Јаков ги ценел духовните вредности
ЖИВОТОТ на Јаков е обележан со борба и несреќи. Поради убиствениот гнев на неговиот брат близнак, Јаков е присилен да бега за да си го спаси животот. Наместо да се ожени со девојката што ја сака, измамен е прво да се ожени со некоја друга и на крај завршува со четири жени и многу проблеми (Битие 30:1—13). Дваесет години работи за човек што го искористува. Се бори со еден ангел и претрпува трајна повреда. Неговата ќерка е силувана, неговите синови предизвикуваат масакр, и тажи поради трагичната загуба на својот омилен син и сопруга. Присилен да се сели на стари години за да избегне глад, признава дека неговите денови се „малку и несреќни“ (Битие 47:9). И покрај сето тоа, Јаков е духовен човек што има доверба во Бог. Дали неговата вера е положена на погрешно место? Кои лекции можеме да ги научиме ако разгледаме само неколку искуства на Јаков?
Толку поинаков од брат му
Причината за расправијата со брат му била што Јаков ги ценел духовните богатства, додека Исав ги презирал. Јаков бил заинтересиран за заветното ветување што му било дадено на Авраам и се посветил на тоа да се грижи за семејството што Бог го одредил да даде наследници. Затоа Јехова го ‚возљубил‘. Јаков бил „кроток [беспрекорен, NW]“, израз што укажува на морална извонредност. Спротивно на него, Исав толку малку се грижел за своето духовно наследство што му го продал на Јаков речиси за ништо. Кога, со одобрение од Бог, Јаков го побарал она што било негово и го добил благословот наменет за неговиот брат, Исав пламнал со одмазднички гнев. Тогаш Јаков оставил сѐ што му значело, но она што следело потоа сигурно му го заживеало потиштениот дух (Малахија 1:2, 3; Битие 25:27—34; 27:1—45).
Во сон, Бог му покажал на Јаков ангели како се качуваат и слегуваат по една скала, или „куп камења“ помеѓу небото и земјата и изјавил дека ќе го заштити Јаков и неговото семе. „Преку тебе и преку твоето потомство ќе бидат благословувани сите народи на земјата. И ете, Јас Сум со тебе; ќе те чувам каде и да тргнеш, па ќе те доведам назад во оваа земја; и нема да те оставам додека не го извршам она што ти го ветив“ (Битие 28:10—15).
Колку охрабрувачки! Јехова потврдил дека ветувањата што им ги дал на Авраам и на Исак духовно ќе го збогатат семејството на Јаков. На Јаков му било дадено на знаење дека ангелите можат да им служат на оние што имаат одобрување од Бог, и бил уверен во Божјата заштита. Признавајќи го тоа со благодарност, Јаков му се заветил на Јехова дека ќе му биде верен (Битие 28:16—22).
Јаков во никој случај не му го приграбил незаконски наследството на Исав. Пред да бидат родени, Јехова рекол дека „повозрасниот ќе му служи на помладиот“ (Битие 25:23). ‚Зарем немало да биде полесно ако Бог направел Јаков да се роди прв?‘ можеби ќе праша некој. Она што се случило потоа поучува важни вистини. Бог не ги чува благословите за оние што сметаат дека имаат право на нив, туку покажува незаслужена љубезност кон оние што тој ги избира. На тој начин, правото на првородство преминало на Јаков, а не на неговиот постар брат, кој не го ценел. Слично, затоа што природните Евреи како нација покажале ист став како и Исав, биле заменети со духовниот Израел (Римјаните 9:6—16, 24) Добриот однос со Јехова денес никогаш не доаѓа преку наследство стекнато без мака, дури и ако некој е роден во богобојазливо семејство или средина. Сите што сакаат да имаат Божји благослови мораат да се трудат да бидат побожни и навистина да ги ценат духовните работи.
Срдечно пречекан од Лаван
Кога пристигнал во Падан Арам да си бара жена од своите роднини, Јаков се сретнал со својата братучетка Рахила, ќерката на Лаван, крај еден бунар и го поттргнал тешкиот камен што го покривал за да ги напои животните што таа ги пасела.a Рахила отрчала дома за да најави дека Јаков дошол, и Лаван поитал да се сретне со него. Ако Лаван се сетил на богатството што неговото семејство го добило од слугата на Авраам, сега се разочарал зашто Јаков дошол со празни раце. Но, Лаван очигледно видел нешто што можел да го искористи — вреден работник (Битие 28:1—5; 29:1—14).
Јаков ја раскажал својата приказна. Не е јасно дали спомнал со каква итрина го добил правото на првородство, но откако чул ‚сѐ што се случило‘, Лаван рекол: „Навистина, ти си моја коска и мое месо!“ Еден изучувач рекол дека овој израз може да се сфати како срдечна покана за Јаков да остане или како признание дека роднинските врски го обврзуваат Лаван да го заштитува. Како и да е, Лаван набрзо смислил како да го искористи својот внук.
Лаван го започнал она што ќе стане причина за расправија во следните 20 години. „Зар ќе ми служиш бесплатно, зашто си ми внук од сестра?“ прашал тој. „Кажи ми колку ќе бараш за наем?“ Иако играл улога на добродушен вујко, Лаван ја свел својата роднинска врска со Јаков на деловен договор. Бидејќи бил заљубен во Рахила, Јаков одговорил: „Ќе ти служам седум години за твојата помлада ќерка Рахила“ (Битие 29:15—20).
Свршувачката била извршена со тоа што на семејството на невестата му била платена цена за невестата. Со Мојсеевиот закон подоцна било одредено да се платат 50 сребреници за девици што биле заведени. Изучувачот Гордон Венам смета дека тоа бил „најголемиот мираз“, а повеќето други биле „многу помали“ (Второзаконие 22:28, 29). Јаков не можел да најде средства за да плати. Му се понудил на Лаван да му служи седум години. „Бидејќи во времето на Вавилон просечните работници добивале помеѓу половина и еден шекел месечно“ (од 42 до 84 шекели за цели седум години), продолжува Венам, „Јаков му понудил на Лаван многу дарежлив мираз за раката на Рахила.“ Лаван веднаш прифатил (Битие 29:19).
Тие седум години му се виделе на Јаков како „неколку дни“, толку голема била неговата љубов кон Рахила. Потоа си ја зел својата невеста покриена со вел и не се ни посомневал во измамата на Лаван. Замисли си колку бил шокиран следното утро кога открил дека не спиел со Рахила туку со нејзината сестра Лија! Јаков барал објаснување: „Зошто ми стори така! Зар не ти служев јас за Рахила? Зошто ме измами?“ Лаван одговорил: „Во нашето место не е обичај помладата да се омажи пред повозрасната. Заврши ја со неа свадбенава седмица, а тогаш ќе ти ја дадам и втората, за уште седум години служба при мене“ (Битие 29:20—27). Беспомошен и фатен во стапица, на Јаков не му останало ништо друго освен да ги прифати тие услови ако сакал да ја добие Рахила.
За разлика од првите седум, овие биле горки години. Како можел Јаков да помине преку злобната измама на Лаван? А што е со Лија, која учествувала во тоа? Се разбира, Лаван ни најмалку не бил заинтересиран за немирната иднина што им ја подготвил на Лија и на Рахила. Бил заинтересиран само за себе. На огорченоста била придодадена и љубомора кога Лија родила четири сина едно по друго, а Рахила останала неротка. Тогаш Рахила, со очајна желба да има деца, на крајот се решила да ја понуди својата слугинка како сурогат мајка, а од соперништво и Лија го сторила истото. Јаков завршил со 4 жени, 12 деца и сѐ друго освен среќно семејство. Сепак, Јехова правел од Јаков голем народ (Битие 29:28—30:24).
Збогатен од Јехова
И покрај испитите, Јаков видел дека Бог е со него како што му ветил. И Лаван го видел тоа, зашто малкуте животни што ги имал кога Јаков дошол, под грижата на неговиот внук станале многубројни. Не сакајќи да го пушти Јаков да си оди, Лаван му понудил да каже колку би сакал да му плати за и понатаму да му служи, а Јаков ги побарал животните со необична боја што биле родени во стадата на Лаван. Се вели дека во тој регион овците биле обично бели а козите црни или темно кафеави; само мал дел биле шарени. Па така, мислејќи дека ќе помине евтино, Лаван веднаш се согласил и ги тргнал подалеку сите свои животни со необични шари за да не бидат во контакт со стадата што останале под грижата на Јаков. Тој очигледно верувал дека Јаков ќе има мала корист од договорот, и дека во никој случај нема да ги добие 20-те проценти од новородените јариња и јагниња што древните пастири обично ги добивале како плата. Но Лаван погрешил, зашто Јехова бил со Јаков (Битие 30:25—36).
Под божествено водство, Јаков одгледал силни животни со шари какви што сакал (Битие 30:37—42). Неговите идеи за парење на стоката не биле основани. Сепак, „од научна гледна точка, саканите резултати можеле да се постигнат со последователно вкрстување на . . . еднобојните животни што носеле наследни гени со шари“, објаснува изучувачот Наум Сарна, а „таквите животни се забележливи по . . . [нивната] хибридна сила“.
Кога ги забележал резултатите, Лаван се обидел да го смени договорот околу тоа кои животни му припаѓале на неговиот внук — ригести, дамкасти, капчести или шарени. Тој гледал само за своја корист, но како и да го променел Лаван договорот, Јехова ќе се погрижел Јаков секогаш да напредува. Лаван можел само да крцка со забите. Јаков наскоро собрал големо богатство, стада, слуги, камили и магариња, не поради својата остроумност туку поради поддршката од Јехова. Подоцна им објаснил на Рахила и на Лија: „Вашиот татко ме измачуваше мене, десетпати ми ја менуваше платата. Но Бог не остави да ми нанесе штета . . . Бог му го одзеде добитокот на татка ви и ми го даде мене“. Јехова исто така го уверил Јаков дека Тој видел сѐ што Лаван правел и дека Јаков не треба да биде загрижен. „Врати се во својот роден крај“, му рекол Бог, „и Јас ќе ти сторам добро!“ (Битие 31:1—13; 32:9).
Откако конечно се ослободил од измамникот Лаван, Јаков тргнал накај дома. Иако поминале 20 години, тој сѐ уште се плашел од Исав, особено кога стигнал глас дека Исав доаѓа со четиристотини мажи. Што можел да направи Јаков? Бидејќи отсекогаш бил духовна личност што има доверба во Бог, постапил со вера. Се молел и признал дека не е достоен за дарежливоста на Јехова и му се обратил на Бог на темел на Неговите ветувања дека тој и неговото семејство ќе бидат избавени од рацете на Исав (Битие 32:2—12).
Тогаш се случило нешто неочекувано. Еден туѓинец, кој на крај излегло дека е ангел, почнал да се бори со Јаков ноќта и со еден допир му го изместил колкот. Јаков одбил да се откаже од борбата доколку ангелот прво не го благословел. Пророкот Осија подоцна рекол дека Јаков ‚плачел за да измоли милост за себе‘ (Осија 12:2—4; Битие 32:24—29). Јаков знеал дека претходните појавувања на ангели се однесувале на исполнувањето на авраамскиот сојуз преку неговото семе. Затоа се напрегал во силната борба и добил благослов. Тогаш Бог му го променил името во Израел што значи „се бори со (издржува со) Бог“, или „Бог се бори“.
Дали си спремен да се бориш?
Борбата со ангелот и повторната средба со Исав не биле единствените ситуации што Јаков морал да ги надмине. Сепак, настаните што беа разгледани овде покажуваат каков човек бил тој. Додека Исав не можел да истрпи малку глад за своето право на првородство, Јаков целиот свој живот се борел да добие благослови, се борел дури и со еден ангел. Како што Бог ветил, Јаков добил божествено водство и заштита, и станал предок на еден голем народ и прататко на Месијата (Матеј 1:2, 16).
Дали си спремен ти да се напрегаш за да добиеш наклоност од Јехова, да се бориш за тоа, така да се каже? Денес животот е полн со проблеми и предизвици за оние што сакаат да ја вршат Божјата волја и понекогаш претставува борба да се донесе исправната одлука. Меѓутоа, одличниот пример на Јаков ни дава силен поттик да се држиме за надежта за наградата што Јехова ја ставил пред нас.
[Фуснота]
a Средбата наликувала на онаа кога мајката на Јаков, Ревека, ги напоила камилите на Елиезер. Потоа Ревека отрчала дома со веста за доаѓањето на туѓинецот. Кога ги видел златните дарови што ги добила неговата сестра, Лаван отишол да го пречека Елиезер (Битие 24:28—31, 53).
[Слики на страница 31]
Јаков целиот свој живот се борел да добие благослови