Сведочење на јавни места
КОГА бил во Атина, апостол Павле секојдневно одел на плоштадот за да ја проповеда добрата вест за Исус (Дела 17:17). Тој решил да сведочи на плоштадот затоа што таму Атињаните поминувале најголем дел од времето.
Речиси 2.000 години подоцна, Јеховиниот народ сѐ уште ја проповеда добрата вест за Божјето Царство на такви јавни места. Зошто? Затоа што таму има многу луѓе. Денес, трговските центри се како плоштадите во старо време. Откако добиле дозвола од одговорните лица или од сопственикот, некои Сведоци поставиле масиче или мал штанд во трговскиот центар и изложиле библиска литература.
На пример, во еден трговски центар во Њу Џерси (САД), Сведоците поставиле привлечна изложба на литература на тема: „Како да се задржат семејните вредности?“ На каков одѕив наишле? За еден ден биле дадени 153 книги на шест јазици.
Една жена која дошла на штандот внимателно го слушала објаснувањето на еден од Сведоците. Таа се согласила дека е важно Бог да биде дел од нашиот живот и од нашето семејство, а потоа ги зела книгите Учи од Големиот Учител, Тајната на семејната среќа и Младите прашуваат — делотворни одговори.
Околу пладне, покрај изложбата поминал еден човек кој сакал да влезе во блиската продавница. Неговиот поглед го привлекла книгата Младите прашуваат. Сестрата што стоела покрај штандот го забележала неговиот љубопитен поглед, па го прашала: „Дали Ве интересира некоја книга?“ Тој климнал со главата и ја покажал книгата Младите прашуваат. Таа му ја дала, и тој веднаш ја зел. Потоа рекол дека има три деца. Во разговорот што следел, спомнал дека еднаш седмично разговара со нив на различни теми. Постарите две деца му се тинејџери. Додека ја прелистувал книгата, рекол дека многу добро ќе му послужи како водич за тие семејни разговори. Тогаш објавителката му ја посочила и книгата Тајната на семејната среќа, велејќи дека тој и жена му сигурно ќе најдат корисни совети во неа што ќе им помогнат кога донесуваат одлуки за целото семејство. Човекот бил благодарен за предлогот, оставил доброволен прилог и се согласил некој да ги посети.
Како си поминале Сведоците кои тој ден сведочеле во трговскиот центар? „Навистина уживав во овој вид служба“, рекла една сестра. „Тоа беше прекрасно искуство за мене!“ Една друга сестра изјавила: „Јехова вели дека добрата вест ќе се проповеда до најоддалечените делови на Земјата. Денес, во Парамус (Њу Џерси), оваа добра вест стигна до луѓе што зборуваат на различни јазици. Многу е убаво да се сведочи на ваков начин. Сите што учествувавме бевме многу среќни. Никој од нас не сакаше да си оди на крајот од денот!“
Можеш ли и ти да ја проповедаш добрата вест на некој друг начин? Ние главно сведочиме од куќа до куќа (Дела 20:20). Сепак, би можел ли да сведочиш на плоштад или во трговски центар?