Да се служи како гласници на божествен мир
„Колку се прекрасни врз горите нозете на . . . [оној] кој навестува мир“ (ИСАИЈА 52:7).
1, 2. а) Како што е проречено во Исаија 52:7, која добра вест треба да се објави? б) Што значеле пророчките зборови на Исаија во случајот со древниот Израел?
ИМА една добра вест што треба да се објави! Тоа е вест на мир — вистински мир. Тоа е порака на спасение која се однесува на Божјето Царство. Многу одамна, пророкот Исаија пишувал за неа, а неговите зборови биле зачувани за нас во Исаија 52:7, каде читаме: „Колку се прекрасни врз горите нозете на благовесникот, кој навестува мир, благовестува радост [носи добра вест за нешто подобро, НС], проповеда спасение, кој му говори на Сион: ‚Твојот Бог се зацари!‘“
2 Јехова го инспирирал својот пророк Исаија да ја запише таа порака во корист на древниот Израел и за наша полза денес. Што значи тоа? Во времето кога Исаија ги напишал тие зборови, северното царство Израел можеби веќе било одведено во изгнанство од страна на Асирците. Подоцна, жителите на јужното царство Јуда требало да бидат одведени како изгнаници во Вавилон. Тоа биле денови на длабока болка и метеж во нацијата, бидејќи луѓето не му биле послушни на Јехова и затоа не биле во мир со Бог. Како што им рекол Јехова, нивното грешно однесување предизвикувало поделеност помеѓу нив и нивниот Бог (Исаија 42:24; 59:2—4). Меѓутоа, преку Исаија, Јехова прорекол дека во свое време, вратите на Вавилон ширум ќе се отворат. Божјиот народ ќе бил слободен да се врати во својата татковина за таму повторно да го изгради Јеховиниот храм. Сион ќе бил обновен, а во Ерусалим повторно ќе се извршувало обожавањето на вистинитиот Бог (Исаија 44:28; 52:1, 2).
3. На кој начин ветувањето за обнова на Израел било и пророштво за мир?
3 Ова ветување за избавување претставувало и пророштво на мир. Тоа што биле повторно вратени во земјата што Јехова им ја дал на Израелците, би било доказ за Божјата милост и за нивното покајание. Тоа би покажало дека биле во мир со Бог (Исаија 14:1; 48:17, 18).
„Твојот Бог се зацари!“
4. а) Во која смисла во 537 година пр. н. е. можело да се рече дека ‚Јехова станал Цар‘? б) На кој начин Јехова во подоцнежните години ги управувал работите во корист на својот народ?
4 Кога Јехова го извршил ова избавување во 537 пр. н. е., со право можело на Сион да му се даде објавата: „Твојот Бог се зацари!“ Точно, Јехова е ‚Цар на вечноста‘ (Откровение 15:3, НС). Но, ова избавување на неговиот народ било едно ново манифестирање на неговата сувереност. На еден впечатлив начин, тоа ја покажало надмоќноста на неговата моќ над најмоќната човечка империја до тоа време (Јеремија 51:56, 57). Како резултат на дејствувањето на Јеховиниот дух, биле оневозможени другите завери против неговиот народ (Естира 9:24, 25). Секогаш одново, Јехова интервенирал на различни начини за да ги наведе царевите на Медо-Персија да соработуваат во извршувањето на неговата суверена волја (Захарија 4:6). Чудесните настани што се случиле во тие денови, запишани се за нас во библиските книги Ездра, Неемија, Естира, Агеј и Захарија. А колку само е зајакнувачки за верата ако ги разгледаме!
5. На кои значајни настани се укажува во Исаија 52:13—53:12?
5 Сепак, она што се случило во 537 пр. н. е. и потоа, било само почеток. Веднаш после пророштвото на обнова во поглавје 52, Исаија напишал за доаѓањето на Месијата (Исаија 52:13—53:12). Преку Месијата, кој се покажал дека е Исус Христос, Јехова би дал порака за избавување и мир кои имаат дури и поголемо значење од она што се случило во 537 пр. н. е.
Јеховиниот најголем гласник на мир
6. Кој е Јеховиниот најголем гласник на мир, и кој налог тој го применил на себеси?
6 Исус Христос е Јеховиниот најголем гласник на мир. Тој е Речта Божја, Јеховиниот личен Говорник (Јован 1:14, НС). Доследно на ова, некое време откако бил крстен во реката Јордан, Исус станал во синагогата во Назарет и гласно го прочитал својот налог од Исаија, поглавје 61. Овој налог објаснил дека во она кое тој бил испратен да го проповеда спаѓало ‚ослободување‘ и „прогледување“, како и приликата да се биде прифатен од Јехова. Сепак, Исус сторил повеќе отколку само да објави една порака на мир. Бог го испратил и за да ја обезбеди основата за траен мир (Лука 4:16—21).
7. Што произлегува од мирот со Бог што е овозможен преку Исус Христос?
7 Во времето на Исусовото раѓање, ангели им се појавиле на овчарите близу Витлеем, фалејќи го Бог и велејќи: „Слава на Бога горе на висините, а на Земјата мир меѓу луѓето на добра волја“ (Лука 2:8, 13, 14, НС). Да, ќе имало мир за оние спрема кои Бог покажувал добра волја затоа што практикувале вера во подготовката што ја правел тој преку својот Син. Што би значело тоа? Тоа би значело дека луѓето, иако се родени во грев, би можеле да стекнат чиста положба пред Бог, еден одобрен однос со него (Римјаните 5:1). Тие би можеле да уживаат внатрешно спокојство, мир, кој не е можен на ниеден друг начин. Во Божје одредено време, би имало ослободување од сите последици на гревот наследен од Адам, вклучувајќи болест и смрт. Луѓето повеќе не би биле слепи, глуви или сакати. Фрустрирачката слабост или душевните растројства кои го кршат срцето, би биле трајно отстранети. Би било можно засекогаш да се радуваме на живот во совршенство (Исаија 33:24; Матеј 9:35; Јован 3:16).
8. На кого му е понуден божествениот мир?
8 Кому му е понуден божествениот мир? Понуден им е на сите оние кои практикуваат вера во Исуса Христа. Апостол Павле напишал дека ‚Бог нашол за добро преку Исус да ги помири со себе сите други работи правејќи мир преку крвта што Исус ја пролеал на маченичкиот столб‘. Апостолот додал дека ова помирување би ги вклучило и „работите на небесата“ — то ест оние кои би биле сонаследници со Христос на небото. Тоа би ги вклучило и „работите на Земјата“ — то ест оние кои би биле привилегирани со можноста да живеат засекогаш на оваа Земја кога таа ќе биде доведена до потполна состојба на рај (Колосјаните 1:19, 20, НС). Поради тоа што тие извлекле полза од вредноста на Исусовата жртва и поради својата послушност кон Бог од сѐ срце, сите тие можеле да се радуваат на срдечно пријателство со Бог. (Спореди Јаков 2:22, 23.)
9. а) Врз кои други односи влијае мирот со Бог? б) Со изглед за траен мир насекаде, каков авторитет му доделил Јехова на својот Син?
9 Колку само е битен таквиот мир со Бог! Ако нема мир со Бог, не може да има ниту траен ниту смисловен мир во кој и да е друг однос. Мирот со Јехова е темелот за вистински мир на Земјата (Исаија 57:19—21). Соодветно на тоа, Исус Христос е Кнезот на мирот (Исаија 9:6). Нему, преку кого луѓето можат да бидат помирени со Бог, Јехова му доверил и авторитет да владее (Даниил 7:13, 14). А во врска со резултатите од Исусовото кнежевско владеење над човештвото, Јехова ветува: „Мирот нема да има крај“ (Исаија 9:7, НС; Псалм 71:7).
10. Како Исус дал пример во објавувањето на Божјата порака на мир?
10 Божјата порака на мир му е потребна на целото човештво. Исус лично дал ревносен пример во нејзиното проповедање. Тоа го правел во подрачјето на храмот во Ерусалим, на планинските падини, по патиштата, на една Самарјанка кај еден бунар, како и во домовите на луѓето. Секаде каде што имало луѓе, Исус создавал прилики да проповеда за мирот и за Божјето Царство (Матеј 4:18, 19; 5:1, 2; 9:9; 26:55; Марко 6:34; Лука 19:1—10; Јован 4:5—26).
Обучени да одат по Христовите стапки
11. За кое дело Исус ги обучувал своите ученици?
11 Исус ги поучил своите ученици да ја проповедаат Божјата порака на мир. Исто како што Исус бил Јеховиниот ‚Верен и Вистински Сведок‘, тие сфатиле дека и тие ја имаат одговорноста да сведочат (Откровение 3:14; Исаија 43:10—12). Тие гледале на Христос како на свој Водач.
12. Како Павле ја покажал важноста на проповедничката активност?
12 Апостол Павле расудувал за важноста на проповедничката активност, велејќи: „Писмото вели: ‚Никој кој ја положува својата вера во него, нема да се разочара‘“ (НС). Тоа значи, никој кој практикува вера во Исус Христос како Јеховин Главен Застапник на спасението, нема да биде разочаран. И ничие етничко потекло не е фактор што би го дисквалификувал некого, бидејќи Павле додал: „Нема разлика меѓу Јудеец и Елин, зашто еден и ист е Господ на сите, богат за сите, кои Го призовуваат. Бидејќи, секој, кој го призове името Господово, ќе се спаси“ (Римјаните 10:11—13). Но, како требало луѓето да научат за таа прилика?
13. Што било потребно за луѓето да ја чујат добрата вест, и како се оѕвале христијаните од првиот век на таа потреба?
13 Павле се позанимавал со таа потреба, поставувајќи прашања за кои е добро да размисли секој Јеховин слуга. Апостолот прашал: „Како ќе Го призоват Оној, во Кого не поверувале? Како, пак, ќе поверуваат во Оној, за Кого не чуле? А како ќе чујат без проповедник? И како ќе проповедаат, ако не бидат испратени?“ (Римјаните 10:14, 15). Историјата на раното христијанство дава елоквентно сведоштво дека мажи и жени, млади и стари, се оѕвале на примерот што го дале Христос и неговите апостоли. Тие станале ревносни објавители на добрата вест. Имитирајќи го Исус, тие им проповедале на луѓето секаде каде што можеле да ги најдат. Со желба да не пропуштат никого, тие ја извршувале својата служба и на јавните места и од куќа до куќа (Дела 17:17; 20:20).
14. Како се покажало точно дека ‚нозете‘ на оние кои ја објавуваат добрата вест биле „убави“?
14 Се разбира, секој не ги примил љубезно христијанските проповедници. Меѓутоа, Павловото цитирање на Исаија 52:7 се покажало точно. Откако го поставил прашањето: ‚Како ќе проповедаат, ако не бидат испратени?‘ тој додал: „Како што е напишано: ‚Колку им се убави нозете на оние, што благовестат мир, кои го благовестат доброто‘ “. Повеќето од нас не сметаме дека нашите нозе се убави или прекрасни. Тогаш, што значи ова? Нозете се тие кои обично ја движат една личност кога таа излегува да им проповеда на другите. Таквите нозе навистина ја претставуваат личноста. А ние можеме да бидеме сигурни дека за многумина кои ја чуле добрата вест од апостолите и од другите ученици на Исус Христос од првиот век, овие рани христијани навистина претставувале прекрасна глетка (Дела 16:13—15). И повеќе од тоа, тие биле скапоцени во Божји очи.
15, 16. а) На кој начин раните христијани покажале дека навистина биле гласници на мир? б) Што може да ни помогне да ја извршуваме нашата служба на истиот начин како што ја извршувале христијаните од првиот век?
15 Исусовите ученици имале порака на мир, и тие ја пренесувале на еден мирољубив начин. Исус им ги дал на своите ученици овие упатства: „И во која куќа влезете, прво кажете: ‚Мир на таа куќа‘! Па, ако биде таму синот на мирот, вашиот мир ќе остане на него; ако ли не, тој ќе се врати во вас“ (Лука 10:5, 6). Шало́м, односно „мир“, е традиционален еврејски поздрав. Меѓутоа, Исусовите упатства вклучувале многу повеќе од тоа. Како „пратеници место Христа“, неговите помазани ученици ги поттикнувале луѓето: „Помирете се со Бога“ (2. Коринтјаните 5:20). Во склад со Исусовите упатства, тие им зборувале на луѓето за Божјето Царство и за она што би можело тоа да значи за нив како поединци. Оние кои слушале, добиле благослов; оние кои ја отфрлиле пораката, изгубиле.
16 Јеховините сведоци денес ја извршуваат својата служба на истиот начин. Добрата вест што тие им ја носат на луѓето не е нивна; таа му припаѓа на Оној кој ги испратил. Нивниот налог е да ја соопштат. Ако луѓето ја прифатат, тие се ставаат себеси во положба да добијат прекрасни благослови. Ако ја одбијат, тие одбиваат да бидат во мир со Јехова Бог и со неговиот Син, Исус Христос (Лука 10:16).
Мирољубиви во еден немирен свет
17. Како треба да се однесуваме дури и кога сме соочени со луѓе кои навредуваат, и зошто?
17 Каква и да е реакцијата на луѓето, за Јеховините слуги е важно да задржат на ум дека тие се гласници на божествен мир. Луѓето од светот можеби се впуштаат во вжештени расправии и му даваат оддишка на гневот, правејќи остри забелешки или извикувајќи навреди врз оние кои ги нервираат. Можеби некои од нас го правеле тоа во минатото. Меѓутоа, ако сме ја облекле новата личност и сега не сме дел од светот, нема да ги имитираме нивните патишта (Ефесјаните 4:23, 24, 31; Јаков 1:19, 20). Без оглед на тоа како постапуваат другите, ние ќе го применуваме советот: „Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:18).
18. Како треба да реагираме ако некој државен службеник е груб спрема нас, и зошто?
18 Понекогаш нашата служба може да нѐ одведе пред државните службеници. Изразувајќи го својот авторитет, тие може да ‚побараат од нас‘ објаснување за тоа зошто правиме извесни работи или зошто се воздржуваме да се ангажираме во некоја одредена активност. Можеби сакаат да знаат зошто ја проповедаме оваа порака — порака што ја разобличува лажната религија и што зборува за крајот на сегашниов систем на ствари. Нашето почитување спрема примерот што го дал Христос ќе нѐ мотивира да покажеме блага нарав и длабока почит (1. Петрово 2:23; 3:15). Честопати, тие службеници се под притисок од свештенството или можеби од своите претпоставени. Благиот одговор може да им помогне да сфатат дека нашата активност не претставува опасност за нив или за мирот на средината. Таквиот одговор создава еден дух на почитување, соработка и мир кај оние кои ја прифаќаат (Тит 3:1, 2).
19. Во какви активности Јеховините сведоци никогаш не се впуштаат?
19 Јеховините сведоци се познати по целата Земјина топка како луѓе кои не учествуваат во светските судири. Тие не се мешаат во светските конфликти поради расата, религијата или политиката (Јован 17:14, НС). Поради тоа што Божјата Реч нѐ упатува ‚да им се потчинуваме на претпоставените власти‘, ние дури не би ни размислувале да учествуваме во дела на граѓански неред за да протестираме против владината политика (Римјаните 13:1). Јеховините сведоци никогаш не се придружиле на ниедно движење кое има за цел да собори една влада. Со оглед на начелата што ги поставил Јехова за своите христијански слуги, незамисливо е тие да учествуваат во крвопролевање или во какво и да е насилство! Вистинските христијани не само што зборуваат за мир; тие и живеат во склад со она што го проповедаат.
20. Во поглед на мирот, каква е историјата на Големиот Вавилон?
20 За разлика од вистинските христијани, оние кои ги претставуваат религиозните организации на христијанскиот свет не се покажале како гласници на мир. Религиите на Големиот Вавилон — како црквите на христијанскиот свет така и нехристијанските религии — преминувале преку нив, ги поддржувале и всушност го преземале водството во војните на нациите. Исто така, подбуцнувале прогонство, па дури и убивање на верните слуги на Јехова. Затоа, во врска со Големиот Вавилон, Откровение 18:24 изјавува: „Во него се најде крв на пророци и светии, а и на сите што беа избиени на земјата“.
21. Како реагираат многу лица со искрени срца кога ќе ја видат разликата меѓу однесувањето на Јеховиниот народ и на оние кои практикуваат лажна религија?
21 За разлика од религиите на христијанскиот свет и остатокот од Големиот Вавилон, вистинската религија претставува позитивна, обединувачка сила. На своите вистински следбеници, Исус Христос им рекол: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:35). Тоа е љубов која ги надминува националните, социјалните, економските и расните граници што сега го разделуваат остатокот од човештвото. Посматрајќи го ова, милиони луѓе ширум Земјината топка им велат на Јеховините помазани слуги: „Ќе појдеме со тебе, оти чувме дека Бог е со вас“ (Захарија 8:23).
22. Како гледаме на делото на сведочење кое сѐ уште треба да се извршува?
22 Како Јеховин народ, ние силно се радуваме на она што е постигнато, но делото уште не е завршено. Откако ќе го посее семето и ќе ја обработи својата нива, земјоделецот не престанува со работа. Тој продолжува да работи, особено во екот на жетвената сезона. Времето на жетва бара постојан, интензивен напор. А токму сега жетвата на обожаватели на вистинитиот Бог е поголема од кога и да е порано. Ова е време на радување (Исаија 9:3). Вистина, наидуваме на противење и рамнодушност. Како поединци, можеби настојуваме да излеземе на крај со некоја сериозна болест, со тешки семејни ситуации или со економска тешкотија. Но, љубовта кон Јехова нѐ тера да истраеме. Пораката што ни е доверена од Бог е нешто што луѓето треба да го чујат. Всушност, тоа е порака на мир. Тоа е пораката што ја проповедал самиот Исус — добрата вест за Божјето Царство.
Како гласи твојот одговор?
◻ Какво исполнување имал стихот од Исаија 52:7 врз древниот Израел?
◻ Како Исус докажал дека е најголемиот гласник на мир?
◻ Како апостол Павле го поврзал стихот од Исаија 52:7 со делото во кое учествуваат христијаните?
◻ Што е вклучено во тоа да се биде гласник на мир во наше време?
[Слики на страница 13]
Како Исус, Јеховините сведоци се гласници на божествен мир
[Слики на страница 15]
Јеховините сведоци остануваат мирољубиви, без разлика како реагираат луѓето на пораката за Царството