„Духот нека ве поттикнува на ревност“
„Во работата не бидете мрзливи. Духот нека ве поттикнува на ревност. Робувајте му на Јехова“ (РИМ. 12:11)
1. Зошто Израелците давале животински и други жртви?
ЈЕХОВА ги цени жртвите што неговите слуги спремно ги прават за да му покажат дека го сакаат и дека се подложуваат на неговата волја. Во старо време, тој прифаќал различни животински и други жртви кои, според Мојсеевиот закон, му ги принесувале Израелците за да добијат простување за гревовите и да ја изразат својата благодарност. Од нас како христијани, Јехова не бара да му даваме такви формални, материјални жртви. Меѓутоа, во 12. поглавје од своето писмо до христијаните во Рим, апостол Павле покажува дека од нас сепак се очекува да принесуваме некакви жртви. Да видиме за какви жртви станува збор.
Жива жртва
2. Каков живот водиме како христијани, и што е вклучено во тоа?
2 Прочитај Римјаните 12:1, 2. Во првиот дел од своето писмо, Павле јасно покажал дека помазаните христијани, и Евреите и не-Евреите, се прогласени за праведни пред Бог поради својата вера, а не поради своите дела (Рим. 1:16; 3:20-24). Во 12. поглавје, Павле објаснува дека христијаните треба да ја покажат својата благодарност со тоа што ќе водат самопожртвуван живот. За таа цел, мора да го обновиме својот ум. Бидејќи сме наследиле несовршенство, ние сме под „законот на гревот и смртта“ (Рим. 8:2). Затоа треба да се преобразиме, односно ‚да се обновиме во силата што го задвижува нашиот ум‘, така што од корен ќе ги смениме нашите склоности (Еф. 4:23). Таква целосна промена може да направиме само со поддршка од Бог и од неговиот дух. Освен тоа, и самите треба многу да се трудиме „користејќи го својот разум“. Тоа значи дека треба да дадеме сѐ од себе за да ‚не дозволиме да нѐ обликува овој свет‘ со неговиот расипан морал, срамна забава и изопачено размислување (Еф. 2:1-3).
3. Зошто учествуваме во христијанските активности?
3 Павле нѐ поттикнува и да го користиме „својот разум“ за да утврдиме „која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено“. Зошто ја читаме Библијата секој ден? Зошто размислуваме за она што го читаме, се молиме, одиме на христијанските состаноци и ја проповедаме добрата вест за Царството? Дали затоа што собраниските старешини нѐ тераат да го правиме тоа? Се разбира, ние сме благодарни за корисните потсетувања што тие ни ги даваат. Но, учествуваме во христијанските активности затоа што Божјиот дух нѐ поттикнува да ја покажеме нашата длабока љубов кон Јехова. Освен тоа, лично сме уверени дека Божја волја е да ги правиме тие работи (Зах. 4:6; Еф. 5:10). Исполнети сме со радост и задоволство бидејќи сфаќаме дека, со тоа што живееме како вистински христијани, ќе бидеме прифатливи за Бог.
Различни дарови
4, 5. Како треба христијанските старешини да ги користат своите дарови?
4 Прочитај Римјаните 12:6-8, 11. Павле објаснува дека имаме „различни дарови, зависно од незаслужената доброта која ни е покажана“. Некои од даровите што ги спомнува тој — советувањето и предводењето — главно се однесуваат на христијанските старешини, кои се поттикнати ревносно да предводат.
5 Павле вели дека таа иста ревност треба да се гледа и во начинот на кој надгледниците поучуваат и ‚ја извршуваат таа служба‘. Според контекстот, се чини дека овде Павле зборува за служба која се извршува во самото собрание, кое е како „едно тело“ (Рим. 12:4, 5). Таа служба е слична на поучувањето кое се спомнува во Дела 6:4, каде што апостолите изјавиле: „Ние ќе се посветиме на молитвата и на поучувањето за речта Божја“. Што вклучува ова? Христијанските старешини ги користат своите дарови за да ги изградуваат членовите на собранието. Тие ревносно им даваат водство и совети. Ова го прават така што проучуваат, истражуваат, поучуваат и се грижат за стадото. Кога го прават сето ова, старешините покажуваат дека трудољубиво ‚ја извршуваат таа служба‘. Надгледниците треба совесно да ги користат своите дарови и радосно да се грижат за овците (Рим. 12:7, 8; 1. Пет. 5:1-3).
6. Како можеме да го послушаме советот што ни е даден во Римјаните 12:11, кој е тематски стих за оваа статија?
6 Понатаму Павле вели: „Во работата не бидете мрзливи. Духот нека ве поттикнува на ревност. Робувајте му на Јехова“. Ако забележиме дека не сме толку одушевени од теократските активности, можеби ќе треба да ги преиспитаме своите навики на проучување и да се молиме погорливо и почесто за Јеховиниот дух, кој може да ни помогне да не бидеме рамнодушни и да ни ја разгори ревноста (Лука 11:9, 13; Отк. 2:4; 3:14, 15, 19). Светиот дух ги зајакнал првите христијани да зборуваат за „величествените Божји дела“ (Дела 2:4, 11). Тој дух исто така може и нас да ‚нѐ поттикне на ревност‘ во службата.
Понизност и скромност
7. Зошто треба да служиме понизно и скромно?
7 Прочитај Римјаните 12:3, 16. Даровите што можеби ги имаме се резултат на Јеховината ‚незаслужена доброта‘. На друго место, Павле вели: „Нашата способност доаѓа од Бог“ (2. Кор. 3:5). Затоа, не треба да се фалиме. Треба понизно да признаеме дека секој плод што можеби го имаме во нашата христијанска служба е резултат на Божјиот благослов, а не на нашите лични способности (1. Кор. 3:6, 7). Во склад со ова, Павле пишува: „Му велам на секој меѓу вас да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли“. Важно е да имаме самопочит и службата за Царството да ни причинува радост и задоволство. Сепак, ако сме скромни, односно свесни за своите граници, нема да станеме самоуверени. Наместо тоа, сакаме ‚да мислиме за себе разумно‘.
8. Што ќе ни помогне да не ‚се сметаме самите себе за разборити‘?
8 Би било многу глупаво да се фалиме со сопствените достигнувања. „Бог [е тој], кој дава да расте“ (1. Кор. 3:7). Павле вели дека Бог му дал извесни дарови на секој член на собранието. Наместо да ги гледаме другите од високо, треба да го признаеме она што го постигнуваат тие благодарение на даровите што ги имаат. Павле продолжува: „За другите мислете онака како што мислите и за себе“. Во едно друго свое писмо, апостолот ни кажува да не правиме „ништо од честољубие, ниту од суета, туку од понизност [да ги сметаме] другите за поголеми од себе“ (Фил. 2:3). Потребна е вистинска понизност и свесен напор од наша страна за да признаеме дека секој наш брат или сестра во нешто е подобар од нас. Ако сме понизни, нема ‚самите себе да се сметаме за разборити‘. Иако некои се во центарот на вниманието поради посебните одговорности што ги имаат, сите ние многу се радуваме кога го извршуваме „она што е понизно“, односно кога вршиме понизни задачи кои другите честопати не ги забележуваат (1. Пет. 5:5).
Нашето христијанско единство
9. Зошто Павле ги споредува христијаните родени со дух со делови на едно тело?
9 Прочитај Римјаните 12:4, 5, 9, 10. Павле ги споредува помазаните христијани со делови на едно тело, кои служат обединето под водство на својата Глава, Христос (Кол. 1:18). Тој ги потсетува христијаните помазани со дух дека едно тело има многу делови со различни функции и дека тие, ‚иако се многу, се едно тело во единство со Христос‘. На сличен начин, Павле ги поттикнал помазаните христијани во Ефес: „Во сѐ со љубов да пораснеме до зрелост за да бидеме како него, кој е глава, а тоа е Христос. Од него целото тело — на кое сите делови му се складно составени и сложно работат, бидејќи секој зглоб што ги поврзува си ја исполнува својата цел за да може секој поединечен дел соодветно да дејствува — придонесува за својот раст, за да се изградува самото себе во љубов“ (Еф. 4:15, 16).
10. Чиј авторитет треба да го признаат ‚другите овци‘?
10 Иако не се дел од Христовото тело, ‚другите овци‘ можат да научат многу од оваа споредба (Јован 10:16). Павле вели дека Јехова ‚му подложил сѐ на Христос, и го направил глава над сѐ за доброто на собранието‘ (Еф. 1:22). Денес, другите овци се дел од сите работи што Јехова му ги подложил на својот Син. Тие се и дел од ‚имотот‘ што Христос му го доверил на својот ‚верен и разборит роб‘ (Мат. 24:45-47). Затоа, оние што имаат надеж дека ќе живеат на Земјата треба да го признаат Христос како своја Глава и да му се подложат на верниот и разборит роб и на неговото Водечко тело, како и на мажите што се поставени за надгледници во собранието (Евр. 13:7, 17). Ова придонесува за христијанското единство.
11. На што се темели единството, и кои други совети ги дал Павле?
11 Таквото единство се темели на љубовта, која „совршено... поврзува“ (Кол. 3:14). Во Римјаните 12. поглавје, Павле го нагласува ова кога вели дека нашата љубов ‚не треба да биде лицемерна‘ и дека треба ‚срдечно да се сакаме еден со друг со братска љубов‘. Така се зголемува и меѓусебната почит. Апостолот вели: „Предводете во искажувањето почит еден кон друг“. Се разбира, тоа што ги сакаме другите не значи дека дозволуваме да нѐ водат само чувствата. Треба да направиме сѐ што можеме за собранието да остане чисто. Кога го дал својот совет за љубовта, Павле додал: „Мразете го злото, држете се за доброто“.
„Бидете гостољубиви“
12. Што може да научиме од христијаните во древна Македонија во врска со покажувањето гостољубивост?
12 Прочитај Римјаните 12:13. Нашата љубов кон браќата ќе нѐ поттикне ‚да делиме со светите според нивните потреби‘ и според нашите можности. Дури и да имаме малку материјални добра, можеме да ги делиме со другите. Пишувајќи за христијаните во Македонија, Павле изјавил: „Иако се наоѓаа во тешкотии бидејќи доживеаја големи искушенија, изобилуваа со радост, па од нивното крајно сиромаштво произлезе голема дарежливост. Имено, можам да посведочам дека даваа според своите можности, па и повеќе отколку што беа во можност. Зашто, и тие самите сесрдно нѐ молеа и нѐ преколнуваа да им овозможиме да го приложат својот великодушен дар и да учествуваат во собирањето помош за светите [во Јудеја]“ (2. Кор. 8:2-4). Иако и самите биле сиромашни, христијаните во Македонија биле многу дарежливи. За нив било чест да го споделат она што го имаат со своите сиромашни браќа во Јудеја.
13. Како можеме да ‚бидеме гостољубиви‘?
13 Изразот „бидете гостољубиви“ е превод на една грчка фраза која ја пренесува мислата дека прво ние треба да преземеме иницијатива. Во Преводот на МПЦ овој израз гласи: „Трудете се да бидете гостопримливи“. Понекогаш може да покажеме гостољубивост така што ќе поканиме некого на ручек или вечера. Кога го правиме ова од љубов, навистина заслужуваме пофалба. Но, ако се трудиме да преземеме иницијатива, ќе видиме дека има многу други начини да бидеме гостољубиви. На пример, иако можеби немаме доволно средства или сила да поканиме некого на ручек, сепак можеме да покажеме гостољубивост ако викнеме гости на кафе, чај или на некој друг пијалак.
14. а) Од кои зборови се состои грчкиот збор преведен со „гостољубиви“? б) Како можеме да покажеме во службата дека сме заинтересирани за странците?
14 Гостољубивоста, всушност, е поврзана со нашиот став кон другите. Грчкиот збор што е преведен со „гостољубиви“ е составен од два збора кои значат „љуби“ и „странец“. Какви чувства имаме кон странците? За христијаните што се трудат да научат друг јазик за да им ја проповедаат добрата вест на луѓето од други земји кои се доселиле на нивното собраниско подрачје, навистина може да се каже дека се гостољубиви. Се разбира, мнозина од нас не се во состојба да научат друг јазик. Сепак, сите можеме да им помогнеме на странците со тоа што добро ќе ја користиме брошурката Добра вест за луѓето од сите народи, која содржи една библиска порака на многу јазици. Дали си имал успех во користењето на оваа брошурка во службата?
Покажувај сочувство
15. Каков пример дал самиот Исус во врска со советот од Римјаните 12:15?
15 Прочитај Римјаните 12:15. Советот што Павле го дал во овој стих може да се сведе на два збора — покажувај сочувство. Треба да се трудиме да ги разбереме чувствата на другите, па дури и да го чувствуваме истото што го чувствуваат тие, сеедно дали станува збор за радост или тага. Ако духот дејствува врз нас, ќе се види дека имаме сочувство кон нив или дека ја делиме нивната радост. Кога 70-те ученици на Христос се вратиле радосни од едно проповедничко патување и му раскажале какви убави резултати имале, ‚светиот дух го исполнил Исус со радост‘ (Лука 10:17-21). И тој се радувал заедно со нив. Од друга страна, кога умрел неговиот пријател Лазар, Исус ‚плачел со оние што плачеле‘ (Јован 11:32-35).
16. Како може да покажеме сочувство, и особено кој треба да го прави тоа?
16 Ние сакаме да го следиме примерот на Исус и да се соживуваме со другите. Кога некој сохристијанин се радува, сакаме и ние да се радуваме со него. Но, исто така, треба да сочувствуваме и со болките и неволјите на нашите браќа и сестри. Честопати може да им донесеме вистинско олеснување на соверниците кои имаат некаква мака на душата ако одвоиме време сочувствително да ги сослушаме. А понекогаш, кога нивната мака длабоко ќе нѐ трогне, можеби ќе ни се случи и да заплачеме бидејќи искрено сме се соживеале со нив (1. Пет. 1:22). Особено старешините треба да го следат советот што Павле го дава во врска со покажувањето сочувство.
17. Што научивме досега од 12. поглавје од Римјаните, и што ќе разгледаме во следната статија?
17 Стиховите што досега ги разгледавме од 12. поглавје од Римјаните содржат совети кои можеме да ги примениме на себеси како христијани и во односите со нашите браќа. Во следната статија, ќе ги разгледаме преостанатите стихови од ова поглавје, во кои се зборува за тоа како треба да гледаме и да се однесуваме со оние надвор од христијанското собрание, меѓу кои се и противниците и оние што нѐ прогонуваат.
За повторување
• Како покажуваме дека ‚духот нѐ поттикнува на ревност‘?
• Зошто треба да му служиме на Бог понизно и скромно?
• Како можеме да се соживееме и да покажеме сочувство кон соверниците?
[Слики на страница 4]
Зошто учествуваме во овие христијански активности?
[Слика на страница 6]
Како секој од нас може да им помага на странците да ја чујат веста за Царството?