Младите прашуваат...
Дали е лошо да враќаш со иста мера?
„Тој ме навреди“ (Конил, 15 години, во затвор поради убиство).
Ендрју, 14 години, кој убил наставничка на една школска игранка, тврдел дека ги мрази наставниците и своите родители и дека им е лут на девојките затоа што го одбиваат.
СПИСАНИЕТО Time го нарекува тоа „убиствена шема“. Еден разгневен младинец шверцува смртоносно оружје во училиштето и пука врз соучениците и наставниците. Ваквите трагични инциденти станаа толку вообичаени во Соединетите Држави што една ТВ-мрежа го нарекла овој тренд „експлозија на насилство“.
За среќа, престрелките во училиштата сѐ уште се релативно ретки. Па сепак, неодамнешните злосторства од гнев откриваат колку се навистина гневни некои млади. Што е тоа што изгледа ги предизвикува таквите изливи? Очигледно некои од овие млади биле разбеснети поради некоја неправда или поради злоупотребата на моќ што ги доживеале од рацете на луѓе што биле на авторитетни положби. Други очигледно биле разлутени поради постојаното задевање од страна на врсниците. Едно 12-годишно момче што пукало во еден соученик — а потоа во себе — го задевале поради дебелината.
Мора да се признае, повеќето млади веројатно никогаш не би помислиле сериозно да извршат такво екстремно насилство. Сепак, борбата против чувствата на повреденост и болка што се јавуваат кога си жртва на расизам, тиранизирање и сурово задевање не е лесна. Кога размислува за своите школски денови, Бен вели: „Секогаш бев понизок од повеќето деца на моја возраст. А бидејќи главата ми беше избричена, другите деца постојано ме задеваа и ме удираа по глава. Тоа многу ме лутеше. Уште полошо беше тоа што, кога отидов да побарам помош од оние на авторитетна положба, тие ме игнорираа. Тоа ме налути уште повеќе!“ Бен додава: „Единствено нешто што ме спречуваше да земам пиштол и да пукам во тие луѓе беше тоа што немав пиштол“.
Како треба да гледаш на младите што сакаат да ги повредат оние од кои биле повредени? И како треба да постапиш ако ти лично станеш жртва на малтретирање? Како одговор, разгледај што има да каже Божјата реч.
Самоконтрола — знак на сила!
Малтретирањето и неправдата не се нешто ново. Еден библиски писател го дал следниов совет: „Стивни го својот гнев и остави ја лутината, не се дразни за да не направиш зло“ (Псалм 37:8). Премногу често бесот е поврзан со губење на самоконтролата и се изразува без оглед на последиците. Ако дозволиш да бидеш ‚раздразнет‘, може да дојде до експлозија на бес! Што може да произлезе од тоа?
Размисли за библискиот пример на Каин и Авел. „Каин се налути многу“ на својот брат Авел. Како резултат на тоа, „откако се најдоа во полето, Каин скокна на брата си Авела и го уби“ (Битие 4:5, 8). Друг пример на неконтролиран бес е примерот на цар Саул. Љубоморен на воените подвизи на младиот Давид, тој фрлил копје не само врз Давид туку и врз својот син, Јонатан! (1. Самуел 18:11; 19:10; 20:30—34).
Точно, има прилики кога е оправдано да се биде лут. Но, дури и тогаш исправната лутина може да води до нешто многу лошо ако не се контролира. Симеон и Леви, на пример, сигурно имале право да му се налутат на Сихем кога дознале дека ја силувал нивната сестра, Дина. Но, наместо да останат смирени, кај нив се разгорел жесток гнев, што се гледа од зборовите што ги кажале подоцна: „Зар да постапува со нашата сестра, како со некаква блудница?“ (Битие 34:31). А кога нивниот гнев прераснал во грозничав бес, ‚го грабнале секој својот меч и дошле во градот, без пречки, и ги погубиле сите машки‘ што живееле во селото на Сихем. Нивниот бес бил толку заразен што и „другите Јаковови синови“ им се придружиле во крвавиот напад (Битие 34:25—27). Дури и откако поминале многу години, Јаков, таткото на Симеон и Леви, го осудил нивниот неконтролиран гнев (Битие 49:5—7).
Од ова учиме една важна работа: Неконтролираниот гнев не е знак на сила туку е знак на слабост. Во Пословици 16:32 стои: „Кој е долготрпелив подобар е од јунакот, и кој владее со себе, подобар е од освојувачот на град“.
Лудоста на одмаздувањето
Затоа, Писмото го дава следниов совет: „Никому не враќајте зло за зло . . . Не одмаздувајте се самите“ (Римјаните 12:17, 19). Одмаздата — сеедно дали вклучува физичко насилство или само груби зборови — е безбожна работа. Во исто време, таквата одмазда едноставно не е практична ниту мудра работа. Како прво, насилството обично води до уште насилство (Матеј 26:52). А грубите зборови честопати создаваат уште груби зборови. Исто така, не заборавај дека гневот честопати е неоправдан. На пример, можеш ли со сигурност да тврдиш дека личноста што те повредила негувала омраза? Дали таа личност едноставно била непромислена или груба? Па дури и ако станува збор за злонамерност, дали во ситуацијата навистина ќе постапиш исправно ако се одмаздиш?
Размисли за библиските зборови во Проповедник 7:21, 22: „Не обрнувај внимание на озборувањето; можеби ќе чуеш дека твојот слуга те колнел; а твоето срце знае како и ти често ги колнеше другите“. Да, не е пријатно кога луѓето кажуваат лоши работи за тебе. Но, Библијата признава дека тоа е животен факт. Зарем не е точно дека и ти веројатно си рекол некои работи за другите што ќе било подобро да не си ги рекол? Тогаш, зошто претерано да реагираш кога некој ќе рече нешто нељубезно за тебе? Честопати, најдобар начин да се справиш со задевањето е едноставно да го игнорираш.
На сличен начин, не е мудро да реагираш претерано кога сметаш дека некој лошо постапува со тебе. Дејвид, еден тинејџер, се сеќава што се случило кога играл кошарка со некои сохристијани. „Некој од другиот тим ме удри со топката“, вели Дејвид. Брзо донесувајќи заклучок дека тоа било злонамерно, Дејвид вратил со иста мера, фрлајќи му ја топката назад на другиот играч. „Многу се разбеснив“, признава Дејвид. Но, пред работите да станат уште полоши, Дејвид се помолил на Јехова. Си рекол: ‚Што правам, зарем сакам да се расправам со еден христијански брат?‘ Подоцна и двајцата си дале извинување еден на друг.
Во такви прилики добро е да се мисли на примерот на Исус Христос. „Кога го навредуваа, не враќаше со навредување. Кога страдаше, не се закануваше“ (1. Петрово 2:23). Да, кога си под стрес, наместо да реагираш, моли го Бог и барај од него да ти помогне да задржиш самоконтрола. Тој великодушно „ќе им даде свет дух на оние кои го молат“ (Лука 11:13). Наместо да се одмаздиш кога ќе те навреди некој, можеби најдобро ќе биде да му пристапиш и да разговараш со него за таа работа (Матеј 5:23, 24). Или, пак, ако моментално си жртва на некој облик на сериозно малтретирање, можеби од некој тепач во училиштето, не барај опасна конфронтација. Наместо тоа, треба да преземеш практични чекори за да се заштитиш.a
Младинец што го совладал гневот
Многу млади успешно ги примениле овие библиски начела. На пример, Катрина била дадена на посвојување кога била многу мала. Таа вели: „Имав проблем со гневот затоа што не сфаќав зошто мојата родена мајка ме оставила. Затоа го истурав гневот врз мојата втора мајка. Од некоја глупава причина, сметав дека, ако ја повредам нејзе, на некој начин ѝ враќам на мојата родена мајка. Затоа правев сѐ и сешто — ја навредував, удирав со нозете по под, беснеев. Најмногу од сѐ сакав да ги трескам вратите. Исто така велев: ‚Те мразам!‘ — само затоа што бев многу лута. Кога ќе се сетам на тоа, не ми се верува дека сум ги правела тие работи“.
Што ѝ помогнало на Катрина да го контролира својот гнев? Таа одговара: „Ја читав Библијата! Тоа е многу важно затоа што Јехова знае како се чувствуваме“. Катрина нашла утеха и кога со своето семејство ги читале статиите од Разбудете се! што зборувале токму за нејзината семејна ситуација.b „Сите можевме да седнеме заедно и да разбереме кој што чувствува“, раскажува таа.
И ти можеш да научиш да ги контролираш чувствата на гнев. Кога си соочен со задевање, тепање или малтретирање, сети се на зборовите од Библијата, од Псалм 4:4 (NW): „Вознемирувајте се, но не грешете“. Овие зборови можат да ти помогнат да не подлегнеш на деструктивниот гнев.
[Фусноти]
a За практични совети за справување со неправедни наставници, тепачи во училиште и малтретирачи, види ги статиите „Младите прашуваат . . .“ што излегоа во англиските изданија на Разбудете се! од 8 февруари 1984, 22 август 1985 и 8 август 1989.
b Види ја серијата статии со наслов „Посвојување — радостите и предизвиците“, што излезе во српското издание на Разбудете се! од 8 мај 1996.
[Слика на страница 15]
Честопати, најдобар начин да се справиш со задевањето е едноставно да го игнорираш