Поглавје седум
Што учиме од тоа што Бог го допушта злото
1, 2. а) Да ги погубел Јехова веднаш бунтовниците во Еден, како би се одразило тоа врз нас? б) Какви подготовки полни со љубов ни ставил на располагање Јехова?
„МАЛКУ и несреќни беа годините на мојот живот“, рекол патријархот Јаков (Битие 47:9). На сличен начин, Јов навел дека човекот е „кусовечен и полн со неволји“ (Јов 14:1). Како и тие, повеќето од нас доживеале тешкотии, неправди, па дури и трагедии. Сепак, тоа што сме се родиле не било неправда од Божја страна. Точно, ги немаме совршеноста на умот и телото и рајскиот дом што ги имале Адам и Ева во почетокот. Но, што ако Јехова веднаш ги погубел кога тие се побуниле? Иако немало да има болест, тага ниту смрт, не би имало ниту човечка раса. Немало да се родиме. На милосрден начин, Бог им оставил време на Адам и на Ева да родат деца, иако тие наследиле несовршеност. А преку Христос, Јехова направил подготовка за нас да го поврати она што го изгубил Адам — вечен живот на рајска Земја (Јован 10:10; Римјаните 5:12).
2 Колку само е охрабрувачки што можеме да гледаме со исчекување на вечен живот во новиот свет среде рајска околина каде што ќе бидеме слободни од болест, тага, болка и смрт, како и од зли луѓе! (Пословици 2:21, 22; Откровение 21:4, 5). Но, од библискиот извештај дознаваме дека иако нашето лично спасение е многу важно за нас и за Јехова, вклучено е нешто многу поважно.
Заради своето големо име
3. Што е вклучено во исполнувањето на Јеховината намера со Земјата и човештвото?
3 Во исполнувањето на Божјата намера во врска со Земјата и човештвото, вклучено е Неговото име. Тоа име, Јехова, значи „Тој предизвикува да стане“. Според тоа, неговото име ја вклучува неговата репутација на Универзален Суверен, Наумител и Бог на вистината. Поради Јеховината положба, за мирот и благосостојбата на целокупниот универзум било неопходно на неговото име и на она што тоа го вклучува, да му се даде полната почит што ја заслужува и сите да му бидат послушни нему.
4. Што вклучувала Јеховината намера со Земјата?
4 Откако ги создал Адам и Ева, Јехова им дал да извршат една задача. Тој објаснил дека негова намера не е само да се потчини сета Земја — и на тој начин да се прошират границите на Рајот — туку и да биде населена со нивни потомци (Битие 1:28). Дали оваа намера требало да пропадне поради нивниот грев? Колкав срам би било за името на семоќниот Јехова ако не би можел да ја исполни својата намера со оваа Земја и со човештвото!
5. а) Да јаделе првите луѓе од дрвото на спознанието на доброто и злото, кога ќе умреле? б) Како ја исполнил Јехова својата реч од Битие 2:17, додека истовремено ја почитувал својата намера во врска со Земјата?
5 Јехова ги предупредил Адам и Ева дека ако бидат непослушни и јадат од дрвото на спознанието на доброто и злото, ќе умрат „во денот“ кога ќе јадат (Битие 2:17). Стоејќи си на зборот, Јехова ги повикал на одговорност токму на денот кога згрешиле и ја изрекол смртната казна. Од Божја гледна точка, Адам и Ева умреле тој ден. Меѓутоа, за да ја изврши својата намера во врска со Земјата, Јехова им дозволил да основаат семејство пред да умрат физички. Сепак, поради тоа што Бог може 1.000 години да ги смета за еден ден, кога Адамовиот живот завршил на 930 години, тоа било во рамките на еден „ден“ (2. Петрово 3:8; Битие 5:3—5). На тој начин била поддржана Јеховината вистинитост во поглед на тоа кога ќе биде извршена казната, а неговата намера со Земјата не била осуетена со нивната смрт. Сепак, на несовршените луѓе, вклучувајќи ги и злите, им било дозволено да живеат извесно време.
6, 7. а) Според Излез 9:15, 16, зошто Јехова им дозволил на злите да постојат некое време? б) Во случајот со фараонот, како била покажана Јеховината моќ, и како било објавено Неговото име? в) Каков ќе биде резултатот кога сегашниот зол систем ќе заврши?
6 Она што Јехова му го рекол на владетелот на Египет во времето на Мојсеј, дополнително покажува зошто Бог им дозволил на злобните да постојат. Кога фараонот им забранил на Израеловите синови да заминат од Египет, Јехова не го уништил веднаш. Врз земјата биле нанесени десет неволји, кои ја покажале Јеховината моќ на зачудувачки начини. Кога предупредил на седмата неволја, Јехова му рекол на фараонот дека би можел лесно да ги збрише фараонот и неговите луѓе од лицето на Земјата. „Те поштедив“, рекол Јехова, „за да ја покажам Својата сила и за да се објави Моето име по целата земја“ (Излез 9:15, 16).
7 Кога Јехова ги избавил Израелците, неговото име навистина се прочуло надалеку (Исус Навин 2:1, 9—11). Денес, речиси 3.500 години подоцна, она што тој го сторил тогаш, сѐ уште не е заборавено. Не само што било објавено личното име Јехова туку и вистината за Оној што го носи ова име. Тоа ја установило Јеховината репутација како Бог кој ги одржува своите ветувања и кој презема акција во полза на своите слуги (Исус Навин 23:14). Покажало дека поради неговата семоќна сила, ништо не може да ја спречи неговата намера (Исаија 14:24, 27). Затоа, можеме да бидеме уверени дека наскоро тој ќе преземе акција во полза на своите верни слуги со тоа што ќе го уништи целокупниот Сатанов зол систем. Ова покажување на семоќна сила и славата што тоа му ја носи на Јеховиното име, нема никогаш да бидат заборавени. Користите ќе бидат бескрајни (Езекиел 38:23; Откровение 19:1, 2).
,О длабочино на Божјата мудрост!‘
8. Кои фактори нѐ поттикнува Павле да ги разгледаме?
8 Во своето писмо до римјаните, апостол Павле го покренува прашањето: „Има ли кај Бог неправда?“ Тој отсечно одговара: „Никогаш да не биде така!“ Потоа ја нагласува Божјата милосрдност и укажува на она што го рекол Јехова во врска со тоа што му дозволил на фараонот да живее уште некое време. Павле исто така покажува дека ние луѓето сме како глина во рацете на еден грнчар. Потоа наведува: „Ако Бог, иако сакал да го покаже својот гнев и да ја разгласи својата моќ, со голема долготрпеливост ги поднесувал садовите на гневот кои се направени погодни за уништување, за да го разгласи богатството на својата слава над садовите на милосрдноста, кои однапред ги подготви за слава, имено нас, кои нѐ повика не само од Евреите туку и од нациите, што тогаш?“ (Римјаните 9:14—24).
9. а) Кои се „садовите на гневот кои се направени погодни за уништување“? б) Зошто Јехова покажувал голема долготрпеливост и покрај нивното противење, и на кој начин конечниот исход ќе биде за доброто на оние што го љубат?
9 Уште од побуната во Еден, сите што му се спротивставувале на Јехова и на неговите закони, биле ‚садови на гневот кои се направени погодни за уништување‘. За сето време оттогаш наваму, Јехова покажувал долготрпеливост. Злите се исмејувале на неговите патишта, ги прогонувале неговите слуги, па дури го убиле и неговиот Син. Покажувајќи голема воздржаност, Јехова дал доволно време за сето творештво да ги види во потполност катастрофалните последици од бунтот против Бог и од човечката независност од него. Во исто време, Исусовата смрт го обезбедила средството за ослободување на послушното човештво и за ‚разбивање на делата на Ѓаволот‘ (1. Јованово 3:8; Евреите 2:14, 15).
10. Зошто Јехова ги толерирал злите во изминатите 1.900 години?
10 Во текот на преку 1.900 години од Исусовото воскресение па наваму, Јехова и понатаму ги толерирал „садовите на гневот“, одложувајќи го нивното уништување. Зошто? Како прво, затоа што ги подготвувал оние што треба да бидат поврзани со Исус Христос во неговото небесно Царство. Тие бројат 144.000 и се „садовите на милосрдноста“ за кои зборувал апостол Павле. Прво, поединци од Евреите биле повикани да ја пополнат оваа небесна класа. Подоцна Бог повикал луѓе од нееврејските нации. Јехова не присилувал никого од нив да му служи. Но, на некои од оние што благодарно се оѕвале на неговите подготовки полни со љубов, тој им ја дал предноста да бидат совладетели со неговиот Син во небесното Царство. Подготвувањето на таа небесна класа сега е речиси завршено (Лука 22:29; Откровение 14:1—4).
11. а) Која група сега извлекува корист од Јеховината долготрпеливост? б) Како мртвите ќе извлечат корист?
11 А што е со жителите на Земјата? Јеховината долготрпеливост исто така овозможила да се собере и едно ‚големо мноштво‘ од сите нации. Сега тие бројат милиони. Јехова ветил дека оваа земна класа ќе го преживее крајот на овој систем и ќе го има изгледот за вечен живот на рајска Земја (Откровение 7:9, 10; Псалм 37:29; Јован 10:16). Во Божје одредено време, множества од мртвите ќе бидат воскреснати и ќе им биде дадена прилика да бидат земни поданици на небесното Царство. Во Дела 24:15, Божјата реч претскажува: „Ќе има воскресение и на праведните и на неправедните“ (Јован 5:28, 29).
12. а) Што научивме за Јехова од неговото толерирање на злобата? б) Што мислиш ти за начинот на кој Јехова ги решил овие работи?
12 Дали имало некаква неправда во сето ова? Не, бидејќи со тоа што го одложува уништувањето на злите, односно „садовите на гневот“, Бог покажува сочувство спрема другите, во склад со својата намера. Ова покажува колку е тој милосрден и полн со љубов. Исто така, со тоа што оставил време да се набљудува развивањето на неговата намера, учиме многу за самиот Јехова. Се восхитуваме на различните аспекти од неговата личност кои излегуваат на виделина — неговата правда, неговата милост, неговата долготрпеливост, неговата сестрана мудрост. Јеховиното мудро решавање на спорното прашање за универзалната сувереност — неговото право да владее — засекогаш ќе стои како сведоштво за фактот дека неговиот начин на владеење е најдобриот. Заедно со апостол Павле велиме: „О длабочино на Божјето богатство и мудрост и спознание! Колку се неистражливи неговите судови и недоловливи неговите патишта!“ (Римјаните 11:33).
Прилика да ја покажеме нашата оддаденост
13. Кога доживуваме лично страдање, каква прилика ни се нуди, и што ќе ни помогне да реагираме мудро?
13 Многу од Божјите слуги се во ситуации во кои е вклучено лично страдање. Нивното страдање трае бидејќи Бог сѐ уште не ги уништил злите и не го воспоставил претскажаното обновување на човештвото. Треба ли ова да нѐ огорчува? Или, пак, во таквите ситуации можеме да видиме прилики да имаме удел во докажувањето дека Ѓаволот е лажливец? Можеме да бидеме зајакнати да го правиме тоа ако го имаме на ум повикот: „Биди мудар, сине мој и зарадувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној, кој ме укорува“ (Пословици 27:11). Сатана, оној што му се подбива на Јехова, изнел обвинение дека ако луѓето претрпат материјална загуба или физичко угнетување, ќе го обвинат Бог, па дури и ќе го проколнат (Јов 1:9—11: 2:4, 5). Му причинуваме радост на Јеховиното срце кога со нашата лојалност кон него наспроти тешкотиите покажуваме дека тоа не важи во нашиот случај.
14. Ако се потпираме на Јехова кога доживуваме испити, какви користи можеме да имаме?
14 Ако се потпреме на Јехова кога доживуваме испити, можеме да развиеме скапоцени особини. На пример, како резултат на работите што ги претрпел, Исус ‚се научил на послушност‘ на начин кој не го знаел никогаш порано. И ние можеме да учиме од нашите испити така што можеме да негуваме долготрпеливост, истрајност и продлабочено ценење за Јеховините праведни патишта (Евреите 5:8, 9; 12:11; Јаков 1:2—4).
15. Додека стрпливо поднесуваме тешкотија, како можат другите да извлечат корист?
15 Другите ќе набљудуваат што правиме. Поради она што го претрпуваме заради нашата љубов кон праведноста, некои од нив можеби со текот на времето ќе почнат да сфаќаат кои се вистински христијани денес. А ако се обединат со нас во обожавањето, можат да имаат прилика да го добијат благословот на вечен живот (Матеј 25:34—36, 40, 46). Јехова и неговиот Син сакаат луѓето да ја имаат таа прилика.
16. На кој начин нашето гледиште за личните тешкотии е поврзано со единството?
16 Колку е пофално кога дури и на тешките ситуации гледаме како на прилики да ја покажеме нашата оддаденост кон Јехова, а и да учествуваме во извршувањето на неговата волја! Постапувајќи така, можеме да дадеме доказ дека навистина се приближуваме кон единство со Бог и со Христос. Исус му се молел на Јехова во корист на сите вистински христијани, велејќи: „Не те молам само за нив [неговите најблиски ученици], туку и за оние кои веруваат во мене преку нивната реч; за да бидат сите едно, како што ти, Татко, си во обединетост со мене и јас во обединетост со тебе, така и тие да бидат во обединетост со нас“ (Јован 17:20, 21).
17. Каква доверба можеме да имаме ако сме му лојални на Јехова?
17 Ако сме му лојални на Јехова, тој великодушно ќе нѐ награди. Неговата Реч вели: „Бидете цврсти, непоколебливи, секогаш обилно вработени во делото Господово, знаејќи дека вашиот труд во врска со Господ не е залуден“ (1. Коринќаните 15:58). Исто така таа наведува: „Бог не е неправеден да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“ (Евреите 6:10). Јаков 5:11 забележува: „Гледајте! Ги прогласуваме за среќни оние кои истрајале. Сте чуле за истрајноста на Јов и сте го виделе исходот кој Јехова го даде, дека Јехова е многу нежен во наклоноста и милосрден“. Каков бил исходот за Јов? „Господ ја благослови новата Јовова состојба уште повеќе отколку поранешната“ (Јов 42:10—16). Да, Јехова „ги наградува оние кои сесрдно го бараат“ (Евреите 11:6). И каква само награда можеме да очекуваме — вечен живот на рајска Земја!
18. Што ќе се случи најпосле со сите болни сеќавања што можеби ги имаме?
18 Владата на Божјето Царство ќе ја отстрани сета штета што му била нанесена на човечкото семејство во изминатите илјадници години. Радостите во тоа време далеку ќе го надминат секое страдање што го доживуваме сега. Нема да бидеме вознемирувани од никакви лоши сеќавања на поранешните страдања. Изградувачките мисли и активности што ќе го исполнуваат секојдневието на луѓето во новиот свет, постепено ќе ги избришат болните сеќавања. Јехова изјавува: „Јас создавам нова небеса [нова небесна влада на Царството над човештвото] и нова земја [праведно човечко општество]. Поранешните веќе не ќе се спомнуваат, ниту ќе ви доаѓаат на ум. Веселете се и воскликнувајте довека заради она што Јас [го] создавам“. Да, во Јеховиниот нов свет, праведниците ќе можат да речат: „Целата земја си отпочина, се ослободи од вознемирување. Луѓето се развеселија со радосни восклици“ (Исаија 14:7, NW; 65:17, 18).
Дискусија за повторување
• Иако го допушта злото, како Јехова исправно покажал голема почит кон своето сопствено име?
• На кој начин Божјето толерирање на „садовите на гневот“ овозможило неговата милост да стигне дури до нас?
• Што треба да настојуваме да гледаме во ситуациите во кои е вклучено лично страдање?
[Слики на страница 67]
Јехова ја ‚благословил новата Јовова состојба уште повеќе отколку поранешната‘