ни продре во мислите. На пример, кога избираме како ќе се забавуваме, не дозволуваме да си го полниме умот со програми во кои се велича неморалот или насилството. Сфаќаме дека Божјиот свет, или чист, дух нема да престојува во нечист ум (Пс. 11:5; 2. Кор. 6:15-18). Освен тоа, се изложуваме на Божјиот дух кога редовно ја читаме Библијата, кога длабоко размислуваме за неа, кога се молиме и кога одиме на состаноци. И, соработуваме со тој дух кога редовно проповедаме.
21 Според тоа, од пресудна важност е да му се спротивставиме на духот на светот и на телесните желби кои ги поттикнува тој. Но, вреди искрено да се трудиме, бидејќи Павле вели дека „размислувањето својствено за телото донесува смрт, а размислувањето својствено за духот донесува живот и мир“ (Рим. 8:6).
[Фуснота]
a Лакомото јадење е умствен став кој се карактеризира со алчно или претерано внесување храна. Значи, ставот кон храната, а не нечија тежина, покажува дали некој има ваков проблем или не. Некое лице може да биде со нормална тежина, па дури и слабо, а сепак да биде изедник. Има случаи кога прекумерната тежина е последица на одредено здравствено нарушување или, пак, на некои наследни фактори. Главното е дали некое лице, без оглед на својата тежина, е претерано лакомо или алчно за храна. (Види „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 1 ноември 2004 год.)
Се сеќаваш ли?
• Што треба да правиме за да добиеме свет дух?
• На кои начини може да влијае духот на светот врз нас?
• Како може да му се спротивставиме на духот на светот?
[Слика на страница 21]
Пред да одиш на работа или на училиште, моли се за свет дух
[Слики на страница 23]
Мора да имаме чисти мисли, чесно да се однесуваме во деловните зделки и да бидеме умерени во навиките