Прашања од читателите
Дали во Римјаните 12:19 (NW), апостол Павле укажал дека христијаните не треба да се гневат кога рекол: „Не одмаздувајте се самите, љубени, туку дајте му место на гневот“?
Строго кажано, не. Апостол Павле овде се осврнува на Божјиот гнев. Се разбира, тоа не значи дека не е важно дали христијаните подлегнуваат на лутина. Библијата јасно нѐ советува да не се гневиме. Разгледај еден божествен совет.
„Престани да се гневиш и остави ја јароста, не жести се толку многу — самиот да не правиш зло“ (Псалм 36:8). „Секој, што се гневи на брата си без причина, ќе биде виновен пред судот“ (Матеј 5:22). „Делата на телото се познати. Тие се: прељубодејство, блудство, нечистотија, бесрамност, служење на идоли, магии, непријателство, кавги, ревнувања, гнев“ (Галатјаните 5:19, 20). „Секое огорчение и јарост, гнев, викање и хулење нека бидат подалеку од вас“ (Ефесјаните 4:31). „Секој човек нека биде брз во слушањето, а спор во зборувањето, и бавен на гнев“ (Јаков 1:19). Освен тоа, книгата Изреки секогаш одново нѐ советува да не му попуштаме на гневот ниту да бидеме склони кон лутина поради безначајни навреди и човечки грешки (Изреки 12:16; 14:17, 29; 15:1; 16:32; 17:14; 19:11, 19; 22:24; 25:28; 29:22).
Контекстот во Римјаните 12:19 е во склад со таквиот совет. Павле препорачал нашата љубов да биде без лицемерство, да ги благословуваме оние кои нѐ прогонуваат, да се обидуваме да мислиме добро за другите, да не враќаме зло за зло и да се стремиме да бидеме мирољубиви со сите. Потоа поттикнал: „Не одмаздувајте се самите, љубени, туку дајте му место на гневот; зашто е напишано: „Одмаздата е моја; јас ќе отплатам, вели Јехова“ (Римјаните 12:9, 14, 16—19, NW).
Да, не треба да дозволиме лутината да нѐ натера да враќаме со дела на одмазда. Нашето спознание за ситуациите и нашето чувство за правда се несовршени. Ако дозволиме лутината да нѐ натера на дела на одмазда, честопати ќе згрешиме. Тоа би послужило за целите на Божјиот Непријател, Ѓаволот. На друго место, Павле напишал: „Гневете се, но не грешете: сонцето да не зајде во гневот ваш; ниту, пак, да му давате место на ѓаволот“ (Ефесјаните 4:26, 27).
Подобриот, односно помудриот правец е да дозволиме Бог да одреди кога и врз кого треба да се донесе одмаздата. Тој може да го стори тоа со потполно спознание на фактите и секоја казна што ќе ја спроведе ќе ја одрази неговата вечна правда. Можеме да видиме дека тоа е поентата на Павле во Римјаните 12:19 ако го забележиме неговото осврнување на 5. Мојсеева 32:35, 41, (NW) кое ги вклучува следниве зборови: „Одмаздата е моја, и казната“. (Спореди Евреите 10:30.) Според тоа, иако зборот „Божји“ не се наоѓа во грчкиот текст, неколку современи преведувачи го имаат вметнато во Римјаните 12:19. Тоа води до такви преводи како што се „Бог нека се одмазди“ (The Contemporary English Version); „дајте му место на Божјиот гнев“ (Библија на македонски јазик); „Бог нека казни ако сака“ (The New Testament in Modern English); „остави место за божествено казнување“ (The New English Bible).
Дури и кога непријателите на вистината нѐ малтретираат или прогонуваат, можеме да покажеме доверба во описот на Јехова Бог што го чул Мојсеј: „Јехова, Јехова, Бог милосрден и милостив, бавен на гнев и обилен во срдечна љубезност и вистина, кој чува срдечна љубезност за илјадници, простува грешка и престап и грев, но никако нема да даде ослободување од казна“ (2. Мојсеева 34:6, 7, NW).