Дали се трудиш да размислуваш како Јехова?
Преобразете се така што ќе го обновите својот ум (РИМ. 12:2)
1, 2. Што учиме додека созреваме во духовен поглед? Наведи пример.
ЗАМИСЛИ дека некој му дава подарок на едно дете. Родителите му велат: „Кажи фала“. Детето го прави тоа, главно од послушност кон родителите. Но, како што расте, тоа почнува да сфаќа зошто родителите сметаат дека е важно да биде благодарно кога другите прават нешто добро за него. Со текот на времето, почнува самото да им се заблагодарува на другите. Зошто? Бидејќи научило да биде благодарно.
2 Слично на тоа, кога ја запознавме вистината, дознавме колку е важно да им бидеме послушни на основните работи што Јехова ги бара од нас. Но, како што созреваме во духовен поглед, сѐ повеќе учиме како размислува Јехова, односно што сака, што мрази и како гледа на работите. Кога дозволуваме неговиот начин на размислување да влијае врз нашите одлуки и постапки, покажуваме дека гледаме на работите како што гледа тој.
3. Зошто може да ни биде тешко да размислуваме како Јехова?
3 Иако со задоволство учиме да размислуваме како Јехова, понекогаш тоа може да ни биде тешко бидејќи сме несовршени. На пример, понекогаш можеби ни е тешко да го разбереме Јеховиното гледиште за некои работи како, на пример, за моралната чистота, за материјализмот, за проповедањето, за злоупотребата на крв. Што можеме да правиме во таков случај? Што ќе ни помогне уште повеќе да размислуваме како Јехова? И како ова ќе ни помогне исправно да постапуваме и сега и во иднина?
КАКО ДА ГО УСВОИМЕ БОЖЈИОТ НАЧИН НА РАЗМИСЛУВАЊЕ
4. Што треба да правиме за да го обновиме својот ум?
4 Прочитај Римјаните 12:2. Во овој стих апостол Павле објаснил што треба да правиме за да научиме да размислуваме како Јехова. Тој напишал: „Не дозволувајте и понатаму да ве обликува овој свет“. Како што видовме во претходната статија, ова значи дека мора да ги отфрлиме ставовите и размислувањата на овој свет. Но Павле исто така спомнал дека треба да го обновиме својот ум. За да успееме во тоа мора да ја проучуваме Божјата Реч, да се трудиме да ги разбереме Божјите мисли, длабоко да размислуваме за нив и да вложиме голем труд за да го усвоиме Божјиот начин на размислување.
5. Објасни која е разликата меѓу површно читање и проучување.
5 Да проучуваш не значи површно да читаш информации и да ги потцртуваш одговорите на дадените прашања. Кога проучуваме некој материјал, размислуваме што учиме од него за Јехова, за неговите постапки и за неговиот начин на размислување. Се трудиме да разбереме зошто Јехова одобрува, а зошто осудува некои постапки. Исто така, размислуваме што треба да смениме во нашиот живот и во нашиот начин на размислување. Се разбира, можеби не е можно да ги земеме предвид сите овие работи секогаш кога проучуваме. Но добро е барем дел од времето, можеби половина од времето што сме го одредиле за проучување, да го искористиме за длабоко да размислуваме за она што сме го прочитале (Пс. 119:97; 1. Тим. 4:15).
6. Што се случува кога размислуваме за Божјата Реч?
6 Кога редовно размислуваме за Божјата Реч, се случува нешто извонредно. Ние се уверуваме дека Јеховиниот начин на размислување е совршен. Почнуваме да разбираме како Бог гледа на работите и со текот на времето го прифаќаме неговото гледиште. Така го обновуваме својот ум и почнуваме да размислуваме на нов начин. Постепено, ќе гледаме на работите онака како што гледа Бог.
НАШИТЕ МИСЛИ ВЛИЈААТ ВРЗ НАШИТЕ ПОСТАПКИ
7, 8. а) Како гледа Јехова на материјалните работи? (Види ги сликите на почетокот од статијата.) б) Ако размислуваме како Јехова, што ќе ни биде најважно во животот?
7 Нашите мисли влијаат врз нашите постапки (Мар. 7:21-23; Јак. 2:17). Ова подобро ќе го разбереме ако разгледаме неколку примери. Еден таков пример е извештајот за раѓањето на Исус кој покажува како гледа Јехова на материјалните работи. Јехова ги избрал Јосиф и Марија за да го одгледаат неговиот Син и покрај тоа што биле сиромашни (3. Мој. 12:8; Лука 2:24). Бидејќи немало место во ноќевалиштето, Марија го родила Исус во една штала и го положила во јасли (Лука 2:7). Доколку сакал, Јехова можел да се погрижи Исус да се роди на многу подобро место. Но, нему му било најважно Исус да биде одгледан во семејство кое духовните работи ги става на прво место.
8 Од овој извештај за раѓањето на Исус учиме како гледа Јехова на материјалните работи. Некои родители вложуваат многу труд за нивните деца да ги имаат најновите и најдобрите работи во материјален поглед, дури и кога тоа негативно влијае врз односот на децата со Јехова. Но, јасно е дека за Јехова духовните работи се најважни. Дали си го усвоил Јеховиното гледиште за материјалните работи? Што покажуваат твоите постапки? (Прочитај Евреите 13:5.)
9, 10. Како можеме да покажеме дека не сакаме да ги спрепнуваме другите?
9 Сега ќе разгледаме друг пример — како Јехова гледа на оние што ги спрепнуваат другите. Исус рекол: „Кој ќе поколеба во верата еден од овие мали што веруваат, подобро би му било околу вратот да му стават мелнички камен што го врти магаре, и да биде фрлен в море“ (Мар. 9:42). Овие зборови се силно предупредување! Знаеме дека Исус размислувал исто како Јехова. Затоа можеме да бидеме сигурни дека и Јехова се гневи ако воопшто не ни е грижа дали со нашите постапки ќе спрепнеме некој следбеник на Исус (Јован 14:9).
10 Дали и ние гледаме на оваа работа исто како Јехова и Исус? Што покажуваат нашите постапки? На пример, можеби ни се допаѓа одреден стил на облекување и дотерување. Но што ќе направиме ако со таквиот стил можеби вознемируваме некои соверници во собранието или кај други предизвикуваме неморални мисли? Дали нашата љубов кон браќата ќе нѐ поттикне да не се облекуваме или дотеруваме на тој начин? (1. Тим. 2:9, 10).
11, 12. Зошто е важно да научиме да покажуваме самоконтрола и да го мразиме она што го мрази Јехова?
11 Сега да видиме и трет пример: Јехова го мрази злото (Пс. 5:4). Се разбира, тој знае дека поради несовршеноста понекогаш ни е тешко да го правиме она што е исправно. Сепак, Јехова сака да го мразиме злото исто како што тој го мрази. (Прочитај Псалм 97:10.) Ако размислуваме зошто Јехова го мрази злото, тоа ќе ни помогне да гледаме на работите онака како што гледа тој и ќе ни даде сила да не правиме лоши работи.
12 Ако научиме да го мразиме злото, тоа исто така ќе ни помогне да сфатиме кои работи се погрешни дури и кога не се конкретно спомнати во Библијата. На пример, еден облик на неморално однесување, кое станува сѐ пораширено во светот, е танцувањето во скут. Некои сметаат дека нема ништо погрешно во тоа бидејќи не е сексуален однос.a Но што мисли Јехова за таквото танцување? Треба да имаме на ум дека тој мрази сѐ што е зло. Затоа, да се држиме подалеку од секоја нечиста постапка така што ќе научиме да покажуваме самоконтрола и ќе научиме да го мразиме она што Јехова го мрази (Рим. 12:9).
РАЗМИСЛУВАЈ УШТЕ СЕГА КАКО ЌЕ ПОСТАПИШ ВО ИДНИНА
13. Зошто треба да размислуваме како Јехова гледа на одредени ситуации со кои можеби ќе се соочиме во иднина?
13 Кога проучуваме, треба да размислуваме за тоа како Јехова гледа на одредени ситуации со кои можеби ќе се соочиме во иднина. На тој начин, доколку сме во ситуација кога треба да донесеме брза одлука, нема да бидеме потполно изненадени (Изр. 22:3). Да разгледаме неколку примери од Библијата.
14. Што учиме од начинот на кој реагирал Јосиф кога жената на Петефри се обидувала да го заведе?
14 Кога жената на Петефри се обидела да го заведе Јосиф, тој веднаш ја одбил. Очигледно, Јосиф размислувал за тоа како гледа Јехова на бракот. (Прочитај 1. Мојсеева 39:8, 9.) Освен тоа, Јосиф ѝ кажал на жената на Петефри: „Како би можел да направам толку големо зло и да му згрешам на Бог?“ Ова покажува дека Јосиф размислувал како Јехова. А како е со нас? Што ќе сториш доколку некој колега почне да флертува со тебе? Или, што ако некој преку мобилен телефон ти прати порака со текст или со слика што има сексуално провокативна содржина?b Ако веќе знаеш какво гледиште има Јехова за овие работи, ако си го прифатил неговото гледиште и ако веќе си одлучил како ќе постапиш во такви ситуации, ќе ти биде многу полесно да му останеш верен.
15. Како можеме да му останеме верни на Јехова по примерот на тројцата Евреи?
15 Да го разгледаме и примерот на тројцата Евреи кои се познати како Седрах, Мисах и Авденаго. Кога цар Навуходоносор им заповедал да се поклонат на златниот кип што го направил, тие одлучно го одбиле тоа. Јасниот одговор што му го дале на царот покажал дека знаеле што ќе им се случи ако му останат верни на Јехова (2. Мој. 20:4, 5; Дан. 3:4-6, 12, 16-18). Замисли дека твојот шеф побара од тебе да приложиш пари за некоја прослава поврзана со лажната религија. Што би сторил во таква ситуација? Не би требало да чекаш да се случи такво нешто па дури тогаш да размислуваш како ќе постапиш. Напротив, добро е уште сега да размислуваш како гледа Јехова на тоа. Така, ако некогаш се најдеш во таква ситуација, ќе ти биде полесно да постапиш исправно и да ги кажеш вистинските зборови, исто како што направиле тројцата Евреи.
16. Како тоа што јасно ќе го разбереме Јеховиното гледиште може да ни помогне да се подготвиме за некоја итна медицинска интервенција?
16 Тоа што ќе размислуваме како Јехова гледа на работите, може да ни помогне да му останеме верни и во ситуација кога имаме потреба од итна медицинска интервенција. Се разбира, ние не прифаќаме трансфузија на полна крв или некоја од нејзините четири главни состојки (Дела 15:28, 29). Но за некои медицински постапки поврзани со крв, секој мора да донесе лична одлука на темел на библиските начела. Кога е најдобро време да донесеме таква одлука? Дали додека сме во болница, кога можеби имаме болки и сме под притисок брзо да донесеме одлука? Сигурно дека не. Уште сега треба да проучуваме за оваа работа, да пополниме правосилен медицински документ во кој јасно имаме наведено упатства за нашето лекување (како што е ТП картичката), и да зборуваме со нашиот лекар.c
17-19. Зошто е важно уште сега да научиме како гледа Јехова на работите? Наведи пример.
17 И на крајот, размисли за тоа како реагирал Исус кога го добил следниов немудар совет од Петар: „Биди милостив кон себе, Господару“. Исус очигледно многу размислувал за тоа што сака Бог од него, како и за пророштвата во врска со неговиот живот и неговата смрт на Земјата. Тоа му помогнало да му остане верен на Јехова и да го даде својот живот како жртва за сите нас. (Прочитај Матеј 16:21-23.)
18 Денес, Бог сака да бидеме негови пријатели и да правиме сѐ што можеме за да ја проповедаме добрата вест (Мат. 6:33; 28:19, 20; Јак. 4:8). Но, како што било во случајот со Исус, и денес некои добронамерни луѓе можеби се обидуваат да нѐ обесхрабрат. На пример, што ако твојот шеф ти понуди унапредување на работното место и покачување на платата, но знаеш дека ако го прифатиш тоа ќе имаш помалку време за духовни активности? Или, ако одиш на училиште, замисли дека наставниците ти нудат можност да се преселиш на друго место за да стекнеш дополнително образование. Ако се случи тоа, дали тогаш треба да се молиш, да проучуваш на таа тема и да разговараш со членовите на твоето семејство или со старешините за да донесеш одлука? Подобро е уште сега да дознаеш како гледа Јехова на овие работи и да го прифатиш таквото размислување. На тој начин, ако добиеш таква понуда, многу полесно ќе донесеш мудра одлука. Точно ќе знаеш што да правиш бидејќи веќе си решил да останеш посветен на службата за Јехова.
19 Можеби ти паѓаат на ум и други ситуации во кои твојата верност кон Јехова би можела ненадејно да биде ставена на испит. Се разбира, не можеме да се подготвиме за секоја можна ситуација. Сепак добро е за време на нашето проучување да размислуваме како гледа Јехова на работите. Така, кога во иднина ќе се соочиме со некоја ситуација, ќе можеме полесно да се сетиме на она што сме го проучувале и да го примениме. Затоа, да се трудиме да го разбереме Јеховиното гледиште за работите, да го прифатиме и да размислуваме како тоа ќе ни помогне да носиме мудри одлуки и сега и во иднина.
РАЗМИСЛУВАЈ КАКО ЈЕХОВА И ЌЕ ИМАШ ПРЕКРАСНА ИДНИНА
20, 21. а) Каков живот нѐ очекува во новиот свет? б) Како можеме уште сега до одредена мера да му се радуваме на животот?
20 Сите ние со нетрпение го чекаме новиот свет. Повеќето од нас се надеваат дека ќе живеат вечно во рајот на Земјата. Во Божјето Царство повеќе нема да постојат болките и страдањата кои ги доживуваме во овој зол свет. Се разбира, и тогаш луѓето ќе имаат слободна волја. Секој човек ќе може слободно да носи одлуки според својот вкус и според своите желби.
21 Но тоа не значи дека нашата слобода ќе биде неограничена. Кога ќе донесуваат одлуки, кротките луѓе и понатаму ќе ги земаат предвид законите на Јехова и неговиот начин на размислување. А тоа ќе донесе огромна радост и изобилен мир (Пс. 37:11). Во меѓувреме, можеме до одредена мера да му се радуваме на животот додека се трудиме да размислуваме како Јехова.
a Танцувањето во скут е вид на танцување при кое оној што танцува обично е полугол и изведува сексуални движења во скутот на некој муштерија. Ова би можело да се смета за сексуален неморал. Старешините внимателно ќе го разгледаат секој ваков случај за да утврдат дали треба да се формира правен одбор. Ако некој Јеховин сведок бил вклучен во вакво танцување, треба да побара помош од старешините (Јак. 5:14, 15).
b Испраќање електронски пораки со текст, слики или видеоклипови со сексуално провокативна содржина се нарекува секстинг. Старешините внимателно ќе го разгледаат секој ваков случај за да утврдат дали треба да се формира правен одбор. Некои малолетници кои учествувале во секстинг биле обвинети дека се сексуални напасници, и биле изведени на суд. За да дознаеш нешто повеќе, посети ја нашата интернет-страницата jw.org и прочитај ја статијата „Младите прашуваат — Што треба да знам за секстингот?“ (Кликни на БИБЛИСКИ УЧЕЊА > ТИНЕЈЏЕРИ.) Можеш да ја прочиташ и статијата „Како да зборувате за секстинг“, која излезе во Разбудете се! од ноември 2013, страници 4-5.
c Нешто повеќе за библиските начела кои можат да ти помогнат во врска со ова можеш да прочиташ во книгата Зачувај ја Божјата љубов, на страници 215-218.