„Следете го патот на гостољубие“
„Делете со светите според нивните потреби. Следете го патот на гостољубие“ (РИМЈАНИТЕ 12:13, НС).
1. Која е една основна човечка потреба, и како таа се манифестира?
ДА СЕ оди доцна ноќе по пуста улица во непознато соседство, денес може да претставува мачно искуство. Но, може да биде исто толку напорно да се биде во некое мноштво и да не познаваш никого или, пак, никој да не те препознае. Всушност, составен дел од човечката природа е потребата некој да се грижи за нас, да бидеме барани и сакани. Никој не сака да биде третиран како туѓинец или аутсајдер.
2. На кој начин Јехова се погрижил за нашата потреба од другарство?
2 Јехова Бог, Создателот и Творецот на сите работи, добро ја познава човечката потреба од другарство. Како Конструктор на својата човечка творба, Бог уште од самиот почеток знаел дека „не е добро за човекот да е сам“ и сторил нешто околу тоа (1. Мојсеева 2:18, 21, 22). Библискиот извештај е полн со примери за постапки на љубезност изразени спрема луѓе од страна на Јехова и неговите слуги. Тоа ни овозможува да учиме како ‚да го следиме патот на гостољубие‘ (НС), на радост и на одушевување на другите и на наше лично задоволство (Римјаните 12:13).
Наклоност спрема странците
3. Објасни го основното значење на гостољубието.
3 Зборот „гостољубие“, како што е употребен во Библијата, е преведен од грчкиот збор филоксени́ја, кој е составен од два коренски збора што значат „љубов“ и „странец“. Според тоа, гостољубието во суштина значи „љубов спрема странците“. Меѓутоа, тоа не е само формалност или работа на љубезност. Таа ги вклучува чувствата и склоностите. Глаголот филе́о, според Exhaustive Concordance of the Bible (Исцрпната библиска конкорданца) од Џејмс Стронг, значи „да бидеш пријател со (да сакаш [некој поединец или предмет]), т. е. да имаш наклоност спрема (означувајќи лична приврзаност, како работа на мислење или чувство)“. Затоа, гостољубието оди подалеку од љубовта што се темели на начело, можеби поради чувството на должност или обврска. Тоа обично претставува израз на искрена наклоност, приврзаност и пријателство.
4. Спрема кого треба да се изразува гостољубие?
4 Примателот на оваа наклоност и приврзаност е „странецот“ (грчки: ксе́нос). Кој би можел да биде тоа? Повторно, Стронговата Конкорданца го дефинира зборот ксе́нос како ‚странски (дословно туѓ, или симболично нов); индиректно — гост или (обратно) странец‘. Значи, гостољубието, како што е покажано со примери во Библијата, може да одразува љубезност изразена спрема некого кон кого имаме наклоност или, пак, може да се протега дури и спрема некој тотален странец. Исус објаснил: „Ако ги љубите оние што ве милуваат вас, каква ќе ви биде наградата? Зар не го прават тоа и митниците? И, ако ги поздравувате само браќата свои, што особено правите? Не постапуваат ли така и незнабошците?“ (Матеј 5:46, 47). Искреното гостољубие ги надминува поделбата и дискриминацијата наметнати од предрасуда и страв.
Јехова, совршениот домаќин
5, 6. а) Што имал Исус на ум кога рекол: ‚Вашиот небесен Отец е совршен‘? б) Како се гледа Јеховината дарежливост?
5 Откако ги истакнал недостатоците на љубовта што луѓето ја изразуваат едни спрема други, како што е наведено погоре, Исус ја додал оваа забелешка: „Но бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен“ (Матеј 5:48). Се разбира, Јехова е совршен во секој поглед (5. Мојсеева 32:4, НС). Меѓутоа, Исус истакнал еден особен аспект на Јеховината совршеност, кога претходно рекол: „Он го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните“ (Матеј 5:45). Кога се работи за покажувањето љубезност, Јехова не знае за пристрасност.
6 Како Творец, Јехова е сопственик на сѐ. „Мои се сите горски ѕверови и добитокот по горите и говедата. Ги познавам сите птици небески, и убавината на полињата е пред Мене“ — вели Јехова (Псалм 49:10, 11). Сепак, тој ништо не чува себично. Во својата дарежливост тој се грижи за сите свои суштества. Во врска со Јехова, псалмистот рекол: „Ти ја отвори раката Твоја и исполнуваш сѐ што е живо со сите негови потреби“ (Псалм 144:16).
7. Што можеме да учиме од начинот на кој Јехова постапува со странците и со оние кои се во оскудица?
7 Јехова им го дава на луѓето она што им треба — дури и на луѓето кои не го познаваат, кои се странци за него. Павле и Варнава ги потсетиле идолските обожаватели во градот Листра дека Јехова ‚не престанувал да сведочи за Себе, правејќи им добро со праќање дождови од небото и плодоносни времиња и исполнувајќи ги срцата нивни со храна и веселост‘ (Дела 14:17). Јехова е љубезен и дарежлив особено спрема оние кои се во неволја (5. Мојсеева 10:17, 18). Постојат многу нешта што можеме да ги научиме од Јехова во покажувањето љубезност и дарежливост — во гостољубието — спрема другите.
8. Како Јехова ја покажал својата дарежливост во грижата за нашите духовни потреби?
8 Освен тоа што обилно се грижи за материјалните потреби на своите суштества, Јехова се грижи за нивните потреби и во духовен поглед. Јехова дејствувал на највеликодушен начин за нашата духовна благосостојба, дури и пред некој од нас да сфати дека сме биле во очајна духовна состојба. Во Римјаните 5:8, 10 читаме: „Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни . . . Како непријатели, се помиривме со Бога преку смртта на Неговиот Син“. Таа подготовка им овозможува на грешните луѓе да дојдат во еден среќен сеемен однос со нашиот небесен Татко (Римјаните 8:20, 21). Јехова исто така се погрижил да бидеме обезбедени со исправно водство и упатство за да можеме да успееме во животот, и покрај нашата грешна и несовршена состојба (Псалм 118:105; 2. Тимотеј 3:16).
9, 10. а) Зошто можеме да речеме дека Јехова е совршениот домаќин? б) Како би требало вистинските обожаватели да го имитираат Јехова во овој поглед?
9 Со оглед на ова, можеме да речеме дека Јехова навистина е совршен домаќин на толку многу начини. Тој не ги превидува сиромашните, понизните и скромните. Тој покажува искрен интерес и грижа за странците, па дури и за своите непријатели, и не гледа на никаков материјален надоместок. Во сево ова, зарем тој не е врвниот пример за совршен домаќин?
10 Како Бог на таква срдечна љубезност и дарежливост, Јехова бара од неговите обожаватели да го имитираат. Низ целата Библија гледаме истакнати примери за оваа љубезна особина. Encyclopaedia Judaica забележува дека „во стариот Израел, гостољубието не било само работа на добри манири туку и морална институција . . . Библиските обичаи на изразување добредојде на уморниот патник и на примање на странецот во својата средина биле теркот од кој гостољубието и сите негови придружни аспекти се развиле во една високо ценета доблест во еврејската традиција“. Повеќе отколку да биде заштитен знак на некоја посебна националност или етничка група, гостољубието треба да биде карактеристика на сите вистински обожаватели на Јехова.
Домаќин на ангели
11. Кој истакнат пример покажува дека гостољубието донело неочекувани благослови? (Види и 1. Мојсеева 19:1—3; Судии 13:11—16.)
11 Еден од најдобро познатите извештаи за покажување гостољубие е оној за Авраам и Сара, кога логорувале меѓу големите дрвја на Мамре, близу Хеврон (1. Мојсеева 18:1—10; 23:19). Апостол Павле несомнено го имал на ум овој настан кога ја дал следнава опомена: „Гостољубивоста не заборавајте ја, бидејќи преку неа некои, и не знаејќи, им укажаа гостопримство на ангели“ (Евреите 13:2). Едно проучување на овој извештај ќе ни помогне да видиме дека гостољубието не е едноставно работа на обичај или воспитување. Напротив, тоа е една божествена особина која донесува прекрасни благослови.
12. Како ја покажал Авраам својата љубов кон странците?
12 Прва Мојсеева 18:1, 2 покажува дека за Авраам посетителите биле непознати и неочекувани, така да се каже, тие биле само тројца странци на поминување. Според некои коментатори, кај ориенталците било обичај патникот во некоја странска земја да го има правото да очекува гостољубие дури и ако таму не познава никого. Но, Авраам не чекал странците да го искористат своето исклучително право; тој ја презел иницијативата. ‚Им притрчал‘ за да ги пречека овие странци кои биле на извесна оддалеченост од него — и сето тоа „на пладнина [околу дневната жега, НС]“ и кога Авраам бил стар 99 години! Зарем ова не покажува зошто Павле алудирал на Авраам како на пример што треба да го имитираме? Токму тоа е суштината на гостољубието, на наклоноста или љубовта спрема странците, на грижата за нивните потреби. Тоа е една позитивна особина.
13. Зошто Авраам им се ‚поклонил‘ на посетителите?
13 Извештајот исто така ни кажува дека откако ги пречекал странците, Авраам ‚им се поклонил доземи‘. Клањање пред тотални странци? Па, едно клањање какво што извршил Авраам било начин на поздрав спрема некој почитуван гост или спрема некој на висок положај, и не треба да се меша со еден чин на обожавање што е резервирано само за Бог. (Спореди Дела 10:25, 26; Откровение 19:10.) Клањајќи се, не само накривувајќи ја главата туку клањајќи се „доземи“, Авраам на овие странци им ја оддал честа дека се важни. Тој бил поглавар на едно огромно, напредно патријархално семејство, а сепак овие странци ги сметал достојни за поголема чест отколку себеси. Колку само ова се разликува од вообичаената претпазливост од странците, од ставот „да почекаме, па да видиме“! Авраам вистински го покажал значењето на изјавата: „Натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг“ (Римјаните 12:10).
14. Колкав напор и жртва биле вклучени во Авраамовото покажување гостољубие спрема странците?
14 Преостанатиот дел од извештајот покажува дека Авраамовите чувства биле искрени. Самиот оброк бил извонреден. Дури и во едно големо домаќинство што има многу стока, ‚младо и угоено теле‘ не е секојдневие. Во врска со преовладувачките обичаи во подрачјето, Daily Bible Illustrations (Секојдневните библиски илустрации) од Џон Кито, забележуваат: „Никогаш немало оддавање на луксузи, освен на некои празници, или при доаѓањето на некој странец; и само при таквите прилики, воопшто, се јадела животинска храна, дури и од страна на поседниците на бројни стада и булуци“. Топлата клима не дозволувала да се складира каква и да било расиплива храна, па според тоа, за да се подготви еден таков оброк, сѐ морало да се направи на лице место. Не е ни чудо што во овој кус извештај зборот „брзо“ или „отрча“ се појавува три пати, а Авраам дословно ‚отрчал‘ за да го зготви оброкот! (1. Мојсеева 18:6—8).
15. Кое е исправното гледиште за материјалните подготовки во покажувањето гостољубие, како што покажал Авраам со пример?
15 Меѓутоа, целта не е само да се настапи со некаква голема гозба за да се импресионира некого. Иако Авраам и Сара го вложиле сиот тој напор за да го подготват и принесат оброкот, забележи како Авраам претходно се осврнал на тоа: „Ќе Ви донесам малку вода: измијте ги нозете, па одморете се малку под ова дрво! И ќе Ви изнесам малку леб за да се поткрепите штом веќе навративте кај слугата Ваш, па тогаш продолжете го својот пат“ (1. Мојсеева 18:4, 5). Тоа „малку леб“ испаднало банкет од угоено теле, плус тркалезни погачи од фино брашно, путер и млеко — царска гозба! Која е поентата? Кога се покажува гостољубие, важното, односно она што треба да се нагласи, не е колку раскошни ќе бидат храната и пијалоците или каква детално разработена забава ќе се обезбеди итн. Гостољубието не зависи од тоа дали некој може да набави скапи работи. Напротив, таа се темели на искрената грижа за благосостојбата на другите и на желбата да им се прави добро на другите до онаа мера колку што некој може. „Подобро јадење од зеленчук, и со него љубов, отколку угоени телиња, и со нив омраза“ — вели една библиска изрека, а во тоа лежи и клучот за вистинското гостољубие (Изреки 15:17).
16. На кој начин Авраам покажал ценење за духовните работи преку она што го сторил за посетителите?
16 Меѓутоа, мораме да забележиме дека целиот настан имал и духовен призвук. Авраам некако увидел дека овие посетители биле гласници од Јехова. Тоа е видливо од зборовите со кои им се обратил: „Господи [Јехова, НС], ако сум нашол милост пред Тебе, немој да го одминеш слугата Свој!“a (1. Мојсеева 18:3; спореди 2. Мојсеева 33:20). Авраам не знаел однапред дали тие имаат порака за него или, пак, само поминуваат. Било како било, тој го сфатил фактот дека се одвивало едно извршување на Јеховината намера. Овие поединци учествувале во некаква мисија од Јехова. Ако тој би можел да стори нешто за да придонесе кон тоа, би му било задоволство. Сфатил дека Јеховините слуги го заслужуваат најдоброто и сакал да го даде најдоброто под тие околности. Правејќи така, би имало духовен благослов, било за него или, пак, за некој друг. Како што се покажало, Авраам и Сара биле благословени во голема мера поради нивното искрено гостољубие (1. Мојсеева 18:9—15; 21:1, 2).
Гостољубив народ
17. Што барал Јехова од Израелците во однос на странците и сиромашните меѓу нив?
17 Нацијата што произлегла од Авраам не требало да го заборави неговиот истакнат пример. Законот што Јехова им го дал на Израелците вклучувал подготовки за покажување гостољубие спрема странците меѓу нив. „Придојдениот меѓу вас нека ви биде исто како тукашен; сакајте го како себеси, затоа што и вие бевте придојдени во Египетската земја. Јас сум Господ, Бог ваш“ (3. Мојсеева 19:34). Луѓето требало да им обрнат посебно внимание на оние на кои им требало материјална поддршка и да не ги отфрлаат така лесно. Кога Јехова ги благословувал со изобилни жетви, кога се радувале на своите празници, кога почивале од својот труд во текот на Сабатните години и во други прилики, луѓето требало да се сеќаваат на оние кои се помалку среќни — на вдовиците, на момчињата без татко и на странските жители (5. Мојсеева 16:9—14; 24:19—21; 26:12, 13).
18. Колку е важно гостољубието во поглед на добивањето Јеховина милост и благослов?
18 Важноста на љубезноста, дарежливоста и гостољубието спрема другите, особено спрема оние кои се во оскудица, може да се види од начинот како Јехова постапувал со Израелците кога тие занемарувале да ги практикуваат овие особини. Јехова објаснил дека љубезноста и дарежливоста спрема странците и сиромашните спаѓаат во барањата за неговиот народ за да добиваат негови постојани благослови (Псалм 81:2, 3; Исаија 1:17; Јеремија 7:5—7; Језекиил 22:7; Захарија 7:9—11). Кога нацијата била марлива во извршувањето на овие и други барања, таа напредувала и уживала материјално и духовно изобилство. Кога станувале окупирани со своите себични лични тежнеења и кога занемарувале да ги покажуваат овие љубезни особини спрема лицата во оскудица, тие добивале Јеховина осуда и, на крајот, им била одмерувана неповолна осуда (5. Мојсеева 27:19; 28:15, 45).
19. Што мораме понатаму да разгледаме?
19 Затоа, колку само е важно да се испитаме себеси и да видиме дали живееме според Јеховините очекувања во овој поглед! Ова е особено случај денес, со оглед на себичниот и раздорен дух во светот. Како можеме да покажуваме гостољубие во еден поделен свет? Тоа е темата за која се дискутира во следната статија.
[Фуснота]
a За комплетна дискусија на оваа точка, види ја статијата „Дали луѓето некогаш го виделе Бог“ во Стражарска кула од 1 ноември 1988 година, страници 15—17.
Дали се сеќаваш?
◻ Кое е значењето на библискиот збор преведен со „гостољубие“?
◻ На кои начини Јехова е совршениот пример во покажувањето гостољубие?
◻ Во колкав обем Авраам бил гостољубив?
◻ Зошто мораат сите вистински обожаватели да ‚го следат патот на гостољубие‘?